Анализи
Фајнанс тинк: Буџетот и понатаму останува заробен во социјалните потреби на економијата, растот на приходите амбициозен, а капиталните расходи преоптимистички
Предлог-буџетот се донесува во услови на благо интензивирана динамика на економската активност, но и во економија која сè уште функционира под својата потенцијална стапка на раст, како и во услови на смирувачка инфлација која сè уште е над нивото кое централните банки го поистоветуваат со стабилни цени, оценуваат од Институтот за економски истражувања и политики Фајнанс тинк во најновата анализа на предлог-буџетот за 2025 година кој проектира раст на бруто домашниот производ (БДП) од 3,7 отсто и раст на трошоците за живот од 2,2 отсто.
Од Институтот проценуваат дека двете проектирани стапки, на растот на БДП и на цените, се разумен одраз на моменталните економски движења и претставуваат солидна основа за проектирање на Буџетот. Анализирајќи ги буџетските приходи и расходи од Фајнас тинк заклучуваат дека сепак, предлог-буџетот и понатаму останува заробен во социјалните потреби на економијата и општеството во целина.
Проекцијата за растот на БДП особено ја поддржува започнувањето со ефективна реализација на клучни инфраструктурни проекти, најавениот инвестициски циклус на локално ниво, и засилената поддршка на приватните инвестиции, сметаа од Фајнанс тинк.
„Сепак, проектираната стапка останува под притисок од неизвесностите во економското окружување, главно од неодамна ревидираните очекувања за пониски остварувања во економиите на главните трговски партнери, главно на германската економија. Во случај на позначајна материјализација на ризиците за растот на европскиот континент, вклучително и поради најавените промени во трговската политика од страна на САД, кои може негативно да се одразат врз трговијата и оттука врз растот и цените, остварувањето раст од 3,7 отсто за македонската економија ќе стане невозможно“, велат од Фајнанс тинк.
Постои поголем ризик во проектирање на растот на буџетските приходи
Сепак, Институтот проценува поголем ризик во сегментот на проектирање на буџетските приходи со номинална стапка на раст од 12,8 отсто, односно повеќе од двојно повисоко од збирот на реалната стапка на раст на БДП и стапката на инфлација.
Ваквата проекција на Фајнанс тинк се должи на претпоставките дека економијата ќе расте побрзо од предвиденото, дека и цените ќе растат побрзо од предвиденото, дека ќе се зголемуваат даночните стапки и стапките на социјалните придонеси и дека ќе отпочне сеопфатна и бескомпромисна борба со сивата економија.
Фајнанс тинк проценува дека растот на економијата е нереален, дека растот на цените побрзо од предвиденото е непосакувана претпоставка, a дека зголемувањето на даночните стапки е ненајавено и делумно неизводливо во овој временски момент.
„Оттука, како реална останува четвртата претпоставка, борбата со сивата економија, за која Фајнанс тинк во континуитет укажува и нуди докази базирани на бројки и економска анализа, дека таа крие фискален потенцијал кој надминува 700 милиони евра на годишно ниво, како и препораки од каде може да се почне со цел поголема ефективност на таа борба. Сепак, дури и во најоптимистичко сценарио, нашата проценка е дека борбата со сивата економија не може да донесе толку висок резултат во првата година од справувањето со неа. Дури и ако се погледне во ретроспектива, вкупните буџетски и даночните приходи оствариле номинални стапки на раст повисоки од 10 отсто само во пост- пандемиската 2021 година (поради ниската основа на претходната година) и во кризните 2022 и 2023 година (поради високата стапка на инфлација). Во таа смисла, проекција дека буџетските приходи ќе растат со 12,8 отсто во 2025 година е амбициозна“, велат од Фајнанс тинк.
Пониско проектираните расходи од приходите е добра намера
Предлог Буџетот 2025 предвидува пораст на буџетските расходи за 10,3 отсто, што е пониско од проектираните буџетски приходи и е показател за добра намера, оценуваат од Фајнанс тинк.
Според Институтот, прегледот во проектираната структура на буџетските расходи укажува на одредена фискална консолидација.
„На пример, за поздравување е што ставката ‘стоки и услуги’, која најчесто крие сиви зони како времени вработувања во јавната администрација, хонорарни вработувања, трошења за храна, пијалоци, мебел, патувања и слично е проектирана со стапка на раст од само 2,6 отсто, но мора да се забележи дека таа порасна за 21,3 отсто со последниот ребаланс на Буџетот за 2024 година. Слично, субвенциите и трансферите, кои кријат одредени неефикасности, за кои Фајнанс тинк во минатото понуди емпириски докази, растат поскромно, само 1,9 отсто, меѓутоа предлог-буџетот не прави никаков осврт за евентуални структурни промени во рамки на оваа ставка“, велат од Фајнанс тинк.
Оттаму сметаат дека растот на ставката плати и надоместоци од 8, 1 отсто е понизок од проектираниот раст на вкупните расходи, иако и тој раст кој е движен од предвидените зголемувања на платите во сегменти од јавниот сектор, останува висок.
„Последното не кореспондира со динамиката на продуктивноста на јавната администрација која е во континуитет негативна и стагнантна. Од друга страна, растот на трошоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување од 14,8 отсто е јасно воден од реализираниот (септември 2024) и предвидениот (март 2025) линеарен пораст на пензиите. Овие две ставки се особено значајни бидејќи ја ослабуваат фискалната консолидација и остануваат да бидат одраз на експанзивниот карактер на фискалната политика, и оттука основен извор на инфлациски ризик во 2025 година. Имено, иако монетарната политика започна постепено да се олабавува поради поволните глобални движења во однос на цените, неопходно е да се има предвид дека домашните извори на ризик за цените на овој начин зајакнуваат и може да претставуваат закана за очекувано позначајно намалување на каматните стапки во економијата, контекст кој би бил неповолен и за растот на цените и за растот на БДП“, се наведува во анализата на Фајнанс тинк.
Во истата насока, велат оттаму, каматните плаќања растат со значајни 17,4 отсто, иако „овој трошок е рефлексија на управувањето со јавниот долг во последната деценија и краткорочно е тешко значајно да се промени“.
Според Институтот, севкупно, порастите кај сите овие трошоци дополнително ја нарушуваат развојната компонента на Буџетот и тој и понатаму останува заробен во социјалните потреби на економијата и општеството во целина.
Растот на капиталните ивестиции може да има структурален карактер
Анализирајќи ги капиталните инвестиции кои се проектирани со раст од 13 отсто, раст кој е поскромен споредено со претходните години, од Институтот за економски истражувања и анализи Фајнанс тинк оценуваат дека „оваа, иако блага промена, може да има структурен карактер, нешто, за што Институтот повикуваше во претходната деценија“.
„На позитивната страна, фокусирањето кон поголема ефективност на капиталните инвестиции, почетокот и интензивирањето на клучни инфраструктурни проекти, може да даде поддршка на ваквото проектирање на капиталните трошоци. Сепак, од друга страна, и понатаму мора да се има предвид ограничениот институционален капацитет за реализација на јавните инвестиции, за што говори и фактот дека заклучно со средината на ноември 2024, капиталните трошоци се реализирани само до 42,8 отсто. Според овие движења, реализацијата до крајот на годината би изнесувала до 500 милиони евра од предвидените 725 милиони евра. Овој показател е поразителен. Гледано од таа перспектива, проектирањето на капиталните расходи за 2025 година на ниво од над 800 милиони евра останува со назнаката ‘преоптимистичко’ и со познатиот ризик тие да бидат значајно скратени при првиот ребаланс на Буџетот“, велат од фајнанс тинк.
Затоа, апелираат оттаму, средствата кои нема да се реализираат од капиталните расходи предвидени за 2025 година, а кои не се врзани со наменски заеми и грантови, да не се пренаменуваат за тековни трошоци, туку само да влијаат врз пониско остварување на буџетскиот дефицит.
„Во тековната 2024 година, како резултат на овие тенденции, буџетскиот дефицит до средината на ноември 2024 е реализиран во обем од 75 отсто, што е позитивна екстерналија. Со ваквото проектирање на предлог- буџетот 2025, буџетскиот дефицит е поставен на ниво од 4 отсто од БДП. Ова опаѓачко ниво на буџетски дефицит е соодветно и ја одразува фискалната консолидација во одреден обем, но истовремено и нејзината недоволност, со оглед дека тој останува над фискалното правило според кое буџетскиот дефицит не смее да надминува 3 отсто од БДП“, се наведува во анализата на Фајнанс тинк.
Како причини за отстапување од ова фискалното правило од Институтот ги наведуваат усогласувањето на платите согласно колективни договори во повеќе дејности, покривањето на високиот износ на доспеани, а неплатени законски обврски, реализацијата на инфраструктурните и енергетските проекти за поквалитен живот на граѓаните и зголемена конкурентност на бизнисите, дигиталната трансформација на јавниот сектор, поквалитетното образование и студентскиот стандард, поквалитетното здравство, поттикнувањето на рамномерен економски развој, финансирањето на капитални проекти на општините, реализацијата на новите политики на Владата за подобар животен стандард на граѓаните преку линеарен пораст на пензиите и реализацијата на финансиските обврски за претходно договорени инфраструктурни проекти.
„Фајнанс тинк укажува и остро забележува дека усогласувањето на платите согласно колективни договори во повеќе дејности, покривањето на високиот износ на доспеани, а неплатени законски обврски и реализацијата на новите политики на Владата за подобар животен стандард на граѓаните преку линеарен пораст на пензиите не може да бидат основа за прекршување на фискалното правило. Всушност, овие точки во себе кријат ризик за подгревање на агрегатната побарувачка, во услови на ниска и стагнантна продуктивност, што може значајно да се одрази врз ценовната динамика. Дополнително, според сопствени пресметки достасаните, а неизмирени обврски може да бидат значаен товар врз буџетскиот дефицит и јавниот долг, особено во услови кога нивниот вкупен износ, и пријавен и непријавен, може да биде значајно поголем од оној кој е моментално познат (и кој се очекува на крајот на 2024 да изнесува до една милијарда евра) и кој е земен како основа за пресметки во наведената студија“, велат од Фајнанс тинк.
Од Институтот заклучуваат дека предлог-буџетот 2025 покажува знаци на благи структурни поместувања во споредба со претходните години, поголема реалистичност на макроекономските претпоставки, како и одредена, но ограничена фискална консолидација, додека критичните точки на проектирањето бараат понатамошен напор кој ќе ја оптимизира развојната компонента и ќе демонстрира солидна фискална дисциплина.
„Буџетските приходи подразбираат силна и истрајна борба со сивата економија и кријат ризик да не се реализираат според проекциите. Кај расходите, фискалната консолидација кај одредени ставки е недоволна, особено во контекст на влијанието врз инфлацијата, но веројатно ќе биде компензирана со кратење на високо-поставените капитални расходи со првиот ребаланс во текот на 2025“, наведуваат во заклучокот на анализата на предлог-буџетот за 2025 година од Институтот за економски истражувања и политики, Фајнанс тинк.
Анализи
Државата се задолжи 35,7 милиони евра, каматата до 5,2%
Македонија обезбеди нови 35,7 милиони евра преку домашниот пазар на државни хартии од вредност, при што каматата за долгорочното задолжување достигнува 5,2 проценти.
Министерството за финансии на аукциите одржани на 15 септември продаде државни хартии од вредност во вкупен износ од околу 2,17 милијарди денари.
Од оваа сума, околу 1,16 милијарди денари се обезбедени преку едногодишни државни записи. Тие доспеваат на 15 септември 2027 година, а каматната стапка изнесува 4,10 проценти.
Останатите нешто повеќе од една милијарда денари се обезбедени преку 15-годишни државни обврзници. Нивниот рок на достасување е 17 септември 2041 година, а купонската каматна стапка изнесува 5,20 проценти.
Побарувачката на двете аукции одговарала на понудениот износ, а целата понудена количина државни хартии била продадена.
Народната банка ги спроведува аукциите на државни хартии од вредност во име на Министерството за финансии преку тендери со износи, при што цената и купонот се однапред утврдени, а примарните дилери конкурираат со износите што сакаат да ги купат.
Анализи
Нафтата во Европа скокна на 136 долари за барел, расте притисокот врз цените на горивата
Цената на нафтата во Европа во моментов значително се разликува во зависност од тоа дали се следат берзанските фјучерси или физичката нафта достапна за брза испорака. Додека Брент утрово се движеше околу 108 долари за барел, северноморската нафта Forties на физичкиот пазар достигна 136,75 долари.
Тоа не значи дека Европа ја плаќа целата нафта по цена од 136 долари за барел. Брент фјучерсите и физичкиот Forties се однесуваат на различни испораки и временски периоди. Сепак, големата разлика меѓу нив покажува колку поскапе нафтата што европските купувачи можат да ја обезбедат за краток рок по новите нарушувања во снабдувањето од Блискиот Исток.
Forties достигна цена од 136,75 долари за барел и се приближи до рекордните 147,37 долари забележани во април. Истовремено, Брент фјучерсите за ноември утрово се спуштија на 107,82 долари.
Една од причините за ваквата состојба е откажувањето на дел од саудиските испораки за европските купувачи планирани за втората половина на септември, по прекинот на работата на нафтоводот East–West и запирањето на товарењето во Јанбу.
Овој нафтовод стана важна алтернативна рута по нарушувањата на сообраќајот низ Ормускиот Теснец. Неговото затворање ја намали можноста Саудиска Арабија да ја пренасочува нафтата кон Црвеното Море, поради што европските купувачи почнаа да бараат замена на други пазари.
Полскиот Orlen, на пример, околу 40 отсто од суровата нафта што ја преработува ја добива од Saudi Aramco. По нарушувањата, компанијата купувала северноморски видови нафта Grane, Johan Sverdrup и Johan Castberg, а барала понуди и за американскиот WTI Midland и казахстанскиот CPC Blend.
Рафинериите на Orlen засега работат нормално, но потрагата по алтернативни извори покажува како недостигот од планирани саудиски испораки создава дополнителна побарувачка за нафта што може да биде испорачана во краток рок.
Дополнителна разлика создава и временскиот хоризонт. Фјучерсите на Брент во моментов се однесуваат на ноември и пазарот може да очекува дека дотогаш саудискиот нафтовод ќе биде поправен или снабдувањето преку други рути ќе биде зголемено. Рафинериите на кои нафтата им е потребна веднаш, пак, мора да ја платат цената на барелите што се достапни денес.
Притисок врз берзанските цени создадоа и податоците за американските резерви. American Petroleum Institute процени дека резервите на сурова нафта во САД минатата недела пораснале за 7,1 милион барели, иако се очекувал пад од околу 1,6 милиони. По овие податоци Брент падна на 107,82 долари, а WTI на 104,86 долари за барел.
Во исто време, проблемите на клучните транспортни рути продолжуваат. Низ Ормускиот Теснец во вторникот биле регистрирани само четири минувања на бродови, наспроти десетдневниот просек од 18. Дел од пловилата можат да минуваат со исклучени транспондери, па овие податоци не мора да го опфаќаат целиот сообраќај.
Следниот важен сигнал за европската економија ќе биде движењето на цените на дизелот. Рускиот и заливскиот извоз на дизел од февруари е намален за околу 1,6 милиони барели дневно, додека европските резерви на гориво се на најниско ниво во последните 12 години.
Тоа значи дека рафинериите набавуваат поскапа сурова нафта во период кога пазарот на одредени нафтени деривати веќе е под притисок. Краткотрајниот скок на цените на физичката нафта не мора веднаш значително да се одрази врз горивата, но подолготрајно нарушување на снабдувањето може постепено да ги пренесе повисоките трошоци врз рафинериите, велепродажните цени и на крајот врз пазарот на горива.
Анализи
Волстрит во пад втор ден по ред, азиските берзи со благо закрепнување
Цените на акциите на Волстрит паднаа и во вторникот, втор ден по ред, во услови на загриженост кај инвеститорите поради растот на цените на нафтата и приносите на обврзниците, додека пазарите ја очекуваат одлуката на американската централна банка за каматните стапки.
Индексот Dow Jones се намали за 0,63 проценти, на 52.093 поени, S&P 500 падна за 0,45 проценти, на 7.585 поени, додека Nasdaq загуби 0,78 проценти и се спушти на 25.981 поен.
Инвеститорите особено ги загрижува натамошниот раст на цените на нафтата, во услови кога кризата на Блискиот Исток не покажува знаци на смирување. Во изминатите две недели цените на нафтата пораснаа за околу 25 проценти, што дополнително ги зголемува инфлациските притисоци.
Истовремено, приносите на 10-годишните американски државни обврзници се искачија над пет проценти и достигнаа највисоко ниво од 2007 година.
Во вторникот започна дводневната седница на Федералните резерви, а одлуката и пораките од американската централна банка се очекуваат во среда.
До неодамна инвеститорите очекуваа ФЕД да ги остави каматните стапки непроменети, но очекувањата се променија по последните податоци кои покажаа раст на инфлацијата во САД, пред сè поради поскапувањето на нафтата.
На азиските берзи, пак, во средата беше забележано благо закрепнување по неколкудневниот пад. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции беше во плус од 0,3 проценти, по четири последователни дена на пад.
Акциите во Индија, Јапонија, Шангај, Хонг Конг, Австралија и Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,1 и 0,9 проценти, но тргувањето и натаму останува претпазливо во пресрет на одлуката на ФЕД.
-
Анализипред 2 месециДали Македонија ќе ги следи Унгарија, Полска и Литванија и ќе го укине вториот пензиски столб?
-
Банкипред 1 месецПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Кариерапред 2 месециАлта банка со активен оглас за стручен соработник во банкарска експозитура во Велес
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка ја почнува исплатата на јулските пензии на 31 јули
-
Банкипред 2 месециТони Стојановски останува на чело на НЛБ Банка: Народната банка даде зелено светло за нов четиригодишен мандат
-
Банкипред 2 месециХалкбанк со поволности за клиентите кои ќе ја префрлат платата
-
Кариерапред 1 месецНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 1 месецНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари





