Connect with us

Берза

Цената на нафтата продолжува да поевтинува: Меѓународната агенција за енергетика разгледува најголемо ослободување на резерви во историјата

Објавено

на

Цените на нафтата денеска забележаа нов пад на светските пазари, по извештаите дека Меѓународната агенција за енергетика (IEA) разгледува најголемо ослободување на стратешки резерви на нафта во својата историја.

Мерката се разгледува како одговор на потенцијалните прекини во снабдувањето поради ескалацијата на конфликтот меѓу САД и Израел со Иран.

Фјучерсите на „Brent“ суровата нафта се намалија за 88 центи, или околу 1%, и се тргуваа по цена од 86,92 долари за барел, додека американската референтна нафта „West Texas Intermediate“ (WTI) падна за 0,4% на 83,1 долари за барел. Пазарот останува силно нестабилен – претходно неделава цената на „WTI“ накратко достигна над 119 долари за барел, највисоко ниво од јуни 2022 година, по што следеше пад од повеќе од 11% во еден ден.

Според информации на „The Wall Street Journal“, предложеното ослободување на резерви би можело да ја надмине количината од 182 милиони барели што земјите-членки на Меѓународната агенција за енергетика (IEA) ја пласираа на пазарот во 2022 година по почетокот на руската инвазија врз Украина.

Аналитичарите на „Goldman Sachs“ проценуваат дека таква интервенција би можела привремено да компензира околу 12 дена од потенцијалниот прекин на извозот на нафта од Персискиот Залив.

Во меѓувреме, геополитичките тензии на Блискиот Исток продолжуваат да ја зголемуваат неизвесноста на пазарите. Воените операции меѓу САД и Израел против Иран, како и ризиците за безбедноста на транспортот во Ормутскиот теснец – клучната светска рута за извоз на нафта нив која поминува речиси 20% од светскиот проток на нафта, остануваат главен фактор што влијае врз движењето на цените.

Истовремено, лидерите на G7 одржаа консултации за можноста за координирано ослободување на итни резерви со цел да се стабилизира енергетскиот пазар. Сепак, дел од аналитичарите остануваат претпазливи, посочувајќи дека клучното прашање не е само обемот на резервите, туку и брзината со која тие можат да се пласираат на пазарот.

Развојот на настаните дополнително ја зголемува неизвесноста на енергетските пазари, каде што цените на нафтата во наредниот период ќе зависат пред сѐ од геополитичките случувања и од евентуалната интервенција со стратешки резерви.

Берза

Само еден ден без провизии: На 14 септември бесплатно тргување со акции на Македонската берза

Објавено

на

Македонската берза најави Инвеститорски ден на 14 септември, кога домашните физички лица ќе можат да инвестираат и да тргуваат со акции без плаќање провизии.

Како што информираат од Берзата, целта на иницијативата е да им се овозможи на граѓаните полесен пристап до пазарот на капитал и можност за инвестирање во акции на македонски компании.

Заинтересираните инвеститори можат да се обратат до членките на Македонската берза: Еурохаус АД Скопје, Илирика Инвестментс АД Скопје, Инвестброкер АД Скопје, Иново Брокер АД Скопје, Комерцијална банка АД Скопје, НЛБ Банка Скопје, Стопанска банка АД – Скопје, ТТК Банка АД Скопје, Фершпед брокер АД Скопје, Халкбанк АД Скопје и Шпаркасе банка АД Скопје.

Од Македонската берза ги повикуваат граѓаните да ја искористат можноста и да се запознаат со инвестирањето во домашни акции во рамки на Инвеститорски ден 2026.

Продолжи со читање

Берза

Влезот во ЕУ може да го зголеми БДП по глава на жител во Западен Балкан до 35 отсто

Објавено

на

Влезот во Европската Унија би можел да придонесе за зголемување на БДП по жител во земјите од Западен Балкан и во Молдавија за до 35 отсто во период од една деценија, оценува Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Според ММФ, економските придобивки од членството би произлегле од три главни извори: спроведување домашни реформи усогласени со правилата на ЕУ, поголема интеграција во единствениот европски пазар и пристап до европските фондови.

Од Фондот посочуваат дека придобивките би биле приближно распределени меѓу овие три фактори, што укажува дека самиот процес на усогласување со европските стандарди, заедно со пристапот до пазарот и финансиската поддршка од ЕУ, може значително да го забрза економското приближување на регионот кон земјите членки на Унијата.

Продолжи со читање

Берза

Цените на нафтата продолжуваат да растат откако САД и Иран нападнаа нафтени танкери во Ормутскиот теснец

Објавено

на

Цените на нафтата продолжуваат да растат во понеделник, под влијание на зголемените стравувања дека конфликтот меѓу САД и Иран би можел дополнително да го наруши снабдувањето од Блискиот Исток.

Фјучерсите на Брент суровата нафта се зголемија за 79 центи, или 0,82%, на 97,07 долари за барел, додека американската WTI нафта поскапе за 80 центи, или 0,87%, на 92,28 долари за барел.

Растот следува по значителното поскапување минатата недела. Брент се зголеми за 7,8%, а WTI за речиси 10%, откако продолжените напади меѓу САД и Иран го намалија протокот на нафта низ Ормутскиот теснец, преку кој вообичаено минува околу една петтина од глобалното снабдување со нафта.

Особена загриженост предизвикува намалениот поморски сообраќај. Според податоците на „Kpler“, во изминатите 10 дена низ Ормутскиот теснец дневно транзитирале просечно 10 товарни бродови, што е најниско ниво од мај.

Дополнителен ризик претставуваат и нападите врз нафтени танкери, што ја зголемува неизвесноста за безбедноста на комерцијалниот транспорт и идното снабдување.

Од друга страна, ОПЕК+ ја задржа непроменета политиката за производство на нафта за октомври, додека пазарите ги следат следните одлуки за производствените квоти.

Аналитичарите предупредуваат дека доколку транзитот на нафтени танкери низ Ормутскиот теснец продолжи да се намалува, пазарот би можел да очекува значително поголем шок во снабдувањето.

Со оглед на тоа што цената на нафтата има директно влијание врз транспортот, производството и инфлацијата, движењата во Ормутскиот теснец остануваат еден од клучните фактори што ќе го определуваат правецот на нафтениот пазар во наредниот период.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange