Банки
Стандард и Пурс: Денарот е стабилен, банкарскиот сектор соодветно капитализиран

Денарот останува стабилен, а во следниот период не се очекуваат притисоци врз девизните резерви. Здравоста на банкарскиот систем е зачувана, при што капитализираноста е соодветна и стабилна, додека нефункционалните кредити остануваат на ниско ниво. Ова се наведува во извештајот на агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс“, во кој се потврдува кредитниот рејтинг на земјава ББ- со стабилен изглед.
Агенцијата посочува на поволните трендови кај девизните резерви, коишто на крајот на 2022 година достигнаа 3,9 милијарди евра. Како што констатираат од „Стандард и Пурс“, во изминатите месеци цените на енергенсите се стабилизираат, па оттаму не се очекуваат позначајни притисоци врз девизните резерви во текот на годината преку овој канал. Дополнително, според нивните очекувања, резервите ќе продолжат да растат, при очекувано стеснување на дефицитот на тековната сметка и финансиски приливи преку директни инвестиции и одредени должнички текови. Девизниот курс останува стабилен, и промени во курсот на денарот, не се очекуваат.
Од „Стандард и Пурс“ во извештајот за кредитниот рејтинг за земјава, наведуваат дека за разлика од други земји во регионот, врските на финансискиот сектор на домашната економија со Русија се мали, со што изостануваат директни негативни преносни ефекти за домашниот банкарски систем од кризата. Во поглед на банкарскиот сектор, Агенцијата ја потенцира неговата стабилност, во услови кога нефункционалните кредити остануваат ниски, на ниво од 3,2%, додека стапката на капитализираност на банкарскиот сектор е соодветна и стабилна и изнесува 17,7%.
Во рамки на извештајот, се истакнуваат мерките кои Народната банка ги презема, во однос на ликвидноста, промените во каматната политика и во задолжителната резерва, како и макропрудентните мерки. Притоа се нагласува нивната улога за стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања, поддршка на процесот на денаризација на економијата, како и за натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем.
Банки
Ангеловска-Бежоска: Девизните резерви растат и се повисоки во споредба со периодот пред пандемијата, како гаранција за стабилноста на девизниот курс

Нивото на девизните резерви на крајот на минатата година достигна пет милијарди евра и тие се повисоки за околу 50% во однос на претпандемичниот период. Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на гостувањето во емисијата „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, посочува дека девизните резерви се најважниот фактор за одржување на стабилноста на домашната валута и дека во изминатиот период, и покрај кризите, тие речиси непрекинато растеа, како гаранција за задржување на стабилноста на девизниот курс.
Ангеловска-Бежоска посочи дека растот на девизните резерви главно се должи на откупот на девизи од страна на централната банка на девизниот пазар, којшто речиси постојано се остварува од средината на 2023 година. „Вкупно за изминатите две години ние како централна банка на девизниот пазар откупивме 750 милиони евра, со што во целост се надомести износот којшто беше искористен за интервенции на девизниот пазар во периодот на пандемијата и во периодот на енергетскиот шок. Сето ова јасно говори за воспоставените силни одбранбени механизми од идни потенцијални ризици и шокови, заради натамошно одржување на стабилноста на девизниот курс на домашната валута“, нагласи Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката посочува и дека несомнено странските директни инвестиции имаат позитивен придонес кон порастот на девизните резерви. „Во претпандемичниот период, странските директни инвестиции изнесуваа околу 3,5% од БДП, во просек, по забавувањето во текот на пандемијата следеше процес на постепено закрепнување, а минатата година во првите три квартали достигнаа 5% од БДП, што е солидно ниво според историските параметри“, истакна Ангеловска-Бежоска. Таа истакна дека странските директни инвестиции не се важни само за порастот на девизниот потенцијал во нашата економија, туку поопшто за инвестицискиот циклус и за побрз раст и зголемување на нивото на доходот, којшто кај нас за жал сѐ уште е низок.
Ангеловска-Бежоска истакна дека за остварување повисок економски раст особено е важна и солидната кредитна поддршка за граѓаните и компаниите од страна на банкарскиот сектор, чијашто стабилност и капацитет за кредитирање се зајакнати и покрај кризниот период, а адекватноста на капиталот е највисока во последниве две декади. Ова се должи меѓу другото и на мерките коишто ги преземаше централната банка. Гувернерката посочи дека важна улога за зголемувањето на инвестициите има и растот на зеленото кредитирање коешто во изминативе години се удвои од 2,2% на 4,4%.
Банки
Средба Ангеловска-Бежоска – Палминтери: Народната банка цврсто чекори кон Европскиот систем на централни банки

Народната банка постојано работи на усвојување на најдобрите европски практики и стандарди со што сѐ повеќе се приближува до Европскиот систем на централни банки. Ова беше посочено на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и амбасадорот на Република Италија во земјава, Паоло Палминтери.
Во оваа смисла беше нагласено значењето на поднесеното барање за членство на земјава во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Амбасадорот Палминтери ја изрази својата поддршка за заложбите на Народната банка во овој процес. Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека имајќи го предвид високиот степен на усогласеност на правната рамка, се очекува позитивна оцена што ќе овозможи скорешно пристапување на нашата земја во СЕПА.
На средбата, стана збор и за системот за инстант плаќања којшто централната банка на Италија го развива за земјите од Западен Балкан, по одлука на Европската централна банка (ЕЦБ) како клон на системот ТИПС со кој таа управува. Системот ќе овозможи инстант извршување на домашните плаќања во текот на кое било време од денот во текот на годината во секоја од земјите, како и на нивните меѓусебни плаќања и на плаќањата со земјите од ЕУ. Поставувањето платежна инфраструктура за инстант плаќања во земјите од регионот по стандардите и правилата на системот на ЕЦБ претставува историски исчекор за развојот на регионот и негова интеграција на единствениот европски пазар и пред земјите да обезбедат полноправно членство во ЕУ, се согласија гувернерката и амбасадорот.
Се разговараше и за билатералната соработка на нашата со централната банка на Италија, во рамките на втората фаза од Регионалната програма за зајакнување на капацитетите на централните банки на Западен Балкан, финансирана од Европската Унија. Оваа соработка ќе придонесе кон унапредување на стандардите и примената на најдобрите практики во Народната банка, преку споделување искуства и експертиза од страна на Банката на Италија.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и амбасадорот Палминтери ја потврдија својата заложба за понатамошно јакнење и продлабочување на соработката, заради унапредување на финансиската стабилност и натамошна интеграција на финансискиот систем со европскиот финансиски систем, особено во платежната сфера.
Банки
Европската централна банка за разлика од ФЕД одлучи да намали три клучни каматни стапки

Европската централна банка (ЕЦБ) донесе одлука да намали три клучни каматни стапки за 25 базични поени.
Така, од 5 февруари каматните стапки на депозитните капацитети ќе изнесуваат 2,75 отсто, што е најниско ниво од почетокот на 2023 година. Каматната стапка на операциите за главно рефинансирање е намалена на 2,9 отсто, а на маргиналните кредитни линии на 3,15 отсто.
Одлуката е донесена само еден ден откако Федералните резерви на САД ја задржаа референтната каматна стапка стабилна на 4,25 до 4,5 проценти.
- Банкипред 2 недели
Комерцијална банка: Исплатата на пензиите за јануари започнува на 31 јануари
- Business Womanпред 1 месец
Празничен оптимизам во пресрет на новите предизвици преку здрав раст, етичко и одговорно работење
- Банкипред 4 недели
Даниела Ѓоршевска нов член на Управниот одбор на Стопанска банка а.д. Битола
- Банкипред 2 недели
КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА ЈА ЗГОЛЕМИ ДОБИВКАТА ЗА НЕВЕРОЈАТНИ 40% – во 2024 година оствари добивка од рекордни 80,7 милиони евра!
- Банкипред 1 месец
Континуиран растечки тренд на користењето на дигиталните канали за извршување на електронските плаќања
- Банкипред 2 месеци
Дигитална зона 24/7 и нов современ изглед доби Филијалата на Комерцијална банка во Струмица
- Банкипред 2 недели
Добивката на ТТК Банка порасна за 2,9% и дојде до 1,76 милиони евра во 2024 година
- Банкипред 2 недели
Халкбанк АД Скопје: Јануарските пензии се веќе исплатени!