Банки
Стопанска банка а.д. Битола оствари позитивен финансиски резултат за изминатата 2022 година

Изминатата 2022 година се карактеризираше со изразена економска неизвесност како резултат на продлабочувањето на пазарните дисторзии настанати поради пандемијата на ковид-19, а дополнително разгорени со конфликтот меѓу Русија и Украина, што предизвика пролонгирани проблеми во синџирите на снабдување, раст на цената на енергенсите и раст на општото ниво на цени, така што централните банки беа исправени пред предизвикот наметнат од двоцифрените стапки на инфлација.
Во вакви влошени услови на економска активност, како и на намалена денарска ликвидност на финансискиот пазар во земјата, проследено со константно зголемување на каматната стапка на благајнички записи и зголемување на референтната каматна стапка, Стопанска банка а.д. Битола оствари позитивен финансиски резултат за 2022 година, односно нето-добивка во износ од 29,95 милиони денари.
Финансиски перформанси на Стопанска банка а.д. Битола
Нето-приходите од камати бележат зголемување за 15,32%, односно 44,48 милиони денари во однос на остварувањето од минатата година. Приходите од камати се повисоки за 40,54 милиони денари, односно 10,16%, додека расходите за камати бележат годишно намалување од 3,94 милиони денари, односно 3,63%. Планот на нето-приходи од камати за 2022 година, е остварен со 98,10%.
Нето-приходите од провизии и надоместоци се пониски за 8,45 милиони денари, односно 5,55% во споредба со претходната година. Притоа приходите од провизии и надоместоци се помали за 1,32 милиони денари, односно 0,61%, а расходите за провизии и надоместоци се повисоки за 7,13 милиони денари, односно 10,76%. Растот на расходите за провизии и надоместоци главно произлегува од работата со платежните картички, паралелно со зголемените тарифи на провајдерите Visa и Master. Остварувањето на планот за 2022 година во оваа позиција изнесува 88,55%.
Нето-приходите од курсни разлики се позитивни во износ од 25,31 милиони денари и пониски за само 0,76 милиони денари, односно 2,90% споредено со истите од минатата година, а планот за 2022 година е остварен со 93,72%.
Останатите приходи од дејноста се повисоки за 7,18 милиони денари, односно 25,27% во споредба со 2022 година, како резултат на остварени капитални добивки од продажба на преземен имот. Планот за 2022 година во оваа позиција е реализиран со 122,88%.
Според проценките за квалитетот на кредитното портфолио во значително тешки економски услови за клиентите на Банката, исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа изнесува -77,09 милиони денари.
За разлика од 2022 година, во 2021 година беше извршено еднократно ослободување на исправка на вредност од наплата на претходно отпишано побарување од каде што произлегува разликата во реализираната нето-исправка на вредност во двете споредбени години.
Загубата поради оштетување на нефинансиските средства, на нето-основа е позитивна во износ од 12,75 милиони денари, што се должи на продажба на дел од преземениот имот и ослободување на претходно издвоената исправка на вредност во согласност со регулативата на НБРСМ.
Трошоците за вработените бележат зголемување од 4,88% во споредба со претходната година, додека планот за анализираниот период кај оваа позиција е остварен со 99,35%. Останатите расходи од дејноста се повисоки за 9,19%, а реализацијата на планот изнесува 88,70%. Амортизацијата е зголемена за 11,57% на годишна основа, а планот е остварен со 99,02%.
Промени во сметководствените политики и методи на вреднување
Во периодот 1.1.2022 – 31.12.2022 година нема промени во сметководствените политики и методи на вреднување.
Очекувања за претстојниот период
Во услови кога на повидок е забавување на инфлацијата, на краток рок очекувањата на Стопанска банка а.д. Битола се во насока на продолжена неизвесност поврзана со конфликтот во Украина и движењето на пазарот на енергенси. На среден рок, Банката очекува одредено стабилизирање на макроекономското опкружување и умерено нагорно придвижување во економијата, притоа приспособувајќи го своето работење на деловната клима и на динамикaта на пазарот.
Во согласност со Деловната политика, развојниот и финансискиот план, Стопанска банка а.д. Битола и во идниот период ќе биде насочена кон прудентно, стабилно и профитабилно оперативно работење со фокус на јакнење на депозитниот потенцијал, понатамошно подобрување на вкупната актива преку засилено преземање интензивни мерки и активности за наплата на нефункционалните кредити, подобрување на квалитетот на кредитното портфолио, како и активности поврзани со продажба на преземениот имот и контрола на трошоците. Воедно Банката ќе настојува да ја одржи динамиката на раст на приходните позиции во однос на динамиката на раст на расходите, што ќе создаде предуслови за профитабилно работење во согласност со планските цели
Банки
Народната банка – одржување на макроекономската стабилност во прилог на економскиот развој: Прва средба меѓу гувернерот Славески и директорката на Светската банка, Межеван

Како институција што обезбедува ценовна и финансиска стабилност, Народната банка има важна улога во создавањето предуслови за одржлив економски развој. Преку водење независна, предвидлива и одговорна монетарна политика, зајакнување на финансискиот систем и преку поддршка на структурните реформи, Народната банка директно придонесува за градење стабилно економско опкружување.
Во тој контекст, денеска се одржа првата официјална средба меѓу гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески и новоименуваната директорка на Канцеларијата на Светската банка за Северна Македонија и Косово, Кaрол Межеван. На средбата беа разгледани можностите за продлабочување на соработката со Светската банка, којашто претставува важен партнер во поддршката на националните политики и на институционалниот развој.
Гувернерот Славески ѝ посака успешно работење на Межеван на новата функција и го изрази задоволството од досегашната продуктивна соработка со Светската банка, којашто преку проекти за техничка помош, анализи и препораки, придонесува за зголемување на институционалните капацитети и за успешно остварување на најважните реформски активности.

Особено внимание им беше посветено на прашањата поврзани со дигиталната трансформација на финансискиот сектор, унапредувањето на финансиската вклученост, развојот на пазарите на капитал и зголемувањето на отпорноста на финансискиот систем кон светските шокови. Притоа, беше нагласено дека Народната банка и во иднина ќе биде отворена за понатамошна соработка во сите полиња каде што поддршката на Светската банка може да придонесе за натамошно јакнење на макроекономската стабилност и за создавање услови за економски напредок.
И гувернерот, и директорката се согласија дека од суштинска важност за справувањето со предизвиците од новото светско економско окружување е градењето стабилни и силни институции, коишто меѓусебно се координираат и се поддржуваат преку меѓународна соработка.
Банки
НОВО – Испраќај пари директно и веднаш со Visa Direct и мБанка на Комерцијална банка

Следејќи ги најсовремените трендови и софистицирани потреби на клиентите, Комерцијална банка со гордост ја претставува новата услуга Visa Direct за префрлање пари на лесен и брз начин на Visa дебитна картичка. Оваа дигитална услуга, со која парите се испраќаат директно и веднаш, сега станува достапна во Македонија преку глобалната платформа Visa и мобилната апликација мБанка на Комерцијална банка.
Со Visa Direct им овозможуваме на корисниците на мБанка да ги движат парите брзо, лесно и сигурно – директно од платежна сметка во денари на Visa дебитна картичка.
Новата дигитална услуга веќе е достапна во мБанка на Комерцијална банка. Со Visa Debit од Комерцијална банка и со регистрирање за Visa Direct, клиентите добиваат можност за примање пари директно на нивната дебитна картичка. Секој корисник на мБанка со можност за вршење трансакции може да ја користи за испраќање пари на Visa дебитна картичка издадена од која било банка во земјата.
Парите пристигнуваат во рок од неколку секунди и веднаш се достапни за користење, каде и да се наоѓаат испраќачот или примачот.
Услугата е бесплатна за префрлање пари на Visa Debit издадена од Комерцијална банка, а во промотивниот период до 30 септември 2025 година и за трансфери кон Visa дебитни картички издадени од други банки во земјата.
Visa Direct значи можност за брзо и едноставно префрлање пари на роднина, пријател или соработник кога сакаш и каде сакаш. Со оваа иновативна услуга, Комерцијална банка како лидер во дигиталната трансформација на платежните системи во земјата обезбеди уште една поволност која го олеснува секојдневието на клиентите и им заштедува време и пари.
Остануваме посветени на развој на решенија кои им овозможуваат на нашите клиенти привилегија да располагаат со своите средства 24/7 со уште поголема слобода и врвно корисничко искуство.
Регистрирај се во мБанка, испробај ја Visa Direct и движи ги парите брзо кога сакаш и каде сакаш.
Повеќе информации за услугата се достапни на следниот линк.
ПР објава
Банки
Сѐ повеќе граѓани плаќаат преку телефон и со картички

Според податоците од платежната статистика на Народната банка, и во првите три месеци од 2025 година граѓаните сѐ повеќе користат мобилни апликации и картички за да плаќаат, наместо да одат на шалтер и да користат хартиени налози.
Во споредба со истиот период лани, бројот на плаќањата со платни налози пораснал за 2,7%, а вредноста за дури 17,7%. Особено брзо растат електронските плаќања преку интернет или мобилен телефон коишто се зголемени за речиси 13% по број и за над 30% по вредност.

Најголемиот дел од електронските трансакции (над 70%) се направени преку мобилни апликации, што покажува дека телефонот станува омилен начин за плаќање – брзо, едноставно и достапно.
И употребата на платежните картички и натаму расте. Бројот на плаќањата со картички е зголемен за 1,1%, а вредноста за 8,6%. Овој раст најмногу се должи на зголеменото купување преку интернет (7,1%), но има раст и кај плаќањата во продавниците (0,6%).
Овие бројки од платежната статистика покажуваат дека сѐ повеќе граѓани се префрлаат на дигиталните начини на плаќање.
До објавените податоци може да пристапите на следнава врска: Платежна статистика на Народната банка.
- Банкипред 3 недели
Стопанска банка АД – Скопје назначи нов Генерален директор за финансии и член на Управниот одбор
- Останатопред 5 дена
Промени во Надзорниот одбор на ПроКредит Банка АД Скопје
- Фондовипред 5 дена
Промени во Надзорниот одбор на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје
- Продуктипред 1 месец
Почни го летото со премиум поволности и поголеми бонуси со Visa Gold и Visa Classic од Комерцијална банка
- Продуктипред 4 недели
Халкбанк овозможува кредит целосно онлајн, без шалтер и документација
- Продуктипред 1 месец
ProActive – сметка што води сметка за вас и за сѐ околу вас
- Колумнипред 5 дена
Одржливиот развој не е слово на хартија, туку одлуки и активности кои банкарскиот сектор треба да ги направи
- Продуктипред 1 месец
Финансиска поддршка на дофат: потрошувачки кредит за сè што не може да чека