Connect with us

Банки

ЕБОР овозможува 4 милиони евра за кредитирање на домаќинствата во Македонија преку НЛБ Банка

Објавено

на

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Европската Унија (ЕУ) и Јапонија го подржуваат зеленото финансирање во С. Македонија  со нови средства за НЛБ Банка АД Скопје.

Кредитот на ЕБОР од 4 милиони евра доделен на НЛБ Банка АД Скопје, ќе ги поддржи инвестициите во енергетска – ефикасност за домаќинствата, станбените заедници, производителите и давателите на услуги. Покрај кредитите, клиентите ќе добијат и поврат на средствата од грантот доделен од Европската Унија (ЕУ) и Јапонија, во износ до 20 отсто од целата инвестиција.

Договорот за кредит беше потпишан од Матео Колангели, Регионален Директор за Западен Балкан на ЕБОР, и Тони Стојановски, Главен и извршен директор, Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје.

Матео Колангели изјави: ,, Овој кредит ќе ја овозможи транзицијата кон зелена енергија преку финансирање на надградбите на енергетска ефикасност во станбените згради, кои се најголеми потрошувачи на енергија во земјата. Партнерството со локалните финансиски институции како НЛБ Банка АД Скопје, е основа за успех на ваквите иницијативи, бидејќи ги зајакнува локалните финансиски еко-системи и обезбедува услови финансирањето да стигне до населението на поефикасен начин. Овој проект не само што промовира зелена и одржлива иднина на С. Македонија, туку носи и директни бенефити на граѓаните, преку намалување на сметките за електрична енергија и подобрување на животите на сопствениците на домовите.”

Тони Стојановски, Главен извршен директор и Претседател на Управниот Одбор на НЛБ Банка Скопје изјави: „ Среќни сме што ја продолжуваме соработката со Европската банка за обнова и развој и што партнерски го унапредуваме зеленото кредитирање, овозможувајќи полесен пристап на домаќинствата до поволни средства за финансирање на проекти кои придонесуваат за енергетска ефикасност и заштита на животната средина, а кои пак се значаен столб на нашата политика за одговорно кредитирање. Оваа соработка ја нагласува нашата заедничка визија за одржлива иднина и поттикнување на зелената транзиција во финансискиот сектор“.

Овој кредит на НЛБ Банка е под Програмата за финансирање на зелената економија за Западен Балкан на ЕБОР (EBRD’s Western Balkans Green Economy Financing Facility – GEFF), и ќе ги поддржи со високите перформанси на зелените технологии, материјалите и решенијата за станбените објекти и згради во приватна сопственост. Инвестициите во опрема која заштедува енергија, како што е изолацијата, прозорците, топлотните пумпи и соларните панели, ќе ги намалат емисиите на стакленички гасови, ќе ги намалат трошоците за енергија и ќе го подобрат квалитетот на живеење на станарите. Исто така, ќе помогнат во справување со високата потрошувачка на енергија и емисиите на јаглерод на станбениот сектор во земјата.

Кредитот ќе го олесни пристапот за транзиција на зелената енергија на Банката, со поддршка на Фондот за соработка Јапонија-ЕБОР и ЕУ, преку Инвестициската рамка за Западен Балкан .

Во помалку од седум години, над 18,000 домаќинства од Западен Балкан инвестираа над ЕУР 100 милиони во мерки за заштеда на енергијата, како изолација, топлотни пумпи, нови прозорци и соларни панели, благодарение на Програмата за финансирање на зелената економија за Западен Балкан на ЕБОР (EBRD’s Western Balkans Green Economy Financing Facility – GEFF), која беше промовирана во 2017 година.

Оваа Програма е поддржана од ЕУ преку Заедничкиот европски фонд за Западен Балкан (European Western Balkans Joint Fund – EWBJF) преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (Western Balkans Investment Framework-WBIF), а како дел од Програмата за регионална енергетска ефикасност (Regional Energy Efficiency Programme), како и билатералната донаторска поддршка.

НЛБ Банка АД Скопје е универзална комерцијална банка и е третата банка по големина на пазарот во земјата.

ЕБОР е главниот институционален инвеститор во Северна Македонија. До денес има инвестирано над ЕУР 2,9 милијарди во 196 проекти во земјата.

Банки

Голема промена во плаќањата: Од 1 ноември IBAN стандардот станува задолжителен и за трансакциите во Македонија

Објавено

на

Советот на Народната банка ги разгледа најновите макроекономски показатели, според кои домашната економија и натаму покажува отпорност во услови на неизвесно надворешно окружување, а најновите показатели за домашната економска активност засега се малку поповолни. 

Расположливите високофреквентни податоци на страната на понудата упатуваат на забрзување на економскиот раст во вториот квартал, при силен раст на градежништвото, раст на индустриското производство и реалниот промет во угостителството и при стабилни движења кај вкупната трговија. Инфлацијата забавува и е во рамките на очекувањата на Народната банка. Ризиците од надворешното окружување и натаму се оценуваат како неповолни.

На крајот на јуни 2026 година, нивото на девизните резерви изнесува 4.936,4 милиони евра и се одржува во сигурната зона. Монетарните податоци покажуваат натамошен солиден раст на депозитите и на кредитната активност, при што кредитната поддршка е посилна од очекувањата.

На седницата, Советот ја донесе Одлуката за водечкиот број на давателите на платежни услуги и стандардите за конструкција на платежните сметки, со која се унапредува постојната регулативна рамка во согласност со развојот на платните системи и примената на меѓународните стандарди и се врши нејзино хармонизирање со стандардите коишто се применуваат во областа на СЕПА.

Важна новина е задолжителната употреба на стандардот ИБАН како единствена идентификациска ознака на платежната сметка при извршувањето на националните платежни трансакции. Од 1 ноември 2026 година, националните платежни трансакции ќе се иницираат, ќе се обработуваат и ќе се извршуваат со користење ИБАН, со што се обезбедува усогласен и стандардизиран начин на идентификација на платежните сметки во националниот и во прекуграничниот платен промет.

Продолжи со читање

Банки

Гувернерот на Банката на Англија предупредува: Новите модели на вештачка интелигенција се ризик за глобалната финансиска стабилност

Објавено

на

Најнапредните модели на вештачка интелигенција би можеле значително да ги зголемат сајбер-ризиците и да предизвикаат нарушувања на глобалните финансиски пазари, предупреди гувернерот на Банката на Англија, Ендрју Бејли.

Во писмо до министрите за финансии и гувернерите на централните банки на земјите од Г20, Бејли наведува дека таканаречените „frontier AI“ модели покажуваат сè поголема автономија, способност за решавање сложени проблеми и потенцијал за создавање нови закани.

Бејли, кој воедно е претседател на Одборот за финансиска стабилност, оцени дека влијанието на најнапредната вештачка интелигенција врз сајбер-безбедноста е најнепосредниот ризик за финансискиот систем.

Според него, напредната вештачка интелигенција може значително да ги промени брзината, обемот и трошоците за спроведување сајбер-напади, што би можело да ја поткопа довербата во финансиските пазари, особено поради големата зависност од мал број надворешни технолошки провајдери.

Тој предупредува и дека голем број држави сè уште немаат воспоставено соодветни протоколи за развој, објавување и употреба на најмоќните модели на вештачка интелигенција, со што дополнително се зголемуваат ризиците за финансискиот сектор.

Бејли смета дека финансиските институции и технолошките компании ќе мора да ги зајакнат системите за откривање и отстранување на ранливости, како и капацитетите за одговор и закрепнување по евентуални напади.

Според него, компаниите треба да бидат подготвени и за потешки сценарија во кои истовремено би можело да дојде до прекин на работата на повеќе финансиски институции или заеднички технолошки системи.

Покрај ризиците поврзани со вештачката интелигенција, Бејли посочи и на слабостите на пазарите на државен долг, зголеменото задолжување на инвеститорите на берзите и високите вреднувања на финансиските средства, особено на инвестициите поврзани со вештачката интелигенција.

Предупредувањето доаѓа во пресрет на состанокот на Г20 во Северна Каролина, каде министри за финансии, гувернери на централни банки и други високи претставници ќе разговараат за клучните глобални економски предизвици.

Извор: CNBC

Продолжи со читање

Банки

Комерцијална банка: Исплатата на пензиите за август започнува на 1 септември

Објавено

на

Комерцијална банка АД Скопје информира дека исплатата на пензиите ќе започне во вторник, 1 септември.

Пензионерите кои користат дебитна картичка ќе можат да располагаат со својата пензија истиот ден. Од банката препорачуваат средствата да се користат безбедно и удобно, преку безготовинско плаќање во продавници или онлајн, како и преку подигнување готовина од банкомат.

За пензионерите кои сакаат да ја подигнат пензијата во филијала или експозитура, исплатата ќе биде достапна од 1 септември и во секој работен ден после тоа..

Од Комерцијална банка посочуваат дека мапата со локациите на филијалите и експозитурите е достапна на нивната веб-страница.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange