Анализи
8 МАРТ АНАЛИЗА: Колку се застапени жените во Управните одбори на банките во Македонија?

Со цел утврдување на статусот на жената во општеството, Банкарство.мк спроведе истражување на тема „Жените во Управните одбори на банките во Република Северна Македонија”. Истражувањето ја опфаќа процентуалната застапеност на жените во Управните одбори на банките во Македонија, па за таа цел беа анализирани сите банки.
Прашањето за разновидноста и улогата на жените во македонските компании е комплексно и претставува мултидимензионален проблем кој опфаќа различни демографски карактеристики, како на пример, бројот на членови во одборот, родовата и расна застапеност во одборите, квалификациите на членовите, нивна етничка припадност и националност.
Во изминативе неколку години, развојот на банкарскиот систем во Северна Македонија бележи значителен прогрес. Сепак, нивото на развој, мерено преку степенот на финансиско посредување е пониско во однос на останатите земји во транзиција (земјите од Централна и Источна Европа) и значително заостанува во однос на земјите од Европската Унија. Банкарскиот сектор на Република Северна Македонија, кој воедно има доминантно учество во финансискиот систем, се состои од 12 комерцијални банки, Развојната банка на Северна Македонија и Народната Банка на Република Северна Македонија.
Од истражувањето на Банкарство.мк во вкупно 14 банки во земјава, дојдовме до податок дека вкупното учество на жените во Управните одбори на банките во Република Северна Македонија изнесува 25,64% што воопшто не е задоволувачки процент, но зачудувачки и понизок во однос на претходните години.
Доколку направиме анализа по банки, за жал нема ниту една банка каде Управниот одбор го сочинуваат единствено жени, но, има неколку банки каде се застапени само мажи.
Банки каде што жените воопшто не се застапени во Управните одбори се НЛБ Банка, Силк Роуд Банка, Централна кооперативна банка и Развојната банка на Северна Македонија.
Само по една жена која е дел од Управниот одбор имаме во Стопанска банка – Скопје, Халкбанк, Шпаркасе Банка, ТТК Банка, УНИБанка, ПроКредит Банка, Стопанска банка – Битола и Капитал Банка.
Иако не се мнозинство, повеќе од една жена има единствено во Управниот одбор на Комерцијална Банка.
Кај регулаторот, НБРСМ, помеѓу извршните членови (гувернер и вицегувернери), три членови или 75% се жени, додека само еден, односно 25% е од машкиот пол.
Единствено УНИБанка и Народната банка на Република Северна Македонија имаат жени на челната позиција.
Имено, според анализата на Меѓународната Организација на Трудот само 5-7% од генералните директори во светот се жени, а во Македонија статистиката покажува дека на менаџерските позиции во македонските компании помалку од 10% се жени.
И покрај се, македонската жена е заинтересирана да учествува во општествените процеси, но исто така сака да се чувствува подеднакво успешна и важна во корпоративниот свет. Сака да биде дел од политиката, се грижи за семејството, но и дава голем придонес и во стопанството преку бизнис заедницата. Жените и мажите во урбаниот свет имаат подеднакво право да се произнесат како индивидуи, но биолошките разлики се тие кои ги прават различни. Дискриминацијата врз жените е проблем на целото општество, затоа сите треба да се залагаме за нејзина елиминација.
Посветеноста и одговорноста за родова еднаквост треба да бидат секојдневна обврска!
Анализи
Дали светот е на работ на нова нафтена криза?

Геополитичките тензии меѓу Иран и Израел повторно ја раздвижуваат глобалната економија и предизвикуваат загриженост на светските енергетски пазари. Долготрајната непријателска реторика и конфликтите со посредници во регионот, како Хезболах и Хамас, добиваат нова димензија, при што аналитичарите предупредуваат на потенцијална директна конфронтација меѓу двете држави. Но најголемата закана за глобалната економска стабилност би била евентуалното затворање на клучните поморски теснеци – Хормуз и Баб ал-Мандеб.
Зошто се важни Хормуз и Баб ал-Мандеб?
Теснецот Хормуз лоциран меѓу Персискиот Залив и Оманскиот Залив, е најважниот транспортен коридор за нафта во светот. Според податоците на Меѓународната агенција за енергија (IEA), секој ден низ овој теснец се пренесуваат околу 17–20 милиони барели нафта, што претставува над 20% од глобалната дневна потрошувачка.
На другата страна на Арапскиот Полуостров се наоѓа теснецот Баб ал-Мандеб, кој ги поврзува Црвеното Море со Аденскиот Залив и е клучна врска за нафтениот и трговскиот сообраќај помеѓу Европа, Азија и Источна Африка. Во услови на затворање на овие теснеци, алтернативните поморски рути се значително подолги и поскапи, што веднаш ќе влијае врз цените на транспортот и енергенсите.
Какво би било влијанието врз цената на нафтата?
Затворањето на Хормуз и Баб ал-Мандеб би предизвикало шок на нафтените пазари. Понудата на нафта би се намалила преку ноќ, додека побарувачката останува стабилна или дури зголемена поради неизвесноста. Ова ќе предизвика нагло зголемување на цената на нафтата, со прогнози кои одат над 100 или дури 150 долари по барел, во зависност од должината и сериозноста на блокадата.
Таквиот пораст ќе има директно влијание врз цените на горивата, но и индиректни ефекти врз синџирите на снабдување, транспортот и производствените трошоци во речиси сите индустрии.
Последици за глобалната економија
Инфлациски притисоци: Скапата нафта ќе ги поттикне цените на основните производи, што дополнително ќе ја зголеми инфлацијата, особено во чувствителни економии со слаб монетарен капацитет.
Монетарна политика: Централните банки ќе бидат приморани да задржат повисоки каматни стапки подолго време или дополнително да ги зголемат со цел да ја намалат инфлацијата, а тоа ќе придонесе да се забави кредитната активност и инвестициите и значително ќе се намали економскиот раст.
Развиените и економиите во развој: Развиените економии ќе забават, додека економиите кои зависат од увоз на енергенси и храна ќе се соочат со сериозни структурни предизвици.
Финансиски пазари: Волатилноста ќе се зголеми. Инвеститорите ќе бараат засолниште во “безбедни” средства како злато, американски долар и државни обврзници, додека на удар ќе бидат поризичните инвестиции како акциите, инвестициските фондови, криптовалутите и слично.
Дали светот може да реагира?
Иако големите нафтени резерви во САД, Кина, Русија и земјите на ОПЕК можат краткорочно да го ублажат шокот, затворање на овие теснеци би имало структурни последици ако трае подолго. Воена интервенција за ослободување на теснеците би претставувала уште поголем ризик, со потенцијал за регионален конфликт со глобални импликации.
Според ова може да се заклучи дека ситуацијата помеѓу Иран и Израел повеќе не е само регионален безбедносен предизвик, туку сериозна закана за глобалната економска стабилност. Светот е на работ на нова нафтена криза и прашање е само дали дипломатијата ќе успее да ја спречи следната фаза на ескалација, а со тоа да се спречи и крајно непосакувана Трета светска војна.
Анализи
МАКЕДОНИЈА НАПРЕДУВА – Додека некои европски земји тонат во инфлација, ние растеме!

Според најновата проекција на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), 2026 година ќе донесе различни инфлациски сценарија за европските земји, при што се очекува значајна дисперзија во движењата на цените меѓу економиите. Додека одредени држави успешно ја ставаат инфлацијата под контрола, други продолжуваат да се соочуваат со ценовни шокови и инфлаторни притисоци.
Швајцарија и Франција со најниски инфлациски стапки
Најниска проектирана инфлација за 2026 година ќе има Швајцарија, со стапка од само 0,5%, што ја позиционира како стабилен економски простор со ефективни монетарни механизми. Следат Франција со 1,6% и Ирска со 1,7%, кои исто така покажуваат солидна способност да одржат ценовна стабилност.
Во групата на најразвиените економии, Германија ќе има умерена инфлација од 1,9%, додека Хрватска ќе ја надмине просечната инфлација на ЕУ со 2,6%, што укажува на послабо амортизирање на внатрешните и надворешните притисоци врз цените.
Полска, Унгарија и Турција со повисоки стапки
Од земјите на Европската Унија, Полска и Унгарија ќе забележат највисоки инфлациски стапки, од 3,4% и 3,6% соодветно. Овие нивоа, иако далеку пониски од постпандемиските пикови, сепак покажуваат дека ценовната стабилизација сè уште не е целосно постигната.
Меѓу најзагрижувачките е случајот на Турција, која и покрај напорите на монетарните власти, ќе се соочи со екстремно висока инфлација од 22,8%, највисока на континентот. Ова е резултат на долгогодишна неортодоксна монетарна политика, девалвација на лирата и структурни економски слабости.
Русија и Украина со задржана ценовна нестабилност
Инфлацијата ќе остане релативно висока и во Русија (5,5%) и Украина (7,7%), што е очекувано со оглед на продолжените геополитички тензии, нестабилноста во снабдувачките ланци и ограничениот пристап до меѓународните финансиски пазари.
Македонија со позитивен сигнал и стабилизација
Во однос на Македонија, ММФ очекува економски раст од 3,2% и во 2025 и 2026 година, што претставува сигнал за постепено заздравување и стабилизирање на економските текови. Инфлацијата е проектирана на 3,4% во 2025 и се очекува да се намали на 2,2% во 2026, што укажува на успешни чекори кон нормализирање на ценовната динамика.
Со вакви проекции, Македонија се позиционира во групата на земји со контролирана инфлација, што е позитивен сигнал за инвеститорите, кредиторите, како и за општата макроекономска стабилност.
Анализи
АНАЛИЗА: Дали Македонците најмногу пари трошат за време на попусти, одмори или празници?

Секој месец носи свои предизвици за паричникот, но еден од нив се издвојува како апсолутен шампион во трошењето на Македонците. Дали попустите за Black Friday, сезонските попусти или пак празничната еуфорија најмногу го празнат паричникот на граѓаните и буџетот на фирмите?
Македонците имаат јасна шема кога се парите во прашање и, иако попустите се примамливи, само еден месец ги собира желбите, навиките и непланираните трошоци во едно. Декември, со сета своја магија, се чини дека не е само месец на подароци, туку и месец на најголеми финансиски авантури.
А, овој тренд може да биде и финансиски неодговорен. Наместо да ги искористат попустите од претходните месеци, како Black Friday или сезонските акции, навиката да се купува во очи новогодишните празници, кога цените се често повисоки, значи преплатени производи и услуги. Трговците веројатно добро го знаат овој тренд и умешно го користат.
Дали декември е најнеодговорниот финансиски месец во годината? Статистиката на Народната банка на Македонија вели да. Секој декември во изминатите 9 години и граѓаните и компаниите едноставно не го штеделе својот буџет. Предновогодишната еуфорија, проследена со забави и подароци, ги тера да не ги штедат своите сметки и картички. Платежната статистика на НБРМ покажува дека во декември 2024 вредноста на вкупните платежни трансакции со картички изнесува 38,2 милијарди денари (622 милиони евра) и тоа е рекорд од 2016 година досега. Во декември претходната година биле извршени трансакции со картички во вредност од 33,2 милијарди денари (539 милиони евра).
Најмногу пари граѓаните повлекуваат како готовина од банкомат. Во декември лани вкупно биле пивлечени 20,6 милијарди денари (336 милиони евра), од кои само граѓаните повлекле 20,2 милијарди денари. За разлика од нив, најмногу трансакции вршат со плаќања на ПОС терминали.
Во јануари веќе започнува финансискиот пост. Во јануари 2024 година биле извршени трансакции во вредност од 27,1 милијарда денари (441 милион евра), што значи околу 100 милиони евра помалку отколку претходниот месец. И така е секој јануари. Граѓаните потрошиле 25,8 милијарди денари, а компаниите 1,3 милијарди денари.
Интересно е дека после декември како месеци со најмногу плаќања во 2024 биле јули и ноември. За време на летните одмори повторно не се штедат пари, ниту на личните ниту на бизнис картичките. Вкупно биле извршени трансакции во вредност од 32,9 милијарди денари (535 милиони евра), од кои на граѓаните отпаѓаат 31,2 милијарди денари (485 милиони евра), а на компаниите 1,7 милијарди денари (28 милиони евра).
Исто така и во ноември, кој се совпаѓа со Black Friday попустите, се трошело и вкупно биле извршени трансакции со картички во вредност од 32,9 милијарди денари (535 милиони евра). Притоа граѓаните потрошиле 509 милиони евра, а компаниите 26 милиони евра.
Кога Македонците трошат најмногу пари?
Месец/Категорија | Декември | Ноември | Јули |
Вкупна вредност на трансакции со картички | 622 мил. евра | 535 мил. евра | 535 мил. евра |
Трансакции на физички лица | 593 мил. евра | 509 мил. евра | 485 мил. Евра |
Трансакции на правни лица | 29 мил. евра | 26 мил. евра | 28 мил. евра |
Што се однесува до платежните навики на македонските граѓани, e-трговијата зема се поголемо учество во трошоците. Од декември 2016 до декември 2024 година, вредноста на платежните трансакции со картички на ПОС терминали пораснала за помалку од 3 пати, а вредноста на трансакциите на места за е-трговија е зголемена за 13,5 пати. Иако и во е-трговијата најмногу се троши во декември, сепак тоа не е правило секоја година. Во 2022 година најмногу се трошело онлајн во март, а од 2016 до 2018 година тоа било случај во февруари.

Странците во Македонија најмногу пари на картичка трошат во август, кога си доаѓаат македонските иселеници. Во август минатата година потрошиле 8,8 милијарди денари (143 милиони евра). Следен месец кога најмногу придонесуваат за македонската економија е јули, а за третото место се натпреваруваат септември и декември.
Македонците во странство, пак, најмногу пари трошат во нули или во август, што повторно се поклопува со годишните одмори. Лани во јули и во август вкупно потрошиле 7,7 милијарди денари (125 милиони евра). Од статистиката може да се заклучи и дека странците во Македонија во лето трошат многу повеќе пари на картички отколку Македонците како туристи во странство. Сепак, треба да се има предвид и фактот дека Македонците на одмор почесто одат со пари во џеб отколку на картичка.
- Банкипред 2 месеци
НЛБ Банка Скопје e првата банка во земјата со формална апликација кон СЕПА, единствената област за плаќање во евра
- Банкипред 2 месеци
ПРВ КВАРТАЛ ОД СОНИШТАТА ЗА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА – добивката зголемена за речиси 20,1%!
- Банкипред 2 месеци
Централна кооперативна банка АД Скопје: Известување за исплата на пензиите за април 2025 година
- Банкипред 2 месеци
Стопанска банка АД – Скопје во првиот квартал од 2025 година оствари добивка од 13,5 милиони евра!
- Анализипред 1 месец
АНАЛИЗА: Дали Македонците најмногу пари трошат за време на попусти, одмори или празници?
- Берзапред 2 месеци
Заеднички настан на Македонска берза и EBRD „Финансирајте се пазарно!“
- Банкипред 1 месец
ММФ оценува дека Народната банка успешно се справува со шоковите и ја води политиката претпазливо и професионално
- Банкипред 1 месец
Халкбанк АД Скопје со нова експозитура во Diamond Mall – банкарските услуги поблиску до клиентите