Connect with us

НБРМ

На 15 јуни ќе се одржи 47. сесија на Клубот на истражувачите на Народната банка

Објавено

на

На 15 јуни 2023 година (четврток), со почеток во 14 часот, ќе се одржи 47. сесија на Клубот на истражувачите во просториите на Народната банка.

На сесијата ќе биде презентиран трудот: „Студија на настан за реакцијата на балканските берзи на конфликтот меѓу Русија и Украина“ од авторите Горан Мојаноски и Весна Буцевска.

По презентирањето на трудовите e предвидена дискусија.

Народната банка објавува повик до сите истражувачи коишто се заинтересирани да учествуваат на сесијата на Клубот да се пријават на е-адресата: info@nbrm.mk, најдоцна до 14 јуни 2023 година (среда).

Клубот на истражувачите на Народната банка е отворена платформа за презентација и дискусија на научноистражувачки трудови, особено во доменот на монетарната политика и макроекономијата. Трудовите коишто се презентираат на сесиите на Клубот, треба да бидат изработени согласно со трендовите и стандардите на современите истражувања, што подразбира емпириска анализа, како и систематизирани заклучоци од истражувањето.

На сесиите на Клубот како платформа за дискусија и размена на стручни мислења, може да се презентираат резултати и сознанија и од истражување/труд во работна верзија.

Зачленувањето во Клубот на истражувачите е од отворен карактер.

НБРМ

Народната банка ги информира корисниците: Воведенa е новa веб-услуга за автоматизирано преземање податоци од Курсната листа

Објавено

на

Народната банка изработи и воведе нова веб-услуга за автоматизирано преземање на податоците од Курсната листа, којашто веќе може да се користи напоредно со старата.

Оттука, Народната банка ги информира приватните субјекти дека старата веб-услуга којашто што е достапна на веб-страницата ќе се користи до крајот на мај 2024 година и дотогаш сите корисници треба да почнат да ја употребуваат новата веб-услуга. Деловните банки веќе се префрлија на новата апликација и  автоматизирано ја читаат Курсната листа секој ден. Оваа апликација на Народната банка за Курсната листа и за курсевите за државните органи е изработена со нови современи алатки и е достапна на следнава врска: https://www.nbrm.mk/web-servis-novo.nspx , на која има и упатство за корисниците за нејзиното користење.

Воведувањето на новата услуга е во рамките на унапредувањето на ИТ-безбедноста на процесите преку примена на нови технологии коишто се поотпорни на нападите од дигиталниот простор. Постојаното јакнење на киберотпорноста, како и користењето на технологиите за подобрување на услугите кон корисниците е заложба на централната банка. Оттука, неодамна започна билатерална соработка со централната банка на Италија, проект на Европската Унија, чијашто цел е преку пренесување на искуствата да се зајакнат стандардите и најдобрите практики во Народната банка за развивање и одржување апликативен софтвер.

Продолжи со читање

НБРМ

Годишен раст на зелените кредити за 29% во 2023 година

Објавено

на

Народната банка ги објави податоците за „зелените кредити“ за четвртиот квартал од 2023 година, каде што се забележува раст на квартално ниво од 5%, додека на годишна основа од 29,1%. Во споредба со крајот на 2019 година, кога почнале да се прибираат податоците, „зелените кредити“ се зголемени за 2,8 пати. Станува збор за заеми наменети за проекти коишто поддржуваат одржливи, еколошки цели, или цели коишто придонесуваат за зелената транзиција во општеството, како што е развивање нова еколошка технологија.

Според податоците на Народната банка, на крајот од 2023 година, банкарските побарувања врз основа на зелени кредити изнесуваат 19.863 милиони денари. За споредба, на крајот на 2019 година тие изнесувале 7.176 милиони денари. Растот на зеленото кредитирање се должи најмногу на кредитите земени од фирмите, додека најмногу зелени кредити давале големите банки.

Расте и уделот на зелените во вкупните кредити, иако сѐ уште е на ниско ниво. Oд крајот на 2019 година, заклучно со 2023 година, учеството на зелените во вкупните кредити е зголемено од 2,2% на 4,5%.

Народната банка, препознавајќи ги ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ја постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија. Преку низа активности, нашата централна банка придонесува за поттикнување на зеленото финансирање, вклучувајќи ги и монетарните мерки. Народната банка изработи Среднорочен план на активностите во доменот на управување со ризиците поврзани со климатските промени за периодот 2023 − 2025 година, а неодамна заради подобрување на расположливоста на податоците за климатските промени објави и Преглед на зелените показатели коишто ќе помогнат во анализите за понатамошно носење политики. Се гради и зелено портфолио на хартиите од вредност во девизните резерви. За оцена на отпорноста на банкарскиот систем на климатските промени се планираат стрес-тестови.

Продолжи со читање

НБРМ

Народната банка објави Преглед на „зелените“ показатели

Објавено

на

Народната банка продолжува со активностите за промовирање на зелените финансии, во рамките на своите надлежности. Така, на својата веб-страница, за првпат објави Преглед на „зелените“ показатели, во согласност со предвидените активности во рамките на Среднорочниот план на активности на Народната банка во доменот на управувањето со климатските ризици. Целта е да се подобри расположливоста на податоците за климатските промени, којашто е суштинска при изработката на анализи и носењето политики.

Прегледот содржи податоци и показатели коишто се групирани во три целини, и тоа: показатели за животната средина и енергетика, показатели за климатските ризици и показатели за зелените финансии. Изворот на податоците се различни институции и со овој преглед се прави обид да се соберат релевантните податоци од различни извори на едно место. Податоците и показателите од Прегледот имаат за цел да послужат како основа за подготовка на анализите поврзани со климатските промени, да придонесат за полесно следење на одржливоста на финансискиот систем и економијата и да помогнат во следењето на трендовите на „зелените“ пазари на капитал. Заедно со Прегледот, е објавен и Методолошки водич со појаснувања и дефиниции на показателите заради полесно разбирање и нивна правилна употреба.

Достапноста на податоците ќе овозможи поблиско следење на климатските ризици и проширување на познавањата за нив. Во изработката на Прегледот особено беа корисни контактите на Народната банка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ со своите искуства на оваа тема.

Прегледот на „зелените“ показатели и Методолошкиот водич се достапни преку следнава врска.

Продолжи со читање

Популарно