Connect with us
no baners

Банки

Советoт на Народната банка донесе нови макропрудентни мерки за понатамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор

Објавено

на

Советoт на Народната банка, на редовната седница одржана на 28 април 2023, во насока на понатамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор, донесе одлука за воведување макропрудентни мерки за квалитетот на кредитната побарувачка, согласно со европската практика. Согласно со Законот за финансиска стабилност којшто  стапи на сила минатата година, во декември 2022 година, Советот усвои одлука со која се воведоа макропрудентните инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка, односно прецизно се определи методологијата за пресметување на показателите преку кои се следи способноста на физичкото лице да ги отплаќа месечните обврски врз основа на кредити, како и соодносот помеѓу износот на кредит и вредноста на заложениот недвижен имот.

Со новововедените макропрудентни мерки се продолжува со јакнење на  макропрудентната рамка преку утврдување на максимални вредности за овие показатели на системска основа. Макропрудентните мерки се изготвени во консултации со Меѓународниот монетарен фонд, а се во линија со препораките на европските институции. Максималните вредности се утврдени врз основа на детална анализа на податоци обезбедени од страна на банките и штедилниците и не отстапува значајно од најчесто применуваната висина на овие показатели од нивна страна. Со преземените мерки превентивно се делува за спречување на кумулирање на системски ризици во сегментот на домакинствата и на пазарот на недвижности.

На истата седница беше усвоен и Годишниот извештај на Народната банка за 2022 година, во кој се наведува дека и покрај предизвиците кои ги наметна руската војна во Украина, минатата година беше задржана стабилноста на девизниот курс на денарот, кон крајот на годината започна да забавува инфлацијата, додека девизните резерви беа одржани на адекватно ниво. Во услови на стратегија на „де факто“ фиксен девизен курс на денарот во однос на еврото, имаше потреба од промени во монетарната политика заради стабилизирање на инфлациските очекувања и инфлацијата на среден рок, одржување на стабилноста на домашната валута, притоа имајќи ги предвид  и промените на монетарната политика на Европската централна банка. За таа цел, Народната банка уште од крајот на 2021 година започна со постепено нормализирање на монетарната политика, што беше направено преку соодветно управување со ликвидноста, како и со постепено зголемување на основната каматна стапка во неколку наврати, почнувајќи од април 2022 година. И покрај предизвиците при оперативното водење на политиките во услови на општа глобална неизвесност, Народната банка и во 2022 година посветено работеше и спроведе низа програмски активности, во насока на натамошно зајакнување на регулаторната рамка, осовременување на расположливиот сет на инструменти, зголемување на транспарентноста и општествената одговорност. Преземени се бројни активности за создавање предуслови за спроведување на новиот Закон за платежни услуги и платни системи (подготвени се и донесени 25 подзаконски акти), со што ќе се овозможи влез на нови даватели на платежни услуги, ќе се зголеми конкуренцијата, квантитетот и квалитетот на платежните услуги, а исто така и се зајакнува заштитата на потрошувачите. Народната банка започна со објавување нови статистички податоци за показателот должнички хартии од вредност исполнувајќи го највисокиот меѓународен статистички стандард СДДС плус, а исто така меѓу податоците и показателите за банкарскиот систем, почна да објавува и квартални податоци за  кредитите за зелено финансирање одобрени на домаќинствата и нефинансиските друштва. На иницијатива на Народната банка, а заради создавање услови за поддршка на развојот на финтек-секторот, финансиските регулатори склучија Меморандум за соработка со кој се поставува систем преку кој регулаторите координирано ќе дејствуваат (Комитет за финтек), во однос на  спроведувањето на националната Стратегија за финтек-секторот, која беше подготвена од Народната банка и усвоена од Комитетот за финтек. Централната банка продолжи и со засилени активности во доменот на финансиската едукација со што придонесува за подигањето на финансиската писменост и финансиската инклузија на населението во нашата земја.

Советот на Народната банка го усвои и Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор во 2022 година. Во него се наведува дека и покрај неизвесното макроекономско окружување, предизвикано од глобални фактори, а пропратено со енергетска криза, раст на инфлацијата и затегнување на финансиските услови, банкарскиот систем продолжи со непречено вршење на финансиското посредување. Во 2022 година, банките обезбедија највисок годишен кредитен раст во последните десетина години, што се должи на корпоративниот сектор, а  кредитите на домаќинствата остварија поумерен раст. На страна на изворите на средства, депозитите од нефинансиските субјекти бележеа променливи движења во текот на 2022 година, што резултираше со побавен годишен раст во споредба со претходната година. Носител на депозитниот раст во 2022 година беа депозитите од домаќинства, но и депозитите од претпријатија бележат раст. Склоноста на депонентите за чување на своите средства во девизи беше повисока, но со мерките кои ги презеде Народната банка со задолжителната резерва, се поттикна повисок раст на депозитите во денари во последните месеци од 2022 година, што се очекува да продолжи и во иднина.

Изложноста банкарскиот систем на ризиците е умерена, а спроведеното стрес-тестирање покажува задоволителна отпорност на банкарскиот систем на симулираните шокови. Ликвидноста на банкарскиот систем е на задоволително ниво, а солвентноста се подобри во 2022 година, при што стапката на адекватност на капиталот достигна највисоко ниво за последните десетина години, од 17,7%. Соодветната капитализираност на банките е многу значајна за справување со различни предизвици при надолните фази од економските циклуси и во кризни услови. Квалитетот на кредитното портфолио се подобри со оглед на намалувањето на вкупните нефункционални кредити и на нивното учество во вкупните кредити до историски најниското ниво од 2,9%. Учеството на нефункционалните во вкупните кредити се намали и кај двата сектора, и изнесува 3,9%, во портфолиото на корпоративни кредити и 1,9%, во кредитното портфолио составено од домаќинства. Сепак со оглед на неизвесното окружување, неопходно е натамошно прудентно однесување.

Банки

АЛТА Банка со донација за детски духовно – образовен камп во Охрид

Објавено

на

АЛТА Банка АД Битола, во рамки на својата определба за општествена одговорност и поддршка на иницијативи кои создаваат позитивна вредност за заедницата, го поддржа детскиот духовно-образовен камп „Православието и духовноста нè поврзуваат – Под закрила на молитвата“, кој се одржува од 22 до 29 јуни во Охрид.

Поддршката на Банката е насочена кон реализација на активностите во рамки на кампот, како и кон обезбедување практични летни подароци за децата учесници – летни торби, капи и шишиња за вода, со цел нивниот престој да биде поудобен, попријатен и исполнет со позитивни спомени.

Кампот, кој се реализира во организација на Здружението на граѓани „Мир, слога, стабилност – Скопје“, обединува околу 60 деца од социјално ранливи категории и им овозможува простор за дружење, учење, духовен и личен развој преку едукативни, креативни и рекреативни активности.


Во АЛТА банка веруваме дека грижата за децата и младите е вложување во иднината на целата заедница. Затоа продолжуваме да поддржуваме иницијативи кои поттикнуваат заедништво, солидарност, човечност и создаваат можности за подобар и посигурен развој на оние на кои поддршката им е најпотребна.

Продолжи со читање

Банки

мБанка на Комерцијална банка достапна 24 часа дневно

Објавено

на

Комерцијална банка АД Скопје ги потсетува клиентите дека преку апликацијата мБанка можат да ги користат своите банкарски производи од кое било место и во кое било време.

Услугата е достапна 24 часа на ден и овозможува целосно независно користење на банкарските услуги, без оглед на работното време на Банката.

Од Комерцијална банка ги повикуваат корисниците да ја активираат мБанка и да добијат побрз и поедноставен пристап до своите банкарски производи преку мобилен телефон.

Продолжи со читање

Банки

Битолските бизниси добиваат поддршка за дигитални плаќања преку нова програма на Visa

Објавено

на

Visa, во партнерство со Министерството за дигитална трансформација, Халк Банка АД Скопје и НЛБ Банка АД Скопје, ја стартува програмата „Вредноста на безготовинското плаќање Битола“, наменета за поддршка на микро, мали и средни претпријатија во градот.

Иницијативата има цел да го поттикне користењето на дигитални и безготовински плаќања кај локалните бизниси, како и да придонесе за поголема дигитализација на локалната економија. Конкурсот е отворен од 22 јуни и ќе трае до 31 август 2026 година.

Во рамки на програмата, бизнисите што ќе се пријават ќе можат да добијат Soft POS терминал без месечен надомест за одржување и без провизија по трансакција во период од три месеци од денот на инсталацијата. Дополнително, секој бизнис ќе добие Visa Business Debit картичка без годишна членарина во првите 12 месеци.

Пријавувањето се врши директно во локалните експозитури на Халк Банка и НЛБ Банка. Право на учество имаат микро, мали и средни претпријатија кои сакаат да воведат или да го унапредат користењето на дигитални плаќања во своето работење.

Од Visa посочуваат дека дигиталните плаќања носат конкретни придобивки за компаниите. Според нивното B2B истражување за Северна Македонија, секое второ претпријатие кое вовело дигитални плаќања забележало раст на бројот на купувачи, додека 85 проценти од бизнисите оцениле дека ваквата промена им донела поголема вредност и профит.

„Нашата цел е да ги зајакнеме локалните бизниси, да го унапредиме корисничкото искуство и да придонесеме за понатамошно позиционирање на Битола како модерен, отворен и туристички атрактивен град“, изјави Ана Драшковиќ, потпретседателка и генерална директорка на Visa за Југоисточна Европа.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека дигитализацијата треба да носи практична корист за граѓаните и компаниите. Според него, безготовинското плаќање и Soft POS терминалите им овозможуваат на локалните бизниси поедноставен начин на работа, а на граѓаните побрза и посигурна услуга.

Од Халк Банка наведуваат дека преку иницијативата ќе продолжат да придонесуваат за развој на дигиталниот платежен екосистем, меѓу другото и преку нивната услуга Mobi POS. Од НЛБ Банка, пак, оценуваат дека ваквите решенија им помагаат на малите и средни претпријатија полесно да направат чекор кон дигитализација без дополнителен финансиски товар во почетната фаза.

Програмата е дел од пошироките активности на Visa за поддршка на дигитализацијата на локалната економија и за поттикнување на безготовинските плаќања во Северна Македонија.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange