Connect with us

Банки

Ангеловска-Бежоска на конференција на ЕИБ: Новата стратегија на ЕУ „Глобална порта“ ‒ можност за повисоки инвестиции во Западен Балкан

Објавено

на

„Економиите од регионот на Западен Балкан сѐ уште се на пониско ниво на реална конвергенција и имаат потреба од побрзи стапки на раст и модел што ќе се заснова на поголем обем и квалитет на инвестициите. За да се излезе од маѓепсаниот круг на бавен раст и ниска конвергенција, инвестициите треба да се насочат кон областите што ја зголемуваат конкурентноста и отпорноста на економиите.

За финансирање на инвестициите, а во услови на затегнување на условите на финансиските пазари, од клучно значење е меѓународната финансиска поддршка. Со помош на новата стратегија на ЕУ „Глобална порта“ може да се поттикне зголемување на инвестиции во регионот.“ Ова го посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која учествува на форумот на Европската инвестициска банка (ЕИБ) „Приспособување на светот што се менува“, којшто се одржува во Луксембург. На панел-дискусијата на која воведно обраќање имаше Лилјана Павлова, потпретседателка на Европската инвестициска банка (ЕИБ), учествуваа и Маркус Бернт, заменик-директор на ЕИБ Глобал, Кун Дунс, генерален директор за меѓународни партнерства во Европската комисија, Андре Алерт, директор во КфВ, Папа Амаду Сар, извршен директор во Агенцијата за развој на Франција и Родриго Мадрацо, извршен директор на Европскиот развоен фонд.

Гувернерката зборуваше на панел-дискусијата „Глобална порта: Европските партнери за одржливи инвестиции“, посветена на стратегијата на ЕУ за поддршка на инвестициите во инфраструктурата, енергијата, дигитализацијата, здравството и образованието, со цел да се поттикне одржлив економски развој на земјите надвор од ЕУ. Целта на оваа стратегија е да ги поврзе економиите, финансиските институции и приватниот сектор, за да се намали глобалниот јаз во инвестициите.

Ангеловска-Бежоска истакна дека јазот на обемот на капитал во економиите од Западен Балкан во однос на земјите од ЕУ е голем, како последица на недоволните инвестиции. Оттука, сѐ уште има потребата за зголемување на нивниот обем и насочување кон приоритетните области, со што ќе се надминат структурните пречки, ќе се зголеми потенцијалот за раст и ќе забрза конвергенцијата. Во овој контекст, таа укажа дека отежнатиот пристап до финансирање честопати е посочуван како фактор што го ограничува побрзиот раст на овие економии, а домашното штедење и натаму е под нивото што се смета за оптимално и не може да поддржи повисоки стапки на инвестиции. Оттука, истакна таа, од големо значење е обезбедувањето надворешни извори на финансирање, што претставува предизвик во тековните затегнати глобални финансиски услови и пооптоварениот должнички профил на земјите.

Токму затоа, посочи гувернерката, меѓународните иницијативи како што е „Глобалната порта“ на ЕУ се важна алатка за обезбедување стабилен и одржлив пристап до финансирање по поволни услови. Ваквата поддршка во форма на комбинација на грантови, заеми по поволни услови, гаранции, може да обезбеди значително зголемување на улогата на инвестициите во економиите на Западен Балкан. Со оглед на тоа што во центарот на вниманието на оваа рамка се физичката и дигиталната инфраструктура, енергетскиот сектор, климатските промени, здравството и образованието, јасно е дека преку неа се засегаат долгогодишните структурни слабости на економиите од регионот, чиешто отстранување би придонесло за побрз раст и поголема отпорност на различни шокови.

Банки

ЕЦБ ги предупредува банките: време е за враќање на редовните кредитни операции

Објавено

на

Банките во еврозоната треба да започнат подготовки за почесто користење на стандардните кредитни операции на Европската централна банка, со оглед на тоа што вишокот ликвидност во финансискиот систем постепено се намалува, се наведува во блог-објава на централната банка.

Повикајќи се на годишното истражување меѓу банкарските трезори, ЕЦБ истакнува дека банките кои претставуваат околу една четвртина од вкупната актива на банкарскиот систем во еврозоната веќе работат блиску до посакуваното ниво на резерви. Тоа е значително зголемување во однос на 15 проценти една година претходно, а се очекува овој удел до крајот на годината да достигне околу 50 проценти.

„Како што резервите продолжуваат да се намалуваат, важно е банките да бидат подготвени да ги користат операциите на Евросистемот како рутинска алатка за управување со ликвидноста и поддршка на пазарните активности“, наведува група економисти на ЕЦБ.

По години обележани со кризен пристап, вклучително долгорочни кредити и масовни откупи на обврзници, ЕЦБ сега се подготвува за премин кон систем во кој нивото на резерви повеќе ќе зависи од реалните потреби на банките.

Вишокот ликвидност достигна врв кон крајот на 2022 година на околу 4,7 трилиони евра, но оттогаш речиси се преполови, главно поради истекување на кредитите и прекинот на реинвестирањето на доспеаните обврзници.

Иако користењето на стандардните седмични и тримесечни операции на ЕЦБ и натаму е релативно ниско, бројот на банки што учествуваат во нив постепено расте. Меѓу оние кои ја поттикнуваат нивната редовна употреба е и членката на Извршниот одбор на ЕЦБ, Изабел Шнабел.

Анализата на пазарот на пари покажува дека ликвидноста и понатаму е рамномерно распределена меѓу банките и државите од еврозоната, без знаци на фрагментација. Банките кои се најблиску до оптималното ниво на резерви се воедно и најактивни на краткорочните репо-пазари.

Краткорочните каматни стапки во моментов се движат блиску до депозитната стапка на ЕЦБ од околу два процента, но евентуален раст, особено на пазарите со подолги рочности, може да сигнализира промени во потребите за ликвидност и атрактивноста на кредитните операции на централната банка.

ЕЦБ подоцна во текот на годината ќе го преиспита оперативниот рамковен систем воспоставен во 2024 година, со цел негово прилагодување на новите услови на финансиските пазари. Во план се и дополнителни инструменти, вклучително рефинансирачки операции и структурен портфолио на средства, кои треба да им помогнат на банките во управувањето со идните потреби за ликвидност.

Продолжи со читање

Банки

ММФ за Народната банка: Стратегиска модернизација на монетарната политика и одржување на стабилноста на финансискиот систем

Објавено

на

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во рамките на соопштението во завршниот исказ по мисијата спроведена врз основа на членот IV, позитивно ги оценува стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор, како и напредокот во монетарната политика и институционалната рамка на Народната банка.

Во изјавата се посочува на отпорноста на домашната економија, што се огледа во одржувањето солиден раст и во забавувањето на инфлацијата. Воедно, се истакнува дека продолжениот конфликт на Блискиот Исток и повисоките цени на енергијата се сериозен ризик, а последиците би можеле да се почувствуваат во повеќе сегменти. Поради тоа, се нагласува потребата од натамошно претпазливо водење на монетарната политика.

ММФ ја истакнува модернизацијата на оперативната рамка за спроведување на монетарната политика како значајно достигнување, со кое се зајакнува оперативната ефикасност и флексибилност на Народната банка.

Се нагласува дека финансискиот систем и натаму е стабилен, со добро капитализирани, ликвидни и профитабилни банки коишто имаат ниско ниво на нефункционални кредити, а спроведените стрес-тестови укажуваат дека системските ризици и натаму се ограничени и се под контрола. Воедно, преземените мерки во делот на макропрудентната политика се оценети како соодветни.

ММФ искажува задоволство и од посветеноста на усогласувањето на домашната регулатива со европските стандарди, што ќе придонесе за натамошно јакнење на супервизијата, решавањето банки и на целокупната финансиска стабилност.

Народната банка и во иднина ќе биде целосно посветена на одржување на ценовната и финансиската стабилност, како и на постојаното унапредување на своите политики и алатки, во согласност со најдобрите меѓународни практики.

Продолжи со читање

Банки

Шпаркасе Банка најави нов тарифник за физички лица од 1 јуни – кој тарифи и надоместоци се менуваат?

Објавено

на

Шпаркасе Банка АД Скопје најави измени во тарифникот за надоместоци за услуги наменети за физички лица, кои ќе започнат да се применуваат од 1 јуни. Промените опфаќаат платежни сметки, пакет производи, електронско и мобилно банкарство, како и поедноставување или укинување на одредени услуги.

Според новиот тарифник, месечниот надомест за одржување платежна сметка во валута различна од денари ќе изнесува 60 денари. Кај пакетите, цените ќе се движат од 160 до 490 денари месечно за Премиум пакет. За С Пакет Плус надоместокот ќе биде 200 денари, за Смарт пакет 270 денари, додека за Супериор пакет 370 денари.

Промени се воведуваат и кај услугите за електронско и мобилно банкарство. Месечниот надомест за инфо пристап преку интернет-банкарството (Net Banking) ќе изнесува 35 денари, додека издавањето дигитален сертификат (Verba PKI) ќе чини 5.700 денари за нов токен и 4.700 денари за сопствен токен, со важност од три години.

Кај мобилното банкарство (S-banking), регистрацијата на корисник ќе биде бесплатна, а се воведува месечен надомест од 100 денари за активен и 90 денари за пасивен профил.

Од 1 јуни Банката ќе укине и дел од надоместоците, меѓу кои и надоместот за регистрација на активен корисник на мобилното банкарство, како и надоместот за доставување податоци до извршители и нотари.

Дополнително, се поедноставуваат условите за трајни налози, при што се укинува варијабилниот надомест и се воведува фиксен износ од 20 денари за плаќање режиски трошоци и интерни трансакции, вклучително и рати за кредити и кредитни картички.

Согласно законските одредби, ќе се смета дека клиентите ги прифатиле новите услови доколку до нивното стапување во сила не ја известат Банката дека ги одбиваат, односно не побараат раскинување на договорот.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange