Анализи
Раст над просекот: македонските банки бележат напредок на SEE TOP 100 листата
Меѓу 100 најголеми банки во Југоисточна Европа, рангирани во најновото издание на SEE TOP 100 ранг-листата на порталот SEE News, своето место повторно го најдоа шест македонски банки. И сите шест можат да се пофалат со скок од неколку места погоре на листата, што се должи на фактот дека нивната актива во 2024 година пораснала повеќе од таа на конкуренцијата во регионот.
Комерцијална банка останува највисоко рангирана македонска банка на оваа регионална ранг-листа со вкупна актива во 2024 од 2,9 милијарди евра. На најновата листа е рангирана на 41 место, што значи 4 места погоре од позицијата во претходното издание на SEE TOP 100, благодарение на годишниот пораст на активата од 9,17%.
Најголем скок, пак, има Халкбанк од 6 места, така што сега оваа македонска банка го зазеде 56 место. Овој напредок на Халкбанк и го овозможи годишниот пораст на активата од 15,99%, со кој банката ја заврши минатата година со вкупна актива од 1,85 милијарди евра.
Второрангирана македонска банка е Стопанска банка АД Скопје, која на оваа листа го зазеде 49 место, што значи едно место погоре во однос на претходната година. Активата на Стопанска банка Скопје е зголемена за 9,63% и изнесува 2,3 милијарди евра на 31.12.2024 година.
Две места подолу е НЛБ Банка АД Скопје, чија актива на крајот од минатата година изнесува 2,2 милијарди евра и оствари пораст од 13,42%. Со тоа, НЛБ Банка ја подобри својата позиција за 3 места.
На 61 место е Шпаркасе банка, што за оваа банка значи скок од 3 позиции. Шпаркасе банка се најде на оваа позиција со актива од 1,7 милијарди евра и со нејзин годишен раст од 13,19%.
Прокредит банка е рангирана на 96 место, со што оваа банка го подобри својот пласман за 2 места. Во 2024 година, Прокредит банка ја зголеми својата актива за 4,50% на 846 милиони евра.
Овие македонски банки во минатата година имаат вкупен профит од 274,8 милиони евра, што претставува учество од околу 3% во вкупната добивка на 100-те најголеми банки за 2024 година, која изнесува 9,9 милијарди евра. Профитот на 100-те банки во ЈИЕ бележи годишен раст од 11,2%, а на 6-те македонски банки е зголемен за 29,3%.
Во најновото издание на SEE TOP 100 се анализира дека „најголемите банки во Југоисточна Европа во 2024 година повторно остварија рекордни профити, потпомогнати од високите каматни стапки и стабилната побарувачка за кредити. Сепак, растот на профитот и на активата значително се забави во споредба со забрзаното темпо во 2023 година – знак дека секторот можеби го достигна својот профитен врв. Централните банки низ регионот започнаа внимателно да ги намалуваат каматните стапки со оглед на намалувањето на инфлацијата, настојувајќи да ја поттикнат економската активност, но воедно сигнализирајќи потенцијално намалување на маржите за кредиторите“.
70 од 100-те најголеми банки пријавиле поголем нето-профит во споредба со претходната година. Сепак, за разлика од 2023 година кога ниту една банка немаше загуби, во 2024 година First Bank Romania и Alpha Bank Romania влегоа во минус.
Вкупната актива на 100-те банки достигна 518,3 милијарди евра, во споредба со 467,3 милијарди евра претходната година. Поголемиот дел од банките ги зголемиле своите биланси, но 9 пријавиле пад на активата во однос на минатата година, што претставува мало подобрување во однос на 11 банки со пад во 2023 година.
И во 2024 година, Banca Transilvania од Романија останува најголема банка во Југоисточна Европа. Активата на банката порасна за 14% и достигна 37 милијарди евра. Banca Transilvania е и со најголема добивка во регионот од 710 милиони евра во 2024 година, што претставува раст од речиси 42%.
На ранг-листата за 2024 година доминираат банките од Романија и Бугарија. Двете земји имаат по 16 претставници во Топ 100.
Рангирањето за 2024 година донесе и три нови банки на листата: ALTA Banka од Србија, KentBank од Хрватска и ZiraatBank BH од Босна и Херцеговина. Tirana Bank, пак, направи најголем скок на листата за 14 позиции, достигнувајќи го 63 место.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е строго забрането без претходно писмено одобрение и е предмет на условите наведени на следниот линк.
Анализи
ЕУ од суфицит премина во дефицит, трговскиот биланс се влоши за 89 милијарди евра
Европската унија го заврши првото полугодие од 2026 година со дефицит во стоковната размена со остатокот од светот од 14,9 милијарди евра, откако во истиот период минатата година имаше суфицит од 74,1 милијарда евра, покажуваат најновите податоци на Евростат.
Тоа значи дека трговскиот биланс на ЕУ за една година се влошил за дури 89 милијарди евра.
Од јануари до крајот на јуни, извозот на стоки од ЕУ во земјите надвор од Унијата изнесувал 1.317 милијарди евра, што е намалување од 2,1 отсто во однос на истиот период во 2025 година. Во исто време, увозот се зголемил за 4,7 отсто, на 1.331,9 милијарди евра.
Само во јуни, ЕУ остварила суфицит од 3,9 милијарди евра, во споредба со 5,2 милијарди евра во истиот месец минатата година. Извозот на годишно ниво пораснал за 12,5 отсто, на 241,5 милијарди евра, додека увозот се зголемил за 13,5 отсто, на 237,7 милијарди евра.
Евростат наведува дека трговскиот биланс во јуни се влошил за 1,3 милијарди евра во споредба со истиот месец во 2025 година. Главната причина е зголемениот дефицит во трговијата со енергенси, кој делумно бил ублажен со поголемиот суфицит кај хемиските и сродните производи.
ЕУ во јуни извезла енергенси во вредност од 12,2 милијарди евра, додека увозот достигнал 42,6 милијарди евра. Со тоа, дефицитот во оваа категорија изнесувал 30,4 милијарди евра, наспроти 23,8 милијарди евра една година претходно.
Најголем суфицит бил забележан во трговијата со хемиски производи, во износ од 17,3 милијарди евра, додека кај машините и возилата бил остварен вишок од 14,6 милијарди евра.
Најголем трговски дефицит ЕУ имала со Кина, во износ од 35,1 милијарда евра. Со Соединетите Американски Држави бил остварен суфицит од 11,2 милијарди евра, а со Обединетото Кралство од 17,1 милијарда евра.
Еврозоната, пак, во јуни повторно се вратила во суфицит, кој изнесувал 8,6 милијарди евра, по дефицитот од девет милијарди евра во мај. Во јуни минатата година суфицитот изнесувал 4,8 милијарди евра.
Извозот од еврозоната во јуни пораснал за 14,4 отсто, на 272,5 милијарди евра, додека увозот се зголемил за 13,1 отсто, на 264 милијарди евра.
Сепак, резултатот за целото прво полугодие е значително послаб од лани. Суфицитот на еврозоната се намалил од 82,2 милијарди евра во првите шест месеци од 2025 година на само 9,8 милијарди евра во истиот период годинава.
Анализи
Европските берзи тргуваат претпазливо и покрај рекордот на Волстрит
На европските берзи во петокот претпладне се тргуваше претпазливо, и покрај растот на Волстрит претходниот ден и новото рекордно ниво на американскиот индекс S&P 500.
Индексот STOXX 600, кој ги следи водечките европски компании, околу 9:30 часот беше речиси непроменет во однос на претходниот ден.
Лондонскиот FTSE се намали за 0,12 отсто, на 10.758 поени, додека германскиот DAX порасна за 0,55 отсто, на 26.445 поени. Парискиот CAC забележа минимален раст од 0,02 отсто и достигна 8.650 поени.
Мирно тргување беше забележано и на Загрепската берза, каде прометот остана релативно скромен.
Околу 10:30 часот индексот Crobex беше во плус од 0,09 отсто, на 4.433 поени, додека Crobex10 порасна за 0,06 отсто, на 2.865 поени.
Редовниот промет со акции до тој момент изнесуваше околу 370.000 евра, што е приближно 270.000 евра повеќе во споредба со истиот период претходниот ден.
Најголем промет, од околу 250.000 евра, беше остварен со акциите на Končar, чија цена остана непроменета на 1.010 евра.
Акциите на Maistra забележаа промет од околу 36.000 евра, а нивната цена се намали за 0,8 отсто, на 65,50 евра.
Промет поголем од 20.000 евра беше остварен и со уште две акции. Акциите на Zagrebačka banka поевтинија за 0,4 отсто, на 22,40 евра, додека повластените акции на Adris grupa пораснаа за 0,5 отсто, на 107 евра, пренесува Хина.
Анализи
Албанија има најсилна сајбер-заштита во светот, Северна Македонија на 30. место
Албанија има најсилна сајбер-заштита во светот, покажуваат податоците од Националниот индекс за сајбер-безбедност (NCSI), кој ја оценува подготвеноста на државите да спречат и да одговорат на сајбер-напади.
На ранг-листата што ја изработува естонската Академија за е-управа се опфатени 155 држави и територии, а Албанија го освои првото место со 98,33 од максимални 100 поени.
Со овој резултат, балканската земја зад себе остави некои од технолошки најразвиените држави во светот, меѓу кои Германија и САД, како и второпласираната Чешка.
Особено впечатлив е напредокот на Албанија во последните неколку години. Минатата година земјата се наоѓала на 15. место, додека во 2023 година била дури на 54. позиција.
Индексот ја оценува способноста на земјите да спречуваат сајбер-закани, да ја заштитат критичната инфраструктура и најважните услуги, да реагираат на сајбер-инциденти, да развиваат национални стратегии, да ги подобруваат стручните капацитети и да ја зајакнуваат меѓународната соработка.
Некои од најголемите светски економии се пласираа значително пониско. Франција е на 16. место, Германија на 19., а Соединетите Американски Држави се на 31. позиција.
Северна Македонија се најде на високото 30. место, една позиција пред САД. Од земјите во регионот, Словенија е на 15. место, Хрватска на 35., додека Србија е на 40. позиција.
-
Интервјуапред 2 месециДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Продуктипред 1 месецИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Банкипред 2 месециХалкбанк носи пристап до Истанбулската берза и до нови можности за раст на капиталот
-
Останатопред 2 месециОд јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари
-
Кариерапред 2 месециКомерцијална банка објави оглас за вработување во Тетово
-
Банкипред 2 месециНов банкомат на Халкбанк пред МНТ инспириран од театарската сцена
-
Банкипред 2 месециИсплатата на јунските пензии преку Стопанска банка почнува на 1 јули
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка почнува со исплата на јунските пензии од 1 јули





