Connect with us
no baners

Банки

ФАНТАСТИЧНО ПОЛУГОДИЕ ЗА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА – оствари добивка од 32,5 милиони евра за шест месеци во 2023 година

Објавено

на

Во периодот од 01.01-30.06.2023 година Комерцијална банка од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 2.003,3 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 1.127,3 милиони денари што претставува зголемување за 77,7%. Планираната бруто-добивка за првото полугодие од годинава е остварена со 131,4%. Притоа, остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 50,4% поголема во однос на истиот период минатата година. Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемувањето на приходите од редовно работење, односно од нето-приходите од камати кои бележат значително зголемување што се должи на континуираниот пораст на основната каматна стапка на Народната банка и на каматните стапки на странските финансиски пазари, во комбинација со структурата на активата на Банката. Зголемувањето на каматните стапки е резултат на напорите за намалување на инфлацијата на светско ниво.

Позитивниот резултат од работењето Банката го оствари во услови на зголемена неизвесност поврзана со случувањата на меѓународните финансиски пазари (особено заради случувањата во банкарските системи во САД и Швајцарија), сѐуште висока инфлација која бележи одредено забавување, како и натамошно затегнување на монетарната политика.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 3.300,3 милиони денари и бележат зголемување од 32,0% во однос на истиот период од минатата година.

Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 30.06.2023 година истите бележат зголемување од 82,1% во однос на истиот период од минатата година, под влијание на затегнатата монетарна политика и зголемените каматни стапки. Притоа треба да се укаже дека најголемо влијание во зголемувањето на каматните приходи има порастот на каматата од нерезиденти, финансиски друштва и држава. Иако е остварен пораст и на приходите од камати на кредитите дадени на правните лица и населението, истиот е во помал обем споредено со претходните категории. На пример, зголемувањето на каматните приходи остварени од финансиските друштва, каде доминираат пласманите во благајнички записи и депозитите во НБРСМ, се единаесеткратно поголеми, а кај нерезидентите, каде доминираат пласманите во странски банки се речиси деветкратно поголеми од приходите остварени во истиот период минатата година. Во првото полугодие од минатата година започна циклус на затегнување на монетарната политика преку зголемување на каматните стапки, како во ЕУ и САД, така и кај нас. Така, каматната стапка Euribor, која во првата половина од 2022 година беше околу 0% или негативна, оваа година достигна околу 3,5% – 4%. Кај благајничките записи, каматната стапка започна да се зголемува во април 2022 година и на 30.06.2022 година изнесуваше 2,00%, додека на 30.06.2023 година истата достигна 6,00%. Истовремено, Народната банка ги зголемуваше каматните стапки на депозитите пласирани преку ноќ и до 7 дена, при што истата се зголеми од 0,40% и 0,45% соодветно во јуни 2022 година, на 3,90% и 3,95% соодветно во јуни 2023 година. Каматната стапка на државните записи од 0,40% се зголеми на 4,00%, или 5,25% кај двегодишните државни обврзници, па сѐ до 7,00% кај последната еврообврзница. Исто така, просечната пондерирана каматна стапка на депозитите во странски банки со состојба 30.06.2023 г., споредено со истиот период минатата година, е зголемена од 1,50% на 4,22%. Токму затоа, во билансот на Банката, приходите од камати кај финансиските друштва и нерезидентите збирно, се значително поголеми од приходите од каматите кај населението. Исто така, збирните приходи од каматите кај финансиските друштва, нерезидентите и државата се поголеми од приходите од камати кај правните лица. Банката ги оствари овие резултати благодарение на структурата на активата, во која над 55% од пласманите се во парични средства, парични еквиваленти и пласмани во хартии од вредност, што влијаеше на одржување на висока ликвидност и профитабилност од каматни приходи. Како резултат на ваквите движења, нето-каматната маржа на ниво на Банката се зголеми од 2,0% заклучно со крајот на првото полугодие од минатата година, на 3,43 % со 30.06.2023 година.

Нето приходите од провизии и надоместоци на 30.06.2023 година изнесуваат 538,2 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 4,7%. Планот за анализираниот период е остварен со 89,5%.

Нето приходите од курсни разлики на 30.06.2023 година изнесуваат 181,5 милиони денари и бележат зголемување од 36,5%, како резултат на одржувањето на отворената девизна позиција (ОДП) на ниво кое овозможуваше да се максимизираат нетопозитивните курсни разлики од тековно работење без да се загрозат исполнувањето на вкупните капитални барања и потребите за девизи на клиентите, а исто така одредено влијание во оваа позиција има и евидентирањето на курсните разлики од арбитражи на девизен пазар и со странство, кои во истиот период минатата година се евидентирани во останати приходи/останати расходи, соодветно. Планот за анализираниот период е остварен со 149,4%.

Останатите приходи од работењето на Банката на 30.06.2023 година изнесуваат 166,6 милиони денари и бележат намалување од 68,6% во најголем дел како резултат на помалиот износ на наплатени претходно отпишани побарувања, како и поради извршена измена на евидентирањето на приходите од девизно работење, кои од 01.01.2023 година се евидентираат во позицијата курсни разлики. Планот е остварен со 51,3%.

Оперативните расходи за периодот 01.01-30.06.2023 година изнесуваат 1.028,8 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 3,9% како резултат на зголемен износ на плати и други трошоци на вработените поради зголемување на вредноста на бодот во два наврати (кон крајот на 2022 година и во вториот квартал од 2023 година), како и зголемената амортизација. Планот е остварен со 98,4%.

Во периодот од 01.01-30.06.2023 година, Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа во износ од 1,4 милиони денари, во согласност со регулативата од НБРСМ.

Во извештајниот период Банката прокнижи исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансни изложености на нето основа во износ од 266,8 милиони денари, наспроти 375,9 милиони денари во истиот период минатата година. Намалувањето кај исправката на вредност на финансиските средства е во согласност со намалувањето на цените на енергенсите во изминатиот период, што влијаеше за повторно нормализирање на работењето кај одредени компании, клиенти на Банката.

Биланс на состојба

Вкупната актива на Банката на 30.06.2023 година достигна износ од 155.895,8 милиони денари и во однос на декември 2022 година бележи зголемување од 3,3%. Зголемувањето на вкупната актива се должи на зголемувањето кај вложувањата во хартии од вредност, како и поради зголемените кредити на комитенти и зголемените кредити и побарувања од банки. Планот е остварен со 101,0%.

Паричните средства и паричните еквиваленти бележат намалување од 5,6%, во најголем дел заради намалувањето кај орочените депозити во странски банки до 3 месеци (како резултат на достасани депозити и нивно орочување на подолги рокови), како и намалувањето кај девизните тековни сметки во странски банки поради пренасочување на средствата во вложување во хартии од вредност. Планот е остварен со 92,3%.

Финансиски средства по објективна вредност преку билансот на успех определени како такви при почетното признавање во износ од 359,7 милиони денари се состојат од вложувања во удели во инвестициски фондови.

Кредитите на и побарувањата од банки бележат зголемување од 210,9%, кое се должи главно на зголемените девизни депозити од 3 месеци до 1 година во валута УСД. Планот е исполнет со 307,3%.

Кредитите на и побарувањата од други комитенти бележат зголемување од 3,3% како резултат на зголемено кредитирање на секторите домаќинства и нефинансиски друштва. Планот е остварен со 101,2%.

Вложувањата во хартии од вредност се зголемени за 18,6% главно како резултат на запишани континуирани државни обврзници во денари, запишани државни записи, купени македонски еврообврзници и државни обврзници издадени од нерезиденти. Планот е остварен со 114,9%.

Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања се зголемени за 55,9% по основ на платен данок на промет, но истите имаат минимално учество во вкупната актива од 0,05%.

Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) достигнаа износ од 137.586,4 милиони денари и бележат зголемување од 3,1%. Планот е остварен со 101,2%.

Обврските по кредити изнесуваат 688,2 милиони денари и се намалени во однос на декември 2022 година за 1,4%, како резултат на нето-ефектот од нови повлекувања и отплатени доспеани рати од кредитните линии. Планот е остварен со 112,5%.

Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 30.06.2023 година достигнаа износ од 16.431,6 милиони денари и во однос на декември 2022 година бележат зголемување од 5,7% како резултат на зголемените останати резерви и зголемената задржаната добивка согласно Одлука за распределба на добивката за 2022 година, донесена од Собранието на акционери на 29.03.2023 година. Планот е реализиран со 99,5%.

Банки

НЛБ Банка Скопје со силни финансиски резултати за 2025 година

Објавено

на

НЛБ Банка успешно ја заврши 2025 година, покажува анализата на финансиските резултати на Банката за периодот од 01.01.2025 до 31.12.2025 година.  Работејќи согласно усвоениот план и стратешките иницијативи од „Стратегијата 2030“, во услови на променливо макроекономско опкружување на домашниот и меѓународните пазари, НЛБ Банка покажа посветеност кон иновации и трансформација и забележа раст во сите сегменти од деловното работење. 

Финансиски индикатори

Како резултат на успешното спроведување на активностите и високо прудентното управување со ризиците и кредитното портфолио на Банката, НЛБ Банка оствари нето добивка по оданочување од 4.879.441 илјади МКД. Вкупната актива на Банката достигна 156.931.074 илјади МКД и бележи годишен раст од 19,6%. Кредитите кај небанкарскиот сектор достигнаа 102.554.659 илјади МКД, што претставува значително зголемување од 21,9% на годишно ниво. Зголемување на кредитната активност ја истакнува растечката улога на Банката во поддршката на бизнисите и населението и придонесот во економијата. Вкупните депозити на Банката изнесуваат 121.709.074 илјади МКД и истите бележат зголемување за 13,8% споредено со претходната година. Растот на депозитите е поттикнат од зголемениот обем на депозити по видување и орочени депозити од домаќинства, зголемувањето на депозитите од корпоративни клиенти, како и од зголемувањето на бројот на иматели на сметки и приматели на пензии во Банката.

Во 2025, НЛБ Банка постигна значајна пресвртница, достигнувајќи доминантен пазарен удел кај кредитите за население и остварувајќи една од клучните стратешки цели на Банката.

Иновации и дигитализација

За НЛБ Банка, 2025 е година на револуционерни иновации што го редефинираа банкарскиот  сектор во земјата. Со реализирани 38 трансформативни проекти во различни деловни области, минатата година за НЛБ Банка означи не само напредок, туку и значајно приближување кон остварување на амбициозната „Стратегија 2030“. Со лансирање на услугата Apple Pay, платформите „Digital first“ и „Mobile first“ –  сеопфатна дигитална интеграција на сите банкарски услуги во динамичната банкарска апликација НЛБ мКлик, како и овозможувањето услуги во европскиот систем за плаќање SEPA, Банката им овозможи на своите клиенти беспрекорно, безбедно и иновативно финансиско искуство.

Истовремено, НЛБ Банка успешно ја заврши првата фаза од модернизацијата и трансформацијата на деловната мрежа, подготвувајќи ги своите експозитури за иднината. Новиот деловен модел на експозитурите на Банката го редефинира искуството на клиентите и ги преобликува овие објекти од места за извршување на рутински банкарски активности во центри за поддршка и консалтинг, и продажба на интегрирани финансиски решенија.  

Јубилејна година со осврт на социо-економскиот придонес

Во 2025, НЛБ Банка одбележа значаен јубилеј, 40 години од своето основање. Институцијата која  во далечната 1985 година започна како мала финансиска организација, денес е една од трите водечки банки во македонскиот банкарски сектор која поставува стандарди во дигиталното банкарство, корпоративното управување и одржливото финансирање. Во јубилејната година НЛБ Банка, со техничка поддршка од Прајсватерхаускуперс Ревизија Скопје, ја издаде првата Студија за социо-економско влијание направена за една банка во Република С. Македонија, која го квантификува директниот, индиректниот и индуцираниот ефект од работењето на Банката. Согласно наодите во студијата, засновани на податоци од 2024 година: ,,НЛБ Банка креира над 675 милиони евра додадена вредност директно преку своите активности, како и преку кредитите и синџирот на добавувачи, што претставува значителни 4,3% од БДП на земјата. Банката придонесува со 211 милиони евра во даноци и социјални придонеси, што е околу 4% од вкупните јавни приходи. Директно вработува 970 луѓе и активно поддржува над 23.400 работни места“.

Признание за извонредност

Кон крајот на годината, на престижната церемонија на финансискиот магазин „The Banker“ во Лондон, НЛБ Банка по дванаесетти пат, ја понесе титулата „Банка на годината“. Ова признание ја потврдува континуираната посветеност на Банката кон извонредност, иновации и услуга на клиентите во банкарскиот сектор. Наградата претставува репер за квалитет и достигнувања во глобалната банкарска индустрија – признание за водечките банки ширум светот кои покажале исклучителни перформанси и лидерство на нивните пазари во насока на стратешки иницијативи, технолошки иновации, програми за одржливост и услуга за клиентите.

Агенда 2026: Дигититална трансформација и одржливо работење

НЛБ Банка ќе продолжи да ја зајакнува својата позиција како водечки иноватор во банкарскиот сектор, со јасен фокус на дигитализација и унапредување на корисничкото искуство преку современи дигитални канали и Контакт-центарот. Во рамки на „Стратегијата 2030“, Банката ќе реализира клучни иницијативи поврзани со дигитално вклучување на правните лица, дигитални платформи за кредитирање на МСП и микро клиенти, нов портал за трговци, инстант плаќања, надградба на Контакт-центарот и имплементација на вештачка интелигенција.

Во 2026 година продолжуваат и активностите за модернизација на деловната мрежа, развој на луѓе и таленти, како и инвестициите во заедницата преку поддршка на спортот, културата и образованието. Банката останува силно посветена и на одржливото финансирање, преку поддршка на „зелени кредити“ и доследна примена на ESG принципите, со цел долгорочно позитивно влијание врз заедницата.

Продолжи со читање

Банки

Комерцијална банка: Започна исплатата на пензиите за јануари 2026 година

Објавено

на

Комерцијална банка АД Скопје започна со исплата на пензиите за јануари од денес (петок, 30 јануари).

Пензионерите кои користат дебитна картичка можат да располагаат со средствата веднаш, овозможувајќи им безбедно и практично плаќање во продавници, онлајн или подигање пари од банкомат.

За оние кои повеќе сакаат да ја подигнат пензијата во филијала или експозитура, исплатата ќе биде достапна од 30 јануари и во секој работен ден после тоа.

Мапата со филијалите и експозитурите на Комерцијална банка е достапна на следниот линк: https://www.kb.mk/lokacii-kb.nspx?type=branch

Оваа мерка ја гарантира навремената и сигурна исплата на пензиите и ја олеснува пристапноста до средствата за сите корисници на услугите на Банката.

Продолжи со читање

Банки

Добра вест за акционерите: Комерцијална банка со 8% повисока дивиденда за 2025 година

Објавено

на

Врз основа на остварениот финансиски резултат за 2025 година и усвоената Програма на мерки и активности на деловната политика и Финансискиот план за 2026 година, Управниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје донесе одлука да предложи исплата на повисока дивиденда за 8 проценти на своите акционери.

Согласно планираното, Управниот одбор ќе достави до Надзорниот одбор, а потоа и до Собранието на акционери, Предлог одлука за распоредување на добивката со која се предвидува исплата на бруто-дивиденда во вкупен износ од 3.076.740 илјади денари. Истовремено, ќе биде предложена и Одлука за определување на износот на дивидендата за 2025 година, според која за една обична акција би се исплатил бруто-износ од 1.350 денари.

Предложената дивиденда за 2025 година е за 8% повисока во однос на исплатената дивиденда за 2024 година, што претставува јасен сигнал за стабилната финансиска позиција на Банката, успешното работење и континуираната ориентација кон создавање вредност за акционерите.

Од Комерцијална банка истакнуваат дека ваквата распределба на добивката е во согласност со долгорочната стратегија на Банката, регулаторните барања и потребата за одржување на силна капитална основа, со цел поддршка на понатамошниот раст, развој и сигурност на работењето.

Конечната одлука за исплата на дивидендата ќе биде донесена од страна на Собранието на акционери.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange