Банки
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја поставува основата за да стане главен акционер на ProCredit Holding AG & Co. KgaA
На 17 март, со потпишувањето на два договори за купопродажба на акции меѓу Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), членка на Групацијата на Светската банка, се постави основата за промена на составот на главната акционерска база на ProCredit Holding AG & Co. KGaA (ПроКредит Холдинг).
Според договорите за купопродажба, ЕБОР ќе купи од ИФЦ 9,9 проценти од акциите во ProCredit General Partner AG, единствениот генерален партнер на ПроКредит Холдинг, и преостанатите акции на ИФЦ од 5,06 проценти во ПроКредит Холдинг.
По завршувањето на трансакцијата, ЕБОР ќе го замени ИФЦ како главен акционер на ПроКредит Холдинг и ќе поседува 8,7 проценти од нивниот акционерски капитал. За да се заврши купувањето на акциите, потребно е да се исполнат претходни услови, вклучувајќи го и добивањето на регулаторни одобренија каде што е применливо.
Со тоа што ќе стане главен акционер, ЕБОР има намера да го поддржи ПроКредит Холдингот во неговата трансформација во акционерско друштво според германскиот закон (Aktiengesellschaft), а истовремено, задржувајќи ја својата ориентираност кон остварување одржливост и позитивно влијание во општеството. ЕБОР, исто така, планира да го поддржи ПроКредит Холдинг во управувањето и стратегијата, и ќе соработува со ПроКредит Холдинг во натамошното развивање на активностите за борба против климатските промени и во усогласувањето на неговите деловни и финансиски текови со целите на Парискиот договор.
Влегувањето на ЕБОР во кругот на главни акционери дополнително го зајакнува пристапот на Групацијата ПроКредит кон бизнисот, особено нејзината посветеност да биде ориентирана кон остварување позитивно влијание во животната средина и општеството и да обезбеди одговорни банкарски услуги со фокус на Југоисточна и Источна Европа.
Хуберт Спехтенхаузер, Претседател на Управниот одбор на ProCredit General Partner AG, изјави: „Ни претставува огромно задоволство што наскоро ќе можеме да ѝ посакаме добредојде на ЕБОР, која нè придружуваше долги години како финансиски партнер, а од 2018 година, и како акционер, и да ја вклучиме во кругот на нашите главни акционери и стратешки инвеститори.
Нè обединува страста за Југоисточна и Источна Европа и за малите и средни претпријатија кои придонесуваат за развојот на економиите во регионот, како и убедувањето дека економскиот развој треба да биде одржлив и да не ја нарушува животната средина. Одлуката на ЕБОР да го поддржи нашиот натамошен институционален развој додека ја задржуваме нашата ориентација кон одговорно делување, како главен акционер испраќа силен позитивен сигнал до целата Групација ПроКредит.
Денешниот ден, исто така, претставува можност да му се заблагодариме на ИФЦ за поддршката на развојот на Групацијата како главен акционер уште од самиот почеток и ни претставува големо задоволство што ќе продолжиме да работиме заедно“.
Франсис Малиж, Генерален директор на Групата за финансиски институции на ЕБОР, изјави: „ПроКредит е еден од нашите најценети партнери во поддршката на развојот на малите и средни претпријатија во 10 земји од Централна и Југоисточна Европа каде што работиме. Заедно обезбедивме повеќе од 1 милијарда евра финансиски средства за локалните бизниси, кои се клучни создавачи на работни места во повеќето економии, за да помогнеме да се подобри нивниот пристап до финансии. Со оваа трансакција одбележуваме уште една значајна пресвртница во историјата на ПроКредит, банка која ги содржи малите и средните претпријатија во својата ДНК. Со нетрпение очекуваме заедно да направиме уште повеќе за позелен, посилен и издржлив сектор на мали и средни претпријатија во нашите региони“.
„Успешниот раст на ПроКредит и влијанието што го имаше врз своите клиенти во изминатите две децении е доказ за нејзината фокусирана стратегија и истрајноста на нејзиниот менаџерски тим“, изјави Томаш Телма, Глобален директор во Групата за финансиски институции на ИФЦ.
„Од основањето на своите први банки во 1998 година, ПроКредит Холдинг се трансформираше во регулирана банкарска групација фокусирана на мали и средни претпријатија што котира на берзата во Франкфурт, проширувајќи ги своите услуги за мали и средни претпријатија во 12 земји. Со задоволство ги очекуваме сите следни активности на ПроКредит во насока на континуирана поддршка на малите и средните претпријатија и одржлив развој во целиот регион“.
Останатите главни акционери на групацијата се Zeitinger Invest, DOEN Participaties, Kreditanstalt für Wiederaufbau (KfW) и ProCredit Staff Invest. За дополнителни информации, посетете ја веб-страницата: www.procredit-holding.com.
Банки
Словенечка НЛБ банка сака да ја преземе Адико банка, во игра и Рајфајзен банка
НЛБ, најголемата банка од Словенија, објави меморандум за доброволна јавна понуда за преземање на австриската Адико Банк АГ, со што официјално започна процесот на една од позначајните банкарски аквизиции во регионот.
Според објавените информации, НЛБ банка нуди 29 евра во готовина по акција, а понудата се однесува на сите акции на Адико банка. Словенечката банка има цел да обезбеди најмалку 75 отсто од гласачките права, што би ѝ овозможило целосна контрола врз банката.
Доколку НЛБ успее да ги преземе сите 19,5 милиони акции на Адико банка по понудената цена, вредноста на трансакцијата би достигнала околу 565 милиони евра.
Периодот за прифаќање на понудата трае до 22 јули 2026 година, со можност за продолжување до крајот на октомври доколку бидат исполнети одредени услови.
НЛБ банка и претходно го најавуваше интересот за преземање на Адико банка, оценувајќи ја како стратешки важна аквизиција поради нејзиниот фокус на работење со население, како и со мали и средни претпријатија.
Потенцијалното преземање дополнително би ја зајакнало позицијата на НЛБ групацијата во Југоисточна Европа, каде што веќе има значително присуство преку мрежа на банки и финансиски институции.
Адико банка е создадена од поранешниот систем на Хипо Алпе-Адриа банка, а во последните години е насочена кон дигитално банкарство и кредитирање на граѓани и компании.
Објавувањето на меморандумот претставува формален чекор во процесот на преземање, кој сè уште треба да помине низ регулаторни процедури и да добие одобренија од надлежните институции.
Во меѓувреме, и Рајфајзен банка интернационал, најави намера да поднесе доброволна јавна понуда за преземање на сите издадени акции на Адико банка кои не се во сопственост на самата банка.
Банки
Управниот одбор на Алта банка Битола со нов член
Со именувањето на Стефан Николиќ за нов член на Управниот одбор, комплетиран е менаџерскиот тим на Алта банка, соопшти Банката преку објава на Македонска берза.
Николиќ е назначен со мандат од една година, врз основа на одлука донесена од Надзорниот одбор на 2 март 2026 година, а именувањето е потврдено и со согласност од Народната банка на Република Северна Македонија добиена на 8 мај годинава.
Од Банката посочуваат дека со новото назначување Управниот одбор е целосно екипиран, што треба да овозможи континуирано и ефикасно управување со работењето, согласно стратешките цели и регулаторните обврски.
Во актуелниот состав на Управниот одбор на Алта банка Битола се претседателката Александра Радевска, Зарије Коралија и Стефан Николиќ.
Банки
Халкбанк со промотивна понуда за штедење со камата до 3,30 проценти
Халкбанк АД Скопје нуди промотивна понуда за орочено штедење „Пролетен депозит“, со фиксна каматна стапка до 3,30 проценти и можност за избор на исплата на каматата – месечно или на крајот од периодот на орочување.
Според понудата, клиентите кои ќе штедат во денари ќе добијат каматна стапка од 3,30 проценти, додека за штедење во евра, американски долари и британски фунти е предвидена камата од 2,50 проценти.
Рокот на орочување изнесува 25 месеци, а промотивната понуда ќе важи до 31 мај 2026 година.
Од банката информираат дека повеќе детали за условите и начинот на аплицирање се достапни на официјалната страница на Халкбанк.
-
Продуктипред 2 месециДо 120.000 денари финансиска поддршка од Easy Finance – брзо и со транспарентни услови
-
Кариерапред 2 месециНародна банка бара аналитичари: плата до 83 илјади денари и двегодишен договор
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во ТТК Банка АД Скопје
-
Кариерапред 2 месециАна Митреска и Игор Величковски предложени за нови вицегувернери на Народната банка
-
Банкипред 1 месецСтопанска банка АД – Скопје од утре започнува со исплата на пензиите за месец март
-
Продуктипред 1 месецИуте Македонија носи европски здравствен стандард – за првпат во земјава се воведува второ медицинско мислење
-
Интервјуапред 2 месециИнтервју | Гоце Новачевски | Портфолио менаџер, КБ Инвест АД Скопје
-
Банкипред 2 месециАЛТА Банка го продолжи промотивниот период до 30 јуни 2026 година за најповолниот потрошувачки кредит на македонскиот пазар



