Connect with us

Анализи

Во што повеќе вложуваа банките – во кредити или во државни хартии од вредност?

Објавено

на

Рекордно високите каматни стапки што ги нудат Народната банка и Министерството за финансии ги ставија банките минатата година пред „тежок“ избор – дали да вложуваат во државни хартии од вредност со високи приноси и без ризик или да даваат кредити на компаниите и граѓаните, исто така, со зголемени каматни стапки, но и со релативно поголем ризик?

Каков избор направија Комерцијална банка, Стопанска банка Скопје и НЛБ банка? Финансиските извештаи на овие банки за 2023 година покажуваат дека кредитните пласмани се уште се најголема ставка во нивните биланси, но добар дел од активата завршила и во благајнички записи, депозити во централната банка и во државни обврзници, но и во странски банки.

Меѓу овие три банки, најголем износ на кредитни пласмани во минатата година објави Стопанска банкаСкопје, која во вид на кредити во стопанството и населението пласирала 92,3 милијарди денари (1,5 милијарди евра). Тоа претставува 70,05% од вкупнатаактива на Стопанска банка Скопје, што е идентично како и во 2022 година. Кредитирањето кај оваа банка бележи годишен раст од 7,5%.

Во коментарот на остварените резултати, од Стопанска банка Скопје посочуваат дека драстичниот раст на нето-приходите од камати е резултат и на зголеменото кредитно портфолио.

Во хартии од вредност, Стопанска банка вложила 11,4 милијарди денари (185,5 милиони евра), што е за 9,8% повеќе во споредба со претходната година.

Но, факт е дека процентуалниот раст на приходите од камати кај сите банки е многу поголем од растот на кредитните пласмани, па и на пласманите во хартии од вредност, што секако е резултат на исклучително високите каматни стапки како принос во билансите на банките.

НЛБ банка во кредити пласирала 74,1 милијарда денари (1,2 милијарди евра), што претставува зголемување од 4,3% во однос на 2022 година. Кредитните пласмани учествуваат со 63,63% во вкупната актива на банката во 2023 година, а во 2022 година учеството било 63%, што значи дека се одржува на исто ниво.

Пласманите во хартии од вредност на НЛБ банка во 2023 година изнесуваат 16 милијарди денари (258 милиони евра) и се помали во споредба со претходната година за околу 3%. Оваа банка речиси и да нема пласмани во други банки.

Кај Комерцијална банка се забележуваат поразлични бројки. Учеството на кредитните пласмани во вкупната активата на оваа банка изнесува 36,8% и во споредба со претходната година е намалено за околу 3 процентни поени. Билансот на состојба на Комерцијална банка покажува дека во 2023 година во кредити се пласирани 60,2 милијарди денари (979 милиони евра), што е за 0,6% повеќе во однос на 2022 година.

Во хартии од вредност Комерцијална банка има вложено 29,9 милијарди денари (486 милиони евра), односно за 10,3% повеќе во однос на 2022 година. Оваа банка значително ги зголеми и пласманите во други банки, кои изнесуваат 3 милијарди денари (48,5 милиони евра), што е за пет пати повеќе отколку во 2022 година.

Анализи

ЕУ од суфицит премина во дефицит, трговскиот биланс се влоши за 89 милијарди евра

Објавено

на

Европската унија го заврши првото полугодие од 2026 година со дефицит во стоковната размена со остатокот од светот од 14,9 милијарди евра, откако во истиот период минатата година имаше суфицит од 74,1 милијарда евра, покажуваат најновите податоци на Евростат.

Тоа значи дека трговскиот биланс на ЕУ за една година се влошил за дури 89 милијарди евра.

Од јануари до крајот на јуни, извозот на стоки од ЕУ во земјите надвор од Унијата изнесувал 1.317 милијарди евра, што е намалување од 2,1 отсто во однос на истиот период во 2025 година. Во исто време, увозот се зголемил за 4,7 отсто, на 1.331,9 милијарди евра.

Само во јуни, ЕУ остварила суфицит од 3,9 милијарди евра, во споредба со 5,2 милијарди евра во истиот месец минатата година. Извозот на годишно ниво пораснал за 12,5 отсто, на 241,5 милијарди евра, додека увозот се зголемил за 13,5 отсто, на 237,7 милијарди евра.

Евростат наведува дека трговскиот биланс во јуни се влошил за 1,3 милијарди евра во споредба со истиот месец во 2025 година. Главната причина е зголемениот дефицит во трговијата со енергенси, кој делумно бил ублажен со поголемиот суфицит кај хемиските и сродните производи.

