Банки
Комитет за финансиска стабилност: Финансиската стабилност е задржана
И покрај повеќето кризи стабилноста на финансискиот систем е задржана, а ризиците останаа на умерено ниво. Минатата година финансиските институции работеа во поповолен макроамбиент и остварија солидни резултати и продлабочена финансиска интермедијација. Но сепак, и натаму постојат ризици и неизвесности главно поврзани со надворешното окружување и влијанието на геополитичките превирања и геоекономската фрагментација. Ова се дел од констатациите од денешната седница на Комитетот за финансиска стабилност, којшто се одржа во Народната банка.
Со седницата претседаваше гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, а учествуваа и министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Максуд Али и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), Крсте Шајноски. На седницата беше разгледан Извештајот за финансиска стабилност во 2023 година, при што беше истакнато дека билансите на домаќинствата и на корпоративниот сектор се со солиден капацитет, што обезбедува отпорност на шоковите и на затегнатите услови на финансирање. Сепак, со оглед на растот на задолженоста има потреба од натамошна внимателност и од страна на финансиските институции и од страна на финансиските регулатори при водењето на макропрудентните политики на, како поддршка за одржувањето на финансиската стабилност и во следниот период.
Говорејќи за банкарскиот сектор, Ангеловска-Бежоска посочи дека и минатата година адекватноста на капиталот продолжи да се зајакнува што е предуслов за повисок кредитен раст, но и за поголема отпорност на банкарскиот сектор од кризи. Ова е резултат и на внимателното однесување на самите банки, но и на регулаторните мерки во услови на позитивни финансиски резултати во работењето. Со тоа беше остварено и натамошно приближување кон стапката на адекватност на капиталот во ЕУ, која е повисока од нашата. Квалитетот на кредитно портфолио на банкарскиот систем се задржа на ниво кое е подобро во споредба со преткризниот период. Како резултат на добрата билансна позиција на банкарскиот систем продолжи да забрзува и кредитниот раст за поддршка на компаниите и граѓаните. Сепак, со оглед на присутните ризици, потребно е внимателно следење на состојбите и натамошно градење на отпорноста на банкарскиот систем.
„Комитетот за финансиска стабилност во нов состав, којшто ги опфаќа членовите од Министерството за финансии, и натаму ќе игра значајна улога во одржувањето на финансиската стабилност во земјата. Комитетот за финансиска стабилност ќе постапува во согласност со законските одредби и ќе ги утврдува и ќе ги следи системските ризици во одделните сегменти од финансискиот систем со цел надлежните органи да преземаат макропрудентни мерки заради одржување на финансиската стабилност во земјава, којашто e потврдена со презентираниот извештај“, рече министерката за финансии.
„Останувајќи доследни во спроведувањето на јавните овластувања, Комисијата за хартии од вредност продолжува да врши надзор и да го регулира пазарот на капитал, да ги мониторира и да ги превенира потенцијалните пазарни ризици и да ја обезбедува стабилноста на пазарот на капитал. Свесноста дека финансиските институции не делуваат во институционален вакуум, а притоа имајќи ги предвид растечките ризици кои произлегуваат од зголемената зависност на финансиските институции од дигитални технологии, во иднина се повеќе треба да се посветиме на важноста на дигиталната отпорност за критичната пазарна инфраструктура како основа за стабилноста на пазарот на капитал и на финансискиот систем во целина“, истакна претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Нора Алити.
Претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али, истакна дека МАПАС обезбедува постојано функционирање, развој и унапредување на вториот и третиот столб, транспарентост и ефикасна супервизија на вториот по големина сегмент во финансискиот сектор во земјава. МАПАС внимателно ги следи состојбите во капитално финасираното пензиско осигурување и потенцијалните ризици во вториот и третиот столб, воопшто, и секако со посебен акцент на глобалните состојби и реагирањето на пензиските друштва во однос на нивните инвестициски стратегии и тактики со цел остварување на највисок принос, единствено во полза на членовите на пензиските фондови. Тој истакна и дека Агенцијата како регулатор и супервизор посветено работи и кон промоција на пензискиот систем и финансиската писменост и инклузија за развивање на свеста на јавноста и соработува со институциите вклучени во пензиското осигурување и релевантните институции од финансиската област за остварување на својата мисија – заштита на интересите на членовите на пензиските фондови и поттикнување на развојот на капитално финансираното пензиско осигурување заради посигурни пензионерски денови.
Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), Крсте Шајноски, посочи дека осигурителниот пазар во првите девет месеци годинава бележи интензивен раст на вложувањата во осигурување и умерено зголемување на исплатените штети покриени со осигурување. Вкупниот износ на вложувања во осигурителни производи надминува 12 милијарди денари. За истиот период граѓани, компании и институции од друштвата за осигурување наплатиле над 4 милијарди денари за осигурани штети. Сите друштва за осигурување во целост ги исполнуваат законски пропишаните барања и располагаат со доволно средства за покривање на техничките односно математичките резерви.
На седницата беше истакнато дека финансиските регулатори ќе продолжат со натамошно координирано следење на состојбите и навремена размена на сите релевантни информации и дека се подготвени да реагираат соодветно на случувањата, секој во рамките на надлежностите на својот мандат. Сите регулатори на финансискиот систем имаат доволно инструменти што може да ги користат доколку е неопходно, со што се гарантира дека финансиската стабилност ќе биде задржана и во следниот период.
Банки
ПроКредит Банка продолжува со поддршка на младите лидери од Економскиот факултет – Скопје при УКИМ
На свечената промоција на дипломираните студенти на Економскиот факултет – Скопје, одржана на 12 ноември 2025 година, ПроКредит Банка уште еднаш ја потврди својата посветеност кон младите, образованието и вредностите што создаваат одржливо општество.
Во присуство на професори, студенти и гости, Милан Дамчевски, член на Управниот одбор на ПроКредит Банка, им се обрати на дипломците со инспиративен говор во кој ја сподели својата лична приказна како поранешен студент токму на овој факултет и им посака да бидат амбициозни, храбри, љубопитни и да не забораваат дека вистинскиот успех започнува од внатрешната верба и од интегритетот.
„Овој факултет не ме научи само економија, туку ме научи како да размислувам. Да прашувам зошто, да слушам пред да зборувам, и да гледам можности таму каде што другите гледаат пречки. Тоа се вештините што ме водат и денес, во ПроКредит Банка,“ истакна Дамчевски.
ПроКредит како институција која ги вреднува знаењето, интегритетот и развојот на потенцијалот, на десетте најуспешни дипломци ќе им даде можност за вработување во Банката, а дополнително на најуспешните три студенти им додели финансиска награда.
ПроКредит Банка е партнер на младите и на академската заедница повеќе години наназад. Нивната соработка со Економскиот факултет – Скопје израсна во вистинска заедничка мисија: да се создаде генерација економисти кои ќе размислуваат критички, ќе дејствуваат одговорно и ќе градат економија со човечко лице. Еден од највпечатливите резултати на ова партнерство е и новоотворената ProLab – креативната лабораторија поддржана од ПроКредит Банка, создадена како современ простор за идеи, тимска работа и иновации.
На свечениот прием по повод 75 години од основањето на Економскиот факултет – Скопје, УКИМ, кој ќе се одржи во МОБ на 12 ноември од 19 часот, Милан Дамчевски прими благодарница во име на ПроКредит Банка за долгогодишната соработка и поддршка.
За ПроКредит Банка, оваа соработка е повеќе од корпоративна општествена одговорност – таа е вложување во генерации што ќе го движат економскиот и етичкиот напредок на земјата. Банката останува доследна на својата мисија да биде мост меѓу финансискиот сектор и образованието, меѓу идеите и нивната реализација.
Банки
Народната банка ги презентира макроекономските проекции пред дипломатскиот кор и меѓународните организации
Макроекономската слика за домашната економија укажува на отпорност и солиден економски раст, надолно приспособување на инфлацијата и претежно стабилна платнобилансна позиција, којашто обезбедува адекватно ниво на девизни резерви,посочи гувернерот д-р Трајко Славески, кој ги претстави најновите макроекономски проекции на Народната банка за периодот 2025 ‒ 2028 година пред дипломатскиот кор и пред претставниците на меѓународните институции. На настанот, којшто се организира редовно, по секој нов циклус макроекономски проекции на Народната банка, присуствуваа амбасадори, претставници на дипломатскиот кор и меѓународните институции.
Во презентацијата беше наведено дека инфлацијата за целата 2025 година се очекува да изнесува 3,9%, во просек, а во понатамошниот период на проекциите ќе следи патека на надолно приспособување и враќање кон историскиот просек, односно ќе се сведе на 2,5% во 2026 година и 2,0% на среден рок. Постепеното стабилизирање на инфлацијата на среден рок би произлегло од закотвените инфлациски очекувања и ограничените притисоци од домашната побарувачка и увозните цени. Во рамките на есенскиот циклус проекции, согласно подоброто остварување во првата половина на годината, се предвидува забрзување на растот на економијата од 3,5% во 2025 година и на 4% на среден рок, при непроменети оцени за фундаменталните фактори од кои зависи растот. Во услови на јавен инфраструктурен циклус и подобрување на надворешните услови, се очекува дека инвестициите ќе бидат главниот фактор за растот, којшто ќе биде дополнително поддржан од домашната потрошувачка и извозната активност. Економијата ќе биде поддржана и од кредитната активност, чијшто просечен раст би се движел над 7% на среден рок, поддржан од натамошното проширување на депозитната база, при стабилен банкарски систем.

Очекувањата за надворешната позиција на економијата укажуваат на дефицит на тековната сметка од 4,2% од БДП во 2025 година, што претставува одредено продлабочување во споредба со претходната година. На среден рок, за периодот 2026 ‒ 2028 година, се предвидува постепено стеснување на дефицитот и негово сведување на 2,6% од БДП во 2028 година. Се очекува дека финансиските текови, главно во форма на странски директни инвестиции и долгорочно задолжување на државата во странство, ќе бидат солидни во текот на периодот на проекциите, обезбедувајќи целосно финансирање на дефицитот и раст на девизните резерви. Светските услови и натаму се неизвесни и непредвидливи, што создава ризици за економскиот раст, инфлацијата и екстерната позиција, нагласувајќи ја потребата од водење претпазливи домашни макроекономски политики, а пред сѐ политики коишто влијаат врз домашната побарувачка.
Народната банка внимателно, на дневна основа, ги следи макроекономските податоци и ризиците коишто сѐ уште постојат, и како и досега, соодветно ќе реагира. Притоа, гувернерот истакна дека доколку продолжат позитивните движења со намалување на стапката на инфлација и во наредните месеци, и во отсуство на административни интервенции во утврдувањето на платите, Народната банка е подготвена соодветно да реагира во насока на натамошно нормализирање на монетарната политика.
Банки
Европската инвестициска банка отвора претставништво во Скопје: Поддршка за инвестиции, зелена транзиција и економски раст
Денеска е потпишана спогодба за отворање на претставништво на Европската инвестициска банка (ЕИБ) во Скопје, по средбата на премиерот Христијан Мицкоски со потпретседателот на Банката, Роберт Де Грот.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, истакна дека отворањето на претставништвото е значаен чекор во продлабочувањето на партнерството со Европската Унија и европските институции, обезбедувајќи поблиска координација, поефикасна имплементација на проектите и зголемен пристап до финансиска и техничка поддршка за македонските компании и локалните самоуправи.
„ЕИБ ќе биде уште поблиску до државните институции, локалната самоуправа и македонските компании, давајќи поддршка за развојни инвестиции и проекти. Ова претставува јасен сигнал дека нашата држава се движи кон модерна, европска и конкурентна економија, ориентирана кон долгорочен и одржлив раст. Новата фаза на соработка се совпаѓа со стратешките цели на Владата, забрзување на економската трансформација, поддршка на зелената транзиција, интеграција во европскиот економски и финансиски простор и усвојување на европските успешни практики и стандарди. Нашата заложба останува јасна, да создадеме услови за стабилен раст, нови инвестиции, зголемена конкурентност и поквалитетни услови за живот на граѓаните“, рече Муцунски.
Роберт Де Грот посочи дека формалното присуство на ЕИБ во Скопје ќе овозможи продолжување на досегашниот интензитет на соработка во повеќе сектори, вклучително енергетика, транспорт, поврзување, зелена транзиција, третман на отпадни води и подобрување на здравствени и образовни услуги. Тој додаде дека банката досега има инвестирано над 1,6 милијарди евра во Северна Македонија и дека новото претставништво ќе ја олесни достапноста до заеми за малите и средните претпријатија и ќе поддржи нови развојни проекти.
„Навистина ми е драго што ги формализиравме односите на нашето претставништво и луѓето коишто ги имаме во нашето претставништво во Скопје. Од 1991 година, ние имаме договорено инвестиции од повеќе од 1,6 милијарди евра за поддржување на економијата, инфраструктурата, општините, како и малите и средните претпријатија, но потребно е и да го олесниме нивниот пристап до заеми. Ние навистина сме посветени на ова застапништво. Тоа го започнавме уште во 2022 година и сакаме да биде дел од пристапното патување на земјата, заедно со делегацијата на ЕУ“, посочи потпретседателот на ЕИБ, Роберт Де Грот.
Отворањето на претставништвото на ЕИБ ја зацврстува позицијата на Северна Македонија како стабилен и доверлив партнер за европските институции и инвеститори, додека истовремено придонесува за зелена транзиција, одржлив економски раст и интеграција во европскиот економски и финансиски простор.
-
Анализипред 2 месециАНАЛИЗА: Како платежните картички ја покажуваат трагата на македонската миграција?
-
Продуктипред 2 месециЌе ни донесе ли септември нова банка со Apple Pay?
-
Продуктипред 1 месецMastercard до 2030 ќе ги замени бројките на картичките со токени
-
Продуктипред 1 месецХалкбанк со Промо депозит по повод месецот на штедење
-
Осигурувањепред 1 месецДигитализацијата во осигурувањето: SignPlus како пример за модерно и безбедно е-потпишување
-
Криптовалутипред 2 месециОбразование за крипто иднината: Binance ги стартува Learning Lab работилниците на Балканот
-
Анализипред 1 месецАНАЛИЗА: Потрошувачките кредити повторно во фокус: пониски камати, промоции и полесно аплицирање
-
Банкипред 1 месецСЕПА во Македонија: Брзи, поевтини и дигитални плаќања во Европа од 7 октомври





