Connect with us

Осигурување

Халк Осигурување со кампања „Таа зад полисата“ посветена на жените во компанијата

Објавено

на

Во индустријата на осигурување често во фокусот се полисите, покритијата и процедурите, но зад секој договор стојат луѓе кои секојдневно работат клиентите да се чувствуваат сигурно и поддржано. Токму на таа човечка страна на осигурувањето се фокусира новата кампања на Халк Осигурување – „Таа зад полисата“.

Кампањата се реализира по повод Месецот на жената и е посветена на жените вработени во компанијата кои со својата професионалност, експертиза и одговорност придонесуваат за градење доверба кај клиентите.

Иницијативата се спроведува преку серија кратки видеа објавени на дигиталните канали на компанијата. Во нив се претставени вработени од различни сектори – продажба, прием и ликвидација на штети, финансии, контакт центар и корпоративни функции. Преку нивните лични приказни, јавноста има можност да ги запознае луѓето кои стојат зад секоја полиса, обработена штета и позитивно клиентско искуство.

Од компанијата посочуваат дека целта на кампањата е да се нагласи дека осигурувањето не е само услуга, туку тим од професионалци кои секојдневно работат на создавање сигурност и доверба.

Кампањата „Таа зад полисата“ е дел и од Employer Branding стратегијата на Халк Осигурување, преку која компанијата ја истакнува корпоративната култура заснована на професионалност, еднакви можности и меѓусебна поддршка. Воедно, преку оваа иницијатива се настојува да се доближи работната средина до јавноста и да се покаже дека успехот на компанијата се темели на луѓето кои ја создаваат одвнатре.

Халк Осигурување работи во мултиетничко и динамично општество, каде различноста и инклузивноста се препознаваат како важни вредности. Компанијата, како што посочуваат, континуирано инвестира во работна средина во која секој вработен има можност за развој и придонес во организацијата.

Според интерните податоци на компанијата, 64 проценти од вкупниот број вработени се жени, 66 проценти од раководните позиции ги извршуваат жени, додека 58 проценти од новите вработувања во изминатата година се жени. Од компанијата нагласуваат дека се применува принципот на еднакви можности и еднаква плата за еднаква работа.

Со кампањата „Таа зад полисата“, вниманието се насочува кон луѓето кои стојат зад осигурувањето и секојдневно придонесуваат за сигурноста на клиентите.

Осигурување

Халк Осигурување со понуда за професионална одговорност за повеќе дејности

Објавено

на

Халк Осигурување АД Скопје ја истакнува важноста на осигурувањето од професионална одговорност како заштита од штети што можат да настанат поради грешки или пропусти при извршување на професионалните обврски.

Од компанијата посочуваат дека вниманието, знаењето и професионалноста се основа на довербата во секоја професија, но и дека целосната посветеност не може секогаш да ја исклучи можноста за ненамерна грешка или пропуст.

Осигурувањето од професионална одговорност е наменето токму за вакви ситуации и обезбедува заштита при штети настанати во текот на совесното и професионално извршување на работните обврски.

Халк Осигурување нуди решенија приспособени за различни професионални дејности, меѓу кои ревизори, сметководители, адвокати, здравствени работници, нотари, проектанти и геодети, како и други професии.

„Професионалноста е ваша одговорност. Сигурноста е наша“, порачуваат од Халк Осигурување.

Продолжи со читање

Осигурување

Осигурувањето расте низ Балканот – каде е Северна Македонија?

Објавено

на

Осигурителниот сектор во земјите од регионот продолжува да расте и во 2026 година. Во Босна и Херцеговина, Косово и Албанија во првите седум месеци се бележи зголемување на бруто-полисираната премија, а регионалните бројки повторно го отвораат прашањето колку е развиен македонскиот осигурителен пазар и колку граѓаните користат животно осигурување.

Во БиХ, осигурителните компании во периодот јануари–јули оствариле бруто-премии од 496,1 милиони конвертибилни марки, односно околу 253,7 милиони евра. Тоа претставува раст од 4,2 отсто во однос на истиот период минатата година.

Во Косово, пак, премиите во првите седум месеци од годинава пораснале за околу 5 отсто, додека албанскиот осигурителен пазар бележи раст од околу 3 отсто.

Северна Македонија со посилен раст, но пазарот останува доминиран од неживотното осигурување

Последните целосни годишни податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување покажуваат дека македонскиот пазар во 2025 година забележал значително повисок раст. Вкупната бруто-полисирана премија достигнала 17,93 милијарди денари, што е раст од 12,31 отсто во споредба со 2024 година.

Премијата по жител, еден од показателите за развиеноста и распространетоста на осигурувањето, во државата во 2025 година изнесувала 9.840 денари, односно приближно 160 евра по жител. Тоа е за 13,18 отсто повеќе од претходната година. Истовремено, учеството на осигурувањето во БДП се зголемило од 1,67 на 1,72 отсто.

Но, структурата на пазарот покажува дека неживотното осигурување и натаму убедливо доминира. Од вкупната премија во 2025 година, 14,74 милијарди денари или 82,21 отсто се однесувале на неживотно осигурување. Животното осигурување учествувало со 17,79 отсто, со премии од 3,19 милијарди денари. Премиите во животното осигурување за една година пораснале за 10,22 отсто.

За споредба, во Албанија животното осигурување во првата половина од 2026 година учествувало со само 9,26 отсто во вкупниот пазар, додека повеќе од 90 отсто од премиите се однесувале на неживотно осигурување. Тоа покажува дека Северна Македонија има поголем удел на животното осигурување од дел од пазарите во регионот, иако и кај нас овој сегмент останува далеку помал од неживотното осигурување.

Регионалните податоци, според тоа, покажуваат дека растот на осигурувањето не е изолиран тренд. Премиите се зголемуваат во повеќе балкански земји, но вистинската разлика меѓу пазарите сè повеќе ќе се мери преку премијата по жител, учеството на осигурувањето во економијата и развојот на животното осигурување.

За Северна Македонија бројките покажуваат солиден раст, но и значителен простор за понатамошно продлабочување на пазарот, особено преку поголемо користење на животното осигурување и доброволните осигурителни производи.

Продолжи со читање

Осигурување

Vienna Insurance Group го прошири работењето во Црна Гора, групацијата е силно присутна и во Северна Македонија

Објавено

на

Vienna Insurance Group (VIG) го прошири своето присуство во Црна Гора со основање на компанијата Wiener Städtische Osiguranje Podgorica a.d. – Vienna Insurance Group, која доби дозвола за работа од Агенцијата за надзор на осигурувањето и официјално започна со работа.

По долгогодишното работење во сегментот на животно осигурување, групацијата сега влегува и на пазарот на неживотно осигурување, со што го продолжува инвестицискиот циклус во земјата.

Основачкиот капитал на новата компанија изнесува пет милиони евра, што е значително над законски пропишаниот минимум од три милиони евра.

Vienna Insurance Group поседува 50,1 отсто од капиталот, додека Wiener Städtische животно осигурување Подгорица и Wiener Städtische осигурување Белград имаат по 24,95 отсто.

Извршниот директор Петар Вујошевиќ изјави дека новата компанија од самиот почеток ќе има силна поддршка од целата групација, преку меѓународно искуство, финансиска стабилност и пренесување на знаење од компаниите во Подгорица и Белград.

Одлуката за новата инвестиција следува по успешното работење на Wiener Städtische во сегментот на животно осигурување во Црна Гора. Според податоците за крајот на вториот квартал од 2026 година, компанијата има околу 48 проценти пазарен удел според бруто-фактурираната премија и е лидер во овој сегмент.

Од компанијата посочуваат дека капиталот од пет милиони евра треба да обезбеди дополнителна финансиска стабилност и простор за инвестиции во продажната мрежа, дигитализацијата, новите производи и подобрување на услугите.

Vienna Insurance Group има значајно присуство и во Македонија, каде што работи во сегментите на животно и неживотно осигурување преку „Винер лајф“ и „Македонија осигурување“. Во јули 2024 година, Winner Non-Life беше споен со „Македонија осигурување“, по што компанијата продолжи да работи под брендот „Македонија осигурување“.

Vienna Insurance Group работи во околу 30 земји во Централна и Источна Европа преку приближно 50 компании, има повеќе од 30.000 вработени и над 33 милиони клиенти. Новата инвестиција во Црна Гора е дел од пошироката стратегија на групацијата за зајакнување на позициите на осигурителните пазари во регионот.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange