Connect with us
no baners

Банки

Успешни приказни, врвни професионалци, млади лидери, размена на идеи – се одржа втората конференција „Чувари на мудроста“

Објавено

на

Повеќе од 200 млади присуствуваа на втората конференција „Чувари на мудроста“, во организација на Халкбанк АД Скопје, на која своите искуства, совети и рецепти за успех ги споделија 14 говорници кои работат во различни области. Настанот беше вистинска платформа на која се обединија знаењето на успешните и реализирани професионалци и полетноста и амбициозноста на младите студенти и претприемачи.

На првата панел дискусија „Од личен развој до иновативно претприемиштво“ со професорот Радмил Поленаковиќ и Нина Ангеловска, пионерката во е-трговијата, заклучокот беше дека подготовката за дигиталната ера бара посветеност и континуирано учење. Практичните вештини, етичките размислувања и современите наставни методи можат да го премостат јазот помеѓу традиционалното образование и потребите на пазарот на труд кои брзо се менуваат.

Во рамките на вториот конференциски панел, насловен „Успешна бизнис приказна – посветеност, дисциплина, интуиција“, Живко Мукаетов, директор на Алкалоид, и Петар Ниновски, основач на „Бреинстер“, имаа пријатна дискусија базирана на сопствените искуства. Мукаетов се осврна на професионалните предизвици во неговата 25-годишна кариера, а Ниновски нагласи дека младите треба да работат напорно, да се пробуваат, да направат грешки ако треба, но и да умеат да си простат за нив. Интегритетот, посветеноста и дисциплината се основа за долгорочен успех.

Искра Гешоска, теоретичарка на уметноста, и Јасмина Поповска, професорка на Филозофскиот факултет, на третата панел дискусија „Без хуманистика нема иднина“ ја изненадија публиката со различната перспектива на хуманистичките науки. Панелистите истакнаа дека, водени од човековата доблест и потрагата по знаење, хуманистичките науки го ставаат акцентот на добро управување со заедницата и емпатијата во општеството, што се клучни за индивидуалната благосостојба.

И покрај поразителните бројки за волјата на младите да бидат општествено активни, граѓанскиот сектор останува силен во застапувањето на потребите на граѓаните. Неда Малеска Сачмароска од ЦУП и Ирина Јаневска од АРНО на четвртата панел дискусија насловена „Храбар граѓански сектор за квалитетни општествени промени“ ги разбија стереотипите и предрасудите преку практични примери за личните и секторски успеси, и заклучија дека останува заложбата за поголемо доближување на улогата на граѓанскиот секторот до младите и заедницата.

На панелот за архитектура под наслов „Визија за архитектура на иднината“ воден од професорот Мишко Ралев и архитектот Пако Радовановиќ, говорниците потенцираа дека оваа професија бара љубов и посветеност, како и вроден талент. Панелистите истакнаа дека архитектите мора да имаат силно чувство за естетика и осет за убавото, што е неопходно за успешно реализирање на нивните проекти.

Академик Владо Камбовски и професорот на Правниот факултет, Бобан Мисоски, разговараа за филозофското битие на правото, но и за правото како дел од секојдневието на панелот насловен „Концепт за инклузивна и одржлива правда“. Тие се обидоа да ги мапираат клучните компетенции кои треба да ги поседуваат младите правници, и како тие да ја одржат својата мотивација за борба за правда и праведност.

На последниот панел „Личен потенцијал без бариери“ со психотерапевтите Славица Гајдаѕис Кнежевиќ и Катерина Димова се дискутираше на темата „Како да ни биде добро?“. Тие истакнаа дека често не сме свесни како да постигнеме благосостојба или да ги препознаеме причините за нашето незадоволство. На крајот закчучија дека е потребна длабока интроспекција и себеспознавање за да стигнеме до решение.

Панелистите ја посочија важноста од прилагодување на тековните трендови, придржување кон етичките стандарди и континуирано учење за успех во инженерството, бизнисот и образованието.

Присутните млади луѓе во публиката беа активни учесници во дискусиите имајќи предвид дека преку апликацијата Слајдо поставија повеќе од 180 прашања до говорниците. За најкреативното прашање во секоја сесија, следуваше вредносен ваучер.

Целта на конференцијата „Чувари на мудроста“, организирана од Халкбанк АД Скопје, е да ги обедини студентите и младите претприемачи со врвни ментори и професионалци од различни области. Оваа платформа им нуди можност од прва рака да слушнат успешни приказни и да научат вредни лекции од искуствата на луѓе кои, со својот труд и посветеност, успеале да ги надминат сите бариери и да достигнат врвови во своите кариери.

Банки

Славески и Светска банка договорија експертска поддршка за инстант плаќања

Објавено

на

Гувернерот на Народна банка, Трајко Славески, и заменик-претседателката на Светската банка, Антонела Басани, потпишаа договор за техничка и експертска поддршка за воведување систем за инстант плаќања во земјата, соопшти Народна банка.

Со поддршка на Светска банка се интензивираат активностите за приклучување кон СЕПА и за вклучување на домашните банки во шемата за кредитни трансфери, што треба да овозможи побрзи и поевтини прекугранични плаќања.

На средбите во Вашингтон било истакнато дека Светска банка ќе продолжи да ја поддржува интеграцијата на финансискиот систем во европските платни механизми, вклучително и воспоставување систем за инстант плаќања и негово поврзување со ТИПС на Европската централна банка, како и со системите во Западен Балкан.

Народна банка работи на решение засновано на модел на ТИПС, развиен од Банката на Италија, а за таа цел е потпишан договор за техничка соработка со Светска банка, кој опфаќа експертска поддршка во дизајнот и имплементацијата.

Соработката меѓу двете институции вклучува и поддршка во области како финансиска стабилност, регулатива, дигитализација, управување со ризици и финансиска вклученост.

Делегацијата на Народна банка учествувала и на работна средба во Вашингтон со претставници на меѓународни институции и централни банки од регионот, каде биле разгледани следните чекори за воведување на системот за инстант плаќања.

Продолжи со читање

Банки

Славески на средба со заменик-генералниот директор на ММФ Бо Ли: Потврдена силна поддршка за независноста на централните банки и засилена внимателност во услови на глобални ризици

Објавено

на

Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, заедно со министерката за финансии Димитриеска – Кочоска и нашата делегација, остварија средба со заменик-генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, во рамките на Пролетните средби на ММФ и Светската банка коишто се одржуваат во Вашингтон.

Разговорите се одвиваа во контекст на засилена глобална неизвесност, предизвикана од геополитичките тензии на Блискиот Исток и значаен фокус на самата средба беше ставен на ефектите врз светските енергетски текови, инфлациските притисоци и потенцијалните ефекти врз економските изгледи. Двете страни разменија мислења за потребата од внимателно следење на ризиците и навремена подготвеност на креаторите на политики за адекватен одговор во случај на нивно прелевање врз домашната економија.

Посебен акцент беше ставен на можноста од појава на индиректни, односно второстепени ефекти врз инфлацијата, при што беше нагласено дека Народната банка будно ја следи состојбата и е подготвена, доколку е потребно, да реагира со расположливите монетарни инструменти со цел зачувување на ценовната стабилност.

Гувернерот Славески ја истакна определбата на Народната банка за водење претпазлива, конзистентна и кредибилна монетарна политика, која е насочена кон одржување на стабилноста на цените и заштита на финансиската стабилност во услови на засилена глобална волатилност и неизвесност.

Во разговорите беше нагласено и значењето на независноста на централните банки, вклучително и нивната оперативна и финансиска независност, како клучен предуслов за ефективно и навремено спроведување на монетарната политика и за одржување на довербата во институциите. Во овој контекст беше истакнато дека стабилните институционални рамки се особено важни во периоди на зголемени надворешни шокови и брзи промени во глобалното окружување.

Од страна на соговорниците беше реафирмирана важноста на континуираната соработка меѓу Народната банка и ММФ, како и поддршката на Фондот во насока на натамошно унапредување на аналитичките и институционалните капацитети.

Средбата, како што беше оценето, претставува потврда на заедничката заложба за одржување на макроекономската стабилност и зајакнување на отпорноста на економиите во услови на зголемени глобални ризици, при што централните банки остануваат клучен столб на стабилноста.

Продолжи со читање

Банки

ММФ: Народната банка со нови достигнувања во статистиката

Објавено

на

Народната банка остварува континуиран напредок во областа на статистиката, со висока усогласеност со меѓународните стандарди и засилена транспарентност. Ова беше истакнато на средбата на гувернерот д-р Трајко Славески и делегацијата на Народната банка со претставници на Одделот за статистика на Меѓународниот монетарен фонд, одржана на маргините на Пролетните средби на ММФ и Светската банка.

На средбата беше нагласено дека Народната банка активно придонесува кон иницијативата на ММФ за проширување на СДДС плус стандардот. Во таа насока, од јануари 2026 година започна редовна дисеминација на дополнителен индикатор, кој се однесува на показателот за нето-отворена девизна позиција во однос на капиталот, на Националната страница за стандардни податоци (NSDP).

Значаен напредок е постигнат и во областа на финансиските сметки, со објавување на  кварталните податоци за трансакции. Со тоа, Народната банка целосно ги имплементира препораките на ММФ, во однос на опфатот на податоците, со што се постигна усогласување со најновите меѓународни стандарди во оваа област.

Во доменот на екстерните статистики се преземаат активности за натамошно подобрување на квалитетот и деталноста на податоците. Во овој контекст, се реализира и проектот за воспоставување единствен склад на статистички податоци, финансиран од Европската комисија преку ИПА 2021.

Во доменот на монетарната статистика, продолжуваат активностите за воспоставување интегриран систем за известување за статистички и супервизорски потреби. Подзаконските акти донесени во 2025 и 2026 година воспоставуваат сеопфатна рамка за усогласено известување од банките и штедилниците, при што новиот систем ќе започне со примена од септември 2026 година, а известувачите веќе активно го тестираат.

Соговорниците ја истакнаа важноста на досегашната соработка и изразија подготвеност за нејзино понатамошно продлабочување, со фокус на унапредување на статистичките практики и усогласувањето со меѓународните стандарди.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange