Connect with us

Банки

Потреба од ажурирање на податоците на граѓаните во банкарскиот сектор

Објавено

на

Комерцијалните банки, согласно постојната законска регулатива од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, Законот за заштита на лични податоци, како и подзаконската регулатива, треба редовно да ги ажурираат личните податоци на клиентите. Во современи услови на сѐ позачестено користење на услугите на електронско и мобилно банкарство, согласно законските одредби за заштита на личните податоци и безбедноста на плаќањата, неопходно е банките да одржуваат редовна комуникација со клиентите, заради безбедно извршување на услугите и заштита на корисниците на финансиски производи и услуги.

Банките треба да го потврдат идентитетот на клиентот или вистинскиот сопственик при воспоставувањето на деловниот однос. Секоја банка со интерен акт ја определува фреквенцијата на ажурирање на документите и податоците потребни за следење на деловниот однос со клиентите. При промена на некој од личните податоци (адреса, нова лична карта и сл.), клиентот е должен соодветно да ја извести и банката чиишто услуги ги користи.

Банките треба да ги информираат граѓаните  за наједноставниот, најлесниот и најбрзиот начин на кој можат да ги ажурираат своите лични податоци, како и колку често треба да врши ажурирање на нивните лични податоци кај банката (дури и тогаш кога нема промена на податоците). Во некои банки постои можност ажурирањето на податоците да се врши по електронски пат, без доаѓање на шалтер во банките.

Изнаоѓањето начини за известување за новините во регулативата, како и редовната комуникација со клиентите за сите аспекти при користењето на услугите од банкарскиот сектор придонесува кон зголемување на довербата на граѓаните во банкарскиот сектор, а со тоа се намалува просторот за шпекулации и дезинформации коишто можат да ја нарушат стабилноста на банкарскиот систем.

Банки

Стопанска банка го зајакнува менаџерскиот тим: Илијас Пападопулос назначен за нов Генерален директор за оперативни работи (COO) и член на Управниот одбор

Објавено

на

Стопанска банка АД – Скопје со задоволство го објавува назначувањето на г. Илијас Пападопулос за Генерален директор за оперативни работи (Chief Operating Officer – COO) и член на Управниот одбор на Банката. Ова е нова, стратешки воспоставена позиција во Одборот, која ја одразува ориентацијата на Банката кон зајакнување на оперативната извонредност, ефикасноста и трансформацијата на работењето.

Г. Пападопулос успешно ја заврши постапката за лиценцирање пред Народната банка на 27 октомври 2025 година.

Со повеќе од дваесет години извршно искуство во банкарството, г. Пападопулос носи богато знаење и практично искуство во управување со кредитен ризик, корпоративно и банкарство на мало, како и во интерна ревизија. Во својата претходна улога како Сениор директор за кредитен ризик и член на Извршниот одбор на Стопанска банка, тој одигра клучна улога во обликувањето на апетитот за ризик, развојот на кредитната стратегија и зајакнувањето на оперативната отпорност на институцијата.

Г. Пападопулос поседува магистерски студии по финансии и инвестиции од Универзитетот во Ексетер, како и додипломски студии по економија од Универзитетот во Гринич во Велика Британија.

Во својата нова улога како Генерален директор за оперативни работи (COO), г. Пападопулос ќе биде одговорен за раководење со клучните оперативни сектори на Банката, вклучувајќи ги информатичката технологија (ИТ), платниот промет, кредитното администрирање, управувањето со деловните процеси и организација, како и административната поддршка. Неговата основна задача ќе биде водење на оперативниот модел за трансформација на Банката, со фокус на модернизација, дигитализација, иновации и усогласеност со регулативите, со цел обезбедување оперативна извонредност и подобрено клиентско искуство преку сите канали.

Со ова назначување, Стопанска банка уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон зајакнување на лидерскиот тим, како и кон унапредување на корпоративното управување, дигиталната трансформација и квалитетот на услугите за клиентите. Овие приоритети ќе останат во центарот на стратегијата на Банката и во наредниот период, како дел од нејзината мисија да обезбеди одржлив раст и современо банкарско искуство на македонскиот пазар.

Продолжи со читање

Банки

Вицегувернерката Ана Митреска на Конференцијата на „Блумберг Адрија“: Инфлацијата ќе забавува во следниот период и ќе се доближи до историскиот просек

Објавено

на

„Домашната инфлација е значително намалена во однос на врвот од крајот на 2022 година и е сведена на едноцифрено ниво. Просечната инфлација во 2025 година досега се движи околу 4%, а врз основа на сите расположливи претпоставки и мерките преземени досега од Народната банка, очекуваме дека инфлацијата ќе забавува во следниот период и ќе се приближи кон историскиот просек.“ Ова го порача вицегувернерката Ана Митреска на Конференцијата во организација на „Блумберг Адрија“, под наслов „Back to business (Повторно на работа): Економскиот потенцијал и развојните можности за Македонија“, посочувајќи дека Народната банка, во услови на ризици и неизвесност, и натаму ќе биде доследна во своите напори за навремено приспособување на политиките.

На Конференцијата стана збор и за состојбите во домашниот банкарски систем, при што се заклучи дека тој е сигурен, стабилен и отпорен. „Банкарскиот систем не само што ја задржа стабилноста и сигурноста во вакви околности, туку и дополнително ја зајакна својата отпорност. Солвентноста на банкарскиот систем изнесува од 19,6%, што е највисоко ниво од 2006 година наваму, а ликвидноста и квалитетот на кредитното портфолио се солидни, поради што системот е подготвен за ублажување на потенцијалните шокови“, посочи вицегувернерката Митреска.

Во однос на светската геоекономска фрагментација и потребата за поголема регионална интеграција, според Митреска, поголемото регионално економско поврзување не треба да се сфаќа како оддалечување или намалување на зависноста од светските текови, туку како алатка којашто на регионот ќе му овозможи поголема конкурентност. Во оваа смисла, таа го истакна и вклучувањето на нашата земја и на уште неколку земји од регионот во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), што ќе овозможи побрзи, поефикасни и поевтини плаќања, придонесувајќи за поголема економска поврзаност на регионот, негова поголема конкурентност и за побрза конвергенција кон доходот на ЕУ.

Продолжи со читање

Банки

Вицегувернерката Емилија Нацевска: Кога плаќањата се извршуваат без напор, економијата расте со доверба

Објавено

на

„Единствената област за плаќања во евра, СЕПА, веќе е дел од нашата реалност. Тоа не е само симбол, туку и услуга. Преку пониските трошоци, брзината и едноставниот сет информации потребен за извршување на плаќањето, граѓаните и компаниите од нашата земја веќе ги чувствуваат придобивките кога испраќаат пари или кога плаќаат снабдувачи во странство или, пак, кога примаат дознаки од странство“, порача вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, во завршното обраќање на 16. конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, одржана под наслов „Преповрзување на плаќањата во дигиталната ера“.

Вицегувернерката истакна дека следниот приоритет е развивањето и воведувањето инстант плаќања, како нова навика, а не само можност. „Целта е практична – да можете да платите и да ви биде платено за неколку секунди, во секое време (24/7/365), преку безбеден систем и со сигурно порамнување преку централната банка“, рече Нацевска, додавајќи дека меѓусебното поврзување на платните системи на земјите од Западен Балкан, како и со европскиот ТИПС ќе придонесе за побрза економска интеграција на регионот во Европската Унија.

Покрај СЕПА и инстант плаќањата, во фокусот на Конференцијата беа и отпорноста и довербата во платните системи, како предуслов за стабилност, којашто е неопходна за непречено функционирање на економијата. Нацевска истакна дека размената на искуства, тестирањето и координираното реагирање при инциденти се клучот за одржувањето на довербата на јавноста.

Посебно внимание ѝ беше посветено на улогата на финтек-компаниите и на небанкарските даватели на платежни услуги, коишто веќе се рамноправен дел од системот. „Тие носат брзина, практичност и конкуренција, но со тоа и одговорност за заштита на корисниците и податоците“, нагласи таа.

Во однос на иновативните решенија и регулативата, вицегувернерката порача дека тие не треба да се гледаат како спротивности, туку дека регулаторите треба да создадат простор за нови идеи, но и да обезбедат сигурност на плаќањата и заштита на клиентите, бидејќи рамнотежата меѓу иновацијата и стабилноста е исклучително важна, рече Нацевска, нагласувајќи ја важноста на пропорционалноста во регулирањето, заради обезбедување еднакви правила и правични услови за сите учесници на пазарот.

Во своето завршно обраќање, Нацевска потсети дека ако на претходната конференција се зборуваше за планови, оваа година веќе се истакнуваат конкретни резултати и реални решенија.

„Се движиме во вистинската насока – од дизајн кон услуга, од концепти кон видливи придобивки“, заклучи вицегувернерката, изразувајќи им благодарност на сите учесници, партнери и организатори на Конференцијата за нивните идеи, соработка и посветеност во градењето подобар и посигурен платен екосистем.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange