Интервјуа
Македонскиот работник четири пати помалку продуктивен од германскиот, вели Наумоски за FinSight
Во новата епизода на FinSight разговараме со универзитетскиот професор Синиша Наумоски, кој се осврна на продуктивноста на трудот во Македонија и позицијата на македонските работници во споредба со другите земји.
На прашањето од Наташа Мерсовска дали продуктивноста на македонскиот работник е на ниско ниво, Наумоски одговара дека тоа не е само личен став, туку заклучок заснован на меѓународни податоци.
„Да. Не само што јас така мислам, туку ги користам и податоците од Светската банка“, вели Наумоски.
Тој додава дека ваквите изјави често предизвикуваат критики во јавноста, особено на социјалните мрежи.
„Поради овие изјави сум бил често критикуван, но во многу случаи сум бил изваден од контекст. За ова зборувам веќе четири или пет години кога темата на дебата е продуктивноста на трудот“, објаснува професорот.
Според податоците на кои се повикува, македонскиот работник значително заостанува во споредба со развиените економии.
„Ние сме четири пати помалку продуктивни од еден германски работник, а во регионот македонскиот работник е на претпоследно место – после нас е само албанскиот работник“, посочува Наумоски.
Сепак, тој нагласува дека ваквата состојба не треба да се толкува како критика кон самите работници.
„Тука не го обвинувам работникот. За продуктивноста да биде таква играат улога повеќе варијабли – системски слабости, менаџерските капацитети, нивото на дигитализација и технологијата“, вели Наумоски во разговорот за FinSight.
Според него, токму овие фактори се клучни за подобрување на продуктивноста и конкурентноста на македонската економија.
Интервјуа
Филомена Пљакоска Аспровска во FinSight: Дали мобилниот телефон ќе стане нашиот единствен паричник?
Како изгледа иднината на плаќањата во време кога дигитализацијата и вештачката интелигенција сè повеќе го менуваат начинот на кој купуваме, плаќаме и управуваме со сопствените финансии?
На овие и на многу други актуелни прашања одговори дава Филомена Пљакоска Аспровска, главен извршен директор и претседател на Управниот одбор на CaSys, во најновата епизода на поткастот FinSight, реализирана со поддршка на GEA – Алијансата за родова еднаквост при АЕТСМ.
Во разговорот се отвораат теми поврзани со улогата на CaSys во развојот на современата платежна инфраструктура во земјата, како и предизвиците и можностите што ги носи забрзаната дигитална трансформација на финансискиот сектор.
Дали мобилниот телефон постепено го заменува традиционалниот паричник? Се менуваат ли навиките на граѓаните кога станува збор за плаќањата и дали пластичната платежна картичка ќе остане дел од нашето секојдневие и во иднина? Ова се само дел од прашањата за кои се дискутира во интервјуто.
Пљакоска Аспровска зборува и за подготвеноста на македонското општество за безготовински плаќања, трендовите во користењето на платежните картички, како и за улогата на институциите во градењето поголема доверба кај граѓаните во дигиталните начини на плаќање.
Во фокусот на разговорот е и развојот на е-трговијата во Македонија. Каде се наоѓаме во споредба со земјите од регионот и со развиените европски пазари? Зошто дел од граѓаните сè уште се воздржани кога станува збор за онлајн купување и како можат подобро да се заштитат од злоупотреби и интернет измами?
Интервјуто обработува и теми поврзани со токенизираните плаќања, нивната безбедност и разликите во однос на традиционалните картични трансакции, како и очекувањата за тоа како ќе изгледаат плаќањата во следната деценија.
Дополнително, се разговара и за трансформацијата на банките во дигиталната ера, односно дали финансиските институции постепено стануваат технолошки компании, како и за активностите на Casys во областа на родовата еднаквост и намалувањето на разликите меѓу мажите и жените на работното место.
Новата епизода на FinSight е достапна на YouTube каналот на Банкарство.
Новинар: Наташа Мерсовска
Интервјуа
FinSight | Нина Ангеловска Станков: Во политиката аргументот не е крај на разговорот – туку негов почеток
Разговараме со Нина Ангеловска Станков по повод издавањето на нејзината прва книга „Ништо случајно“, во која се навраќа на професионалните и животните лекции што ги стекнала низ годините.
На прашањето дали денес би променила нешто во одлуките што ги носела, Ангеловска вели дека не се кае за ниту еден чекор.
„Од денешен аспект, за ништо не се каам. Секако дека некои работи сум можела да ги направам подобро, бидејќи верувам дека во животот секогаш можеме да направиме нешто подобро“, вели таа.
Според неа, најважно е чувството дека во секој момент го дала својот максимум.
„Главното чувство кое го имав и тогаш, а и сега додека ја пишував книгата, е дека сум го дала мојот апсолутен максимум во секоја дадена околност“, посочува Ангеловска.
Зборувајќи за периодот кога ја извршуваше функцијата министерка, таа признава дека искуството од приватниот сектор не секогаш било лесно применливо во политиката.
„Мислам дека во некои ситуации можев да бидам уште подипломатична на почетокот и потрпелива. Доаѓав од приватен сектор каде што работите се одвиваат многу побрзо и каде што, ако има аргументи, разговорот завршува и започнува реализацијата“, објаснува таа.
Но, политиката функционира по поинакви правила.
„Во политиката аргументот е само почетокот на разговорот“, вели Ангеловска.
Таа открива и една порака што ја добила кога стапила на функцијата министерка, а која останала како една од најважните животни лекции.
„Еден пријател ми напиша: ‘Пливај како делфин во морето на ајкули’. Мислам дека тоа е една од лекциите што ги научив“, заклучува Ангеловска во разговорот за FinSight.
Интервјуа
„Ништо случајно“: Нина Ангеловска за бизнисот, животните лекции и патот кој ја обликувал нејзината кариера
Во новата епизода на FinSight на Банкарство.мк разговараме со Нина Ангеловска Станков – претприемач, поранешен министер за финансии и автор на книгата „Ништо случајно“.
Од основање сопствен бизнис на само 22 години, преку влезот на Forbes листата на најуспешни млади лидери под 30 години, па сè до позицијата министер за финансии на 31 година, Ангеловска зад себе има динамична и инспиративна кариера која привлекува внимание во јавноста и бизнис заедницата.
Во интервјуто, таа зборува за инспирацијата зад нејзината прва книга „Ништо случајно“ и објаснува како е одбран насловот кој ја отсликува нејзината животна филозофија. Книгата е структурирана во пет дела, преку кои авторката споделува лични и професионални искуства, како и лекции кои ги смета за клучни во својот развој.
Ангеловска истакнува дека многу од настаните во животот, кои во моментот изгледаат како случајност, со тек на време добиваат значење и контекст, станувајќи важни лекции.
Во разговорот се осврнуваме и на нејзините почетоци, воспитувањето и навиката да не се откажува, како и на влијанието од студиите по е-бизнис на Економскиот факултет во Скопје, кои ја насочиле кон светот на онлајн тргувањето и дигиталната економија.
Посебен дел од интервјуто е посветен на нејзиното искуство во Кина, како и на балансот меѓу професионалниот и приватниот живот, каде таа споделува лични моменти од семејството и улогата на мајка.
На крајот од разговорот, зборуваме и за претстојната 9-та конференција за е-трговија, која ќе се одржи на 3 ноември во Македонската опера и балет, еден од најзначајните настани за дигиталната и е-трговија заедница во регионот.
Интервјуто со Нина Ангеловска носи силна порака: во животот ништо не е случајно – секое искуство е дел од поголема слика која се гради со време, работа и истрајност.
Новинар: Наташа Мерсовска
-
Останатопред 2 месеци
Управата за јавни приходи донесе стратешки документ со цел подобрување на усогласеноста
-
Продуктипред 2 месециУНИПлус флексибилна програма за лојалност на УНИБанка. Kористиш бројни бенефити, а не мора да ја префрлаш платата!
-
Банкипред 1 месец
Стопанска банка АД – Скопје со план за исплата на дивиденда од над 16 милиони евра
-
Бизниспред 2 месеци
Македонски Телеком предлага повисока дивиденда за 2025 година
-
Фондовипред 2 месециКБ Прво пензиско друштво потсетува на навремено планирање на пензијата
-
Банкипред 2 месециНЛБ Промотивен депозит – Сигурност што доаѓа во вистинско време
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка ќе започне со исплата на дивиденда на 4 мај
-
Бизниспред 1 месецОд полноќ нови цени на горивата


