Connect with us

Банки

Комерцијална банка склучи договор со Yildirim групацијата за продажба на Еуроникел

Објавено

на

Комерцијална банка информира дека склучи договор за продажба на имотот на комбинатот Еуроникел индустри од Кавадарци со друштва основани од холандската холдинг компанија Polynickel Holding BV, која е дел од групацијта Yildirim Group. За финална реализација на купопродажниот договор останува уште да се исполнат сите правни и регулаторни предуслови.

Во истовреме, Банката со групацијата Yildirim склучи договор за продажба и на имотот на фабриката Нова рефрактори во Пехчево.

„Убедени сме дека продажбата е долгорочно решение за комбинатот Еуроникел имајќи го предвид кредибилитетот и капацитетот на Yildirim групацијата. Веруваме дека со ова е надминат неизвесниот период за сите доверители и, пред сѐ, за вработените во комбинатот, кои покажаа максимална посветеност и професионалност и покрај тешката состојба во која се најдоа не по нивна вина.

Групацијата Yildirim е глобален индустриски конгломерат со седиште во Амстердам и во Истанбул. Основана е во 1963 година и моментално работи во 56 земји на 5 континенти, вработува 25.000 лица во девет индустрии: метали и рударство, управување со пристаништа, вештачки ѓубрива и хемикалии, енергија и енергетски производи, транспорт и логистика, финансиски услуги, градежништво и недвижности и меѓународната трговија.

Во целиот изминат период од декември 2023 година, кога Комерцијална банка го
презеде имотот на комбинатот во своја сопственост, бевме посветени на наоѓањето сериозен инвеститор кој ќе ја продолжи дејноста на еден од најзначајните индустриски капацитети во земјата. Со цел да се одржи комбинатот во добра состојба за безбедно и ефикасно рестартирање на производниот процес, Банката во изминатите четири месеци обезбеди речиси 100 милиони денари за одржување на технолошкиот минимум на комбинатот и за давање шанса за продолжување на работењето.

Банката останува посветена и понатаму да придонесе со сите свои капацитети за фер наплата на доверителите и вработените во рамките на стечајната постапка. Прв услов за тоа е сите должници на Еуроникел веднаш да ги платат своите обврски”, велат од Комерцијална банка.

Банки

Се одржа 11-тиот Ерсте инвеститорски појадок во организација на Ерсте Групацијата и Шпаркасе Банка АД Скопје

Објавено

на

Денеска во хотелот „Мериот“ се одржа традиционалниот 11-ти Ерсте инвеститорски појадок, настан во организација на Ерсте Групацијата и Шпаркасе Банка АД Скопје. На настанот учествуваа истакнати експерти од економскиот сектор и водечки претставници на финансиските институции, кои споделија свои видувања за актуелните макроекономски предизвици. Нивните разговори се фокусираа на стратегии за постигнување одржлив раст и економска стабилност, што е од големо значење за напредокот на локалниот и на регионалниот пазар.

Конференцијата ја отвори г-ѓа Нина Неданоска, заменик-претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка, која истакна дека Банката е посветена на поддршка на македонската економија преку различни иницијативи и соработка со локални бизниси и институции.

„Северна Македонија се соочува со различни макроекономски предизвици и трендови. Економскиот амбиент во државата секогаш е под влијание на низа фактори, домашни и надворешни, кои несомнено го диктираат темпото на економската активност. Последните очекувања за следниот период покажуваат тенденции за надолна ревизија на инфлациските очекувања, што може да укаже на подобрување на економските услови или на ефектите од монетарната политика. Ние веќе 16 години активно работиме на македонскиот пазар, а сме дел од австриската банкарска групација Ерсте и Штаермеркише Шпаркасе, која следната година прославува 200 години и брои 17 милиони клиенти и во 2023 година оствари 3 милијарди евра профит. Гледано низ призма на стабилност, искуство, експертиза и европски трендови, на македонскиот пазар, Шпаркасе Банка е значаен двигател на македонската економија и силен партнер на корпоративниот сегмент и сегментот население“ – изјави г-ѓа Неданоска.

На конференцијата говореше и г-ѓа Ана Митреска, вицегувернерка на Народната банка на Република Северна Македонија, која ја анализираше улогата на институцијата во постигнувањето одржлив раст и намалување на инфлацијата.

Централен дел на програмата беше тркалезната маса на тема „Регионален поглед – трендови на локалните финансиски и пазари на капитал“. Учесниците на панелот дискутираа за идните перспективи на пазарот, за инфлациските предизвици и за новите можности за инвестирање, што е од особено значење за развојот на бизнисите во Северна Македонија и во регионот.

Настанот е дел од долгорочната традиција на Ерсте Групацијата и Шпаркасе Банка за поддршка на економскиот раст и стабилност, потврдувајќи ја улогата на Банката како една од водечките финансиски институции во Средна и Источна Европа, која обезбедува услуги за милиони клиенти во целиот регион.

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Банка учествуваше на конференцијата организирана од МАРЕС наменета за обновливи извори на енергија

Објавено

на

Денеска, НЛБ Банка учествуваше на конференцијата организирана од Македонското здружение за обновливи извори на енергија (МАРЕС), која оваа година го носеше насловот „Обновливите извори на енергија како најголем дел од енергетската загатка“. Настанот беше одлична платформа за дискусии и размена на идеи, која се фокусираше на важноста на обновливите извори во решавањето на енергетските предизвици и на стратегиите за одржлив развој.

На панелот со тема „Отклучување на обновливите извори на енергија – капацитет, локации, спојување на пазарот, размена на електрична енергија и финансиски механизми“, учествуваше г. Петар Трпески, директор на Деловниот сектор за работа со корпоративни клиенти во НЛБ Банка. Трпески ги истакна активностите на Банката, која активно работи на промоција и поддршка на кредитирањето на проекти за обновливи извори на енергија. Тој нагласи дека НЛБ Банка е посветена на поддршка на иновациите кои имаат за цел намалување на негативните влијанија врз животната средина и унапредување на одржливиот економски развој.

Дополнително, Трпески го потенцираше значењето на финансиските механизми како основа за успешната реализација на овие проекти, како и важноста на создавање на услови за спојување на различни енергетски пазари, што ќе овозможи поефикасна размена на електрична енергија.

Конференцијата беше извор на корисни дискусии и можност за вмрежување со некои од најголемите инвеститори и експерти од енергетскиот сектор, како и со високи претставници од институциите поврзани со оваа индустрија. Присутните се согласија дека обновливите извори на енергија имаат клучна улога во иднината на енергетскиот сектор и дека во наредните години ќе бидат неопходни нови инвестиции, иновации и колаборации за да се обезбеди одржлив и зелен развој.

Настанот се покажа како важна платформа за размена на идеи и искуства, како и за понатамошно јакнење на свеста за важноста на обновливите извори во глобалниот контекст на климатските промени и енергетската транзиција.

Продолжи со читање

Банки

Вицегувернерката Митреска на „Ерсте инвесторс брекфаст“: Централните банки ќе продолжат со претпазливо нормализирање на монетарната политика

Објавено

на

Инфлацијата е стабилизирана, додека централните банки внимателно ја нормализираат својата монетарна политика. Основните каматни стапки иако се намалуваат, сеуште се на повисоко ниво. Се очекува големите централни банки (Европската централна банка и Федералните резерви) да продолжат со олабавување на своите монетарни политики и во текот на 2025 година. Притоа, суштинска ќе биде координацијата помеѓу монетарната и фискалната политика, односно поддршката во понатамошното закотвување на инфлацијата преку фискалната консолидација, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска во своето обраќање на единаесетото издание на конференцијата „Ерсте инвесторс брекфаст“, којашто традиционално ја организираат „Ерсте банка“ и „Шпаркасе банка“.

Вицегувернерката посочи дека и покрај намалувањето на инфлацијата постојат повеќе ризици кои се поврзани со поголемата инертност кај цените на услугите, растот на платите и расположивиот доход, можни притисоци на страната на понудата, како и поддршката од фискалната политика. Фискалниот одговор во неколкуте изминати кризи ја поддржа економијата, но истовремено ги зголеми нивоата на дефицитите и јавниот долг. Притоа, во регионот се забележуваат извесни подобрувања кај дефицитот и јавниот долг, но се уште се над предпандемиското ниво. Во следниот период суштински ќе биде да се остане на патот на фискалната консолидација. 

Говорејќи за нашата централна банка, вицегувернерката Митреска посочи дека Народната банка од почетокот на инфлациската криза презеде повеќе мерки за да ги стабилизира инфлациските очекувања преку затегнување на монетарната политика. Како резултат на овие мерки инфлацијата се намали од 19,8% во октомври 2022 година на 2,6% во септември 2024 година, вклучително намалување има и на инфлацискиот јаз со еврозоната. Со намалувањето на инфлацијата, Народната банка започна со внимателно олабавување на монетарната политика преку намалување на основната камата за 0,5 процентни поени.

Намалувањето на инфлацијата се очекува да  продолжи и во 2025 година, кога најверојатно централните банки ќе ја постигнат целната инфлација, посочи вицегувернерката Митреска. Притоа таа истакна дека притисоците на страната на понудата ќе бидат почести во иднина, а како надолни ризици тука се и деглобализацијата, демографските и климатските промени кои можат да го намалат потенцијалот за раст на економиите и да влијаат на понудата и инфлацијата. Од друга страна брзиот напредок во технологијата, како вештачката интелегенција може да го зголеми потенцијалот за раст на економиите. Централните банки се свесни за ризиците на страната на понудата и будно ги следат случувањата.

Продолжи со читање

Популарно