Connect with us
no baners

Банки

Халкбанк со пет награди на BalCannes и признание за најдобар огласувач во Македонија

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје освои пет награди на регионалниот фестивал „BalCannes“, како и признанието „Best Advertiser of Macedonia“, со што уште еднаш ја потврди успешноста на своите креативни и општествено одговорни кампањи.

Најголем успех постигна кампањата „Made in Shade“, која освои три златни и една сребрена награда. Златните признанија беа доделени во категориите „Finance & Insurance“, „Best TV Spot & Film“ и „Environment & Sustainability“, додека сребрената награда беше освоена во категоријата „Best Online Video“.

Дополнително, Халкбанк доби и бронзена награда за проектот „Музички џез во вез ритам“ во категоријата Best Print (Ad, Publication, Poster).

Од банката посочуваат дека овие признанија претставуваат потврда за силата на идеите кои носат јасна порака и оставаат вистинско влијание во јавноста.

Банки

Народната банка ги презентира пролетните макроекономски проекции пред дипломатскиот кор и меѓународните организации

Објавено

на

Последиците и зголемената неизвесност во светското окружување поврзани со воениот конфликт на Блискиот Исток условија умерена надолна ревизија на проекциите за растот на домашната економија, побавно враќање на инфлацијата кон историскиот просек и понеповолна надворешна позиција, пред сè под влијание на енергетската компонента. Ова го истакна гувернерот д-р Трајко Славески при презентацијата на најновите пролетни макроекономски проекции на Народната банка за периодот 2026 ‒ 2028 година пред претставниците на дипломатскиот кор и на меѓународните институции. На настанот присуствуваа претставници на амбасадите на Германија, Грција, Италија, Јапонија, Кина, Косово, САД, Унгарија, Холандија, Хрватска и Швајцарија, како и претставници на Делегацијата на Европската Унија, Европската банка за обнова и развој, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. Настанот традиционално се организира по секој циклус макроекономски проекции на Народната банка.

Во презентацијата беше наведено дека домашната инфлација ќе бележи натамошна постепена стабилизација, но побавна, имајќи ги предвид понеповолните надворешни услови и растот на светските цени на енергентите и храната. Според најновите проекции, во 2026 година, просечната инфлација ќе изнесува 4%, а потоа ќе забави сведувајќи се на 3% во 2027 година и на 2% на среден рок. Притоа, беше истакнато дека Народната банка продолжува со претпазливо водење на монетарната политика. Воедно, Народната банка и во иднина ќе биде подготвена за соодветна реакција доколку се зголемат инфлациските притисоци или притисоците на девизниот пазар.

Во рамките на пролетниот циклус проекции, растот на економијата е проектиран на 3,5% за 2026 година, со забрзување во 2027 година кога би достигнал 3,8% и 4% во 2028 година. И натаму се очекува дека инвестициите ќе бидат главниот двигател на растот, со поддршка и од кредитната активност. Во однос на надворешната позиција, за 2026 година се очекува дека дефицитот на тековната сметка ќе достигне 5,7% од БДП, главно поради повисоките трошоци за увоз на енергија, додека на среден рок се очекува негово постепено намалување. Истовремено, се очекуваат солидни приливи во финансиската сметка, што ќе овозможи натамошен раст на девизните резерви и одржување на стабилноста на домашната валута.

Беше посочено и дека банкарскиот систем и натаму е стабилен, при солидна кредитна и депозитна активност. Во светското окружување сѐ уште владее висока неизвесност и ризици, поради што Народната банка внимателно ќе ги следи движењата и ќе реагира соодветно, во согласност со својата основна цел ‒ одржување на ценовната и финансиската стабилност.

Продолжи со читање

Банки

За три месеци одобрени околу 400 поволни кредити за прв стан

Објавено

на

Во првите три месеци од примената на новите услови за станбени кредити, одобрени се околу 400 заеми за купување прв дом, информираше денеска гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.

Тој, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференција, посочи дека мерките почнале да се применуваат од 1 декември минатата година и имаат цел да овозможат полесен пристап до прво домување.

„Ги заостривме условите за да спречиме прекумерно задолжување и кај граѓаните и кај банките кога станува збор за станбени кредити. Но, истовремено, обезбедивме олеснувања за оние што го купуваат својот прв стан“, изјави Славески.

Според него, најголемото олеснување се однесува на сопственото учество, кое може да биде и до 10 проценти.

„Од декември до крајот на февруари се одобрени 400 вакви кредити. Овие услови се поповолни, особено во делот на учеството. Ќе продолжиме да ги следиме податоците и во наредниот период“, нагласи гувернерот.

Тој додаде дека Народната банка редовно ги анализира состојбите на пазарот, но дека сè уште е рано за конечни оценки за ефектите од мерките.

Во однос на цените на становите, Славески посочи дека, според информации од пазарот на недвижности пренесени во медиумите, во моментов се забележува стагнација на цените по квадратен метар.

Продолжи со читање

Банки

Одржана седница на Советот на Народната банка – усвоен Кварталниот извештај со ревидираните макроекономски проекции

Објавено

на

Советот на Народната банка, на седницата одржана на 7 мај 2026 година, ги разгледа и ги усвои најновите макроекономски проекции, содржани во Кварталниот извештај на Народната банка.

Во Извештајот е заклучено дека светската економија и понатаму се соочува со значителни ризици. По растот од 3,4% во 2025 година, се очекува умерено забавување на светскиот раст, којшто би се свел на 3,1% во 2026 година, додека светската инфлација е нагорно ревидирана. Главниот извор на неизвесност и натаму се геополитичките конфликти, особено ескалирањето на состојбата на Блискиот Исток, што значително влијае врз цените на примарните производи и трговските текови.Засега, според основните сценарија на меѓународните институции се претпоставува брзо завршување на конфликтот, односно не се очекува дестабилизирање на инфлациските очекувања, ниту поголемо затегнување на светските финансиски услови.

Во однос на домашната економија, најновите макроекономски проекции исто така се потпираат на умерено сценарио, според кое се очекува поскоро завршување на конфликтот, нормализирање на снабдувањето со нафта и постепено намалување на цените во втората половина од годината. Според овие проекции, се очекува дека инфлацијата ќе изнесува околу 4% во 2026 година, при што стабилизирањето ќе биде побавно во услови на повисоки цени на енергентите и храната. Во наредниот период се очекува постепено намалување на инфлацијата на околу 3% во 2027 година и нејзино враќање кон историскиот просек од 2% на среден рок, под влијание на закотвените инфлациски очекувања и ограничените притисоци од домашната побарувачка.

Во вакви услови, проекциите за домашната економија упатуваат на умерено, но стабилно економско закрепнување. Се очекува раст на БДП од 3,5% во 2026 година и негово забрзување достигнувајќи 3,8% во 2027 година. Притоа, главен двигател и натаму ќе бидат инвестициите, особено јавните инфраструктурни проекти, како и постепеното закрепнување на надворешната побарувачка.

Надворешната позиција на економијата се оценува како понеповолна на краток рок. Се очекува дека дефицитот на тековната сметка ќе изнесува околу 5,7% од БДП во 2026 година, под влијание на повисокиот увоз на енергенти и инвестициските активности. На среден рок се очекува негово постепено намалување, при стабилни финансиски приливи, коишто ќе обезбедат финансирање на дефицитот и натамошен раст на девизните резерви.

Банкарскиот систем и натаму обезбедува солидна поддршка за економијата. Во првиот квартал од 2026 година, кредитната активност бележи годишен раст од 13,1%, при очекувања за умерено забавување до крајот на годината. Депозитната база и натаму расте солидно, што укажува на стабилна доверба и поволни услови за штедење. На среден рок, 2027 ‒ 2028 година, се очекува просечен раст на кредитите од околу 7,4%, при раст на депозитната база и во услови на стабилен и солиден банкарски систем.

Народната банка ја задржува внимателната поставеност на монетарната политика, во услови на зголемена светска неизвесност и променливо надворешно окружување. Ризиците и натаму се претежно надолни и се поврзани со геополитичките случувања и движењата на цените на примарните производи. Народната банка и во иднина ќе биде подготвена да ги користи сите расположливи инструменти и доколку е потребно, ќе преземе соодветни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност на среден рок.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange