Connect with us
no baners

Банки

НЛБ Групацијата донира еден милион евра за надминување на последиците од катастрофалните поплави во Босна и Херцеговина

Објавено

на

Минатата недела, „мајката природа“ уште еднаш нè потсети на нејзината огромна сила. Обилни дождови со невидена разурнувачка моќ предизвикаа поплави и свлечишта во делови од Босна и Херцеговина и одзедоа многу човечки животи, најголемата загуба за сите.

За да ги поддржи искрените напори на спасувачките служби кои се обидуваат да ги отстранат последиците од уништувањето, НЛБ Групацијата донираше еден милион евра за погодените подрачја. Донацијата ќе биде насочена кон хуманитарни организации, осигурувајќи дека помошта ќе стигне до оние на кои таа им е најпотребна.

„Во Словенија, сè уште се свежи сеќавањата на август минатата година и поплавите кои опустошија цели области на нашата земја. И сега, сцените кои доаѓаат од нашиот матичен регион каде што живеат толку многу наши пријатели и колеги од нашите банки се особено болни. Но, катастрофата ни дава можност уште еднаш да покажеме како, кога е најтешко, стоиме еден до друг. И да докажеме дека човечката волја, срце и солидарност се посилни од неуништливата сила на природата“. – истакнува Главниот извршен директор на НЛБ д.д Љубљана, Блаж Бродњак, најавувајќи ја донацијата на Групацијата.

Сите банки од пазарите каде што работи НЛБ Групацијата – Словенија, Босна и Херцеговина, Србија, Северна Македонија, Црна Гора и Косово се вклучија во помошта со донација. НЛБ Банка Скопје донацијата ќе ја насочи преку „Фондот на солидарноста“ на Црвениот крст на Република Северна Македонија.

„Она што го гледаме изминатите денови во Босна и Херцеговина не може никого да остави рамнодушен. Потресно е да се слуша за изгубени човечки животи и да се гледа како луѓето ги губат своите домови и сето она што го стекнале во животот. Имаме одговорност да се обединиме и да помогнеме, бидејќи овој регион не е само точка на мапата, туку е и наш дом“.  изјави Тони Стојановски, Председател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје.

Со ваквите активности, НЛБ Групацијата докажува дека не е само банка, туку еден од клучните, системски градбени блокови на општествата и економиите во овој регион. Групацијата, покрај потенцијалот, ги препознава и тешкотиите, обезбедува поддршка кога е потребна и на тој начин создава подобар свет.

Банки

Во декември: Годишен раст од 10,1% на вкупните депозити и од 13,0% на вкупната кредитна поддршка

Објавено

на

Вкупните депозити во банкарскиот систем на годишна основа се зголемени за 10,1%, при што најголем придонес има растот на депозитите на секторот „домаќинства“, а позитивно движење е забележано и кај депозитите на корпоративниот сектор, информираат од Народната банка.

Истовремено, вкупните кредити бележат годишен раст од 13,0%, како резултат на зголеменото кредитирање кај двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор. Во декември, кредитната активност дополнително се засили, при што вкупните кредити остварија месечен раст од 3,0%, главно поради зголеменото корпоративно кредитирање.

Корпоративен сектор: раст на кредити и депозити, доминација на денарското кредитирање

Депозитите на корпоративниот сектор во декември се зголемени за 6,0% на месечна основа, пред сè поради растот на краткорочните депозити во странска валута и депозитните пари, при умерен раст и на краткорочните и долгорочните депозити во денари. Наспроти тоа, долгорочните депозити во странска валута забележаа пад. На годишна основа, депозитите на корпоративниот сектор се повисоки за 6,5%, како резултат на зголемувањето на депозитните пари и краткорочните депозити.

Кредитите одобрени на корпоративниот сектор во декември остварија месечен раст од 5,1%, што во најголем дел се должи на повисокото кредитирање во денари, при помал раст и на кредитите во странска валута. Годишниот раст изнесува 15,3% и во целост произлегува од зголемената денарска кредитна активност, што укажува на намалена валутна изложеност и поголема доверба во домашната валута.

Домаќинства: раст на депозитите и умерено кредитирање

Вкупните депозити на домаќинствата во декември се зголемени за 3,6% на месечна основа, при што растот речиси целосно се должи на депозитните пари, а во помала мера и на краткорочните депозити. Долгорочните депозити, пак, бележат намалување. На годишна основа, депозитите на домаќинствата се повисоки за 12,1%, најмногу поради зголемувањето на депозитните пари, долгорочните депозити во денари и краткорочните депозити во странска валута.

Кредитите на домаќинствата во декември остварија месечен раст од 0,9%, додека на годишна основа се зголемени за 10,9%. Растот е резултат на зголеменото кредитирање и во денари и во странска валута, со поизразен придонес на денарските кредити.

Структура на кредитите: раст кај потрошувачките и станбените кредити

Анализирано според намената, најзастапените категории кредити кај физичките лица – потрошувачките и станбените кредити – во декември забележаа месечен раст од 1,4% и 1,7%, соодветно. На годишна основа, растот изнесува 10,6% кај потрошувачките и 15,8% кај станбените кредити, што укажува на континуирана поддршка на личната потрошувачка и пазарот на недвижности.

Автомобилските кредити на месечно ниво се намалени за 2,1%, но на годишна основа сепак остварија раст од 1,3%. Кредитите преку кредитни картички продолжуваат со надолниот тренд, со месечен пад од 1,0% и годишен пад од 5,5%.

Во декември е забележано и намалување на негативните салда на тековните сметки за 16,4% на месечна основа, како и пад на кредитите одобрени врз други основи од 1,4%. На годишна основа, овие категории бележат намалување од 2,5% и 11,4%, соодветно.

Продолжи со читање

Банки

Борис Вујчиќ на чекор до позицијата потпретседател на Европската централна банка

Објавено

на

Фото: dnevnik.hr

Гувернерот на Хрватската народна банка, Борис Вујчиќ, ја доби поддршката од министрите за финансии на земјите од еврозоната за позицијата потпретседател на Европската централна банка (ЕЦБ), при што преостанатите институционални чекори до формалната потврда се оценуваат како процедурална формалност.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ му честиташе на Вујчиќ преку социјалната мрежа „X“, оценувајќи ја номинацијата како значаен меѓународен успех и силно признание за Хрватска, особено имајќи го предвид нејзиниот релативно скорешен влез во еврозоната.

Еврогрупата го номинираше Вујчиќ како најсоодветен кандидат меѓу шест пријавени, што, според оценките, претставува потврда за неговата висока стручност, професионален кредибилитет и долгогодишно искуство во областа на монетарната политика и централното банкарство. Пленковиќ истакна дека оваа номинација е и признание за стабилното управување со хрватската економија и финансискиот систем во услови на глобални економски и геополитички предизвици.

Дополнително, премиерот нагласи дека Борис Вујчиќ е првиот кандидат за потпретседател на ЕЦБ од редот на новите земји-членки на Европската Унија, како и првиот кандидат од Централна и Источна Европа, заблагодарувајќи им се на земјите-членки на еврозоната за укажаната доверба и поддршка.

Претседателот на Еврогрупата, Киријакос Пјеракакис, информираше дека Советот за економски и финансиски прашања (Екофин) ќе биде официјално запознаен со одлуката пред почетокот на својот следен состанок, по што Екофин треба да упати формална препорака до Европскиот совет. Назначувањето потоа ќе биде потврдено по консултации со Европската централна банка и Европскиот парламент.

Се очекува Европскиот совет да ја донесе конечната одлука на самитот закажан за март, а Вујчиќ да ја преземе функцијата потпретседател на ЕЦБ на 1 јуни, со што ќе го наследи актуелниот потпретседател, Шпанецот Луис де Гиндос.

Извршниот одбор на Европската централна банка се состои од претседател, потпретседател и четири дополнителни членови, кои ги назначува Европскиот совет за необновлив мандат од осум години. Покрај Вујчиќ, кандидати за оваа висока позиција беа и Марио Сентено од Португалија, Мартинш Казакс од Латвија, Мадис Милер од Естонија, Оли Рен од Финска и Римантас Шаџиус од Литванија.

Номинацијата на Вујчиќ се оценува како важен сигнал за засилена улога на новите земји-членки во креирањето на монетарната политика на еврозоната и дополнително зајакнување на регионалната застапеност во највисоките тела на Европската централна банка.

Продолжи со читање

Банки

Стопанска банка го овозможи Apple Pay за своите клиенти – безбеден и сигурен начин на плаќање преку Apple уреди

Објавено

на

Стопанска банка од денеска на своите клиенти им го овозможува Apple Pay за брз, едноставен и безбеден начин на плаќање со своите Visa и MasterCard платежни картички користејќи Apple уред.

За користење на Apple Pay и дигитализација на VISA и MasterCard платежните картички, потребно е клиентите да ја преземат бесплатната мобилна апликација Apple Wallet, а поради засилената автентикација мора да се и активни корисници на мобилната апликација на Стопанска банка.

Секое купување со Apple Pay е безбедно бидејќи е автентицирано со идентификација на лице (Face ID), идентификација преку допир (Touch ID) или лозинка на уредот. Со Apple Pay може да се плаќа на сите продажни места кои имаат ПОС терминал со бесконтактен читач и прифаќаат бесконтактно плаќање, како и на интернет-страници и апликации кои прифаќаат Apple Pay. И подигнувањето на готовина од банкомати е овозможено на уредите што имаат бесконтактен читач, без потреба од самата физичка картичка.

Безбедноста и приватноста се основните начела во функционирањето на Apple Pay. Кога клиентите користат дигитализирана дебитна или кредитна картичка со Apple Pay добиваат слобода и се спокојни, затоа што бројот на платежната картичка никогаш нема да биде зачуван на уредот или на серверите на Apple и никогаш нема да биде споделен со трговците.

Apple Pay користи NFC технологија (комуникација во близина) за плаќања во продавница и го заштитува вашиот вистински број на картичката со користење на уникатен број специфичен за уредот и код за трансакција.

Со овозможување на услугата Apple Pay, Банката дополнително ја зајакнува својата стратегија за дигитална трансформација и ја збогатува понудата на иновативни дигитални банкарски решенија.

Повеќе информации околу користењето на Apple Pay се достапни на веб страницата на Банката: Стопанска Банка – Apple Pay како и видео упатствата за користење.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange