Connect with us
no baners

Останато

Ќе добијат ли компаниите пари од унгарскиот кредит и под кои услови?

Објавено

на

Се одвиваат интензивни преговори помеѓу Владата, Министерството за финансии, Народната банка и комерцијалните банки за деталите околу распределбата на 250 милиони евра од унгарскиот кредит, наменети за поддршка на бизнисот во Македонија. Главните точки на преговорите се висината на каматните стапки и трошоците поврзани со овој кредит, како и времетраењето на отплатата.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека се разгледуваат две сценарија, а во преговорите се вклучува и Народната банка и гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска со цел решавање на прашањата во врска со кредитниот ризик и банкарските трошоци. Во моментов, дилемата е дали Владата ќе ги покрие трошоците за кредитниот ризик, што би можело да влијае на конечните услови за бизнисите.

„Анализираме две сценарија. Во текот на оваа недела ќе има министерството за финансии поединечни средби со дел од банките вклучително и Гувернерката на централната банка. Очекувам крајот на оваа или почетокот на следната да излеземе со конечна позиција и да тргне оваа работа. Да се трудиме компаниите да добијат еднакви историски најниски услови што во овој момент може да се најдат било каде во светот“, изјави премиерот Мицкоски.

Сојузот на стопански комори ја нагласи важноста на што побрзо започнување со исплатата на средствата, бидејќи тоа ќе има директен позитивен ефект врз македонската економија, а особено на приватниот сектор. Претседателот на ССК, Трајан Ангеловски, истакна дека условите што се разгледуваат во рамки на овој кредит се поповолни од тие во комерцијалните банки, а особено посочи на поволната каматна стапка од 3,25%.

„И да се случи субвенционирање на каматите ова нема да биде првиот случај. И во минатото македонските влади ги субвенционирале каматите. И сите нормални држави на овој свет одлучиле дека им се потребни банки на развој. Очекуваме што е можно побрзо Владата да ги договори условите. Овој кредит во однос на рочноста е поповолен во однос на комерцијалните. Во однос класичните комерцијални камати 3,25 е добра камата. Ние од приватниот сектор очекуваме дека овие средства ќе ги добиеме преку развојната и комерцијалните банки и ќе биде стимул за развој, инвестиции и нови работни места“, изјави Трајан Ангеловски.

Во однос на рокот за отплата, Владата и банкарите на состанокот викендов се договорија дека тој ќе изнесува до 15 години, со можност за грејс период од три години. Ова ќе дозволи поголема флексибилност за фирмите кои ќе ги користат овие средства, иако ова беше една од пречките во првичните преговори, бидејќи банките обично нудат рокови од 7 до 10 години.

Тука се појавува и најважната дилема: банкарите неофицијално сакаат да наплатат над 3% трошоци, што би ја зголемило каматната стапка на речиси 6,5%. Ова се чини како значителен товар за бизнисите, па затоа ќе биде клучно дали Владата ќе се согласи на овие услови или ќе се обиде да ги намали трошоците.

Конечната одлука се очекува да биде донесена во текот на оваа или на почетокот од следната недела, по што би започнала исплатата на средствата за бизнисите.

Останато

Изготвувањето на потрошувачката кошничка е при крај, треба да биде донесена до 30 јуни

Објавено

на

Изготвувањето на просечната потрошувачка кошничка е во завршна фаза, а крајниот рок за нејзино усвојување останува 30 јуни, соопшти министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Тој информираше дека документот веќе бил разгледан од членовите на Економско-социјалниот совет (ЕСС), кои доставиле забелешки и предлози што моментално се обработуваат.

Според Дурмиши, потрошувачката кошничка повторно ќе се најде на дневен ред на наредната седница на ЕСС, по што ќе се утврди дали се потребни дополнителни измени. Доколку сите страни постигнат согласност, кошничката ќе биде официјално објавена и достапна за јавноста.

Министерот посочи дека Министерството во моментов е целосно фокусирано на исполнување на обврските од реформската агенда.

– Работните групи активно работат на сите потребни чекори, а техничките детали околу потрошувачката кошничка се при самиот крај. Забелешките и критиките од членовите на ЕСС се разгледуваат и дел од нив ќе бидат вклучени во финалната верзија – изјави Дурмиши.

Тој нагласи дека по завршување на обврските поврзани со реформската агенда, институциите дополнително ќе се посветат на финализирање на документот.

Продолжи со читање

Останато

Интегритетот како темел на довербата: УЈП и ДКСК преку обуки кон зајакнување на етичките стандарди

Објавено

на

Управата за јавни приходи, во соработка со Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), на 12 мај во Клуб на пратеници во Скопје одржаа обука на тема „Етика и интегритет на вработените во Управата за јавни приходи“. Целта на обуката беше препознавање и спречување на непрофесионално, неетичко и коруптивно однесување.

На настанот воведно обраќање имаа директорката на УЈП, м-р Елена Петрова и претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ. Во своето обраќање директорката Петрова истакна дека интегритетот не е само лична вредност, туку и институционална обврска, врз која се гради довербата на граѓаните и деловната заедница во системот.

Таа посочи дека, по донесувањето на Декларацијата за даночна етика, Управата за јавни приходи активно работи и на подготовка на Стратегија за интегритет и анти-корупција, со која се воспоставуваат јасни принципи, стандарди и механизми за професионално, одговорно и транспарентно постапување.

„Се обврзуваме на систем во кој нема „брзи ленти“, нема „тивки интервенции“ и нема различни правила за различни луѓе. Корупцијата не започнува со големи афери. Таа започнува тогаш кога правилата почнуваат да зависат од лични контакти, неформални барања и услуги „да се провери“, „да се забрза“, „да се среди“ или „да се премолчи“, истакна директорката на УЈП, Елена Петрова.

Претставниците на ДКСК истакнаа дека особено е значајна заложбата на УЈП за развивање интерни политики, етички стандарди и механизми за превенција на корупцијата, како и градење институционална култура заснована на одговорност, транспарентност и законито постапување.

Во контекст на работата на УЈП, беше истакнато дека институцијата постапува со чувствителни податоци, носи одлуки со директно влијание врз граѓаните и деловниот сектор и работи во средина во која е особено важно да се препознаваат и навремено да се управуваат ризиците од притисоци, неформални влијанија, судир на интереси и злоупотреба на службени информации.

Целта на ваквите едукативни активности е службените лица навремено да ги препознаат ризичните ситуации, да знаат како правилно да постапат, кога да побараат совет, кога да пријават приватен интерес и кога да се изземат од постапување. На тој начин, како што беше истакнато, се заштитуваат и институцијата и вработените, а се јакне довербата на граѓаните и правните лица во јавниот сектор.

Директорката Петрова пред присутните порача дека градењето институција со висок интегритет подразбира доследна примена на правилата, транспарентност во постапувањето и професионален однос во секојдневната работа. Особен акцент беше ставен и на личната одговорност на секој вработен во создавањето институционална култура во која чесноста, отчетноста и еднаквиот третман се вредности што се живеат секојдневно, а не само формално пропишани принципи. Додаде и дека довербата на граѓаните се гради преку доследност, предвидливост и професионално постапување, но и преку подготвеноста институциите отворено да ги препознаваат ризиците и континуирано да работат на нивно надминување и зајакнување на довербата во даночните службеници и УЈП.

„Довербата во УЈП ќе ја зајакнеме со интегритет, транспарентност и доследност секој ден, во секој предмет, за секој рок, во секој контакт со даночен обврзник и во секоја одлука што ја носиме“, порача Петрова.

Таа додаде дека Управата за јавни приходи останува посветена на унапредување на етичките стандарди, јакнење на професионалниот интегритет и создавање институционална култура заснована на одговорност, еднаквост, професионализам и владеење на правилата.

Обуката „Етика и интегритет на вработените во Управата за јавни приходи“ е дел од континуираната соработка меѓу ДКСК и институциите од јавниот сектор за зајакнување на системот на интегритет, унапредување на професионалните стандарди и развивање култура на одговорно, законито и непристрасно постапување. На обуката учествуваа 46 вработени.

Продолжи со читање

Бизнис

Отворен е повикот за Western Balkans Startup Accelerator – една од највозбудливите можности за стартапи во рана фаза од регионот!

Објавено

на

Стартапи од Македонија и регионот добиваат нова можност за забрзан раст и излез на интернационалната сцена преку „Western Balkans Startup Accelerator“ програмата креирана од еден од најреномираните топ светски акцелератор и инвеститор „Startup Wise Guys“ и поддржана од Zephyr Angels како нивен инвестициски партнер од Македонија.

Стартапите ќе добијат практична поддршка за раст, развој на продукт, fundraising и излез на интернационални пазари преку хибриден формат што комбинира online и onsite сесии низ регионот и Европа.

Дополнително, стартапите добиваат можност за инвестиција од 50.000€, а најдобрите тимови ќе можат да аплицираат и за дополнителна follow-on инвестиција до 250.000€.

Ова не е класична едукативна програма, туку hands-on искуство за founders кои сакаат брзо да учат, да градат релевантни контакти и да го позиционираат својот стартап на следното ниво.

Апликациите се отворени до 18 мај.

Повеќе информации и аплицирање: Western Balkans Startup

Western Balkans Startup Accelerator

ПР објава

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange