Connect with us

Банки

Гувернерот Славески: Младите сѐ порано почнуваат да користат финансиски услуги – финансиската едукација мора да биде дел од образованието

Објавено

на

„Младите денес сѐ порано стануваат корисници на финансиски услуги, поради што финансиската едукација треба да биде системски интегрирана во образовниот процес“, истакна гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, на настан посветен на финансиската едукација во образованието, организиран по повод 15 март – Меѓународниот ден за правата на потрошувачите, од страна на Бирото за развој на образованието.

Според податоците на ОЕЦД, повеќе од две третини од 15-годишниците веќе користат финансиски производи, како што се платежните сметки или платежните картички, што ја нагласува важноста од нивното навремено финансиско едуцирање. Гувернерот посочи дека во услови на брз технолошки развој, дигитализација на финансиските услуги и сè посложените финансиски производи, финансиската писменост станува неопходна вештина за секој човек. Оттука, образовните системи сè повеќе треба да ја препознаваат финансиската едукација како важен дел од наставниот процес, бидејќи таа не претставува само дополнително знаење, туку основа за одговорно и свесно управување со личните финансии.

Народната банка постојано спроведува бројни активности за унапредување на финансиската писменост, насочени кон учениците и студентите, како и кон пошироката јавност. Во изминатите години се одржани бројни едукативни предавања, изработени се печатени и електронски материјали, видеосодржини и едукативни игри, како и активности преку социјалните мрежи.

Гувернерот најави дека, и оваа година, Народната банка со повеќе едукативни активности ќе ја одбележи Глобалната недела на парите, насочена кон подигнување на финансиската свесност кај младите.

Гувернерот Славески посочи дека финансиската едукација е важна, но самата по себе не е доволна за да им овозможи на граѓаните поефикасно управување со доходите, поголема финансиска сигурност и подобро планирање на иднината, поради што Народната банка, во соработка со банките, ќе иницира и конкретни измени во финансискиот систем со цел тој да стане поправичен и посеопфатен. За таа цел, до Министерството за финансии веќе е поднесена иницијатива за измени во Законот за платни системи и платежни услуги, со која се предлага проширување на опфатот на платежната сметка за основни функции, што ќе овозможи пониски трошоци и бесплатни основни трансакции за граѓаните. Исто така, заедно со банките ќе се разгледа и можноста за воведување посебна штедна сметка за вонредни потреби, со стимулативни услови, т. е. со цел да се поттикне создавање финансиска резерва кај граѓаните и да се зајакне културата на штедење.

Банки

Стопанска банка АД – Скопје: Неработен ден по повод државниот празник Ден на трудот

Објавено

на

Стопанска банка АД – Скопје ги информира своите почитувани клиенти дека дека по повод престојниот државен празник Ден на трудот, филијалите на Банката нема да работат на 01.05.2026 (петок).

За време на празникот, на располагање ќе бидат сите i-bank дигитални услуги достапни 24/7 на телефон, компјутер, мобилен и банкомат, вклучувајќи ги мобилното и електронското банкарство (m-banking и e-banking), банкоматите на Стопанска банка, како и широката партнерска мрежа на трговци кои прифаќаат картички издадени од Банката.

Продолжи со читање

Банки

Вицегувернерот Величковски: Модерна монетарна рамка, адекватни девизни резерви и поевтини и побрзи плаќања како приоритети на Народната банка

Објавено

на

„Народната банка продолжува со унапредување на оперативната поставеност на монетарната политика, заради поефикасен пренос на монетарните сигнали кон финансиските пазари и реалната економија. Нашето внимание и понатаму ќе биде насочено кон унапредувањето на оперативната рамка во согласност со најдобрите практики на развиените централни банки“, ова го истакна вицегувернерот Игор Величковски на гостувањето на поткастот „Финсајт“ со Наташа Мерсовска на порталот „Банкарство.мк“.

Тој нагласи дека со измените воведени во монетарната рамка за пократка рочност на благајничките записи и симетричен распон на каматните стапки, е поставена основата за побрз и поцелосен пренос на монетарните сигнали и поефикасно управување со ликвидноста, дури и во услови на светска неизвесност.

Во однос на девизните резерви, Величковски нагласи дека со нив и натаму се управува исклучиво врз принципите на сигурност, ликвидност и диверзификација. „Во актуелното светско окружување, најважно е внимателно да се балансира меѓу приносот и ризикот, но со јасен приоритет – ликвидноста и зачувувањето на довербата во домашната валута“, изјави тој, нагласувајќи дека стабилноста е во фокусот на политиките на централната банка.

Вицегувернерот се осврна и на платниот систем, најавувајќи значаен исчекор преку воведувањето систем за инстант плаќања и натамошна дигитализација.

„Работиме на систем со кој ќе се овозможат плаќања во реално време, 24 часа секој ден во годината, што ќе донесе нов квалитет кај платежните услуги за граѓаните и за компаниите“, рече Величковски, додавајќи дека интеграцијата со СЕПА веќе дава резултати, што се гледа преку повеќекратното намалување на трошоците за плаќања во евра, како значително олеснување на трансакциите, зголемувајќи ја и конкурентноста на економијата.

Во тој контекст, Величковски посочи дека според последните расположливи податоци за март 2026 година, 55% од вкупниот број одливни прекугранични плаќања во евра и 66% од приливните прекугранични плаќања во евра се извршени преку СЕПА, што укажува на брза и успешна интеграција со СЕПА. Од секторски аспект, граѓаните умерено предничат во однос на компаниите, извршувајќи околу 70% од плаќањата во евра преку СЕПА, што ги потврдува придобивките од зачленувањето во СЕПА.

Продолжи со читање

Банки

Вицегувернерката Митреска: Народната банка со сеопфатни пакет-мерки за стабилизирање на инфлацијата

Објавено

на

„Народната банка спроведува сеопфатен и комплементарен сет на мерки насочени кон одржување на ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс“, истакна вицегувернерката Ана Митреска на гостувањето во поткастот „Финсајт“ со Наташа Мерсовска на порталот „Банкарство.мк“.

Таа нагласи дека монетарната политика и натаму се води претпазливо, при што главните инструменти ќе придонесат за постепено стабилизирање на инфлацијата.

„Монетарната политика и натаму е во зоната на претпазливост. Каматната стапка е на непроменето ниво, а истовремено се применуваат и дополнителни мерки – заострување на задолжителната резерва, повлекување ликвидност од банкарскиот систем, зголемени капитални барања за банките и построги кредитни стандарди. Овој пристап овозможува координирано делување врз инфлациските притисоци и кредитната активност“, посочи Митреска.

Во однос на инфлацијата, таа истакна дека централната банка внимателно ги следи движењата на цените и очекувањата на пазарите.

„Согласно тековните пазарни очекувања, по растот на цените на енергентите и храната во првата половина од годината, се очекува нивно постепено стабилизирање во втората половина, што би придонесло за намалувањето на притисоците врз цените“, нагласи Митреска.

Таа додаде дека Народната банка е подготвена за дополнителни интервенции доколку се зголемат ризиците.

„Доколку се појават знаци на подолготрајни инфлациски притисоци, Народната банка е подготвена да реагира со дополнително затегнување на монетарната политика, користејќи ги каматните стапки и другите расположливи инструменти“, истакна Митреска.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange