Connect with us
no baners

Банки

Целеска од Народната банка: За декарбонизација се потребни значителни инвестиции, важно е банките да бидат вклучени и отпорни

Објавено

на

Банкарскиот систем ќе има важна улога во процесот на преминување на домашната економија кон новиот модел за одржлив раст. Но, климатските промени се исто така и извор на ризици за финансискиот сектор. Активностите на централните банки се главно насочени кон градење отпорност на банкарскиот систем на ризиците поврзани со климатските промени, со што полесно ќе го поддржи преминувањето кон зелена економија, посочи директорката на Дирекцијата за банкарска регулатива и решавање банки, Фросина Целеска, на панел-дискусијата во рамките на Втората конференција на ЕСГ, организирана од Американската стопанска комора (Амчам).

Целеска истакна дека Народната банка во целост го препознава значењето на климатските ризици, а од 2020 година активностите поврзани со климатските промени ги поставува и како стратегиски приоритет. Во изминатиот период се преземени повеќе активности од Народната банка за оваа цел, меѓу кои и членството во Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем (глобална мрежа на централни банки и супервизорски органи за споделување на најдобрите практики), понатаму членството во Виенската иницијатива за климатски промени, спроведувањето на Анкетата за климатските промени на сите банки и штедилници во земјата. Други активности се и објавувањето на податоците за т.н. „зелени кредити“, промената кај инструментот задолжителна резерва за банките за поттикнување на „зеленото“ кредитирање и регулаторните барања преку Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик (со  која се воведе обврска за банките да ги вградат ризиците поврзани со климатските промени во управувањето со кредитниот ризик) и Одлуката за објавување податоци и извештаи од страна на банките, поврзана со редовното објавување податоци и информации за изложеноста на ризиците поврзани со климатските промени и ризиците од ЕСГ.

Со усвојувањето на Среднорочниот план за периодот 2023 ‒ 2025 година, Народната банка воспостави сеопфатна, систематична и конзистентна рамка за управување со ризиците од климатските промени низ призмата на централната банка. Планот, меѓу другото, предвидува и активности за промена на супервизорскиот пристап, со постепено вклучување на климатските ризици во оцената на профилот на ризичност на банките, но ја нагласува и важноста на координацијата на активностите во земјата и потребата за соработка со други државни институции и тела. „Спроведувањето на Среднорочниот план ќе придонесе за подобро разбирање на климатските ризици, нивно вградување во анализите на банкарскиот систем и на монетарната политика и градење отпорен банкарски систем којшто ќе може да го поддржи преминувањето на економијата кон зелен и одржлив развој“, заклучува Целеска.

Банки

ТРАЈКО СЛАВЕСКИ НА ЧЕЛО НА МОНЕТАРНАТА ВЛАСТ: Кој е новиот гувернер на Народната банка?

Објавено

на

Собранието на Република Северна Македонија го избра новиот гувернер на Народната банка, Трајко Славески, искусен економист, академик и поранешен министер за финансии. Неговото назначување доаѓа во клучен момент за монетарната политика, кога стабилноста, дигиталната трансформација и финансиската отпорност се приоритети за централните банки на глобално ниво.

Славески е редовен професор на Економскиот факултет при УКИМ, каде предава макроекономија и државна регулација. Со богата академска кариера, бил визитинг професор на Државниот Универзитет во Аризона (САД) и предавач на последипломски студии на Националниот и Каподистриски Универзитет во Атина, во рамки на програмата South Eastern European Studies.

На јавноста ѝ е познат и по неговата улога како министер за финансии во првата влада на Никола Груевски, а воедно и долгогодишен член и еден од главните економски стратези на ВМРО-ДПМНЕ. Во последниот мандат, тој ја извршува функцијата претседател на Советот на Град Скопје.

Согласно Законот за Народната банка, Славески со стапувањето на функцијата ќе мора да се откаже од партиската активност и да ја замени политичката сцена со институционална неутралност, услов што важи за сите гувернери и вицегувернери за време на својот мандат.

Новото раководство на Народната банка, на чело со Трајко Славески ќе се соочи со предизвици како инфлаторните движења, дигитализацијата на финансиските услуги, крипто регулативата и поддршката за стабилен економски раст. Со академско знаење, политичко искуство и поддршка од мнозинството, од Славески се очекува да го одржи континуитетот на независност на институцијата и да постави нови стратешки приоритети во време на динамични финансиски текови.

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Банка во соработка со Kelley School of Business и Економскиот факултет при УКИМ со проект за дигитална трансформација на малите бизниси

Објавено

на

Во изминатите два месеци, НЛБ Банка имаше можност да биде домаќин на студенти од Kelley School of Business – Indiana University – САД, во рамки на проектот „NLB Kelley Project – Bridging the Gap“, реализиран во партнерство со Економскиот факултет при УКИМ.

Проектот беше фокусиран на оптимизација и дигитализација на работењето на малите и микро претпријатија, а студентите – постдипломци по бизнис-администрација работеа како вистински консултанти, под менторство на професорот Christopher S. Cook и во блиска соработка со тимот на НЛБ Банка составен од Петар Трпески, Нинослав Станковиќ и координаторот на проектот Александра Вангеловска.

Финалната презентација на препораките беше одржана пред Управниот одбор на НЛБ Банка, при што беа претставени иновативни и применливи решенија кои ќе бидат директно имплементирани во деловното работење.

„Горди сме што добиените препораки од овој проект ќе бидат директно имплементирани во работењето на Банката, како важен чекор кон дигитална трансформација и унапредување на услугите за малите бизниси – сегмент на кој Банката посветува особено внимание“, истакнуваат од НЛБ Банка.

Со ваквите проекти, НЛБ Банка ја зајакнува својата стратешка ориентација кон иновации, младинска вклученост и соработка со академската заедница – темели што го поддржуваат понатамошниот развој на финансискиот сектор и локалната економија.

Продолжи со читање

Банки

Кредитна поддршка од Комерцијална банка и ЕБОР за зелени инвестиции на мали и средни претпријатија преку кредитната линија зa финансирање во зелена енергија (GFF Македонија)

Објавено

на

Во време кога енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија се сѐ поважни за одржлив развој на бизнисите, малите и средните претпријатија имаат одлична можност за финансирање на зелени инвестиции преку наменски кредити од Комерцијална банка. 

Дизајнирана специјално за да ги поддржи инвестициите во обновливи извори на енергија и во енергетски ефикасни проекти, кредитната линија зa финансирање во зелена енергија (GFF Македонија) е обезбедена со заем од Европската банка за обнова и развој во износ од 4 милиони евра во рамките на заедничкиот Зелен финансиски фонд (Green Finance Facility), подржан од УНДП, Заедничкиот SDG фонд, Владата на Македонија и од ЕБОР.

За малите и средните претпријатија кои размислуваат долгорочно, GFF кредитната линија овозможува финансиска поддршка и партнерство за раст и одржливост. Инвестициите во зелени технологии и во енергетска ефикасност придонесуваат за намалување на трошоците на компаниите, зголемена оперативна ефикасност и заштита на животната средина.

GFF кредитната линија овозможува поддршка со атрактивни услови за кредит во износ до 1.000.000 евра и рок на отплата до 10 години. Обезбедува и поврат на инвестиција и бесплатна техничка помош од страна на консултанти, а секој клиент добива индивидуален пристап со цел креирање финансиско решение што најмногу му одговара.

Комерцијална банка овозможи кредитна поддршка од GFF кредитната линија за компаниите кои што се подготвени да направат паметен чекор напред. Придобивките од инвестициите во зелена енергија и во енергетска ефикасност не се само финансиски, туку ја зголемуваат и конкурентноста на претпријатијата и испраќаат јасна порака до клиентите и до партнерите дека одржливоста е вредност во која веруваат.

Повеќе информации за GFF кредитната линија се достапни на следниот линк.

Продолжи со читање

Популарно