Connect with us

Банки

Комерцијална банка донираше детски книги за учење, надеж и насмевка

Објавено

на

Комерцијална банка АД Скопје донираше 60 детски книги за учениците од ОУ „Кочо Рацин“ – Кратово и за малите пациенти на Универзитетска клиника за детски болести – Скопје, поточно на Одделот за кардиологија и ревматологија.

Донацијата е дел од поддршката на иницијативата „Подари книга, подари свет“, реализирана од „Матица македонска“ по повод Меѓународниот ден на дарувањето книги и одбележувањето на 35 години од постоењето на издавачката куќа.

Како општествено одговорна компанија, Комерцијална банка е горда на секој свој придонес кој отвора нови хоризонти, поттикнува љубопитност и создава образовани нови генерации. Во училишната средина, книгите се сојузници на знаењето и на креативноста, а во болничките соби стануваат прозорец кон свет исполнет со авантури, насмевки и надеж.

Комерцијална банка континуирано вложува во иницијативи насочени кон поддршка на образованието и здравјето на најмладите. Пред три години Банката го реализираше и целосното реновирање на Одделот за кардиологија и ревматологија на Детската клиника во Скопје, со цел подобрување на условите за лекување и престој на пациентите и медицинскиот персонал.

Со донацијата на книгите, Банката уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон создавање подобри услови за раст, учење и развој на новите генерации.

Банки

НЛБ купува 25,66 отсто од Дежелна банка Словенија

Објавено

на

НЛБ Група склучи договор со Група Прва и со неа поврзани страни за купување 25,66 отсто од акциите на Дежелна банка Словенија (ДБС), а завршувањето на трансакцијата се очекува во втората половина на 2027 година.

Од НЛБ соопштија дека истовремено ја разгледуваат и можноста за купување дополнителни акции во ДБС. Вредноста на трансакцијата засега не е објавена.

Зделката треба да биде реализирана по добивањето на сите потребни регулаторни одобренија, при што од НЛБ наведуваат дека не очекуваат пречки во процесот.

Со планираниот влез во сопственичката структура на ДБС, НЛБ сака дополнително да го зајакне своето присуство во словенечкиот земјоделски сектор, на кој Дежелна банка Словенија традиционално му посветува значаен дел од своето работење.

Претседателот на Управата на НЛБ, Блаж Бродњак, истакна дека во услови на зголемени глобални неизвесности, способноста на една земја да обезбеди сопствен синџир за снабдување со храна има стратешко значење.

„Словенечките земјоделци, производители, прехранбени компании и земјоделството во целина имаат клучна улога во самодоволноста, но и во словенечката економија, националната отпорност, зачувувањето на традицијата и идентитетот“, изјави Бродњак.

Од Група Прва посочуваат дека нивното учество во ДБС главно е поврзано со управувањето со пензиските фондови и инвестициите што тие ги имаат во банкарски акции.

Извршниот директор на Прва Група, Јанез Крањц, изјави дека одлуките за сопственоста на акциите во ДБС се носат пред сè во интерес на членовите на пензиските фондови.

Според податоците на порталот „Ебонитете“, најголем поединечен акционер во ДБС е KD Group со 29,38 отсто, додека Kapitalska zadruga поседува 21 отсто. Skupina Prva има удел од 9,93 отсто, додека меѓу поголемите акционери се и ČZD Kmečki glas со 4,7 отсто и Zadružna zveza Slovenije со 4,04 отсто.

Од НЛБ нагласуваат дека, и покрај силното присуство во Југоисточна Европа, словенечкиот пазар останува во центарот на нивната долгорочна стратегија, со цел дополнително зајакнување на улогата на групацијата во домашната економија и општеството.

Продолжи со читање

Банки

Светска банка и IFC со 700 милиони долари за проширување на дигиталните плаќања

Објавено

на

Меѓународната финансиска корпорација (IFC), членка на Групацијата на Светска банка насочена кон приватниот сектор, започна нова иницијатива за споделување на ризикот, со која треба да им се помогне на банките, fintech-компаниите и другите финансиски институции на пазарите во развој да го прошират пристапот до дигитални плаќања за потрошувачите и малите бизниси.

Иницијативата првично предвидува до 700 милиони долари гаранции за покривање на дел од кредитниот ризик при порамнување на плаќањата. На тој начин, според IFC, повеќе финансиски институции ќе можат да понудат сигурни и иновативни услуги за дигитално плаќање.

Во дел од пазарите во развој, финансиските институции се соочуваат со финансиски барања што го ограничуваат нивното учество во глобалните платежни екосистеми. Како последица, милиони граѓани и локални трговци и натаму се потпираат на готовина и немаат целосен пристап до придобивките од дигиталните плаќања.

Од IFC посочуваат дека новиот механизам треба да го олесни пристапот до дигитални платежни услуги, особено за сопствениците на мали бизниси, жените претприемачи и лицата кои досега биле надвор од формалниот финансиски систем.

„Проширувањето на дигиталните плаќања на пазарите во развој е една од најмоќните алатки за создавање работни места и вклучување на луѓето во формалната економија“, изјави извршниот директор на IFC, Махтар Диоп.

Според проценките на IFC, финансиските институции што ќе учествуваат во иницијативата би можеле да забележат зголемување на дигиталните плаќања за околу 280 милијарди долари.

Се очекува тие да издадат дополнителни 360 милиони картички, додека бројот на активни корисници на дигитални платежни услуги би можел да се зголеми за 90 милиони, од кои 39 милиони жени.

Од IFC очекуваат иницијативата да ја зголеми конкуренцијата и да придонесе за подобар квалитет и поголема достапност на платежните услуги на пазарите во развој.

Продолжи со читање

Банки

ЕЦБ ги зголеми каматните стапки за 0,25 процентни поени поради високата инфлација

Објавено

на

Европската централна банка одлучи да ги зголеми трите клучни каматни стапки за 25 базични поени, односно за 0,25 процентни поени, поради продолжените инфлациски притисоци поврзани со конфликтот на Блискиот Исток.

По одлуката на Управниот совет на ЕЦБ, каматната стапка на депозитната олеснителна линија ќе изнесува 2,50 отсто, стапката за главните операции за рефинансирање 2,65 отсто, а стапката на маргиналната кредитна олеснителна линија 2,90 отсто. Новите стапки ќе почнат да важат од 16 септември 2026 година.

Од ЕЦБ посочуваат дека инфлацијата се очекува подолг период да остане значително над целта од 2 отсто, поради што централната банка останува посветена на водење монетарна политика што треба да обезбеди стабилизирање на инфлацијата на среден рок.

Според новите проекции на експертите на ЕЦБ, просечната вкупна инфлација се очекува да изнесува 3,0 отсто во 2026 година, 2,5 отсто во 2027 и 2,1 отсто во 2028 година. Инфлацијата без енергија и храна се прогнозира на 2,5 отсто годинава, 2,6 отсто во 2027 и 2,3 отсто во 2028 година.

Во однос на економскиот раст, ЕЦБ очекува еврозоната да забележи раст од 0,9 отсто во 2026 година, 1,4 отсто во 2027 и 1,5 отсто во 2028 година. Проекциите за 2026 и 2027 година се ревидирани нагоре, главно поради поголемата од очекуваната отпорност на економијата на еврозоната.

Од ЕЦБ предупредуваат дека економските изгледи и натаму се проследени со висока неизвесност, при што ризиците за инфлацијата се насочени нагоре, а за економскиот раст надолу.

Управниот совет најави дека и натаму ќе носи одлуки врз основа на економските и финансиските податоци и проценките за инфлацијата, без однапред да се обврзува на конкретна патека на каматните стапки.

Портфолијата во рамки на програмите за купување средства APP и PEPP продолжуваат постепено да се намалуваат, бидејќи Евросистемот повеќе не ги реинвестира средствата од хартиите од вредност што достасуваат.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange