Connect with us

Анализи

Каде е најпрофитабилно да се инвестираат пари во 2026 година?

Објавено

на

Оваа нова 2026 година носи комбинација од можности и ризици – каматните стапки се сè уште релативно високи, инфлацијата постепено се стабилизира, но глобалните пазари остануваат чувствителни на геополитички тензии и економски неизвесности.

Во ваков амбиент, клучното прашање е: каде е најпаметното место за инвестирање пари денес? Одговорот зависи од три фактори – колку инвестирате односно износот на инвестицијата, временскиот хоризонт и колкав ризик сте подготвени да преземете.

1. Штедење во банка: сигурност со ограничен принос

Ороченото штедење нуди највисока безбедност и гарантирана камата, но реалниот принос често е минимален. Погодно е за краткорочни цели и финансиска резерва, но не и за значително зголемување на капиталот. Каматните стапки се повисоки отколку пред неколку години, но реалните приноси вклучувајќи ја инфлацијата, често се скромни.

Предности:

  • Минимален ризик
  • Парите се осигурани до законски пропишаниот износ (30.000 евра во денарска противвредност)
  • Погодно за краткорочни цели

Недостатоци:

  • Ограничен раст на капиталот
  • Инфлацијата може да го „изеде“ профитот
  • Добра опција за безбедна резерва, но не и за сериозно зголемување на капиталот.
2. Злато – заштита во неизвесни времиња

Златото традиционално се смета за „безбедно засолниште“ во неизвесни времиња. Обезбедува заштита од инфлација, но не носи камата и е изложено на ценовни флуктуации. Во време на геополитички тензии, често бележи раст.

Предности:

  • Заштита од инфлација
  • Глобално ликвидни средства

Недостатоци:

  • Не носи камата или дивиденда
  • Цената може да флуктуира
  • Погодно како дел од портфолио, но не како единствена инвестиција.
3. Акции и инвестициски фондови: повисок ризик, повисок потенцијал

Инвестирањето во акции и инвестициски фондови на долг рок носи високи приноси. Инвестициските фондови што ги следат глобалните пазари се особено привлечни. Сепак, бара трпение, дисциплина и прифаќање на краткорочните осцилации на пазарите.

Предности:

  • Високи приноси на долг рок
  • Можност за пасивно инвестирање

Недостатоци:

  • Краткорочни осцилации
  • Потребно знаење или советник
  • Идеално за инвестиции за подолг период (над 5 години).
4. Обврзници – рамнотежа на безбедност и принос

Државните и корпоративните обврзници нудат умерен, но посигурен и постабилен принос од акциите, со значително помал ризик и помала волатилност. Сепак, носат и значително помал принос во однос на акциите и инвестициските акциски фондови.

Предности:

  • Предвидлив приход
  • Помала волатилност

Недостатоци:

  • Помал потенцијал за раст од акциите
  • Добра опција за поконзервативни инвеститори.
5. Недвижности: долгорочна инвестиција

Недвижностите обезбедуваат стабилна вредност и потенцијален приход од кирија, но бараат висок почетен капитал и имаат пониска ликвидност. Ова е еден од најтрадиционалните стратегии за инвестирање на капиталот и долгорочно складирање на вредност на Балканот, но со моменталните цени на пазарот повеќе не е толку исплатлив како порано.

Предности:

  • Стабилна побарувачка
  • Можен приход од кирија

Недостатоци:

  • Огромен почетен капитал
  • Ниска ликвидност
  • Трошоци за одржување
  • Плаќање на долг рок, кое бара сериозен буџет.
6. Криптовалути: огромен ризик, најголем потенцијал за раст

Инвестирањето во криптовалути е многу ризично и бара големо познавање и многу трпение. Но, на долг рок носи највисоки приноси. Сепак, високата волатилност на пазарот кој е премногу сензитивен на надворешните влијанија и геополитичките тензии го прават екстремно ризична инвестиција.

Предности:

  • Највисоки приноси на долг рок
  • Можност за пасивно инвестирање
  • Висока ликвидност

Недостатоци:

  • Екстремно висока волатилност
  • Потребно големо познавање или советник
  • Идеално за инвестиции за над 5 години.
Заклучок: Диверзификацијата е клучот!

Не постои една „најдобра“ инвестиција. Во 2026 година, најразумната стратегија е диверзификација на инвестициите, односно распределба на средствата на повеќе инструменти за балансирање на ризикот и приносот.

Пример за избалансирано портфолио:

  • 20% штедење;
  • 20% злато или фондови поврзани со злато;
  • 20% акции или ETF фондови;
  • 20% обврзници;
  • 20% криптовалути.

Правилната распределба зависи од возраста, финансиските можности и целите. Најголемата грешка останува чувањето пари без принос – дури и умерена, но паметно распределена инвестиција може да донесе значителни резултати на долг рок.

Анализи

Цените на нафтата пораснаа по новите напади на Блискиот Исток

Објавено

на

Цените на нафтата пораснаа во средата, во услови на нова ескалација на тензиите на Блискиот Исток, откако САД извршија нова серија напади врз Иран, а Техеран, според медиумските извештаи, возвратил со напади врз регионалните сојузници на Вашингтон.

Фјучерсите на меѓународната референтна нафта „брент“ пораснаа за 0,81 отсто, на 95,42 долари за барел, откако претходно бележеа и поголем раст. Американската нафта West Texas Intermediate поскапе за 0,45 отсто, на 90,63 долари за барел.

Американската Централна команда соопшти на платформата X дека нападите следувале по неодамнешните обиди на Иранската револуционерна гарда да нападне комерцијални бродови во Ормутскиот Теснец и американски војници.

Британскиот Центар за поморски трговски операции, според CNBC, претходно пријавил инцидент во кој три неидентификувани проектили погодиле танкер додека минувал низ Ормутскиот Теснец во понеделникот.

Американскиот претседател Доналд Трамп на Truth Social порача дека не се обидува да го принуди Иран да седне на преговарачка маса.

„Многу повеќе ми се допаѓа нашата сегашна позиција, со речиси целосна контрола врз Ормутскиот Теснец и нивната економија која целосно се урива“, напиша Трамп.

Како одговор на последните американски напади, Иран наводно извршил напади со беспилотни летала и ракети врз Кувајт, Јордан и Бахреин, објави „Ал Џезира“.

Продолжи со читање

Анализи

Цената на златото падна до 4.300 долари, негативниот притисок продолжува

Објавено

на

Цената на златото забележа силен пад во последното тргување и се спушти до нивото на поддршка од 4.300 долари, што претходно беше посочено како ценовна цел во анализата на Economies.com.

Според техничката анализа, движењето на цената и натаму е под влијание на силен краткорочен корективен надолен тренд, додека дополнителен негативен притисок создава тргувањето под 50-дневниот експоненцијален подвижен просек, познат како EMA50.

Негативни сигнали покажуваат и индикаторите за релативна сила, додека пробивањето на главната краткорочна линија на раст дополнително ги намалува шансите за посилно закрепнување на цената во блиска иднина.

Според анализата, сè додека златото останува под нивото на EMA50, негативниот притисок врз цената ќе продолжи, бидејќи овој индикатор во моментов делува како динамичко ниво на отпор.

Извор: Economies.com

Продолжи со читање

Анализи

Високите камати требаше да ја погодат технологијата, но пазарот покажа поинаква слика

Објавено

на

Според класичната економска логика, растот на каматните стапки треба најсилно да ги погоди технолошките компании, особено оние чија вредност во голема мера зависи од профитите што се очекуваат во иднина. Сепак, движењата на американскиот пазар во последниот циклус на монетарно затегнување покажаа дека ова правило не секогаш функционира толку едноставно.

Американската централна банка, ФЕД, од март 2022 до јули 2023 година ги зголеми каматните стапки за вкупно 525 базични поени, а во неколку наврати зголемувањето изнесуваше и по 75 базични поени.

Во 2022 година пазарот речиси целосно се движеше според економската теорија. Технолошкиот сектор и поширокиот индекс S&P 500 забележаа значителен пад, додека енергетските компании остварија силни приноси.

Но, веќе во 2023 година ситуацијата драстично се промени. Иако ФЕД продолжи со зголемувањето на каматните стапки, технолошкиот сектор силно порасна, а таканаречената „Величествена седумка“ на најголеми американски технолошки компании беше одговорна за значителен дел од растот на американскиот пазар.

Една од главните причини била промената на очекувањата на инвеститорите. Во текот на 2023 година пазарот сè повеќе очекувал дека ФЕД се приближува кон крајот на циклусот на монетарно затегнување. За инвеститорите, според анализата, не е важна само моменталната висина на каматите, туку и очекувањата за тоа во кој правец тие ќе се движат во иднина.

Дополнителен поттик за технолошките акции бил огромниот интерес за вештачката интелигенција. Тој значително ги зголемил очекувањата за идните приходи и профити на компании како „Нвидиа“ и „Мајкрософт“, па позитивните очекувања успеале да го надминат негативното влијание на високите каматни стапки.

Денешните технолошки гиганти, исто така, значително се разликуваат од компаниите од овој сектор од пред две децении. Компании како „Мајкрософт“, „Епл“, „Алфабет“ и „Мета“ располагаат со големи парични текови, високи профитни маржи, значителни парични резерви и силни позиции на пазарот. Поради тоа тие се помалку зависни од евтиното финансирање отколку класичните брзорастечки компании.

Важен фактор е и сè поголемото значење на пасивното инвестирање преку индексни фондови и ETF-фондови. За разлика од активните инвеститори, овие фондови автоматски ја следат структурата на индексите и не вршат класична секторска ротација само поради промена на каматните стапки.

Анализата покажува дека класичната теорија и натаму може да биде почетна точка: енергетиката, делови од финансискиот сектор, здравството, основните потрошувачки производи, индустријата и суровините вообичаено полесно поднесуваат високи камати, додека технологијата, недвижностите и високо задолжените компании се почувствителни.

Сепак, примерот од 2022 и 2023 година покажува дека само нивото на каматните стапки не е доволно за да се предвиди кој сектор ќе биде најуспешен. Важни се и брзината на нивното зголемување, состојбата на економијата, инфлацијата, очекувањата на инвеститорите, корпоративните профити и структурата на самиот пазар.

Извор: Bloomberg Adria

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange