Анализи
Кои акции можеа да ве направат милионери за 20 години?
Цените на акциите на компаниите од индексот МБИ 10 на Македонската берза за период од 20 години бележат огромен раст, кој е особено изразен во последните 10 години. Ако во 2004 година купевте акции на Алкалоид, Тутунска банка (сегашна НЛБ), Комерцијална банка, Макпетрол или Гранит, во 2024 година ќе можевте да се прогласите за милионер! Во случајот со компаниите кои добија мнозински сопственик, како НЛБ банка, опција за тогашните акционери била да не ги продадат акциите и да ги чуваат до денес.
Еве што покажуваат бројките.
Акцијата на Комерцијална банка ќе ви донесеше заработка од фантастични 3.226%. На почетокот од 2004 година се продаваше за 2.523 денари, а на почетокот од 2024 година за 14.337 денари.
100 акции од Комерцијална банка во 2004 ќе можевте да ги купите за 252.300 денари, но потоа тие 100 акции ќе станеа 500 затоа што оваа банка во 2005 година направи сток сплит во сооднос 5:1, така што сега ќе имавте 7.168.500 денари.
Одлична заработка ќе имавте ако сте биле или сте станале акционер во Тутунска банка во 2004 година. Растот на цената на оваа акција за 20 години изнесува фантастични 1.675%. Во првиот трговски ден од 2004 година, оваа акција се продавала по цена од 1.676 денари, а на првиот ден на тргување во 2024 година имаше цена од 20.748 денари.
За 100 акции во Тутунска банка во 2004 година ќе сте плателе 167.600 денари и сега ќе сте имале 2.974.800 денари!
Следна по заработка е акцијата на Гранит, која за 20 години бележи раст од 1.141%! Во 2004 година го отворила тргувањето со цена од 95 денари, а во 2024 со цена од 1.179 денари.
За да бидете милионер денес, во 2004 година требало да купите 1.000 акции од Гранит, што ќе ве чинело 95.000 денари, а сега ќе имавте 1.179.000 денари.
Принос од 1.034% за 20 години носи акцијата на УНИбанка (поранешна Балканска банка). На 5 јануари 2004 година се продавала по цена од 500 денари, а на 2 јануари 2024 година по цена од 5.670 денари.
За 200 акции во Балканска банка во 2004 година биле потребни 100.000 денари, инвестиција која денеска ве прави милионер со имот вреден 1.134.000 денари.
Ценовниот раст на акцијата на Алкалоид за 20 години изнесува 921%. Акцијата на најголемата фармацевтска компанија во земјата на почетокот од 2004 година чинела 1.791 денари, а на почетокот од 2024 година вреди 18.284 денари.
За 100 акции од Алкалоид во 2004 година ќе требало да платите 179.100 денари, а после 20 години ќе имавте 1.828.400 денари.
Следна на листата по ценовен раст е акцијата на Стопанска банка АД – Скопје, кој за 20 години изнесува 799%, а исто толкав е и приносот што ќе сте го имале ако сте останале сопственик на акции од оваа банка. Во 2004 година, цената на 5 јануари била 150 денари, а на 2 јануари оваа година изнесуваше 1.348 денари.
Оваа акција можела да ве направи милионер ако во 2004 година сте имале 1.000 акции, кои сега вредат 1.348.000 денари.
Акцијата на Макпетрол за 20 години носи заработка од 432%. Во 2004 година чинела 12.100 денари, а на почетокот од оваа година вреди 64.375 денари.
За 100 акции од Макпетрол во 2004 година требало да платите 1.200.000 денари за после 20 години да имате 6.437.500 денари.
Во оваа конкуренција, најмалку атрактивна е акцијата на Македонија турист, која за 20 години бележи ценовен раст од 377%. На 5 јануари 2004 година се продавала по цена од 1.000 денари, а на 2 јануари 2024 година постигна просечна цена на тргување од 4.774 денари.
Акцијата на Македонија турист ќе ве направела милионер ако во 2004 година сте купеле 250 акции во вредност од 250.000 денари. Сега ќе бевте милионер со инвестиција вредна 1.193.500 денари.
Добро е да се знае дека од сите овие акции на Македонската берза најтргувани се акциите на Комерцијална банка, Алкалоид и на АД Гранит. Помалку се тргуваат акциите на Макпетрол, додека акциите на останатите компании речиси и да не се тргуваат.
Анализи
ЕУ од суфицит премина во дефицит, трговскиот биланс се влоши за 89 милијарди евра
Европската унија го заврши првото полугодие од 2026 година со дефицит во стоковната размена со остатокот од светот од 14,9 милијарди евра, откако во истиот период минатата година имаше суфицит од 74,1 милијарда евра, покажуваат најновите податоци на Евростат.
Тоа значи дека трговскиот биланс на ЕУ за една година се влошил за дури 89 милијарди евра.
Од јануари до крајот на јуни, извозот на стоки од ЕУ во земјите надвор од Унијата изнесувал 1.317 милијарди евра, што е намалување од 2,1 отсто во однос на истиот период во 2025 година. Во исто време, увозот се зголемил за 4,7 отсто, на 1.331,9 милијарди евра.
Само во јуни, ЕУ остварила суфицит од 3,9 милијарди евра, во споредба со 5,2 милијарди евра во истиот месец минатата година. Извозот на годишно ниво пораснал за 12,5 отсто, на 241,5 милијарди евра, додека увозот се зголемил за 13,5 отсто, на 237,7 милијарди евра.
Евростат наведува дека трговскиот биланс во јуни се влошил за 1,3 милијарди евра во споредба со истиот месец во 2025 година. Главната причина е зголемениот дефицит во трговијата со енергенси, кој делумно бил ублажен со поголемиот суфицит кај хемиските и сродните производи.
ЕУ во јуни извезла енергенси во вредност од 12,2 милијарди евра, додека увозот достигнал 42,6 милијарди евра. Со тоа, дефицитот во оваа категорија изнесувал 30,4 милијарди евра, наспроти 23,8 милијарди евра една година претходно.
Најголем суфицит бил забележан во трговијата со хемиски производи, во износ од 17,3 милијарди евра, додека кај машините и возилата бил остварен вишок од 14,6 милијарди евра.
Најголем трговски дефицит ЕУ имала со Кина, во износ од 35,1 милијарда евра. Со Соединетите Американски Држави бил остварен суфицит од 11,2 милијарди евра, а со Обединетото Кралство од 17,1 милијарда евра.
Еврозоната, пак, во јуни повторно се вратила во суфицит, кој изнесувал 8,6 милијарди евра, по дефицитот од девет милијарди евра во мај. Во јуни минатата година суфицитот изнесувал 4,8 милијарди евра.
Извозот од еврозоната во јуни пораснал за 14,4 отсто, на 272,5 милијарди евра, додека увозот се зголемил за 13,1 отсто, на 264 милијарди евра.
Сепак, резултатот за целото прво полугодие е значително послаб од лани. Суфицитот на еврозоната се намалил од 82,2 милијарди евра во првите шест месеци од 2025 година на само 9,8 милијарди евра во истиот период годинава.
Анализи
Европските берзи тргуваат претпазливо и покрај рекордот на Волстрит
На европските берзи во петокот претпладне се тргуваше претпазливо, и покрај растот на Волстрит претходниот ден и новото рекордно ниво на американскиот индекс S&P 500.
Индексот STOXX 600, кој ги следи водечките европски компании, околу 9:30 часот беше речиси непроменет во однос на претходниот ден.
Лондонскиот FTSE се намали за 0,12 отсто, на 10.758 поени, додека германскиот DAX порасна за 0,55 отсто, на 26.445 поени. Парискиот CAC забележа минимален раст од 0,02 отсто и достигна 8.650 поени.
Мирно тргување беше забележано и на Загрепската берза, каде прометот остана релативно скромен.
Околу 10:30 часот индексот Crobex беше во плус од 0,09 отсто, на 4.433 поени, додека Crobex10 порасна за 0,06 отсто, на 2.865 поени.
Редовниот промет со акции до тој момент изнесуваше околу 370.000 евра, што е приближно 270.000 евра повеќе во споредба со истиот период претходниот ден.
Најголем промет, од околу 250.000 евра, беше остварен со акциите на Končar, чија цена остана непроменета на 1.010 евра.
Акциите на Maistra забележаа промет од околу 36.000 евра, а нивната цена се намали за 0,8 отсто, на 65,50 евра.
Промет поголем од 20.000 евра беше остварен и со уште две акции. Акциите на Zagrebačka banka поевтинија за 0,4 отсто, на 22,40 евра, додека повластените акции на Adris grupa пораснаа за 0,5 отсто, на 107 евра, пренесува Хина.
Анализи
Албанија има најсилна сајбер-заштита во светот, Северна Македонија на 30. место
Албанија има најсилна сајбер-заштита во светот, покажуваат податоците од Националниот индекс за сајбер-безбедност (NCSI), кој ја оценува подготвеноста на државите да спречат и да одговорат на сајбер-напади.
На ранг-листата што ја изработува естонската Академија за е-управа се опфатени 155 држави и територии, а Албанија го освои првото место со 98,33 од максимални 100 поени.
Со овој резултат, балканската земја зад себе остави некои од технолошки најразвиените држави во светот, меѓу кои Германија и САД, како и второпласираната Чешка.
Особено впечатлив е напредокот на Албанија во последните неколку години. Минатата година земјата се наоѓала на 15. место, додека во 2023 година била дури на 54. позиција.
Индексот ја оценува способноста на земјите да спречуваат сајбер-закани, да ја заштитат критичната инфраструктура и најважните услуги, да реагираат на сајбер-инциденти, да развиваат национални стратегии, да ги подобруваат стручните капацитети и да ја зајакнуваат меѓународната соработка.
Некои од најголемите светски економии се пласираа значително пониско. Франција е на 16. место, Германија на 19., а Соединетите Американски Држави се на 31. позиција.
Северна Македонија се најде на високото 30. место, една позиција пред САД. Од земјите во регионот, Словенија е на 15. место, Хрватска на 35., додека Србија е на 40. позиција.
-
Интервјуапред 2 месециДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Продуктипред 1 месецИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Банкипред 2 месециХалкбанк носи пристап до Истанбулската берза и до нови можности за раст на капиталот
-
Останатопред 2 месециОд јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари
-
Кариерапред 2 месециКомерцијална банка објави оглас за вработување во Тетово
-
Банкипред 2 месециНов банкомат на Халкбанк пред МНТ инспириран од театарската сцена
-
Банкипред 2 месециИсплатата на јунските пензии преку Стопанска банка почнува на 1 јули
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка почнува со исплата на јунските пензии од 1 јули





