Connect with us

Банки

Величковски од Народната банка: Се врши ограничување на висината на надоместоците меѓу давателите на платежни услуги за плаќањата со платежни картички на ПОС-уредите

Објавено

на

„Новиот Закон за платежни услуги и платни системи им овозможува повисока заштита како на граѓаните, така и на фирмите. Тој предвидува јасно информирање на граѓаните пред потпишувањето рамковен договор со давателите на платежни услуги за условите и висината на надоместокот за нивното користење. За првпат се врши и ограничување на висината на надоместоците коишто давателите на платежните услуги меѓусебно си ги наплаќаат за користењето на платежните картички, издадени од еден давател на ПОС-уреди, а поставени кај трговците од друг давател, како трошок што влијае врз конечната цена на услугите за плаќањата. Висината на овие надоместоци постепено ќе се намалува и на почетокот на 2025 година не ќе смее да биде повисока од 0,2% од вредноста на платежната трансакција извршена со дебитна, односно од 0,3% кај кредитна платежна картичка. Со ова ограничувањето ќе се изедначи со она што се применува во ЕУ во моментов. Тоа понатаму би влијаело и врз цената којашто ја плаќаат трговците за користењето на ПОС-уредите.“ Ова го посочи директорот на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Игор Величковски, во гостување за „Блумберг Адрија“.

Величковски истакнува дека условите под кои им се нудат платежните услуги на корисниците, а особено на граѓаните, треба да бидат разбрани од нив на едноставен начин.

„За таа цел, рамковниот договор за платежни услуги којшто го потпишуваат давателот на платежни услуги и граѓанинот, како потрошувач, ќе биде во стандардизирана форма со задолжителен сет информации. Пред потпишувањето, давателот треба да го информира граѓанинот за условите под кои може да ги користи неговите платежни услуги, како и да му даде информација за висината на надоместоците за најчесто користените услуги. По склучувањето на рамковниот договор, давателот е должен, најмалку еднаш годишно, да му достави на потрошувачот извештај за надоместоците коишто му ги наплатил за користењето на платежните услуги“, објаснува директорот понатаму.

Директорот на Дирекцијата за платни системи при Народната банка посочува и дека новата регулаторна рамка ги зема предвид и интересите на фирмите, бидејќи се врши и ограничување на висината на надоместоците коишто ги наплатува давателот кој ја издал платежната картичка од давателот кој го поставил ПОС-уредот кај трговецот. Се очекува дека ова ќе ги намали трошоците за давателите кои поставуваат ПОС-уреди кај трговците, што понатаму би довело до намалени надоместоци и за трговците. Намалените надоместоци, пак, би ги поттикнале трговците кон поставување нови ПОС-уреди, што на крајот би придонесло за поголемо користење на платежните средства на платежните сметки на граѓаните, како и за намалување на готовинското плаќање.

Банки

Тројна победа за Халкбанк АД Скопје на Socialize Festival 2025!

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје уште еднаш ја потврди својата водечка позиција во областа на дигиталната комуникација, освојувајќи три престижни признанија на годинашниот Socialize Festival – настан кој го слави креативниот дух и иновациите во дигиталниот маркетинг.

Дигитален дизајн на годината за мобилната апликација Halk EZ, во соработка со Effectiva;
Најдобро кратко маркетинг видео за кампањата Fidesmo Pay, со креативната поддршка на актерот Сашко Коцев;
Најкреативна кампања на социјални медиуми за Start-Up Package, реализирана во соработка со агенцијата McCann Skopje.

Со оваа тројна победа, Халкбанк уште еднаш ја демонстрира својата посветеност кон иновативни, кориснички ориентирани решенија и континуирана дигитална еволуција.

„Горди сме на нашите партнери и тимот кој стои зад овие успешни проекти. Продолжуваме да ги поместуваме границите на креативноста и дигиталната експертиза“, велат од Халкбанк.

Овие признанија се уште една потврда за стратегиската насоченост на Халкбанк кон дигитализацијата и современ и креативен пристап во комуникацијата со клиентите.

Продолжи со читање

Банки

ЕЦБ размислува за ревизија на стратегијата за монетарна политика

Објавено

на

Европската централна банка (ЕЦБ) разгледува потенцијална промена на својот пристап во спроведувањето на монетарната политика, со цел да овозможи побрза и пофлексибилна реакција на евентуални нарушувања во цените, пренесува „Reuters“, повикувајќи се на неименувани официјални лица вклучени во подготовките.

Раководниот одбор на Европската централна банка (ЕЦБ) за првпат формално ќе дискутира за можна ревизија на стратегијата на неформална средба закажана за 6 и 7 мај во португалскиот град Порто. Средбата доаѓа во контекст на променливи глобални економски услови и зголемена потреба од приспособливост на политиките во еврозоната.

На агендата ќе бидат и резултатите од две работни групи кои работат на проценка на актуелната стратегија за монетарна политика, како и анализа подготвена од Комитетот за монетарна политика. Во комитетот членуваат водечки економисти од ЕЦБ и претставници на централните банки на земјите-членки на еврозоната.

Овој потег би можел да означи значаен пресврт во начинот на кој ЕЦБ пристапува кон поставување и прилагодување на своите монетарни алатки, особено во светло на неодамнешните инфлаторни предизвици и растечкиот притисок за одржување на ценовната стабилност во еврообласта.

Продолжи со читање

Банки

Средба со заменикот на генералниот директор на ММФ: Силна и независна централна банка – клучот за одржување на стабилноста во услови на неизвесност

Објавено

на

„Народната банка спроведе навремени и соодветни монетарни и макропрудентни мерки, коишто овозможија стабилизирање на инфлацијата, одржување стабилен курс на денарот и зајакнување на финансиската стабилност. Сепак, со оглед на високата геополитичка неизвесност важно е да се продолжи со внимателни макроекономски политики, но и со натамошно јакнење на институциите. Во овој контекст од огромно значење е да се зачува независноста на централната банка.“ Ова беше истакнато на средбата меѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и заменикот на генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, на маргините на Годишните средби на ММФ и Светската банка. На средбата присуствуваше и министерката за финансии Гордана Кочовска Димитриевска.

Во услови на светски ценовни шокови и нестабилност, Народната банка одговори со обемен сет мерки, коишто вклучуваа интервенции на девизниот пазар, приспособување на каматните стапки, задолжителната резерва и макропрудентни ограничувања. „Со овие мерки не само што постигнавме значително намалување на инфлацијата на едноцифрено ниво, туку и обезбедивме стабилност на девизниот курс и стабилни и зајакнати биланси на банкарскиот сектор“, истакна Ангеловска-Бежоска.

На средбата, посебен акцент беше ставен на последните геополитички случувања, коишто создаваат нова неизвесност во светската економија и на светските финансиски пазари. Беше истакнато дека во вакви услови, за малите економии отворени кон светот е особено важно водењето сигурни политики, создавањето простор за реакција на потенцијалните шокови и постоењето на силни институции. Токму во овој контекст, акцентот беше ставен на натамошното унапредување на законската рамка за Народната банка во согласност со највисоките меѓународни стандарди. Сето ова придонесува за јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка и за зголемување на нејзината транспарентност и отчетност.

Продолжи со читање

Популарно