Анализи
Поевтинува услугата плаќање со картичка во продавница – ќе плаќаат ли трговците пониски провизии кон банките?
Ќе се намалат провизиите што ги плаќаат трговците кон банките кога граѓаните во продажната мрежа плаќаат со картичка!? Новиот Закон за платежни услуги и платни системи им наложи на банките и на другите платежни институции од 01 јануари 2023 година да ги сведат заменските надоместоци што се пресметуваат и наплатуваат меѓу давателите на платежни услуги на максимум 0,2% од вредноста на извршената трансакција со дебитна картичка и на максимум 0,3% од вредноста на трансакцијата со кредитна картичка.
Ова практично значи драстично пониско ниво на надоместоци од тие што досега ги наплаќаа банките како interbanking fee, односно како надоместок за извршување и процесирање на плаќањето со платежни картички, а кои во просек достигнуваа и до 1,68%.
Според последните статистички податоци на Народната банка на Република Северна Македонија од областа на платежната статистика, висината на надоместоците кои банките и другите обезбедувачи на платежни услуги ги наплаќаат од трговците на продажни места во земјава во 2021 година за картични трансакции се движеле од 0,75% до 1,68% во зависност од видот на дејноста на трговецот. Просекот за сите видови трговски дејности во 2021 година изнесува 1,19%. Споредено со годините претходно, веќе постои надолен тренд – просечното ниво на надоместокот во 2020 година изнесува 1,21%, а во 2019 година бил на ниво од 1,20%.
Највисока провизија, од дури 3,04%, банките им наплаќаат на трговците што вршат електронска трговија и чиј годишен промет е од 1 милион до 10 милиони денари. Тие со промет до 1 милион денари имаат провизија од 2,81%. Најниска е провизијата што ја наплаќаат банките од бензинските станици со годишен промет над 50 милиони денари – во просек изнесува 0,64%. Гледано по дејности, бензинските станици генерално плаќаат најниски вкупни провизии кон банките за картични трансакции – во 2021 година изнесуваат 0,75%. Највисоки вкупни надоместоци, пак, банките им пресметуваат на државните институции и на компаниите што нудат игри на среќа, 1,67%, односно 1,66%.
Кои трговци плаќале највисоки провизии кон банките во 2021 година за наплата со платежни картички од граѓаните?
Државни институции – 1,67%
Игри на среќа – 1,66%
Јавни и комунални дејности – 1,48%
Угостителство и туризам – 1,52%
Изнајмување превозни средства – 1,39%
Кога ќе се споредат овие надоместоци со максимално пропишаните во новиот Закон, излегува дека банките ќе треба драстично да ги скратат овие провизии, што секако ќе влијае и на висината на нивните приходи по овој основ. Дали тоа ќе ја намали цената на производите или пак само ќе ги растоварат трговците од дел од актуелните давачки, останува да се види по 1 јануари следната година.
Кои провизии се ограничуваат?
Законодавецот предвидел дека во категоријата заменски надоместоци спаѓаат секакви „договорени надоместоци, вклучително и нето компензации, кои имаат идентичен предмет или ефект како и заменскиот надоместок и кои давателот на платежните услуги што издава платен инструмент заснован на картичка ги прима од картичната платежна шема, од давателот на платежни услуги што врши прифаќање платежни трансакции засновани на картички или од кој било посредник при извршување платежни трансакции засновани на картички или активности поврзани со трансакциите“.
Одредбите од овој член не се применуваат на платежни трансакции со деловни платежни картички, повлекување готовина преку банкомат или непосредно на шалтерите на давателот на платежните услуги и на платежни трансакции засновани на картички издадени од тристрана картична платежна шема.
Надоместоци кои банките и другите обезбедувачи на платежни услуги ги наплатуваат од трговците во зависност од дејноста и висината на годишниот промет остварен со платежни картички (во %)
Анализи
Затворањето на Ормутскиот теснец предизвика најголем енергетски шок во современата историја
Тримесечното затворање на Ормутскиот теснец, еден од најважните поморски премини во светот, предизвика најтежок енергетски шок досега и сериозно ги наруши глобалните трговски текови, покажуваат најновите анализи.
Пред прекинот на сообраќајот на 28 февруари, низ теснецот поминуваа околу 25 проценти од светската поморска трговија со нафта и 20 проценти од глобалниот течен природен гас (LNG). Денес тие количини речиси целосно исчезнаа, при што извозот на сурова нафта е намален за 95 проценти, а LNG за 99 проценти.
Последиците се чувствуваат далеку надвор од енергетскиот сектор. Преку Ормутскиот теснец годишно се транспортираат милиони тони алуминиум, метанол, сулфур и вештачки ѓубрива. Поради прекинот, цените на уреата значително пораснаа, а експертите предупредуваат дека во делови од Јужна Азија цените на храната би можеле да се зголемат за 10 до 15 проценти доколку кризата продолжи.
Најголем удар трпат азиските економии. Во 2024 година дури 84 проценти од нафтата што минувала низ теснецот била наменета за азиските пазари, додека Европа преку оваа рута добивала меѓу 12 и 14 проценти од своите испораки на LNG од Катар.
Иако Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати располагаат со одредени алтернативни нафтоводи, тие не можат целосно да ја заменат изгубената транспортна рута. Според проценките, недостига капацитет за најмалку 10 милиони барели нафта дневно, додека Катар воопшто нема алтернативен цевковод за извоз на LNG.
Аналитичарите предупредуваат дека дури и во случај на брзо постигнување мировен договор и повторно отворање на теснецот во јуни, глобалниот економски раст ќе забави во 2026 година. Во најлошото сценарио, доколку блокадата продолжи до крајот на годината, цената на нафтата би можела да достигне 200 долари за барел, а светската економија да западне во рецесија.
„Ова е историски преседан за светскиот нафтен пазар. Ниту кризите од 1970-тите, ниту војната меѓу Иран и Ирак, ниту инвазијата на Кувајт не можат да се споредат со размерите на ова нарушување“, изјави Даниел Јергин, потпретседател на S&P Global.
Анализи
Златото порасна втор ден по ред, но е на пат кон месечен пад
Цената на златото во петокот порасна втор ден по ред и достигна 4.580 долари за унца, откако се појавија информации дека САД и Иран би можеле да го продолжат примирјето, што донесе дополнителна неизвесност на финансиските пазари.
И покрај растот, благородниот метал е на пат да ја заврши месечната трговија со пад од околу 0,8 проценти. Врз цената и натаму влијаат загриженоста поради инфлацијата и очекувањата дека каматните стапки ќе останат повисоки подолг временски период.
Преговорите за завршување на тримесечниот конфликт продолжуваат, а според медиумските извештаи се разгледува можност за продолжување на примирјето за уште 60 дена за да се создадат услови за формални разговори меѓу двете страни. Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп сè уште не дал конечна согласност за предложениот договор.
Пазарите остануваат претпазливи бидејќи евентуалните нарушувања во транспортот и енергетската инфраструктура би можеле да ги задржат високите цени на нафтата, што дополнително го комплицира патот кон намалување на инфлацијата.
Најновите податоци покажаа дека инфлацијата во САД во април забележала најбрз раст во последните три години, што ги зацврсти очекувањата дека Федералните резерви ќе ги задржат каматните стапки непроменети подолг период.
Во меѓувреме, побарувачката за злато во Индија останува слаба поради високите цени и увозните давачки, додека во Кина, најголемиот светски потрошувач на благородниот метал, премиите се намалуваат поради внимателното расположение на пазарот.
Анализи
Европската индустрија троши сè помалку енергија, но прехранбениот сектор бележи раст
Индустриските капацитети низ Европската Унија продолжуваат да ја намалуваат потрошувачката на енергија, покажуваат најновите податоци на Евростат. Во 2024 година, европската индустрија потрошила 8.835 петџули енергија, што претставува намалување од 8,1 отсто во споредба со пред десет години и продолжување на долгорочниот тренд на пад кој трае од 1990 година.
Електричната енергија и натаму има најголем удел во индустриската потрошувачка со 33,3 проценти, додека природниот гас учествува со 31,9 проценти. Обновливите извори на енергија и биогоривата се на третото место со удел од 11,3 проценти, надминувајќи ја нафтата и нафтените деривати.
Особено е забележливо намалувањето на употребата на јаглен и други цврсти фосилни горива, чија потрошувачка е намалена за речиси 35 проценти во однос на 2014 година. Во исто време, користењето на обновливи извори на енергија е зголемено за повеќе од 24 проценти, што укажува на забрзана енергетска транзиција во европската индустрија.
Сепак, не сите индустриски гранки го следат истиот тренд. Производството на храна, пијалаци и тутун бележи пораст на потрошувачката на енергија од 4,7 проценти во последната деценија и сега учествува со 12,8 проценти во вкупната индустриска потрошувачка на енергија во ЕУ.
Овој сектор најмногу се потпира на природниот гас, кој покрива 46,3 проценти од неговите енергетски потреби, додека електричната енергија учествува со 35,3 проценти. Истовремено, токму во прехранбената индустрија е забележан и значителен раст на користењето обновливи извори на енергија и биогорива, за дури 68,4 проценти во споредба со 2014 година.
Податоците покажуваат дека европската индустрија станува поенергетски ефикасна и сè помалку зависна од фосилните горива, но и дека растот на производството на храна носи поголеми енергетски потреби. Тоа укажува дека зелената транзиција во Европската Унија не се одвива со исто темпо во сите сектори.
Во рамки на напорите за постигнување климатска неутралност до 2050 година, Европската комисија во 2021 година го претстави пакетот мерки „Fit for 55“, чија цел е до 2030 година емисиите на стакленички гасови во ЕУ да се намалат за најмалку 55 проценти во однос на нивото од 1990 година.
-
Продуктипред 2 месециИуте Македонија носи европски здравствен стандард – за првпат во земјава се воведува второ медицинско мислење
-
Останатопред 2 месециУправата за јавни приходи донесе стратешки документ со цел подобрување на усогласеноста
-
Продуктипред 1 месецУНИПлус флексибилна програма за лојалност на УНИБанка. Kористиш бројни бенефити, а не мора да ја префрлаш платата!
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Марјан Ристески: Акцизата на горивата под лупа, можно ново замрзнување на цените
-
Кариерапред 2 месециКомерцијална банка вработува Помлад соработник за администрирање на кредити и гаранции (Back Office)
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Горан Ѓорѓиевски | Ценовен шок на хоризонтот: Од септември следува значително поскапување
-
Банкипред 1 месецСтопанска банка АД – Скопје со план за исплата на дивиденда од над 16 милиони евра
-
Останатопред 2 месециКакво ќе биде работното време за Велигденските празници?


