Connect with us

НБРМ

Рекордни 84 основни и средни училишта пријавени за Европскиот квиз на пари

Објавено

на

Денес Македонската банкарска асоцијација во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност одржа виртуелен настан на кој пријавените ученици и нивните ментори  беа запознати  со текот на овогодинешниот национален и финален натпревар на Европскиот квиз на пари. Нашата земја по петти пат е дел од овој значаен проект на Европската банкарска федерација, наменет за финансиска едукација на учениците од 13 до 15 години. На работната средба менторите од 84 основни и средни училишта од нашата земја, најмногу досега, и нивните ученици од 177  класови беа запознаени со сите аспекти на натпреварот.

Претставниците од Народната банка и Комисијата за хартии од вредност дадоа краток осврт на едукативните материјали, а беше спроведена и кратка вежба на електронската платформа „Кахут“, преку која ќе се одвива натпреварот.

Националниот натпревар ќе биде во два круга: во првиот кој ќе се одржи виртуелно ќе се одберат најдобрите 3 тима, додека во вториот 3-те најдобри тима ќе се натпреваруваат во живо за титулата национални шампиони. Првиот круг ќе се одржи на 20 март, а финалниот круг на кој ќе ги дознаеме двајцата ученици коишто ќе ја  претставуваат нашата земја на европското финале ќе се одржи на 24 март 2023 година.

Оваа година, по 3-годишен прекин на дружбата на националните шампиони поради пандемијата, повторно победничкиот тим заедно со нивниот ментор на 15 и 16 мај 2023 година  ќе патуваат во Брисел, Белгија, каде ќе ги тестираат своите знаења со победниците од другите земји на големото европско финале.

НБРМ

Годишен раст на зелените кредити за 29% во 2023 година

Објавено

на

Народната банка ги објави податоците за „зелените кредити“ за четвртиот квартал од 2023 година, каде што се забележува раст на квартално ниво од 5%, додека на годишна основа од 29,1%. Во споредба со крајот на 2019 година, кога почнале да се прибираат податоците, „зелените кредити“ се зголемени за 2,8 пати. Станува збор за заеми наменети за проекти коишто поддржуваат одржливи, еколошки цели, или цели коишто придонесуваат за зелената транзиција во општеството, како што е развивање нова еколошка технологија.

Според податоците на Народната банка, на крајот од 2023 година, банкарските побарувања врз основа на зелени кредити изнесуваат 19.863 милиони денари. За споредба, на крајот на 2019 година тие изнесувале 7.176 милиони денари. Растот на зеленото кредитирање се должи најмногу на кредитите земени од фирмите, додека најмногу зелени кредити давале големите банки.

Расте и уделот на зелените во вкупните кредити, иако сѐ уште е на ниско ниво. Oд крајот на 2019 година, заклучно со 2023 година, учеството на зелените во вкупните кредити е зголемено од 2,2% на 4,5%.

Народната банка, препознавајќи ги ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ја постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија. Преку низа активности, нашата централна банка придонесува за поттикнување на зеленото финансирање, вклучувајќи ги и монетарните мерки. Народната банка изработи Среднорочен план на активностите во доменот на управување со ризиците поврзани со климатските промени за периодот 2023 − 2025 година, а неодамна заради подобрување на расположливоста на податоците за климатските промени објави и Преглед на зелените показатели коишто ќе помогнат во анализите за понатамошно носење политики. Се гради и зелено портфолио на хартиите од вредност во девизните резерви. За оцена на отпорноста на банкарскиот систем на климатските промени се планираат стрес-тестови.

Продолжи со читање

НБРМ

Народната банка објави Преглед на „зелените“ показатели

Објавено

на

Народната банка продолжува со активностите за промовирање на зелените финансии, во рамките на своите надлежности. Така, на својата веб-страница, за првпат објави Преглед на „зелените“ показатели, во согласност со предвидените активности во рамките на Среднорочниот план на активности на Народната банка во доменот на управувањето со климатските ризици. Целта е да се подобри расположливоста на податоците за климатските промени, којашто е суштинска при изработката на анализи и носењето политики.

Прегледот содржи податоци и показатели коишто се групирани во три целини, и тоа: показатели за животната средина и енергетика, показатели за климатските ризици и показатели за зелените финансии. Изворот на податоците се различни институции и со овој преглед се прави обид да се соберат релевантните податоци од различни извори на едно место. Податоците и показателите од Прегледот имаат за цел да послужат како основа за подготовка на анализите поврзани со климатските промени, да придонесат за полесно следење на одржливоста на финансискиот систем и економијата и да помогнат во следењето на трендовите на „зелените“ пазари на капитал. Заедно со Прегледот, е објавен и Методолошки водич со појаснувања и дефиниции на показателите заради полесно разбирање и нивна правилна употреба.

Достапноста на податоците ќе овозможи поблиско следење на климатските ризици и проширување на познавањата за нив. Во изработката на Прегледот особено беа корисни контактите на Народната банка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ со своите искуства на оваа тема.

Прегледот на „зелените“ показатели и Методолошкиот водич се достапни преку следнава врска.

Продолжи со читање

НБРМ

Одржана седница на Советот на Народната банка: Во вториот квартал од 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5%

Објавено

на

Советот на Народната банка, на својата редовна седница, одржана на 28 март 2024 година, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,5%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2025 година. 

Одлуката се заснова врз оцените за постепено стабилизирање на нагорните циклични системски ризици и постојана стабилност на банкарскиот систем. Исто така, ги зема предвид условите од окружувањето коешто и натаму е неизвесно и придружено со ризици, што е причина за претпазливо спроведување на макропрудентните мерки заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Со одржувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици.

Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Притоа, имајќи ја предвид природата на противцикличниот заштитен слој на капиталот и насоките на релевантните европски институции, Народната банка може да ја оцени потребата за зголемување на стапката, при раст на ризиците и неизвесностите од окружувањето, во услови на поволни остварувања на банките. Во случај, пак, на значително остварување на ризиците во билансите на банките,може да се оцени и потребата од делумно или целосно ослободување на овој заштитен слој на капиталот,како поддршка во работењето на банките при евентуални неповолни сценарија.

Советот на Народната банка на седницата разгледа и други материјали поврзани со работата на централната банка.

Продолжи со читање

Популарно