Интервјуа
Очекувања 2024 година | БРАНКО ГРЕГАНОВИЌ, НЛБ БАНКА СКОПЈЕ
На почетокот на тековната 2024 година, се обраќаме до банките во Република Северна Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи.
За таа цел во целост ги пренесуваме ставовите и очекувањата на Бранко Грегановиќ, Претседател на УО на НЛБ Банка Скопје.
Банкарство: Кратка ретроспектива на изминатата 2023 година. Кои настани ја одбележаа годината, дали истата беше успешна за Вас и кои поуки ги извлековте?
Бранко Грегановиќ: Минатата 2023 беше година на бројни предизвици – инфлаторни и ценовни шокови, нарушени синџири на снабдување, вооружени конфликти и намалени инвестиции во бизнисот. Но и покрај тоа, генерално зад нас, зад НЛБ е година на можности и остварувања, и година која ја одблежаа нашата силна кредитна поддршка за бизнисот и населението и општествено одговорните проекти кои се надеваме дека оставаат подобри траги и создаваат подобар свет за идните генерации.
Банкарство: Кои ќе бидат нови трендови во банкарскиот сектор во 2024 година во Македонија?
Бранко Грегановиќ: Сметам дека ќе продолжи трендот на засилена дигитализација, технолошки иновации и, особено сè поголема искористеност на вештачката интелигенција. Истовремено ќе продолжи и силната посветеност кон EGS и одржливи практики. Очекувам натамошен раст на инвестиции во системи за отпорност на сајбер напади, поради сè поголемата закана од истите.
Банкарство: Краток коментар околу очекувањата за движењето на каматните стапки на кредитните/депозитните производи во 2024 година.
Бранко Грегановиќ: Што се однесува до 2024 година и движењето на каматите, сметам дека би можеле да очекуваме стабилизација и постепено намалување на каматните стапки во текот на годината. Ако ги земеме предвид сигналите кои ги дава Европската централна банка, можно е успорување на инфлацијата и пад на каматните стапки, вклучително и намалување на стапката на ЕУРИБОР и на другите странски каматни стапки, некаде во втората половина од следната година.
Банкарство: Колку домашните банки се дигитализирани и дали заостануваат во овој процес во однос на банките од Регионот/Европа?
Бранко Грегановиќ: Банките во Југоисточна Европа веќе нудат одредени дигитални производи на клиентите и Македонија не заостанува многу зад нив. Процесот на дигитализација на работа со клиентите е започнат и едноставно нема назад. Банките сфатија дека инвестирање во подобрување на дигиталните интеракции со клиентите треба да биде врвен приоритет и во фокусот на нивната деловна стратегија. Затоа, банките мора да работат на воведување иновативни производи од дигиталниот свет, и тоа не само за да го олеснат пристапот на постоечките, туку и да стекнат нови клиенти, особено помеѓу младата популација која е родена и живее во оваа дигитална ера.
Банкарство: Наведете еден новитет што НЛБ Банка Скопје ќе го имплементира во 2024 година и што очекувате од имплементација на истиот?
Бранко Грегановиќ: Нашите клиенти и нивното задоволство остануваат во фокусот на нашето работење, сè во рамките на целите за одговорно делување и во насока на одржливиот развој. Во таа насока во изминатите неколку години ние интензивно работевме на оптимизација на кредитниот процес, како резултат на што минатата година воспоставивме автоматизирани кредитни процеси за потрошувачки кредити, лимити на трансакциска сметка и картички. Овие кредитни продукти сега се одобруваат единствено со лична карта, без дополнителна документација од клиентот, а кредитот е исплатен на сметката на клиентот за половина час, со само една посета на експозитура или пак со само неколку клика во апликацијата за мобилно банкарство.
Годинава продолжуваме да работиме на оптимизација и на останатите кредитни продукти за физички лица, сè со цел да им овозможиме на нашите клиенти полесен пристап до Банката и унапредено корисничко искуство.
И натаму ќе продолжиме со кредитирање на населението и стопанството со фокус на зелените проекти, како и со дигиталната трансформација, унапредување на дигиталните канали со фокус на мобилното банкарство, но и имплементација на иновативни и дигитални финансиски решенија за поддршка на клиентите во сè поголемиот дигитален свет.
Интервјуа
Интервју | Самоил Крстевски | Сопственик на маркетинг агенција Media Lab Solution
Во време кога дигитализацијата забрзано го менува начинот на кој брендовите комуницираат со публиката, маркетингот станува сè поважен дел од деловната стратегија. Но, поголемата брзина, бројот на канали и достапноста на новите технологии носат и нови предизвици, од одржување на квалитетот на комуникацијата до градење и зачувување на довербата.
За современите трендови во маркетингот, влијанието на дигитализацијата, значењето на практичното знаење и ризикот од површен пристап во маркетингот и комуникацијата, разговараме со Самоил Крстевски, сопственик на маркетинг агенцијата „Media Lab Solution“, кој има долгогодишно искуство во маркетингот, високото образование и работењето со компании, особено од финансискиот и осигурителниот сектор.
Банкарство: Вашиот професионален пат опфаќа искуство во високото образование, работа како маркетинг менаџер во неколку компании од осигурителниот сектор, а денес управувате со маркетинг агенција која работи на брендирање и позиционирање на сериозни компании, особено од финансискиот сектор. Како сите овие различни професионални искуства го обликуваа вашиот пристап кон бизнисот и градењето доверба со клиентите?
Самоил Крстевски: Работата во различни професионални сфери ми овозможи оформување на поширок и посуштински поглед кон пазарот, човечкиот фактор и вредноста на стратешки поставениот деловен пристап.
Многу често зборувам за тоа дека работата со студентите носи посебно задоволство и енергија. Искуството во високото образование ми овозможи континуирано и одблизу да следам многу генерации млади луѓе, да го разберам нивниот начин на размислување, нивните очекувања, амбиции и поглед кон иднината, но и да бидам во тек со промените што ги носи секоја нова генерација. Таа поврзаност со младите продолжува и денес. Дел од мојот тим го сочинуваат млади луѓе кои со своите идеи, енергија и поинаков поглед кон работата внесуваат свежина во секојдневието. Верувам дека токму спојот на искуството и новата енергија создава средина во која и едните и другите постојано учиме, се надградуваме и се движиме напред.
Осигурителниот сектор, од друга страна, претставува сериозна индустрија што гради силно чувство за одговорност кон клиентите и бара прецизна и јасна комуникација.
Денес, како сопственик на маркетинг агенција, овие искуства се спојуваат и маркетингот не се гледа само како промоција, туку како сериозна деловна функција што директно влијае врз кредибилитетот, репутацијата и долгорочната позиција на брендот.
Банкарство: Колку образованието денес има значење во создавањето професионалци што можат да одговорат на современиот пазар?
Самоил Крстевски: Образованието и понатаму има исклучително важна улога затоа што ги поставува темелите на знаењето, аналитичкото размислување и професионалната зрелост.
Но, денес не е доволно да се поседува само формално образование, најголема вредност има кога по завршеното образование се надградувате со добро практично професионално искуство. Неформалното образование, за жал, кај нас се уште е на многу ниско ниво и најчесто е сведено на обуки и школувања од некомпетентни предавачи. Така, често се случува и кај нас да пристигне навидум одлично “CV” од кандидати кои аплицираат за работа, а суштински се слаби познавачи на индустријата, алатките за работа и немаат чувство за оваа проблематика. Не е доволно да се наведе само дали е посетен некој курс или академија кога реалноста е поинаква и тој кандидат не е подготвен за работа на реални проекти.
Банкарство: Управувате со маркетинг агенција која соработува со реномирани домашни и странски компании. Како тоа го менува пристапот кон маркетингот?
Самоил Крстевски: Работата со различни компании, а особено оние од финансискиот сектор, наметнува многу повисоко ниво на одговорност. Во таков контекст, маркетингот не се сведува само на комуникација и видливост, туку станува дел од пошироката
деловна стратегија. Секоја порака мора да биде внимателно поставена, секој канал внимателно избран, а секоја кампања усогласена со законските прописи, регулативите, вредностите и репутацијата на клиентот. Тоа покажува дека во маркетинг комуницирањето мора да бидеме одмерени, аналитички поткрепени и суштински поврзани со деловните цели и очекувања.
Денешниот маркетинг свет се движи многу побрзо, а воедно е покомплексен и поконкурентен од кога било досега. Компаниите имаат на располагање повеќе канали, повеќе формати и повеќе алатки, но истовремено се соочуваат со многу поголем притисок да бидат релевантни, прецизни и доследни. Пазарот повеќе не наградува само присуство. Се повеќе се вреднува способноста да се изгради порака што има тежина, комуникација што создава доверба и стратегија што носи реална деловна вредност. Еден од најголемите предизвици е да се задржи квалитетот и сериозноста на комуникацијата во средина што постојано бара брзина и видливост.
Вториот предизвик е засилената конкуренција затоа што многумина имаат пристап до истите платформи и формати, а третиот и најважен е довербата. Денешната публика многу брзо препознава кога комуникацијата е неавтентична, пренагласена или без вистинска содржина. Токму затоа, брендовите мора да градат позрел, попрецизен и поодговорен однос со публиката.
Банкарство: Каква улога има дигитализацијата во современиот маркетинг?
Самоил Крстевски: Дигитализацијата денес има суштинска улога и веќе не се гледа како дополнување, туку како основа на современиот маркетинг. Таа овозможува попрецизно таргетирање, подобра сегментација, анализа на однесувањето на публиката, управување со кампањи во реално време и поефикасна дистрибуција на содржината.
Практично, дигитализацијата му овозможува на маркетингот да биде побрз, “попаметен” и многу поприлагоден на конкретниот корисник.
Генерално, сметам дека дигитализацијата и кај нас е навлезена на завидно ниво и не заостануваме многу од светските трендови, иако се уште се зборува дека треба да се воведе и дека се уште не е доволно застапена кај нас, па се организираат форуми, панел-дискусии на кој се зборува за недостатоците и проблемите, но никогаш не слушаме кое е всушност решението, како да се подигне свеста или да слушнеме некое практично искуство од имплементација на дигитализацијата.
Банкарство: На кој начин дигитализацијата најмногу ќе се користи во маркетингот во периодот што следи?
Самоил Крстевски: Моја лична проценка е дека најголема примена ќе има во прилагодениот пристап, автоматизацијата и аналитиката. Тоа значи дека брендовите се повеќе ќе се насочуваат кон комуникација што е приспособена на интересите, навиките и однесувањето на конкретниот корисник. Технологијата ќе зазема се поголема улога, но нема да го замени човечкиот фактор. Таа може да ја зголеми ефикасноста, да помогне во анализата и да го забрза извршувањето, но не може да ја замени проценката, интуицијата, стратешкото размислување и чувството за контекст. Маркетингот и понатаму ќе зависи од знаењето, зрелоста и способноста на луѓето да донесат правилни одлуки и да изградат вистинска врска со публиката.
Банкарство: Дали постои ризик дигитализацијата да доведе до премногу површен маркетинг?
Самоил Крстевски: Да, тој ризик е реален. Кога комуникацијата се сведува само на брзина, формат и постојано присуство, постои опасност да се изгуби тежината на пораката. Во обидот да бидат модерни и видливи, дел од брендовите стануваат премногу лесни во тонот и недоволно внимателни кон сопствениот идентитет.
Банкарство: Што денес бараат компаниите од една маркетинг агенција?
Самоил Крстевски: Тие бараат повеќе од креативно решение. Бараат партнер што пред се ја разбира индустријата, деловниот контекст, пазарот и специфичните цели на клиентот. Ние кои сме дел од оваа индустрија, често сме сведоци на лоши стратегии и погрешно комуницирање при презентација на одреден производ или услуга.
Секоја индустрија има свои правила и зборови што се користат за одредена публика. Мора да се внимава кога ќе се помине прагот и наместо одлична промоција ќе се создаде несакан ефект.
Современиот маркетинг не е прашање на видливост по секоја цена, туку на стратешко, одговорно и доследно градење доверба, репутација и долгорочна вредност.
Интервјуа
Дигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
Македонскиот банкарски сектор во изминатите години поминува низ значајна трансформација, поттикната од дигитализацијата, променетите навики на клиентите и растечкиот интерес за нови форми на инвестирање. Во такви услови, банките сè повеќе се позиционираат како финансиски партнери кои, покрај традиционалните услуги, нудат пристап до современи инвестициски решенија и дигитални финансиски алатки.
Во најновото издание на емисијата FinSight, гостин е Беркан Имери, член на Управниот одбор на Халк Банка, една од најбрзорастечките банки на македонскиот пазар во последните години.
Во интервјуто, Имери говори за развојниот пат на банката, промените во финансиското однесување на граѓаните и компаниите, како и за предизвиците и можностите што ги носи новата економска реалност.
Посебен акцент е ставен на сè поголемиот интерес на домашните инвеститори за вложување во хартии од вредност на меѓународните пазари, тема која добива на значење во услови на глобализирани финансиски текови и потреба од диверзификација на инвестициите.
Во разговорот се анализираат и актуелните движења на каматните стапки на депозитите и кредитите, побарувачката за станбени кредити, како и најчестите причини поради кои граѓаните се задолжуваат.
Дополнително, Имери зборува за искористеноста на средствата од унгарската кредитна линија од страна на македонските компании, улогата на банките во поддршката на бизнис-секторот и можностите за понатамошен економски развој.
Во време кога дигиталните услуги стануваат стандард, интервјуто отвора и важни прашања поврзани со сајбер безбедноста, заштитата од финансиски измами и иднината на безготовинските плаќања. Дали мобилниот телефон ќе стане главна алатка за плаќање и дали класичните платежни картички постепено ќе ја губат својата улога се дел од темите на кои Имери дава свој осврт.
На крајот од разговорот, тој ги открива и стратешките приоритети на Халк Банка за следните пет години, визијата за понатамошен раст и позиционирање на банката во сè поконкурентна финансиска средина.
Целото интервју со Беркан Имери во FinSight можете да го проследите во продолжение.
Новинар: Наташа Мерсовска
Интервјуа
Филомена Пљакоска Аспровска во FinSight: Дали мобилниот телефон ќе стане нашиот единствен паричник?
Како изгледа иднината на плаќањата во време кога дигитализацијата и вештачката интелигенција сè повеќе го менуваат начинот на кој купуваме, плаќаме и управуваме со сопствените финансии?
На овие и на многу други актуелни прашања одговори дава Филомена Пљакоска Аспровска, главен извршен директор и претседател на Управниот одбор на CaSys, во најновата епизода на поткастот FinSight, реализирана со поддршка на GEA – Алијансата за родова еднаквост при АЕТСМ.
Во разговорот се отвораат теми поврзани со улогата на CaSys во развојот на современата платежна инфраструктура во земјата, како и предизвиците и можностите што ги носи забрзаната дигитална трансформација на финансискиот сектор.
Дали мобилниот телефон постепено го заменува традиционалниот паричник? Се менуваат ли навиките на граѓаните кога станува збор за плаќањата и дали пластичната платежна картичка ќе остане дел од нашето секојдневие и во иднина? Ова се само дел од прашањата за кои се дискутира во интервјуто.
Пљакоска Аспровска зборува и за подготвеноста на македонското општество за безготовински плаќања, трендовите во користењето на платежните картички, како и за улогата на институциите во градењето поголема доверба кај граѓаните во дигиталните начини на плаќање.
Во фокусот на разговорот е и развојот на е-трговијата во Македонија. Каде се наоѓаме во споредба со земјите од регионот и со развиените европски пазари? Зошто дел од граѓаните сè уште се воздржани кога станува збор за онлајн купување и како можат подобро да се заштитат од злоупотреби и интернет измами?
Интервјуто обработува и теми поврзани со токенизираните плаќања, нивната безбедност и разликите во однос на традиционалните картични трансакции, како и очекувањата за тоа како ќе изгледаат плаќањата во следната деценија.
Дополнително, се разговара и за трансформацијата на банките во дигиталната ера, односно дали финансиските институции постепено стануваат технолошки компании, како и за активностите на Casys во областа на родовата еднаквост и намалувањето на разликите меѓу мажите и жените на работното место.
Новата епизода на FinSight е достапна на YouTube каналот на Банкарство.
Новинар: Наташа Мерсовска
-
Банкипред 2 месециПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Кариерапред 2 месециНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати јулската пензија
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати паричната помош за корисниците на социјална, детска и цивилна заштита
-
Банкипред 1 месецНОВО: Комерцијална банка воведе штедење на 25 и на 40 месеци со фиксни каматни стапки
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје





