Connect with us
no baners

Банки

Комитет за финтек-секторот: Усвоена е Стратегијата за регулаторите за финтек-секторот

Објавено

на

На седницата одржана на 19 април 2023 година, Комитетот за поддршка на развојот на иновациите во финансискиот систем во Република Северна Македонија (Комитетот за финтек-секторот) ја усвои Стратегијата за регулаторите за финтек-секторот, којашто има за цел да обезбеди услови за поддршка на иновациите во областа на финансиите, притоа имајќи ја предвид заштитата на потрошувачите и инвеститорите и стабилноста на финансискиот систем.

Стратегијата за регулаторите за финтек-секторот се однесува на регулаторните аспекти поврзани со трансформацијата на финансискиот систем предводена од финтек-секторот. Во неа се содржат препораки за регулаторите при што за нивно успешно спроведување, неопходен е координиран пристап на регулаторите и соодветен механизам за надзор на спроведувањето на препораките од Стратегијата за регулаторите за финтек-секторот.

Усвоениот стратегиски документ го трасира патот за ползување на придобивките од развојот на иновациите на финансиите, коишто се повеќекратни. Според Извештајот на Експертската група на ЕУ за регулативните пречки поврзани со финансиските иновации (РОФИЕГ), развојот на иновациите во сферата на финансиите може да донесе пониски цени на финансиските услуги, поширока лепеза производи и услуги, поголем избор на потрошувачите и компаниите, подобри можности за финансирање, поефикасна регулатива и усогласеност со најдобрите меѓународни практики.

Финтек-Стратегијата за регулаторите за финтек-секторот ќе придонесе кон флексибилност и отвореност за промена на регулативната рамка заради поттикнување конкуренција во интерес на потрошувачите и кон натамошно зголемување на отпорноста и стабилноста на финансискиот систем. Користењето иновативни финтек-решенија ќе доведе до повисока оперативна ефикасност, подобро управување со ризикот и подобра регулативна усогласеност на финансиските институции.

Усвоената стратегија за регулаторите за финтек-секторот е првиот дел од Националната стратегија за финтек-секторот којашто беше разгледана на седницата на Комитетот за финтек-секторот. Станува збор за завршница на активностите преземени од Народната банка во изминатите години  спроведени преку проект на ЕФСЕ започнат во 2018 година, насочен кон поставување на основите за трансформација на финансискиот систем во РСМ предводена од финтек-секторот. Во 2019 година во Народната банка беше формирана работна група за финансиски технологии со експерти од различни организациски единици, којашто ја создаде Портата за иновации, како платформа за комуникација со иновативната бизнис-заедница. Во октомври 2020 година, беше спроведена анкета за сеопфатно истражување на екосистемот во која учествуваа 220 испитаници од различни сегменти на екосистемот, при што дури 90% од нив ја потврдија потребата за трансформација на финансискиот систем во РСМ, предводена од финтек-секторот. Воедно, Народната банка и Министерството за финансии беа активно вклучени во процесот на усогласување на регулативата за платежните услуги и платните системи, со која исто така се промовираат технолошките иновации во областа на финансиите. На иницијатива на Народната банка, а заради создавање услови за поддршка на развојот на финтек-секторот, финансиските регулатори ‒ Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, минатата година склучија Меморандум за соработка, со кој се постави систем преку кој регулаторите координирано дејствуваат, секој во својата надлежност, во однос на спроведувањето на Стратегијата за регулаторите за финтек-секторот.

Банки

Во декември: Годишен раст од 10,1% на вкупните депозити и од 13,0% на вкупната кредитна поддршка

Објавено

на

Вкупните депозити во банкарскиот систем на годишна основа се зголемени за 10,1%, при што најголем придонес има растот на депозитите на секторот „домаќинства“, а позитивно движење е забележано и кај депозитите на корпоративниот сектор, информираат од Народната банка.

Истовремено, вкупните кредити бележат годишен раст од 13,0%, како резултат на зголеменото кредитирање кај двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор. Во декември, кредитната активност дополнително се засили, при што вкупните кредити остварија месечен раст од 3,0%, главно поради зголеменото корпоративно кредитирање.

Корпоративен сектор: раст на кредити и депозити, доминација на денарското кредитирање

Депозитите на корпоративниот сектор во декември се зголемени за 6,0% на месечна основа, пред сè поради растот на краткорочните депозити во странска валута и депозитните пари, при умерен раст и на краткорочните и долгорочните депозити во денари. Наспроти тоа, долгорочните депозити во странска валута забележаа пад. На годишна основа, депозитите на корпоративниот сектор се повисоки за 6,5%, како резултат на зголемувањето на депозитните пари и краткорочните депозити.

Кредитите одобрени на корпоративниот сектор во декември остварија месечен раст од 5,1%, што во најголем дел се должи на повисокото кредитирање во денари, при помал раст и на кредитите во странска валута. Годишниот раст изнесува 15,3% и во целост произлегува од зголемената денарска кредитна активност, што укажува на намалена валутна изложеност и поголема доверба во домашната валута.

Домаќинства: раст на депозитите и умерено кредитирање

Вкупните депозити на домаќинствата во декември се зголемени за 3,6% на месечна основа, при што растот речиси целосно се должи на депозитните пари, а во помала мера и на краткорочните депозити. Долгорочните депозити, пак, бележат намалување. На годишна основа, депозитите на домаќинствата се повисоки за 12,1%, најмногу поради зголемувањето на депозитните пари, долгорочните депозити во денари и краткорочните депозити во странска валута.

Кредитите на домаќинствата во декември остварија месечен раст од 0,9%, додека на годишна основа се зголемени за 10,9%. Растот е резултат на зголеменото кредитирање и во денари и во странска валута, со поизразен придонес на денарските кредити.

Структура на кредитите: раст кај потрошувачките и станбените кредити

Анализирано според намената, најзастапените категории кредити кај физичките лица – потрошувачките и станбените кредити – во декември забележаа месечен раст од 1,4% и 1,7%, соодветно. На годишна основа, растот изнесува 10,6% кај потрошувачките и 15,8% кај станбените кредити, што укажува на континуирана поддршка на личната потрошувачка и пазарот на недвижности.

Автомобилските кредити на месечно ниво се намалени за 2,1%, но на годишна основа сепак остварија раст од 1,3%. Кредитите преку кредитни картички продолжуваат со надолниот тренд, со месечен пад од 1,0% и годишен пад од 5,5%.

Во декември е забележано и намалување на негативните салда на тековните сметки за 16,4% на месечна основа, како и пад на кредитите одобрени врз други основи од 1,4%. На годишна основа, овие категории бележат намалување од 2,5% и 11,4%, соодветно.

Продолжи со читање

Банки

Борис Вујчиќ на чекор до позицијата потпретседател на Европската централна банка

Објавено

на

Фото: dnevnik.hr

Гувернерот на Хрватската народна банка, Борис Вујчиќ, ја доби поддршката од министрите за финансии на земјите од еврозоната за позицијата потпретседател на Европската централна банка (ЕЦБ), при што преостанатите институционални чекори до формалната потврда се оценуваат како процедурална формалност.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ му честиташе на Вујчиќ преку социјалната мрежа „X“, оценувајќи ја номинацијата како значаен меѓународен успех и силно признание за Хрватска, особено имајќи го предвид нејзиниот релативно скорешен влез во еврозоната.

Еврогрупата го номинираше Вујчиќ како најсоодветен кандидат меѓу шест пријавени, што, според оценките, претставува потврда за неговата висока стручност, професионален кредибилитет и долгогодишно искуство во областа на монетарната политика и централното банкарство. Пленковиќ истакна дека оваа номинација е и признание за стабилното управување со хрватската економија и финансискиот систем во услови на глобални економски и геополитички предизвици.

Дополнително, премиерот нагласи дека Борис Вујчиќ е првиот кандидат за потпретседател на ЕЦБ од редот на новите земји-членки на Европската Унија, како и првиот кандидат од Централна и Источна Европа, заблагодарувајќи им се на земјите-членки на еврозоната за укажаната доверба и поддршка.

Претседателот на Еврогрупата, Киријакос Пјеракакис, информираше дека Советот за економски и финансиски прашања (Екофин) ќе биде официјално запознаен со одлуката пред почетокот на својот следен состанок, по што Екофин треба да упати формална препорака до Европскиот совет. Назначувањето потоа ќе биде потврдено по консултации со Европската централна банка и Европскиот парламент.

Се очекува Европскиот совет да ја донесе конечната одлука на самитот закажан за март, а Вујчиќ да ја преземе функцијата потпретседател на ЕЦБ на 1 јуни, со што ќе го наследи актуелниот потпретседател, Шпанецот Луис де Гиндос.

Извршниот одбор на Европската централна банка се состои од претседател, потпретседател и четири дополнителни членови, кои ги назначува Европскиот совет за необновлив мандат од осум години. Покрај Вујчиќ, кандидати за оваа висока позиција беа и Марио Сентено од Португалија, Мартинш Казакс од Латвија, Мадис Милер од Естонија, Оли Рен од Финска и Римантас Шаџиус од Литванија.

Номинацијата на Вујчиќ се оценува како важен сигнал за засилена улога на новите земји-членки во креирањето на монетарната политика на еврозоната и дополнително зајакнување на регионалната застапеност во највисоките тела на Европската централна банка.

Продолжи со читање

Банки

Стопанска банка го овозможи Apple Pay за своите клиенти – безбеден и сигурен начин на плаќање преку Apple уреди

Објавено

на

Стопанска банка од денеска на своите клиенти им го овозможува Apple Pay за брз, едноставен и безбеден начин на плаќање со своите Visa и MasterCard платежни картички користејќи Apple уред.

За користење на Apple Pay и дигитализација на VISA и MasterCard платежните картички, потребно е клиентите да ја преземат бесплатната мобилна апликација Apple Wallet, а поради засилената автентикација мора да се и активни корисници на мобилната апликација на Стопанска банка.

Секое купување со Apple Pay е безбедно бидејќи е автентицирано со идентификација на лице (Face ID), идентификација преку допир (Touch ID) или лозинка на уредот. Со Apple Pay може да се плаќа на сите продажни места кои имаат ПОС терминал со бесконтактен читач и прифаќаат бесконтактно плаќање, како и на интернет-страници и апликации кои прифаќаат Apple Pay. И подигнувањето на готовина од банкомати е овозможено на уредите што имаат бесконтактен читач, без потреба од самата физичка картичка.

Безбедноста и приватноста се основните начела во функционирањето на Apple Pay. Кога клиентите користат дигитализирана дебитна или кредитна картичка со Apple Pay добиваат слобода и се спокојни, затоа што бројот на платежната картичка никогаш нема да биде зачуван на уредот или на серверите на Apple и никогаш нема да биде споделен со трговците.

Apple Pay користи NFC технологија (комуникација во близина) за плаќања во продавница и го заштитува вашиот вистински број на картичката со користење на уникатен број специфичен за уредот и код за трансакција.

Со овозможување на услугата Apple Pay, Банката дополнително ја зајакнува својата стратегија за дигитална трансформација и ја збогатува понудата на иновативни дигитални банкарски решенија.

Повеќе информации околу користењето на Apple Pay се достапни на веб страницата на Банката: Стопанска Банка – Apple Pay како и видео упатствата за користење.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange