Connect with us
no baners

Банки

Народната банка одржа работилница за новинарите: „Дигитализацијата на финансиските услуги и нивната примена во банкарскиот сектор“

Објавено

на

Дигиталната технологија сѐ повеќе влијае врз финансиската индустрија. Модернизацијата на плаќањата е особено изразена и зема сѐ поголем замав и во нашата економија. Според податоците од платежната статистика за 2023 година на Народната банка, забележано е  зголемување на безготовинските платежни трансакции од 16%, во споредба со 2022 година, односно 87 трансакции по глава на жител. Според глобалната база на податоци „Финдекс“ на Светската банка, процентот на возрасни кои извршиле или примиле дигитални плаќања се зголемил од 44% во 2014 година на 64% во 2021 година.

Ова го истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на почетокот на Работилницата за новинари под наслов „Дигитализацијата на финансиските услуги и нивната примена во банкарскиот сектор“, којашто се одржа во Народната банка. Пред новинарите се обратија и Игор Величковски, директор на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Кристина Трпезаноска, заменик-претседавачка на Комисијата за информативна сигурност и членка на Комисијата за ризици при МБА и директорка на Одделот за управување со ризици при „Прокредит банка“ и Киро Чадиковски, директор на Дирекцијата за банкарски картички и платежни сметки во „Комерцијална банка“ АД Скопје.

Гувернерката посочи дека преку низа активности се поддржува примената на новите технологии во плаќањата, а дека од суштинско значење за ова е и стратегискиот пристап и носењето на Финтек-стратегијата за финансиските регулатори за периодот од 2023 до 2027 година, изработена од Народната банка, во соработка со претставници од регулаторните и надзорните институции во финансиската сфера. Гувернерката Ангеловска-Бежоска во своето обраќање ја истакна важноста на регулативната рамка, но и иновациите во процесите на плаќање и широката примена на механизмите за електронско прифаќање на плаќањата, како значителна промена што води кон економија без готовина.

Во своето обраќање, гувернерката посочи дека покрај предностите, дигитализацијата  носи и нови ризици, како кибернападите. Оттаму, од голема важност е да се подигне јавната свест за овие предизвици преку процесот на финансиска едукација, но и преку спроведувањето на европскиот Закон за дигиталната оперативна отпорност. „Kибернападите бележат постојан раст, а стануваат и сѐ посложени и посилни. Се проценува дека на дневна основа има повеќе од 2200 напади, односно еден напад на секои 39 секунди. Финансиската индустрија традиционално е прва на листата по бројот на кибернападите.“

На Работилницата стана збор и за Законот за платежни услуги и платни системи, којшто води кон значајна пресвртница и со кој се овозможуваат нови решенија за дигиталните плаќања, коишто покрај банките и штедилниците, ќе ги развиваат и новите даватели на платежни услуги од финтек-секторот.

„Се очекува дека новата правна рамка којашто е усогласена со правото на Европската Унија ќе го зајакне трендот на дигитализација на платежните услуги во земјата и истовремено ќе ги отвори можностите за забрзана интеграција на земјата во СЕПА и поврзување со платежната инфраструктура во Европската Унија, што ќе овозможи побрзи и поевтини плаќања во евра за граѓаните и компаниите“, истакна Игор Величковски, директорот на Дирекцијата за платни системи.

Директорката на Одделот за управување со ризици во „Прокредит банка“, Кристина Трпезаноска, посочи дека во последните години во банкарскиот сектор во нашата држава е направен виден исчекор во дигитализацијата, поддржана од соодветните законски промени. „Понудата на дигиталните услуги ќе се зголеми во идниот период, а должност на банките е да обезбедат нивна практична, лесна и ефикасна употреба, како и унапредување на дигиталната писменост на крајните корисници. Во овој процес на засилена дигитализација, од суштинско значење е да се спроведат стандардите за информативна безбедност и заштита на дигиталниот простор“, нагласи Трпезаноска.

Претставниците на банките се согласни дека дигитализацијата на финансиските услуги значително го трансформира финансискиот сектор.

„Мобилните апликации и интернет-банкарството овозможуваат управување со финансиите од каде било, додека напредните методи за автентикација ги заштитуваат податоците. Финансиската вклученост, брзите плаќања и поврзаноста со други услуги дополнително придонесуваат за позитивните ефекти на дигитализацијата, овозможувајќи економски развој и напредок“, порача Киро Чадиковски, директор на Дирекцијата за банкарски картички и платежни сметки во „Комерцијална банка“ АД Скопје.

На Работилницата присуствуваа новинари од голем број медиуми коишто известуваат во доменот на економијата. 

Банки

Народната банка го објави Конкурсот за Годишната награда за млади истражувачи за 2027 година

Објавено

на

Народната банка го објави Конкурсот за доделување на Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2027 година. Наградата се доделува со цел да се поттикне развојот на научната мисла и изработката на истражувачки трудови од областа на макроекономијата, банките и банкарските системи, како и да се афирмираат млади и стручни кадри.

Право на учество на Конкурсот имаат државјаните на Република Северна Македонија на возраст до 35 години. Вработените во Народната банка и членовите на Советот на Народната банка немаат право на учество.

Трудот со кој се конкурира треба задолжително да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 80.000 карактери со празни места (без фусноти, прилози, графикони, табели, апстракт, библиографија и анекси) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување.

Авторите можат да конкурираат и со труд којшто веќе бил објавен, но не пред 1 јануари 2025 година. При поднесувањето на веќе објавен труд, потребно е да се наведе кога и каде е објавен.

Трудовите се доставуваат по електронски пат, во форматот „Word“, на електронската адреса: [email protected], со назнака: „За Годишната награда на Народната банка на Република Северна Македонија“. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.

Еден автор може да поднесе само еден труд. Трудовите може да бидат напишани на македонски, албански или англиски јазик.

Трудовите ќе се оценуваат според повеќе критериуми, меѓу кои се релевантноста на истражуваното подрачје за македонскиот контекст, квалитетот на освртот на литературата, јасноста на дефинирањето на проблемот и целите на истражувањето, соодветноста на анализата и применетите методи, како и квалитетот на заклучоците и препораките.

Крајниот рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2027 година.

Наградата е во парична форма. За првонаградениот труд се доделува награда во износ од 130.000 денари, а за второнаградениот труд наградата изнесува 65.000 денари.

Конкурсот е објавен на веб-страницата на Народната банка.

Продолжи со читање

Банки

Девизните резерви достигнаа 5,21 милијарди евра на крајот од мај

Објавено

на

Девизните резерви на државата на крајот од мај 2026 година изнесувале 5,21 милијарди евра, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

Според структурата на резервите, најголем удел имаат вложувањата во хартии од вредност, кои сочинуваат 68,5 проценти од вкупните девизни резерви. Монетарното злато учествува со 16,6 проценти, додека валутите и депозитите имаат удел од 14,9 проценти.

Девизните резерви претставуваат важен показател за финансиската стабилност на земјата и нејзината способност да одговори на надворешни економски предизвици.

Продолжи со читање

Банки

Унапредувањето на институционалната соработка во фокусот на средбата меѓу гувернерот Славески и гувернерот на Народната банка на Кина Пан Гонгшенг

Објавено

на

Во рамките на меѓународниот симпозиум во организација на Банката за меѓународни порамнувања и Народната банка на Кина, одржан во Шангај, гувернерот на Народната банка д-р Трајко Славески, на покана на гувернерот на Народната банка на Кина Пан Гонгшенг, оствари билатерална средба со својот кинески колега.

За време на средбата беа разменети мислења за актуелните светски економски и финансиски текови, како и за предизвиците со кои се соочуваат централните банки во услови на засилена неизвесност во меѓународното окружување. Воедно, беа споделени искуства поврзани со спроведувањето на монетарната политика и зачувувањето на финансиската стабилност.

Во рамките на разговорите им беше посветено внимание на трговските и на финансиските односи меѓу двете земји, при што беа разгледани и можностите за нивно понатамошно унапредување преку продлабочување на институционалната соработка. Притоа, беше нагласена долгогодишната традиција на пријателски односи меѓу двете земји, како и подготвеноста на Народната банка за натамошно засилување на дијалогот и размената на искуства со Народната банка на Кина.

Исто така, соговорниците се осврнаа на можностите за соработка во областа на дигиталната трансформација на финансискиот сектор, унапредувањето на финансиската вклученост, како и јакнењето на институционалните капацитети преку размена на знаења, експертиза и добри практики.

Славески и Гонгшенгсе согласија дека постои потенцијал за понатамошно продлабочување на соработката меѓу двете централни банки.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange