Осигурување
Вложувањата во неживотно осигурување надминаа 10 милијарди денари, продажбата на полиси зголемена за 16%
Осигурениците и осигурителните компании лани склучија над 1,71 милиони договори за осигурување вредни над 10,5 милијарди денари. Најпопуларно меѓу сите неживотни осигурувања останува приватното здравствено осигурување кое три години по ред има најголем раст на продажба. Од сите доброволни класи и понатаму најмногу се вложува во осигурување имот. Најголемо учество во вкупната продажба и минатата година има задолжителното осигурување од автомобилска одговорност. Од сите 11 компании за неживотно осигурување дури десет друштва лани бележат раст на приходите од продажба на осигурителни полиси.
Вредноста на вложувањата во сите класи на неживотно осигурување надмина 10,5 милијарди денари (171 мил.евра) во 2022 година. Осигурителниот пазар лани пораснал за 9,2 отсто односно за 14,3 милиони евра во споредба со 2021 година, покажуваат податоците што до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги доставуваат друштвата за неживотно осигурување.
Сите 11 друштва за неживотно осигурување лани склучиле над 1,71 милиони договори за осигурување и тоа е за 16 отсто подобар резултат од претходната 2021 година.
Во најголемата доброволна класа – осигурување имот лани се вложени вкупно 2,1 милијарди денари (34,3 мил.евра). Склучени биле над 145.000 договори за осигурување имот, а продажбата на полиси за оваа класа лани бележи благ пад од 2,7 отсто.
Најголем раст на вложувањата има кај дополнителното (приватно) здравствено осигурување. Ова останува да биде најпопуларна класа на доброволно осигурување која трета година по ред бележи најголем раст на продажба. Лани продажбата пораснала за 68 отсто, го продавале десет осигурителни компании, а од продажба на договори за здравствено осигурување инкасирале 679,6 милиони денари (11 мил.евра).
Забележителен раст лани бележат и вложувањата во каско осигурување на моторни возила. Вкупната вредност на вложувања во оваа класа пораснала за 12 отсто и достигнала 994 милиони денари (16,2 мил.евра).
Во патничко осигурување (туристичка помош за патување во странство) граѓаните лани вложиле 229,3 милиони денари (3,7 мил.евра). Продажбата на овој производ лани пораснала за 55 отсто во споредба во претходната година.
Најголема осигурителна класа останува осигурувувањето од автомобилска одговорност. За задолжително осигурување од автомобилска одговорност склучени се 665.000 договори во вредност од 3,83 милијарди денари (62,3 мил.евра). За патување во странство осигурителите издале над 235.000 зелени карти за кои осигурениците платиле 1,15 милијарди денари (18,7 мил.евра). Во гранично осигурување лани осигуреници вложиле 129,5 милиони денари (2,1 мил. евра).
Во вкупната продажба на полиси за осигурување лани „Триглав осигурување“ учествува со 14,4 отсто, „Уника„ со 10,9 отсто, „Еуролинк“ со 10,7 отсто, „Сава осигурување“ со 10,2 отсто, а АДОР „Македонија ВИГ“ со 9,5 отсто. Следува „Винер ВИГ“ со 9,3 отсто, „Евроинс осигурување“ со 9,2 отсто и „Кроација осигурување – неживот“ со 9 отсто, „Осигурителна полиса“ со 6,8 отсто, „Халк осигурување“ со 6,6 отсто и „Граве неживот“ со 3,4 отсто.
Што се однесува до работењето на друштвата за неживотно осигурување, врз основа на нивните неревидирани извештаи, профитабилноста е значително подобрена во 2022 година во споредба со 2021 година. Десет од вкупно 11 друштва годината ја завршиле со добивка (пред оданочување). Дури осум компании кои работеле со добивка лани имаат подобар финансиски резултат во споредба со 2021 година.
Повеќе детали на следниот линк: https://aso.mk/category/publikaczii/izveshtai-za-rabotata-na-osiguritelnata-industri-a/drushtva-za-osiguruva-e/
Осигурување
ЗОИЛ Македонија го смени името во Алта Осигурување, седиштето се сели во Скопје
Осигурителната компанија ЗОИЛ Македонија го промени името во Алта Осигурување, по преземањето од страна на Давор Мацура, сопственик на српската финансиска групација Алта Груп, покажува известувањето објавено на Македонската берза.
Истовремено, седиштето на компанијата е преместено од Битола во Скопје.
Мацура во март годинава ги купи сите 60.000 акции на ЗОИЛ Македонија во блок-трансакција, за вкупно 104,9 милиони денари, односно околу 1,7 милиони евра.
По преземањето следуваше и докапитализација на осигурителната компанија во износ од 1,3 милиони евра, преку издавање 26.000 обични акции со номинална вредност од по 50 евра. Акциите целосно ги запишал и уплатил Мацура, со што вкупниот акционерски капитал на компанијата се зголеми на 4,3 милиони евра.
Според годишниот финансиски извештај, ЗОИЛ Македонија во 2025 година остварила нето-загуба по оданочување од 33,9 милиони денари, што е повеќе во споредба со загубата од 24,8 милиони денари една година претходно. Компанијата е основана во 2023 година.
Од Алта Груп претходно соопштија дека преземањето на осигурителната компанија е дел од стратегијата за регионално ширење и зајакнување на позицијата на групацијата на пазарот на финансиски услуги во Западен Балкан.
Со ова преземање, Алта Груп дополнително го проширува портфолиото на финансиски услуги, кое опфаќа банкарство, лизинг, електронски и платежни услуги, а сега и осигурување.
Алта Банка од Белград, која е дел од истата групација, минатата година стекна мнозински удел во Стопанска банка Битола, која подоцна беше преименувана во Алта Банка Битола.
Бизнис
ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје објави промена во менаџментот: Донесена одлука за отповикување член на Управниот одбор
ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје преку соопштение на Македонската берза извести за промена во составот на Управниот одбор на друштвото.
Согласно одлуката донесена од Надзорниот одбор на 24 јули 2026 година, г. Игор Доневски е отповикан од функцијата член на Управниот одбор на ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје.
Одлуката е донесена во рамки на законската обврска за известување за промени во органите на управување и раководење, согласно Законот за хартии од вредност.
ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ е дел од финансиската групација ХАЛК, која преку своите активности на македонскиот пазар нуди услуги од областа на неживотно осигурување.
Фото: AI
Осигурување
Халк Осигурување со порака за Светскиот ден на грижата за себе: Осигурај се денес за посигурно утре
На 24 јули се одбележува Светскиот ден на грижата за себе, ден посветен на потсетувањето дека грижата за сопственото здравје, благосостојба и сигурност треба да биде дел од секојдневието.
По тој повод, од Халк Осигурување порачаа дека грижата за себе денес претставува инвестиција во тоа како ќе се чувствуваме утре.
„Осигурувањето е еден од начините да се грижиш за себе – преку одлуки што се однесуваат и на денес и на иднината“, наведуваат од компанијата во објава на социјалните мрежи.
Со пораката „Покажи си самољубов. Осигурај се“, од Халк Осигурување потсетуваат на значењето на навремената грижа и носењето одлуки кои придонесуваат за поголема лична сигурност.
-
Интервјуапред 2 месециДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Продуктипред 1 месецИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Останатопред 2 месециОд јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари
-
Банкипред 2 месециНов банкомат на Халкбанк пред МНТ инспириран од театарската сцена
-
Банкипред 2 месециИсплатата на јунските пензии преку Стопанска банка почнува на 1 јули
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка почнува со исплата на јунските пензии од 1 јули
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Банка вработува банкарски советник во Струмица
-
Банкипред 1 месецСтопанска банка со промотивна камата од 4,9 отсто за Mastercard Platinum картичката





