Банки
Вицегувернерката Митреска на Состанокот на БИС: Политиките на централната банка овозможуваат стабилизација на инфлацијата и зајакнување на отпорноста на банкарскиот систем

Мерките за справување со инфлацијата, коишто ги презема Народната банка, истовремено придонесоа и за дополнително јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор, посочи вицегувернерката Ана Митреска, во дискусијата на 23. состанок на Банката за меѓународни порамнувања (БИС) за монетарната политика во Централна и Источна Европа.
Народната банка презема повеќе мерки за стабилизирање на инфлацијата. Покрај промената на основната камата, централната банка делуваше и преку операции на девизниот пазар, промени кај инструментот задолжителна резерва и преку макропрудентните мерки. „Макропрудентните мерки во основа беа користени за да се зголеми отпорноста на банкарскиот систем, но исто така претставуваа и поддршка на затегнувањето на монетарната политика во борбата против инфлацијата. Во неколку наврати беше зголемен контрацикличниот заштитен слој на капиталот на банките и беа воведени макропрудентни инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица. Податоците покажуваат дека многу земји применија макропрудентни мерки, не само за задржување на финансиската стабилност, туку и за поддршка на монетарната политика. Во Европа, на пример, од почетокот на 2020 година досега, контрацикличниот заштитен слој на капиталот е зголемен од 0,25 п.п. до 2,5 п.п.“, посочи вицегувернерката Митреска.
Примената на комбинација на различни мерки за борба против инфлацијата беше значајно за задржување на финансиската стабилност. Историските податоци покажуваат дека при епизоди на раст на каматните стапки, можна е појава на ризици за финансиската стабилност. „Сепак, сегашниот циклус на монетарно затегнување беше придружен и со низа макропрудентни мерки, преку коишто се спречува појава на финансиски стрес“, посочува вицегувернерката Митреска. Притоа, таа истакна дека резултатите од стрес-тестовите за ефектите од зголемувањето на каматните стапки врз портфолиото на домашниот банкарски сектор покажале дека банките се добро подготвени за да ги надминат евентуалните предизвици, како и дека досега нема остварување на ризиците. Сепак, посочува дека поради постојана неизвесност, и централните банки, и банкарскиот систем во целина треба да се внимателни и подготвени за соодветна реакција во случај на нови шокови.
Банки
Гувернерот Славески на Годишното генерално собрание на БИС

Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, учествуваше на Годишното генерално собрание на Банката за меѓународни порамнувања (БИС), во чии рамки оствари бројни средби со повеќе свои колеги од централните банки од регионот и од светот. На средбите на БИС, покрај гувернерот, учествуваше и вицегувернерката Емилија Нацевска.
На Собранието на БИС беа разгледани и усвоени најновиот извештај за работата на БИС и Годишниот финансиски извештај на БИС за 2025 година, коишто се осврнуваат на политиките на централните банки коишто во изминатите години на неколку последователни кризи ги ублажија последиците од кризите и овозможија задржување на стабилноста во економиите. Беше истакнато дека и натаму се препорачуваат политики коишто ќе обезбедат финансиска и макроекономска стабилност, како и јакнење на финансиските позиции на централните банки.
Дискусиите во рамките на Годишното собрание на БИС се од исклучително значење за согледување на предизвиците со кои се соочуваат централните банки секојдневно и за утврдување на мерките и активностите за нивно надминување, но и за подготовка за идните трендови во работењето што ги носи дигитализацијата, имајќи ја предвид улогата на БИС во меѓународната соработка за поддршка на монетарната и финансиската стабилност. Народната банка е полноправна членка на БИС со уште шеесет и две централни банки и монетарни институции од светот, коишто учествуваат и имаат право на глас на Генералното собрание.
Банки
ПроКредит Банка го отвори новиот Центар за работа со население во Кисела Вода

ПроКредит Банка го отвори новиот и модерен Центар за работа со население во Кисела Вода во рамки на станбено-деловниот комплекс Адора Флат Ирон, кој на клиентите ќе им понуди ново клиентско искуство, сеопфатни банкарски услуги, 24/7 зона, како и тим од посветени професионалци кои се тука да споделат стручни финансиски совети, поддршка и брза услуга за сите нивни банкарски потреби.
Отворањето на центарот во Кисела Вода е со стратешка цел да се биде поблиску до граѓаните обезбедувајќи имперсонализиран пристап и банка партнер која ќе им помогне во оставарувањето на нивните цели. Дополнително, центарот е опремен и со 24/7 Зона, со современи банкомати кои им овозможуваат на клиентите самостојно да вршат банкарски операции како уплата и исплата на денари и евраи внесување на дневен промет во “drop box” сеф.
“Сакаме да го скршиме стереотипот за тоа како се работи со банка, каде што обично се чека во ред на шалтер со цел да завршите некоја обврска или пак чекање со денови за да се добие одобрување за кредит. Ние сме банка која нуди персонализирана и модерна услуга. Кај нас може да потпишете кредит директно на таблет и истиот може да го добиете за еден час. Банките треба да одат напред со нови,модерни филијали и 24/7 зони и навистина сме горди што ние сме пример и првата банка која што го спроведува тоа.”– истакна Стевче Кузмановски, Член на Управниот одбор во ПроКредит Банка.
ПроКредит Банка покрај модерната услуга, нуди ипромотивна понуда за сите нови клиенти на Центарот за население во Кисела Вода. Во таа насока, сите физички лица кои ќе отворат сметка во оваа филијала во периодот до 25.12.2025 ќе добијат бесплатно одржување на сметка, електронско и мобилно банкарство и бесплатни интерни трансфери во првите 12 месеци.
Центарот за работа со население на ПроКредит Банка се наоѓа на ул. Борис Трајковски бр. 1 во рамки на станбено-деловниот комплекс Адора Флат Ирон и е со работно време од 08:30 до 16:30 часот.
Банки
Средба на гувернерот Славески со претседателот на Федералните резерви на САД, Џером Пауел

Во рамките на 95-тото генерално собрание на Банката за меѓународни порамнувања (БИС) во Базел, Швајцарија, гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, се сретна со претседателот на Федералните резерви на САД (ФЕД), Џером Пауел.
На средбата беше истакната важноста на зачувувањето на независноста на централните банки како основа за ефикасна монетарна политика, насочена кон ценовната и финансиската стабилност. Се разменија мислења за светските предизвици и за потребата од соработка помеѓу централните банки.
Гувернерот Славески ја нагласи важноста на постојаната комуникација со водечките монетарни институции и на размената на искуства како значаен придонес за стабилен и отпорен финансиски систем.
- Банкипред 5 дена
Стопанска банка АД – Скопје назначи нов Генерален директор за финансии и член на Управниот одбор
- Банкипред 2 месеци
НЛБ Банка Скопје e првата банка во земјата со формална апликација кон СЕПА, единствената област за плаќање во евра
- Анализипред 2 месеци
АНАЛИЗА: Дали Македонците најмногу пари трошат за време на попусти, одмори или празници?
- Банкипред 2 месеци
ММФ оценува дека Народната банка успешно се справува со шоковите и ја води политиката претпазливо и професионално
- Банкипред 2 месеци
Халкбанк АД Скопје со нова експозитура во Diamond Mall – банкарските услуги поблиску до клиентите
- Банкипред 2 месеци
Стопанска банка АД – Скопје со рекордна дивиденда – ќе подели 65 милиони евра на своите акционери!
- Банкипред 2 месеци
Како да препознаете и спречите phishing измами поврзани со банкарски услуги?
- Банкипред 2 месеци
Европските инвестициски банки со најдобри трговски резултати во последната деценија