Connect with us
no baners

Банки

Народната банка и ЕИБ ќе соработуваат за поддршка на зелените финансии

Објавено

на

Народната банка и Европската инвестициска банка (ЕИБ), денеска, потпишаа Договор за соработка, со кој се обезбедува поддршка на напорите на Народната банка во сферата на зелените финансии. Договорот беше потпишан од страна на гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска и претставникот на ЕИБ во земјава, Бјорн Габриел, додека на средбата присуствуваше амбасадорот на ЕУ, Н.Е. Дејвид Гир, амбасадорката на Сојузна Република Германија, Н.Е. Петра Дрекслер, како и дел од тимот на Народната банка.

Соработката помеѓу двете институции се состои во консултантска поддршка за централната банка за понатамошно унапредување на регулаторната и супервизорската рамка за управување со климатските ризици, како и на капацитетите за известување, собирање и обработката на податоци за зелените финансии. Целта е преку овие активности да се зајакне разбирањето на изложеноста на климатските ризици кај корпоративниот сектор од страна на банките и да се поддржат одржливите практики. Соработката ќе се спроведува во рамки на Програмата на ЕИБ за зелени финансиски системи.

Гувернерката посочи дека Народната банка почнувајќи од 2020 година, постојано презема мерки и активности за поттикнување на финансирањето на зелената трансформација на нашата економија. “Досега преземените мерки и активности на Народната банка за поттикнување на зеленото финансирање, како и идните чекори се содржани во првиот Среднорочен план на активностите на Народната банка во доменот на управувањето со климатските ризици. Спроведувањето на планираните активности од Среднорочниот план е веќе започнато. Во насока на зајакнување на отпорноста на банкарскиот систем на климатските ризици, Народната банка неодамна усвои Насоки за банките за начинот на управување со ризиците поврзани со климатските промени. Првичните анализи за оцена на изложеноста на банкарскиот систем на физички и транзициски ризици поврзани со климатските промени, кои се темелат на тековно расположливите податоци во овој домен се особено значајни, и во наредниот период е предвидено да се продлабочат, а во подготовка е и Преглед со зелени показатели”, истакна Ангеловска-Бежоска.

Киријакос Какурис, потпретседателот на ЕИБ, кој е одговорен за операциите во земјава, изјави: „како дел од Тимот Европа, среќни сме што сме активен придонесувач за зелената транзиција и целите за одржливост на Северна Македонија. Договорот со Народната банка се заснова на одличната соработка воспоставена во последните неколку години. Тој ги надополнува другите наши активности во Северна Македонија, како што е „зелената“ кредитна линија потпишана во 2023 година со Развојната банка на Северна Македонија (РБСМ), како и проектите за одржлив транспорт, енергетска ефикасност и заштита на животната средина во рамките на Економскиот и инвестицискиот план. Овие активности имаат големо значење за Северна Македонија, која има за цел да стане дел од семејството на ЕУ и ги усогласува своите активности со Зелената агенда и Парискиот договор“.

Германската амбасадорка во земјава, Петра Дрекслер, изјави дека „постојат три карактеристики кои се особено погодни за карактеризирање на денешните германско-македонски односи: цврсто европски, економски одржливи, климатски ориентирани. „Програмата за зазеленување на финансиските системи“ го илустрира ова на прекрасен начин. Финансискиот сектор игра клучна улога во приближувањето кон одржлива, отпорна глобална економија, која ги зачувува ресурсите. Без инвестиции во климатската отпорност, не може да има одржливи економии во иднина. Затоа, климатската акција е основен столб на германската надворешна политика. Благодарна сум на Европската инвестициска банка и на Народната банка на Северна Македонија што се наши партнери во ова“.

Шефот на делегацијата на ЕУ во земјаваамбасадорот Дејвид Гир забележа: „Финансиските институции и регулаторите може да играат важна улога во акциите за борба против климатските промени. Со обезбедување приспособена техничка помош за Народната банка на Северна Македонија и локалните комерцијални банки, оваа програма ќе помогне во развојот на ефикасно зелено кредитирање и инвестиции во Северна Македонија, а со тоа ќе придонесе за климатските цели на земјата“.

Програмата на ЕИБ за зелени финансиски системи обезбедува техничка помош за градење финансиски системи кои се отпорни на ризиците кои произлегуваат од климатските промени, со крајна цел поддршка на приватниот сектор во процесот на насочување на расположливите средства во климатски и еколошки одржливи инвестиции. Програмата е финансирана од Меѓународниот фонд за климатска иницијатива на ЕИБ, во име на германското Сојузно Министерство за економски прашања и климатски активности. Таа претставува заеднички придонес на германското Сојузно Министерство за економски прашања и климатски активности и Европската инвестициска банка кон работата на NDC Partnership, а пред се’ кон иницијативата „Поддршка за подготвеност за зелени централни банки“ и Национално утврдените придонеси на РСМ.

На средбата беше заклучено дека меѓуинституционалната соработка, координираниот национален пристап и градењето системи за поголема отпорност и ублажување на штетите, се од суштинско значење за справувањето со климатските промени коишто се идентификуваат како еден од најголемите ризици во светот на кус и на долг рок. Улогата на меѓународните финансиски институции и нивната подготвеност за поддршка во овој домен е од исклучителна важност за нашата земја.

Банки

ЕЦБ најверојатно ќе ги зголеми каматните стапки во јуни, инфлацијата под притисок од конфликтот на Блискиот Исток

Објавено

на

Европската централна банка (ЕЦБ) се очекува да ги зголеми каматните стапки во јуни, поттикната од растот на инфлацијата оваа година како последица на конфликтот во Иран, покажува истражување на „Bloomberg“.

Според анкетата спроведена во периодот од 9 до 15 април, зголемувањето од 0,25 процентни поени најверојатно ќе биде единственото вакво движење годинава, бидејќи не се очекува конфликтот да предизвика долгорочен ценовен шок.

Инфлацијата се прогнозира да достигне 2,8 проценти во 2026 година, што е значително повеќе од претходната прогноза од 2 проценти. Потоа се очекува постепено стабилизирање на 2,1 процент во 2026 и 2,0 проценти во 2027 година, што е во согласност со целта на ЕЦБ.

Извори блиски до ЕЦБ наведуваат дека креаторите на монетарната политика во моментов се наклонети кон задржување на каматните стапки на претстојниот состанок кон крајот на април. Сепак, дел од нив, меѓу кои и претседателот на германската централна банка Јоаким Нагел, не ја исклучуваат можноста за интервенција и во тој период.

Во претходната анкета, пред мартовската седница, економистите очекуваа ЕЦБ да го игнорира конфликтот без да преземе мерки. За разлика од нив, инвеститорите во меѓувреме калкулираат поагресивен пристап и моментално предвидуваат две зголемувања на каматните стапки во текот на годината.

Ескалацијата на борбите на Блискиот Исток и растот на цените на енергенсите ја ставаат ЕЦБ во незгодна позиција. Зголемувањето на трошоците за задолжување би можело да го забави кревкиот економски опоравок на еврозоната, која опфаќа 21 земја.

Аналитичарите проценуваат дека економскиот раст оваа година ќе изнесува само 0,9 проценти, што е помалку од претходната прогноза од 1,2 проценти, поради зголемените трошоци за енергија кои ги оптоваруваат компаниите и домаќинствата. Во наредниот период се очекува постепено забрзување на растот – на 1,3 проценти во 2027 и 1,4 проценти во 2028 година.

Продолжи со читање

Банки

Грабеж на банка како на филм – крадците ограбиле лични сефови, држеле 25 заложници, носеле маски со ликови од познати актери и на крај избегале низ подземен тунел

Објавено

на

Неколку вооружени лица ограбиле филијала на банка во Неапол, при што држеле околу 25 лица како заложници пред да побегнат преку канализациски тунел, пренесуваат италијанските медиуми.

Инцидентот се случил во четврток околу 10 часот по локално време, кога напаѓачите според првичните информации тројца или четворица – влегле во банката со маски на лицата, дел од нив со ликови на познати актери. Тие упаднале во сефовите и изнеле накит, пари и други вредни предмети.

Според сведоштва на заложници, разбојниците имале силен неаполски акцент и не покажале насилство кон присутните. Напротив, на дел од нив им понудиле вода додека траела ситуацијата.

Видеа објавени на социјалните мрежи прикажуваат пожарникари кои со специјална опрема го кршат прозорецот на објектот за да овозможат евакуација. Никој не е повреден, но неколку лица добиле медицинска помош поради шок.

По неколку часа, специјални единици на карабињерите интервенирале и ги ослободиле заложниците околу 13:30 часот, без сериозни последици, потврдија локалните власти.

Вредноста на украдениот плен сè уште се проценува, бидејќи крадците најмногу ограбиле лични сефови, а не готовина.

Продолжи со читање

Банки

Славески на средби со ММФ: Потребен е внимателен пристап во услови на зголемени светски ризици, Народната банка води претпазлива и конзистентна политика

Објавено

на

Гувернерот на Народната банка д-р Трајко Славески оствари низа билатерални средби со високи претставници на ММФ во рамките на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, што се одржуваат во Вашингтон. На средбите присуствуваше и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Гувернерот Славески се сретна со заменик-директорот на ММФ Бо Ли, директорот на Европскиот оддел во ММФ Алфред Камер, извршниот директор Јерун Клик и шефот на Мисијата на ММФ за нашата земја Ник Гигинеишвили.

На средбите се разговараше за најновите светски и домашни макроекономски случувања, при што беше нагласено дека зголемените геополитички тензии, вклучително и конфликтот на Блискиот Исток, придонесуваат за засилена неизвесност во светската економија и влијаат врз изгледите за раст.

Во однос на домашната економија, беше оценето дека досегашните трендови се поволни, а добрите политики овозможија да се задржи стабилноста на макроекономските основи. Сепак, со оглед на неизвесноста околу времетраењето и силината на превирањата во светот, се истакнува потребата од понатамошна внимателност и подготвеност за соодветна реакција.

Гувернерот Славески истакна дека Народната банка води претпазлива и конзистентна монетарна политика, насочена кон одржување на ценовната и финансиската стабилност. Притоа, тој нагласи дека Народната банка внимателно ги следи светските движења и нивното влијание врз домашните показатели, заради навремена и соодветна реакција преку расположливите инструменти. На состаноците се разгледа и новата монетарна рамка на  Народната банка, со која се овозможува поефикасно и пофлексибилно водење на монетарната политика, што е особено важно во услови на ненадејни и неповолни промени во економското окружување.

Беше потврдена и постојаната успешна соработка меѓу Народната банка и ММФ, којашто и во наредниот период ќе биде насочена кон понатамошно зајакнување на институционалните капацитети и усогласување со меѓународните стандарди.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange