Анализи
Домашните банки преку посебен Фонд ќе ја спасуваат секоја банка што ќе се најде во проблеми
Банките ќе мора да бидат солидарни и да ја спасуваат секоја банка во земјава што ќе се соочи со проблеми во работењето кои се закана за нејзиниот опстанок. Ова го предвидува новиот Закон за решавање на банки, кој како предлог доаѓа од Министерството за финансии, а е изработен во соработка со Народната банка и со домашни и меѓународни експерти.
Новото законско решение налага финансирање нова финансиска институција во земјава, а тоа е Фонд за решавање на банки, кој ќе се полни со придонеси што ќе ги уплаќаат сите банки. Целта на постоењето на Фондот е да интервенира за спасување на банка што ќе западне во криза и ќе спречи нејзино пропаѓање.
Секоја банка, согласно нејзината големина и ризичност, редовно ќе уплаќа на годишно ниво утврден износ на придонеси во Фондот, а по потреба може да треба да се изврши и вонредна уплата.
Ова е дополнителен трошок за банките во земјава, покрај редовниот што го уплаќаат во Фондот за осигурување на депозити. Колкав ќе биде овој трошок за банките засега не е познато. Во предлог- законот е прецизирано дека “средствата на Фондот за решавање на банки изнесуваат најмалку 1% од износот на вкупно покриените депозити во банките во Република Северна Македонија” и овој паричен фонд треба да се достигне во рок од 10 години од стапувањето во сила на овој закон.
Ако се земат предвид финансиските извештаи на Фондот за осигурување на депозити, каде што се чува фондот за сигурност на депозитите, излегува дека минималниот износ со кој треба да располага Фондот за решавање на банки е околу 150 милиони денари (2,4 милиони евра). Според последниот јавно објавен Финансиски извештај и Извештај на независниот ревизор за 2021 година, Фондот за осигурување на депозити располагал со фонд за сигурност во вредност од 14.768.533.000 денари, а 1% од овој износ е 147.685.333 денари.
Доколку по достигнувањето на потребното ниво на Фондот за решавање на банки средствата на Фондот се намалат, банките ќе продолжат да уплаќаат придонеси се додека не се достигне потребното ниво. Доколку средствата на Фондот се намалат на ниво пониско од 2/3 од потребното, Фондот ја определува висината на придонесите со која ќе се обезбеди достигнување на утврденото ниво.
Средствата од Фондот се наменети за покривање загуби, трошоци и други расходи настанати од интервенција за решавање или спасување на некоја банка. Со ова законско решение, кое ја пресликува директивата 2014/59/EU на Европскиот парламент и на Советот на ЕУ од 2014 година и со кое треба да се воспостави законска рамка за обновување и решавање на финансиски институции, практично се наметнува колективна обврска и солидарна одговорност на сите банки во земјава да се грижат за целокупната стабилност на домашниот банкарски сектор. Во крајна линија, и државата, односно Владата си зема за обврска да се вклучи во спасување на некоја банка доколку се процени дека ризикот од нејзиното пропаѓање е преголем, односно интересот од нејзино спасување е исклучителен и значаен за стабилноста на банкарскиот и финансискиот систем во земјава.
Оваа пракса не е непозната во земјите од ЕУ и само во последните две децении сведоци сме на повеќе примери на директни интервенции на одделни банки или влади за спасување на некоја банка. Последниот пример е спасoт на швајцарската Credit Suisse од страна на конкурентската UBS.
Анализи
Запишани 2.472 хипотеки во првиот квартал: Банкарски обезбедувања за 246 милиони евра во недвижности
Во првиот квартал од годинава во земјава се запишани вкупно 2.472 хипотеки врз недвижности, со вкупна вредност од 246,36 милиони евра и над 5,9 милијарди денари, покажуваат податоците на Агенцијата за катастар на недвижности.
По месеци, во јануари се евидентирани 619 хипотеки, во февруари 849, а во март 1.004, што укажува на постепен раст на активноста во текот на кварталот.
Најголем дел од хипотеките се запишани во Центарот за катастар на недвижности Скопје – 1.318 хипотеки, со вредност од околу 125,7 милиони евра и 3,2 милијарди денари. Во останатите 29 подрачни одделенија се евидентирани 1.154 хипотеки.
Во споредба со истиот период лани, бројот на хипотеки е намален за 124, додека во однос на претходниот квартал (октомври – декември 2025) падот изнесува 588, кога биле регистрирани 3.060 хипотеки.
Податоците за пазарот на недвижности покажуваат и намалување на активноста кај новоизградените станови – во првите три месеци од годинава се регистрирани 712 станови од инвеститор, што е за 29% помалку во однос на претходниот квартал.
Во Катастарот досега се запишани и 28.013 листи за предбележување градба, што укажува на значителен број објекти во фаза на изградба кои во наредниот период ќе излезат на пазарот на недвижности.
Анализи
Затворањето на Ормутскиот теснец предизвика најголем енергетски шок во современата историја
Тримесечното затворање на Ормутскиот теснец, еден од најважните поморски премини во светот, предизвика најтежок енергетски шок досега и сериозно ги наруши глобалните трговски текови, покажуваат најновите анализи.
Пред прекинот на сообраќајот на 28 февруари, низ теснецот поминуваа околу 25 проценти од светската поморска трговија со нафта и 20 проценти од глобалниот течен природен гас (LNG). Денес тие количини речиси целосно исчезнаа, при што извозот на сурова нафта е намален за 95 проценти, а LNG за 99 проценти.
Последиците се чувствуваат далеку надвор од енергетскиот сектор. Преку Ормутскиот теснец годишно се транспортираат милиони тони алуминиум, метанол, сулфур и вештачки ѓубрива. Поради прекинот, цените на уреата значително пораснаа, а експертите предупредуваат дека во делови од Јужна Азија цените на храната би можеле да се зголемат за 10 до 15 проценти доколку кризата продолжи.
Најголем удар трпат азиските економии. Во 2024 година дури 84 проценти од нафтата што минувала низ теснецот била наменета за азиските пазари, додека Европа преку оваа рута добивала меѓу 12 и 14 проценти од своите испораки на LNG од Катар.
Иако Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати располагаат со одредени алтернативни нафтоводи, тие не можат целосно да ја заменат изгубената транспортна рута. Според проценките, недостига капацитет за најмалку 10 милиони барели нафта дневно, додека Катар воопшто нема алтернативен цевковод за извоз на LNG.
Аналитичарите предупредуваат дека дури и во случај на брзо постигнување мировен договор и повторно отворање на теснецот во јуни, глобалниот економски раст ќе забави во 2026 година. Во најлошото сценарио, доколку блокадата продолжи до крајот на годината, цената на нафтата би можела да достигне 200 долари за барел, а светската економија да западне во рецесија.
„Ова е историски преседан за светскиот нафтен пазар. Ниту кризите од 1970-тите, ниту војната меѓу Иран и Ирак, ниту инвазијата на Кувајт не можат да се споредат со размерите на ова нарушување“, изјави Даниел Јергин, потпретседател на S&P Global.
Анализи
Златото порасна втор ден по ред, но е на пат кон месечен пад
Цената на златото во петокот порасна втор ден по ред и достигна 4.580 долари за унца, откако се појавија информации дека САД и Иран би можеле да го продолжат примирјето, што донесе дополнителна неизвесност на финансиските пазари.
И покрај растот, благородниот метал е на пат да ја заврши месечната трговија со пад од околу 0,8 проценти. Врз цената и натаму влијаат загриженоста поради инфлацијата и очекувањата дека каматните стапки ќе останат повисоки подолг временски период.
Преговорите за завршување на тримесечниот конфликт продолжуваат, а според медиумските извештаи се разгледува можност за продолжување на примирјето за уште 60 дена за да се создадат услови за формални разговори меѓу двете страни. Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп сè уште не дал конечна согласност за предложениот договор.
Пазарите остануваат претпазливи бидејќи евентуалните нарушувања во транспортот и енергетската инфраструктура би можеле да ги задржат високите цени на нафтата, што дополнително го комплицира патот кон намалување на инфлацијата.
Најновите податоци покажаа дека инфлацијата во САД во април забележала најбрз раст во последните три години, што ги зацврсти очекувањата дека Федералните резерви ќе ги задржат каматните стапки непроменети подолг период.
Во меѓувреме, побарувачката за злато во Индија останува слаба поради високите цени и увозните давачки, додека во Кина, најголемиот светски потрошувач на благородниот метал, премиите се намалуваат поради внимателното расположение на пазарот.
-
Продуктипред 2 месециИуте Македонија носи европски здравствен стандард – за првпат во земјава се воведува второ медицинско мислење
-
Останатопред 2 месеци
Управата за јавни приходи донесе стратешки документ со цел подобрување на усогласеноста
-
Продуктипред 1 месецУНИПлус флексибилна програма за лојалност на УНИБанка. Kористиш бројни бенефити, а не мора да ја префрлаш платата!
-
Кариерапред 2 месециКомерцијална банка вработува Помлад соработник за администрирање на кредити и гаранции (Back Office)
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Горан Ѓорѓиевски | Ценовен шок на хоризонтот: Од септември следува значително поскапување
-
Банкипред 1 месец
Стопанска банка АД – Скопје со план за исплата на дивиденда од над 16 милиони евра
-
Останатопред 2 месеци
Какво ќе биде работното време за Велигденските празници?
-
Банкипред 2 месециПотрошувачки кредит на НЛБ Банка до 2.500.000 денари – поголема поддршка и побрзо решение


