Connect with us
no baners

Банки

Комерцијална банка воведе услуга за електронска идентификација на клиенти без посета на шалтер

Објавено

на

Со воведување на новата услуга електронска идентификација преку мобилната апликација OneID, Комерцијална банка им овозможи на клиентите лесен, безбеден и брз пристап до повеќе производи и услуги од кое било место во светот и во кое било време.

Со оваа услуга клиентите на Комерцијална банка добија нова и модерна алатка за користење производи и услуги преку електронска идентификација и без посета на шалтер, со што Банката е прва во земјава што овозможува практична примена на оваа услуга во нивните секојдневни финансиски трансакции.

Комерцијална банка ја воведе електронската идентификација во рамките на својата определба за врвно корисничко искуство, а преку оваа алатка им обезбеди нови привилегии на клиентите, кои значат слобода, заштеда на време и пари.

Со употреба на електронската идентификација OneID, без посета на шалтер, може да се ажурираат лични податоци, а наскоро ќе може да се поднесе барање преку Интернет банка за дозволено пречекорување на сметка и за потрошувачки кредит. Исто така, ќе биде овозможено и далечинско активирање Интернет банка, како и отворање платежна сметка во Комерцијална банка.

„На задоволство на клиентите и на наше огромно задоволство заедно влегуваме во новата димензија на дигиталните услуги. Електронската идентификација OneID претставува современо дигитално решение, кое Комерцијална банка во соработка со Некстсенс и КИБС АД Скопје го воведува, пред сѐ, за поголемо задоволство на нашите клиенти. Преку OneID тие ќе го докажуваат својот идентитет без посета на шалтер, во движење, од канцеларија или од дома во кој било период од денот. Преку онлајн пристап до сервисите на Банката им заштедуваме драгоцено време затоа што треба само еднаш да ја активираат електронската идентификација и да ја користат секогаш кога треба да се идентификуваат. Комерцијална банка, благодарение на својата врвна дигитална технологија и професионално искуство и знаење, им обезбедува на клиентите максимална приватност и заштита на личните информации. А, на нив останува да уживаат во привилегиите на едноставниот и безбеден дигитален свет“, изјави д-р Маја Стевкова Штериева, Главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка.

Комерцијална банка ја овозможи оваа дигитална услуга благодарение на соработката со водечката компанија за дигитална трансформација Некстсенс, која заедно со КИБС АД Скопје ја разви и пласираше услугата OneID.

„Преку нашата долгогодишна и успешна соработка со Комерцијална банка успеавме да обезбедиме современ и модерен канал за интеракција со нејзините клиенти. Ова е еден практичен пример за можностите што ги нуди OneID, чија цел е преку примена на доверливи и сигурни дигитални технологии да го олесниме исполнувањето на нашите секојдневни обврски кои сега ги извршуваме со физичко присуство. Убедени сме дека преку соработката со сите наши партнери кои силно се залагаат да ги имплементираат алатките кои овозможуваат дигитална трансформација на процесите ќе успееме директно до граѓаните и бизнис заедницата да ги доближиме придобивките од технолошкиот развој“, изјави Васко Кроневски, Главен извршен директор на Некстсенс.

Откако еднаш ќе креирарате OneID може да го користите за идентификување кон сите компании и институции што ја овозможуваат оваа услуга. Електронската идентификација се креира преку мобилната апликација OneID, која е достапна на Google Play Store, App Store и AppGallery.

Повеќе информации за електронската идентификација може да добиете на следниот линк: https://kb.mk/elektronska-identifikacija.nspx.

Комерцијална банка останува посветена на инвестиции и развој на нови современи дигитални алатки, кои ќе им овозможат на клиентите да уживаат во поволностите на дигиталното банкарство.

Банки

Славески од Регионалниот состанок на гувернери: Поврзувањето на системите за инстант плаќања е едно од најпрактичните решенија за побрзи и поевтини прекугранични плаќања

Објавено

на

Гувернерот на Народна банка, Трајко Славески, учествуваше на Регионалниот состанок на гувернери што се одржа во Пула, Република Хрватска, во организација на Хрватската народна банка, каде што во фокусот на дискусиите беа дигиталната трансформација на финансискиот систем, дигиталните средства и иднината на прекуграничните плаќања.

На тркалезната маса на тема „Од експеримент до инфраструктура: дигиталните средства во традиционалниот финансиски свет“, гувернерот Славески посочи дека поврзувањето на системите за инстант плаќања во регионот, преку решенија засновани врз платформата клон на ТИПС, претставува едно од најпрактичните и најодржливите решенија за побрзи, поевтини и потранспарентни прекугранични плаќања во евра. Притоа беше истакнато дека ваквиот пристап овозможува регионална интеграција и подобра поврзаност со европската платежна инфраструктура, без нарушување на монетарниот суверенитет на државите.

Во своето обраќање, гувернерот нагласи дека технолошките иновации треба да создаваат реална економска вредност, преку поефикасни платни системи, подобра достапност на финансиските услуги и намалување на трансакциските трошоци, а не да бидат водени исклучиво од шпекулативни цели. Тој посочи дека дигиталната трансформација на финансискиот сектор мора да се одвива паралелно со јасна регулаторна рамка, силна киберзаштита и зачувување на довербата во финансискиот систем.

Славески се осврна и на активностите што ги презема Народна банка во областа на финтек-иновациите и модернизацијата на финансискиот сектор, во рамките на Финтек-стратегијата за финансиските регулатори 2023 − 2027 година. Во таа насока, беше посочено дека Народната банка има проактивен пристап кон дигиталната трансформација и активно ги следи светските трендови поврзани со дигиталните валути на централните банки и развојот на дигиталното евро.

Притоа, беше нагласено дека како мала и отворена економија којашто е тесно поврзана со еврозоната, нашата земја внимателно ги анализира можните ефекти од воведувањето на дигиталното евро врз домашниот финансиски систем. Во тој контекст, Народната банка веќе ги разгледува можностите и потенцијалните ефекти од евентуално воведување дигитален денар, особено во делот на модернизацијата на плаќањата, финансиската вклученост и ефикасноста на монетарната политика.

На состанокот беше истакнато и дека домашните банки и небанкарските финансиски институции сѐ повеќе инвестираат во нови технологии, дигитални платформи и автоматизација на процесите, при што дигиталната трансформација веќе се препознава како стратегиски приоритет за натамошен развој и зголемување на ефикасноста на финансискиот сектор.

Продолжи со читање

Банки

Стопанска банка АД – Скопје ја промовира можноста за плаќање со Google Wallet и Google Pay

Објавено

на

Стопанска банка АД – Скопје ја нуди можноста за користење на Google Wallet™, овозможувајќи им на клиентите побрз и посигурен пристап до нивните платежни картички преку мобилен телефон.

Корисниците можат да ги додадат картичките од банката во Google Wallet и да плаќаат на сите продажни места каде што се прифатени Google Pay™ и бесконтактните плаќања.

Од банката информираат дека услугата овозможува едноставно и безбедно дигитално плаќање, без потреба од физичка картичка, со што секојдневните трансакции стануваат побрзи и попрактични.

Продолжи со читање

Банки

Commerzbank укинува 3.000 работни места за да се одбрани од преземање од UniCredit

Објавено

на

Германската Commerzbank најави укинување на 3.000 работни места како дел од стратегијата со која сака да ја зголеми профитабилноста и да се одбрани од обидот за преземање од страна на италијанската UniCredit. Банката сака да им покаже на акционерите дека може самостојно да создаде поголема вредност, без продажба на конкурентот.

Според најавите, UniCredit проценува дека вредноста на германската банка изнесува околу 37 милијарди евра, додека раководството на Commerzbank смета дека понудата е прениска и дека стратегијата на италијанската банка носи ризици.

Во исто време, германската банка објави подобри резултати од очекуваните. Нето-добивката во првиот квартал пораснала за 9,4 проценти, на 913 милиони евра, во споредба со 834 милиони евра една година претходно. Банката ги зголеми и финансиските цели до 2028 година, но најави и околу 450 милиони евра трошоци за реструктурирање поради отпуштањата.

Аналитичарите предупредуваат дека отпуштањата во банкарскиот сектор не се само мерка за кратење трошоци, туку можат да влијаат и врз квалитетот на услугите, особено ако се намалуваат работни места поврзани со клиентите и локалните филијали. Commerzbank има важна улога во финансирањето на германските мали и средни компании, па секое слабеење на мрежата може да влијае и врз деловните односи со клиентите.

Од германскиот синдикат ver.di велат дека најголемиот дел од кратењата се очекува да бидат во централата и секторите, каде што има поголеми можности за примена на вештачка интелигенција. Портпаролката Даниела Милутин изјави дека засега не се очекува затворање филијали или намалување на услугите за клиентите.

Сепак, синдикатот предупредува дека доколку UniCredit ја преземе контролата врз банката, постои ризик од дополнителни отпуштања и затворање филијали, особено во регионите каде што мрежите на двете банки се преклопуваат.

Извор: Finansije.hr

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange