Connect with us
no baners

Интервјуа

Очекувања 2023 година | САНЕЛ КУСТУРИЦА, ШПАРКАСЕ БАНКА АД СКОПЈЕ

Објавено

на

На почетокот на тековната 2023 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи.

Од соговорниците побаравме да направат кратка ретроспектива на изминатата 2022 година, да ги споделат своите очекувања околу новите трендови во банкарскиот сектор во 2023 година, да дадат свој коментар на движењето на каматите на активата и пасивата, да ги истакнат предизвиците со кои ќе се соочи банкарскиот сектор по имплементацијата на новиот Закон за платежни услуги и платни системи и да откријат еден новитет кој банката ќе го воведе во тековната година.

За таа цел во целост ги пренесуваме ставовите и очекувањата на Санел Кустурица, Претседател на Управниот одбор и Генерален извршен директор на Шпаркасе Банка АД Скопје.

Банкарство: Кратка ретроспектива на изминатата 2022 година. Кои настани ја одбележаа годината, дали беше успешна за Вас и кои поуки ги извлековте?

Санел Кустурица: Не би зборувал многу за предизвиците со кои се соочивме минатата година, бидејќи сите мои колеги од банкарскиот сектор веќе детално и исцрпно појаснија, а поголемиот дел се сведува на војната во Украина и живот и работа во услови на висока инфлација.

Но, ова секако не е првата криза со која се соочивме, ниту, пак, ќе биде последна. Сметам дека сите веќе научивме да функционираме во вакви околности, додека, пак, истовремено правиме сè што е во наша моќ за да го дадеме својот придонес во подобрување на постојниот амбиент за живот и работа.

Ние пред сè бевме фокусирани на нашите клиенти, зашто само помагајќи им ним во вакви кризни времиња, може да си помогнеме и себеси.

Имајќи ја оваа цел пред нас, во 2022 година продолживме со многу интензивна кредитна активност, остварувајќи вкупен кредитен раст од 10,7% при што во сегментот на корпоративни клиенти остваривме годишен раст од над 16%, со што значајно влијаевме на заживување на економската активност. Финансиравме одржливи, профитабилни проекти на голем број компании, проекти што овозможуваат отворање нови работни места
проекти што имаат влијание врз животната средина. А и преку сопствен пример на поставување фотоволтаични панели на покривите на нашите згради, сакавме да покажеме дека сите поединечно можеме да дадеме свој придонес.

Растот на депозитното портфолио од 11,2% што е значајно повисоко од просекот на банкарски сектор, говори за довербата што клиентите ја имаат во Шпаркасе Банка, а што е особено карактеристично во кризни времиња. Се разбира дека тука особено влијание има и припадноста кон Штаермеркише Шпаркасе и Ерсте групацијата, институции со докажана стабилност и сигурност во изминатите 200 години. Стратегиската определба на Групацијата за поддршка на македонската економија се покажа и преку кредитот од 50 мил. евра обезбеден за државата под навистина поволни услови.

Остваривме раст во сите сегменти на работењето, раст на нето-профитот и поврат на капиталот, пораст на вкупната актива, а високата капитализираност од 17,9% со адекватно ниво на ликвидност ја прават Шпаркасе Банка отпорна на идни евентуални кризи или надворешни шокови. Но, за нас најбитен показател за успешноста е задоволството на нашите клиенти. Горди сме на резултатите од спроведеното истражување на крајот на 2022 година, кои ни покажаа дека клиентите се задоволни од услугата на Банката.

Додека, пак, она што секако го знаевме, но го потврдивме и сега, е дека најбитен ресурс се нашите луѓе. Грижата за нашите вработени беше наш приоритет и во 2022 година и продолжува и понатаму. Покрај финансиските бенефити што ги обезбедивме, развиваме цел концепт со низа активности со кои ќе ја направиме Банката пријатно катче каде што вработените со задоволство ќе доаѓаат секој ден. Затоа што неспорно е дека само задоволни вработени ќе ни донесат и задоволни клиенти.

Земајќи го предвид погоре кажаното, може да се заклучи дека Шпаркасе Банка беше успешна во изминатата година.

Сепак, од оваа перспектива, многу далечна ми изгледа 2022 година. Cакам да гледам напред, да се фокусирам на новите предизвици и зацртани цели.

Така функционирам јас, така и целиот мој тим. И ние знаеме дека можеме многу повеќе и многу подобро и тоа ќе го докажеме во периодот што следува.

Банкарство: Краток коментар околу очекувањата за движењето на каматните стапки на кредитните/депозитните производи во 2023 година.

Санел Кустурица: Очекувам дека монетарната и фискалната политика ќе се движат во насока што ќе вроди со плод и дека ќе се постигне умерено зауздување на инфлацијата.

Верувам дека никој со сигурност не може да знае до кога ќе трае периодот на високи каматни стапки и кога би можело да се очекува нормализирање на состојбата.

Последните предвидувања покажуваат пооптимистички движења и очекувања за поголем раст на економијата, кои искрено се надевам дека ќе се остварат.

Би сакал да потенцирам дека ние како банка сме претпазливи и постепено ја креираме ценовната политика на нашите кредитни и депозитни производи, во насока на минимален импакт врз нашите клиенти. Секогаш сме подготвени да одговориме на потребите на клиентите по поволни услови и да го амортизираме евентуалниот удар од кризата.

Банкарство: Со какви предизвици се соочува банкарскиот сектор со имплементацијата на новиот Закон за платни системи и платежни услуги?

Санел Кустурица: Новиот Закон за платни системи и платежни услуги донесе значајни новини, кои постепено ќе се имплементираат во наредниот период иако значаен дел веќе се воведоа со почетокот на годината. Движењето во правец на усогласување со европската регулатива во областа на платежните услуги, може да донесе само бенефити за сите учесници во процесот и тука нема дилеми дека промените ќе влијаат значајно за подобрен квалитет од аспект на брзина, сигурност, транспарентност и конкурентност на услугите што ги обезбедуваме кон клиентите. Со воведување на концептот на отворено банкарство и PSD2 регулативата, се отвора значајна конкурентност на пазарот со влез на финтек компаниите, што од друга страна значајно ќе влијае кај банките дигитализацијата да се стави високо на агендата на приоритети во насока на дигитална трансформација во сите банкарски процеси.

Банкарство: Наведете еден новитет што Шпаркасе Банка АД Скопје ќе го имплементира во 2023 година и што очекувате од неговото спроведување?

Санел Кустурица: Дигиталната услуга станува приоритет во секојдневното дејствување, па во стратегиите за трансформација во Шпаркасе Банка дигитализацијата е на приоритетно место. Модернизацијата, зголемената дигитализација и подобрувањето на условите во понудата е трендот што клиентите годинава ќе го почувствуваат во сите сегменти на работењето.

Во оваа насока, Шпаркасе Банка е меѓу првите банки на пазарот што воведе дигитален идентитет. Нашите клиенти веќе можат да креираат дигитален идентитет од далечина со само неколку кликови од нивниот мобилен уред, а потоа да го користат како документ за лична идентификација и потпишување електронски документи од далечина. Следен чекор е дигитален onboarding на нови клиенти, при што ќе може да се отвори сметка, пакет, апликација за кредит и други операции, без присуство во експозитура, од удобноста на својот дом или канцеларија. Со ова, физичкото потпишување документи на хартија, постепено ќе станува минато, а воедно ќе придонесеме за оптимизација на интерните процеси, забрзување на времето за извршување на активностите и зголемена ефективност.

И понатаму ќе се залагаме да им понудиме на клиентите што поедноставни банкарски платформи каде што клиентите сами ќе може во секое време да ги извршуваат сите потребни банкарски операции за своите финансиски потреби, без да чекаат ред или да брзаат во работно време во експозитурите на Банката.

Покрај развојот на дигитални канали за клиентите, Банката паралелно посветено работи и на технологија и апликации што ќе водат кон интерна трансформација, оптимизација и автоматизација на процесите. Па, така, клиентите ќе можат да очекуваат платформа што значително ќе придонесе за побрз и поефикасен процес на одобрување на кредитните барања.

А, оваа година ќе нè видите и во едно ново руво. Веќе тече процесот на освежување на корпоративниот дизајн со нови бои, лого и креативи, приспособени на дигиталниот свет во кој живееме и следејќи ги визијата, вредностите и верувањата на големото Ерсте и Штаермеркише семејство. Брендот Шпаркасе станува уште попристапен и пофлексибилен за своите клиенти, целосно ориентиран кон иднината.

Интервјуа

FinSight | Снежана Станковиќ: Пензиските фондови добиваат три инвестициски стратегии според возраста и ризикот

Објавено

на

Разговараме со Снежана Станковиќ, Претседателка на Управниот одбор на Сава пензиско друштво, за новите законски измени и промените во начинот на инвестирање на средствата во пензиските фондови.

Таа објаснува дека досега сите членови во пензискиот фонд биле опфатени со една заедничка инвестициска стратегија, без разлика на возраста или профилот на ризик.

„Средствата се инвестираа врз основа на единствена инвестициска стратегија која важеше за сите членови, независно од нивната возраст“, вели Станковиќ.

Со новите законски измени, во рамките на истиот пензиски фонд ќе се формираат различни под-фондови, односно портфолија со различен степен на ризик и инвестициски пристап.

„Сега се предвидуваат растечко, балансирано и конзервативно портфолио, чија суштина е различна инвестициска стратегија и различен ризик“, објаснува таа.

Кај растечкото портфолио, фокусот е ставен на долгорочни инвестиции и повисок потенцијал за принос.

„Растечкото портфолио подразбира инвестициска стратегија на долг рок со финансиски инструменти со повисока ризичност, што овозможува и повисоки приноси“, посочува Станковиќ.

Балансираното портфолио, додава таа, е комбинација од умерен ризик и умерен принос.

„Кај балансираното портфолио имаме умерена инвестициска стратегија и умерен ризик“, вели Станковиќ.

Конзервативното портфолио, пак, е наменето за членови кај кои сигурноста има најголемо значење.

„Тука фокусот е на заштита на средствата, особено за пензионерите или лицата пред пензија, кога ликвидноста и сигурноста се најважни“, нагласува таа.

Според Станковиќ, секоја од трите стратегии ќе има различна структура на инвестиции и различни ограничувања за финансиските инструменти во кои ќе може да се вложуваат средствата на членовите.

Продолжи со читање

Интервјуа

FinSight со Дарко Дедиќ: Колку е важно животното осигурување за финансиската сигурност?

Објавено

на

Гостин во FinSight е Дарко Дедиќ, со кого разговараме за значењето на животното осигурување, финансиската заштита на семејствата и навиките на граѓаните кога станува збор за долгорочна сигурност.

Во интервјуто, Дедиќ објаснува што всушност опфаќа животното осигурување, кои се најчестите дилеми што ги имаат граѓаните и колку средства е потребно да се издвојуваат за една полиса. Разговараме и за тоа што се случува доколку осигуреникот во одреден период не може да ја плаќа полисата, дали таа престанува да важи и какви можности постојат за продолжување на осигурувањето.

Посебен акцент е ставен и на прашањето што добива осигуреникот по истекот на полисата, дали животното осигурување опфаќа само заштита на животот или и дополнителни покритија, како и што се случува со кредитните обврски во случај на смрт на осигуреникот.

Во разговорот се отвора и темата за развојот на животното осигурување во Македонија, споредбата со европските пазари и потребата од поголема финансиска едукација и подигнување на свеста кај граѓаните за придобивките од оваа форма на финансиска заштита.

Следете го целото интервју со Дарко Дедиќ на YouTube каналот на FinSight.

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање

Интервјуа

FinSight | Снежана Станковиќ | Дали сме подготвени за новиот пензиски модел?

Објавено

на

Во новото издание на FinSight разговараме со Снежана Станковиќ, Претседателка на Управниот одбор во Сава пензиско за клучните измени што ќе го обликуваат пензискиот систем во наредниот период.

Пензискиот систем во земјава влегува во нова фаза на трансформација. Со најавените измени во Законот за задолжително пензиско осигурување се воведува нов концепт на управување со пензиските заштеди, кој треба да овозможи поголема флексибилност, но и поголема одговорност за осигурениците.

Во ова интервју, Снежана Станковиќ, Претседателка на Управниот одбор на Сава пензиско, објаснува што конкретно носат реформите и како тие ќе се применуваат во пракса. Една од клучните новини е воведувањето на три инвестициски портфолија – растечко, балансирано и конзервативно, што отвора прашања околу тоа кој ќе ја носи одлуката за инвестирање и како ќе се распределуваат средствата во зависност од возраста и ризичниот профил на осигурениците.

Дополнително, се дискутира дали новите правила ќе ги опфатат и постоечките осигуреници, како и кои се потенцијалните предизвици во предложените законски решенија. Во разговорот се осврнуваме и на интересот за доброволниот (трет) пензиски столб, кој сè повеќе добива на значење во контекст на долгорочното финансиско планирање.

Покрај пензиските теми, интервјуто отвора и пошироки прашања за одржливоста на системот, финансиската писменост и навиките на младите генерации кога станува збор за пензиско планирање.

Воедно, како дел од GEA – Алијансата за родова еднаквост на работното место, се разговара и за родовиот јаз во финансискиот сектор, разликите во застапеноста и платите, како и за конкретните активности што треба да придонесат кон поголема еднаквост.

Ова интервју нуди релевантни погледи за сите кои сакаат да разберат како денешните реформи ќе влијаат врз нивната финансиска сигурност во иднина.

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange