Банки
Пауел: ФЕД ќе почека со каматните стапки, трговските политики внесуваат зголемена економска неизвесност
Гувернерот на американската централна банка (Федерални резерви), Џером Пауел, изјави дека ФЕД ќе ја задржи моменталната монетарна политика и ќе почека со евентуални промени на каматните стапки додека не добие појасни сигнали за насоката во која се движи економијата на САД.
Во своето обраќање, внимателно следено од економистите, инвеститорите и пазарните аналитичари, Пауел предупреди дека трговската политика на американската администрација, особено воведувањето царини, може да предизвика девијации од двата основни приоритети на ФЕД – ценовната стабилност (инфлација од околу 2%) и максималната вработеност.
„Економијата може да се соочи со предизвици доколку тарифите ги зголемат ценовните притисоци, а растот и пазарот на труд може да забават. Ова може да доведе до понатамошни отстапки од таргетираната инфлација од 2 проценти и максимална вработеност – двата основни приоритети на Фед“, изјави Пауел.
Тој ја опиша нестабилноста на пазарите како очекувана реакција на глобалните трговски тензии, но додаде дека сè уште нема индикации за системска економска криза која би барала итна интервенција на ФЕД. Сепак, предупреди дека ефектите од новите тарифи се посилни отколку што укажуваа дури и најпесимистичките сценарија.
„Ефектите од царините се посилни отколку што укажуваа дури и најпесимистичките сценарија на Фед, а растот на економијата видливо забавува. Потрошувачката е скромна, а зголемениот увоз во обид да се избегнат новите царини може негативно да се одрази врз бруто-домашниот производ. Дополнително, економското расположение кај бизнисите и потрошувачите се влошува“,нагласи Пауел.
Иако економијата формално останува во солидна состојба, Пауел забележа дека неизвесноста околу идните движења станува сѐ поголема. Неговите коментари веднаш предизвикаа реакција на Волстрит, американските технолошки и индустриски индекси бележат пад, а тргувањето продолжи во негативна насока.
ФЕД останува внимателен и фокусиран на новите макроекономски податоци, додека пазарните учесници будно ги следат сигналите за можни идни насоки на монетарната политика.
Банки
Средба Славески – Варнс: Стабилниот финансиски систем и модерните платни решенија се основа за инвестиции и економски раст
Гувернерот на Народната банка Трајко Славески оствари средба со вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија Никол Варнс, на која беа разменети мислења за економските текови, институционалниот развој на Народната банка и реформските процеси насочени кон поддршка на економскиот раст и евроинтеграцијата.
На средбата беше истакнато дека Народната банка постојано го јакне својот институционален капацитет преку бројни развојни проекти, со посебен акцент на модернизацијата на платните системи. Современите и ефикасни платни решенија придонесуваат за поголема сигурност, побрз проток на финансиски средства и олеснување на деловното работење, што е значајно за подобрување на инвестициската клима.
Гувернерот Славески нагласи дека одржувањето на макроекономската стабилност и финансиската стабилност е врвен приоритет на Народната банка, како основа за создавање стабилни и предвидливи економски услови, заради поттикнување на домашните и странските инвестиции и за одржлив економски раст.
Во разговорот, гувернерот Славески се осврна и на пристапувањето на земјава кон Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), оценувајќи дека станува збор за историски чекор за македонската економија. Тој посочи дека со пристапувањето кон СЕПА, на македонските граѓани и компании им се овозможи да вршат побрзи, поефикасни и поевтини плаќања во евра, и тоа уште пред полноправното членство на земјава во Европската Унија.
Гувернерот нагласи дека со воспоставувањето клон на ТИПС, развиен со поддршка на Европската централна банка, се официјализира почетокот на современ систем за инстант плаќања, што претставува значаен исчекор во модернизацијата на националната платежна инфраструктура и нејзиното регионално поврзување со земјите од Западен Балкан и со европскиот платежен простор. Со овој систем ќе се овозможи извршување плаќања во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата, при што најголемиот дел од трансакциите ќе се обработуваат за неколку секунди. Новите решенија ќе овозможат едноставно иницирање плаќања, што ќе придонесе за побрзи, посигурни и поевтини трансакции за граѓаните и компаниите, како и за поефикасно работење на трговците.
Соговорниците ја потврдија подготвеноста за натамошно продлабочување на соработката и размената на искуства во областите од заемен интерес, заради поддршка на економската стабилност и реформските процеси во земјава.
Банки
Комерцијална банка како партнер на НСРР ја продолжува поддршката за родова рамноправност и финансиска независност на жените
Комерцијална банка и оваа година ја потврдува својата општествена одговорност преку континуирана поддршка на Националниот совет за родова рамноправност (НСРР), продолжувајќи ја својата мисија за помагање, охрабрување и едуцирање на жените за зајакнување на нивната финансиска независност.
Како дел од оваа заложба, Комерцијална банка финансиски ќе го поддржи проектот „Дигитализација и дигитална видливост на услугите на Советувалиштето и СОС линијата при НСРР“, со цел унапредување на пристапноста до поддршка и информации за жените кои се соочуваат со различни животни и социјални предизвици.
Во рамките на акцијата „Биди своја, биди силна!“, Комерцијална банка активно ќе придонесува кон охрабрување и мотивирање на жените да носат информирани и правилни финансиски одлуки, да изградат финансиска сигурност и полесно да ги надминат предизвиците на начин што обезбедува самостојност и заштита.
Со континуираната поддршка на активностите на НСРР, Банката ја потврдува својата заложба за родова еднаквост и за достапна, целосна поддршка на жените во сите аспекти на финансиското и социјалното делување.
Банки
Шпаркасе Банка повторно ја доби сертификацијата „Фер финансиски услуги за потрошувачите“ – потврда за транспарентност и грижа за клиентите
Шпаркасе Банка АД Скопје ја обнови сертификацијата „Фер финансиски услуги за потрошувачите“, доделена од Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ), со што уште еднаш ја потврди својата посветеност на транспарентно, одговорно и етичко работење.
Ова признание претставува потврда за континуираниот фокус на Банката кон фер услови, јасна комуникација и заштита на интересите на клиентите, како и за примената на највисоки стандарди во односите со потрошувачите.
Обновената сертификација обезбедува дополнителна стручна поддршка, релевантни увиди за корисничкото искуство и унапредување на добрите практики во финансискиот сектор.
Со вакви активности, Шпаркасе Банка продолжува да ја гради довербата на клиентите преку јасен и коректен пристап, поставувајќи ги нивните реални потреби во центарот на своето работење и потврдувајќи ја својата улога како одговорен и стабилен финансиски партнер.
-
Продуктипред 2 месециХалки картичка за деца – прва платежна картичка за деца на македонскиот пазар
-
Банкипред 2 месециФатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Комерцијална банка
-
Банкипред 2 месециКомплетиран новиот Управен одбор на НЛБ Банка Скопје: Значајна пресвртница на патот кон стабилност и стратешки раст
-
Интервјуапред 2 месециИднината на пензиите во Македонија – разговор со Иван Стојановиќ од КБ Прво
-
Интервјуапред 2 месециFinSight со Слободан Трендафилов (ССМ): Што ако минималната плата не се зголеми до Нова година?
-
Интервјуапред 1 месецСлавески за FinSight: Пониски провизии и повеќе бесплатни услуги за граѓаните од следната година
-
Кариерапред 2 месециИуте Македонија вработува Специјалист за плаќања