ЕУ во јуни извезла енергенси во вредност од 12,2 милијарди евра, додека увозот достигнал 42,6 милијарди евра. Со тоа, дефицитот во оваа категорија изнесувал 30,4 милијарди евра, наспроти 23,8 милијарди евра една година претходно.

Најголем суфицит бил забележан во трговијата со хемиски производи, во износ од 17,3 милијарди евра, додека кај машините и возилата бил остварен вишок од 14,6 милијарди евра.

Најголем трговски дефицит ЕУ имала со Кина, во износ од 35,1 милијарда евра. Со Соединетите Американски Држави бил остварен суфицит од 11,2 милијарди евра, а со Обединетото Кралство од 17,1 милијарда евра.

Еврозоната, пак, во јуни повторно се вратила во суфицит, кој изнесувал 8,6 милијарди евра, по дефицитот од девет милијарди евра во мај. Во јуни минатата година суфицитот изнесувал 4,8 милијарди евра.

Извозот од еврозоната во јуни пораснал за 14,4 отсто, на 272,5 милијарди евра, додека увозот се зголемил за 13,1 отсто, на 264 милијарди евра.

Сепак, резултатот за целото прво полугодие е значително послаб од лани. Суфицитот на еврозоната се намалил од 82,2 милијарди евра во првите шест месеци од 2025 година на само 9,8 милијарди евра во истиот период годинава.

Продолжи со читање

Анализи

Европските берзи тргуваат претпазливо и покрај рекордот на Волстрит

Објавено

на

На европските берзи во петокот претпладне се тргуваше претпазливо, и покрај растот на Волстрит претходниот ден и новото рекордно ниво на американскиот индекс S&P 500.

Индексот STOXX 600, кој ги следи водечките европски компании, околу 9:30 часот беше речиси непроменет во однос на претходниот ден.

Лондонскиот FTSE се намали за 0,12 отсто, на 10.758 поени, додека германскиот DAX порасна за 0,55 отсто, на 26.445 поени. Парискиот CAC забележа минимален раст од 0,02 отсто и достигна 8.650 поени.

Мирно тргување беше забележано и на Загрепската берза, каде прометот остана релативно скромен.

Околу 10:30 часот индексот Crobex беше во плус од 0,09 отсто, на 4.433 поени, додека Crobex10 порасна за 0,06 отсто, на 2.865 поени.

Редовниот промет со акции до тој момент изнесуваше околу 370.000 евра, што е приближно 270.000 евра повеќе во споредба со истиот период претходниот ден.

Најголем промет, од околу 250.000 евра, беше остварен со акциите на Končar, чија цена остана непроменета на 1.010 евра.

Акциите на Maistra забележаа промет од околу 36.000 евра, а нивната цена се намали за 0,8 отсто, на 65,50 евра.

Промет поголем од 20.000 евра беше остварен и со уште две акции. Акциите на Zagrebačka banka поевтинија за 0,4 отсто, на 22,40 евра, додека повластените акции на Adris grupa пораснаа за 0,5 отсто, на 107 евра, пренесува Хина.

Продолжи со читање

Анализи

Албанија има најсилна сајбер-заштита во светот, Северна Македонија на 30. место

Објавено

на

Албанија има најсилна сајбер-заштита во светот, покажуваат податоците од Националниот индекс за сајбер-безбедност (NCSI), кој ја оценува подготвеноста на државите да спречат и да одговорат на сајбер-напади.

На ранг-листата што ја изработува естонската Академија за е-управа се опфатени 155 држави и територии, а Албанија го освои првото место со 98,33 од максимални 100 поени.

Со овој резултат, балканската земја зад себе остави некои од технолошки најразвиените држави во светот, меѓу кои Германија и САД, како и второпласираната Чешка.

Особено впечатлив е напредокот на Албанија во последните неколку години. Минатата година земјата се наоѓала на 15. место, додека во 2023 година била дури на 54. позиција.

Индексот ја оценува способноста на земјите да спречуваат сајбер-закани, да ја заштитат критичната инфраструктура и најважните услуги, да реагираат на сајбер-инциденти, да развиваат национални стратегии, да ги подобруваат стручните капацитети и да ја зајакнуваат меѓународната соработка.

Некои од најголемите светски економии се пласираа значително пониско. Франција е на 16. место, Германија на 19., а Соединетите Американски Држави се на 31. позиција.

Северна Македонија се најде на високото 30. место, една позиција пред САД. Од земјите во регионот, Словенија е на 15. место, Хрватска на 35., додека Србија е на 40. позиција.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange