Connect with us

Останато

Парите од унгарскиот кредит наменети за компаниите ќе одат преку Развојната банка, а се очекува да бидат достапни до Нова година

Објавено

на

Парите од унгарскиот кредит наменети за бизнис секторот ќе одат преку Развојната банка која треба да преговара со комерцијалните банки под кои услови ќе им бидат дадени на компаниите.

Парите се очекува да бидат достапни до крајот на годинава.  

„Во текот на следната недела очекуваме да биде направен преносот на средствата. Тука ќе треба да се направи и прераспределба во рамки на Буџетот. Ние ќе ги префрлиме парите кон Развојната банка на принцип на позајмица и таа понатаму ќе ги пласира. Мојата обврска беше да го потпишам кредитот, да ги обезбедам средствата, да ги префрлам на Развојната банка со склучен договор меѓу Министерството и Развојната банка, а понатаму Развојната банка и луѓето вклучени во целата постапка, треба да си ги преземат обврските и да ја продолжат понатамошната комуникација со комерцијалните банки“, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочовска на прес-конференција во Владата.

Се очекува парите од кредитот, што на 8 октомври беше потпишан во Будимпешта, да бидат достапни за компаниите пред Нова Година.

Министерката вели дека такви се очекувањата, но дека се ќе зависи од ангажманот на сите институции инволвирани во процесот.

„Согласно разговорите што сум ги имала со премиерот, очекувам дека годинава тоа ќе биде, но не би знаела како ќе се одвиваат понатаму работите. Можам да гарантирам за нешто што е во рамки на Министерството за финансии, дали и другите така ќе се ангажираат, не можам да гарантирам и како резултат на тоа не можам да ви кажам дали би биле. Очекувањата се дека ќе бидат пред Нова година“, рече Димитриеска-Кочовска.

Министерката не открива детали за Предлог-буџетот за 2025 година, но вели дека пари за ЕСМ во новиот буџет не се планирани.

Парите ќе треба ЕСМ да ги обезбеди преку комерцијалните банки, а министерката за финансии вели дека банките го поддржуваат секој што има визија и план.

„Останувам на ставот дека пари од Буџетот нема да одат кон ЕСМ, а понатаму ќе видиме дали комерцијалните банки ќе одобрат или нема да одобрат кредити. Мислам дека тоа е веќе договорено и дека помина и на последната владина седница. Бидејќи бев во Будимпешта и целосно посветена на потпишувањето на кредитот, не ја следев комплетно ситуацијата, односно состојбата и одлуките на Владата, но, по мои информации, требаше да биде помината информација за ЕСМ дека ќе си ги обезбедат средствата од синдицирани заеми од комерцијалните банки. Јас воопшто не се сомневам дека имаат можности. Страшното е кога немате план и визија,тогаш ниедна банка не ве поддржува, но ако имате добри бизнис планови како ја гледате иднината на компанијата, тогаш банките може да го сменат размислувањето и да ве поддржат. Суштината е во тоа како ве гледаат и оценуваат банките. Доколку имаат доверба во вас не значи тоа што компанијата е толку задолжена. Точно е тоа дека компанијата буквално е уништена од претходната влада, но благодарение на новиот менаџмент и новиот директор, се реорганизираат и банките тоа го препознаваат“, истакна Димитриеска-Кочовска.

Анализи

Нова главоболка за Британците: Инфлацијата повторно расте!

Објавено

на

Инфлацијата во Велика Британија забрза во јули, главно поради повисоките трошоци за енергија во домаќинствата, откако регулаторот „Ofgem“ го зголеми ограничувањето на цените за 13%.

Годишната инфлација на потрошувачките цени достигна 2,9% во јули, во однос на 2,6% во јуни, покажаа податоците на Канцеларијата за национална статистика. Ова е највисока стапка од март и во согласност со очекувањата на економистите.

И базичната инфлација, која ги исклучува цените на енергијата и храната, беше нешто повисока од очекуваното и достигна 2,6%, наспроти прогнозата од 2,5%.

Растот на инфлацијата доаѓа во период кога Банката на Англија внимателно ја следи динамиката на цените и економската активност. Иако јулското забрзување беше очекувано, повисоката базична инфлација може да го намали темпото на понатамошно олеснување на монетарната политика.

Пазарите реагираа релативно умерено на објавените податоци, бидејќи главниот раст на инфлацијата во голема мера беше веќе вграден во очекувањата.

Продолжи со читање

Анализи

Инфлацијата падна од 5,7% на 2,3% во јули – но зошто граѓаните не чувствуваат олеснување?

Објавено

на

Инфлацијата во Македонија во јули се намали на 2,3%, што претставува значително забавување во однос на претходните месеци – во јуни изнесуваше 3,4%, а во април високи 5,7%.

Сепак, пониската инфлација не значи дека производите поевтинеле. Таа покажува дека цените сега растат со побавно темпо, додека поскапувањата од претходните години и натаму се вградени во цените на храната, домувањето и останатите основни трошоци.

Според Државниот завод за статистика, трошоците на животот во јули биле 2,3% повисоки во однос на истиот месец лани, додека на месечно ниво се зголемиле за 0,1%.

Иако денешните стапки се значително пониски од инфлацискиот удар во 2022 година, за граѓаните останува поинаква слика. Семејните буџети и натаму се под притисок, бидејќи платите и куповната моќ треба да растат доволно брзо за да го надоместат претходниот раст на цените.

Токму затоа, намалувањето на инфлацијата е позитивен сигнал за економијата, но не значи автоматско поевтинување на животот. Реалното олеснување за домаќинствата ќе се почувствува тогаш кога приходите ќе овозможат повторно да се купува повеќе со истиот месечен буџет.

Со други зборови: инфлацијата паѓа, но сметките и трошоците не се враќаат на старото ниво.

Продолжи со читање

Останато

НЛБ предупредува на лажни СМС пораки: Не отворајте сомнителни линкови

Објавено

на

НЛБ ги предупредува граѓаните на појава на лажни СМС пораки во кои се злоупотребуваат името и брендот на банката, со цел од корисниците да се приберат лични и банкарски податоци.

Во пораките, примателите се повикуваат да отворат линк и да внесат или потврдат лични податоци, информации од платежни картички или податоци поврзани со електронското и мобилното банкарство.

Од НЛБ апелираат корисниците да не кликаат на непознати и сомнителни линкови и да не внесуваат доверливи информации преку нив.

„НЛБ никогаш нема да побара од вас лозинка, ПИН или други доверливи податоци преку СМС линк“, посочуваат од банката.

Граѓаните се советуваат внимателно да ја проверат секоја порака и нејзиниот извор пред да споделат какви било податоци.

Ваквите пораки се форма на т.н. „smishing“ измама, односно обид преку СМС и лажен линк да се дојде до чувствителни податоци кои подоцна можат да бидат злоупотребени.

Од НЛБ порачуваат корисниците да бидат внимателни и навремено да ги заштитат своите лични податоци и финансиски средства.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange