Интервјуа
FinSight | Деспотовски: Како анализата на клиентот го одредува изборот на фонд?
Во новата епизода на FinSight разговараме со Владимир Деспотовски од ВФП Фондови за тоа како се избира соодветна инвестициска стратегија и кои се клучните фактори при носење на инвестициски одлуки.
Според него, основата на секоја инвестиција е правилната проценка на ризикот што клиентот е подготвен да го прифати.
„Нашите инвестициски агенти токму тоа го анализираат – инвестицискиот профил на клиентот и неговиот капацитет за прифаќање ризик“, вели Деспотовски.
Тој објаснува дека изборот на фонд директно зависи од оваа проценка.
„Доколку ризикот е многу низок, се оди со паричен фонд. Ако е повисок, се избира обврзнички фонд“, посочува тој.
За инвеститорите со поголема толеранција на ризик, стратегијата е поагресивна.
„Кога клиентот има високо ниво на толеранција на ризик – и при раст и при пад на портфолиото – тогаш се инвестира во акциски фондови“, додава Деспотовски.
Според него, правилното усогласување на инвестицискиот профил со соодветен инструмент е клучно за долгорочен успех и стабилност на инвестицијата.
Интервјуа
Од плата до капитал: Како најдобро да ги оплодите вашите средства | Владимир Деспотовски | WVP фондови
Во услови на зголемена економска неизвесност и притисоци од растечка инфлација, граѓаните сè почесто се соочуваат со дилемата – дали да ги чуваат заштедите во банка или да ги вложат во инвестициски фондови со цел повисок принос.
Оваа тема е во фокусот на најновата епизода од емисијата FinSight, каде гостува Владимир Деспотовски од ВФП Фондови. Во разговорот се отвораат клучните прашања за управување со личните финансии во турбулентни времиња, но и за реалните очекувања од различните инвестициски опции.
Банкарските депозити и натаму се сметаат за најсигурна форма на штедење, особено поради гаранцијата на средствата до 30.000 евра. Сепак, актуелните каматни стапки се релативно ниски, што значи дека реалниот принос често не ја следи инфлацијата. На пример, вложување од 10.000 евра во банка со камата би донело ограничен принос во период од неколку години.
Од друга страна, инвестициските фондови нудат можност за повисоки приноси, но и повисоко ниво на ризик. Во емисијата се објаснува каде се инвестираат средствата на клиентите – дали во најголемите светски компании, на развиени пазари или и на азиските берзи, како и кои стратегии се применуваат за управување со ризикот.
Дополнително, се дискутира за тоа колкава е минималната сума за инвестирање, какви се очекуваните годишни приноси, но и дали постои ризик од загуба на вложените средства, особено во услови на пазарни турбуленции.
Посебен акцент е ставен и на тоа како граѓаните да изберат соодветен финансиски производ според својот профил, приходи и семејни потреби, како и колку средства е препорачливо да се издвојуваат месечно за штедење или инвестирање.
Во време кога инфлацијата ја намалува вредноста на парите, а глобалните пазари се подложни на осцилации, информираното донесување одлуки станува клучно за заштита и раст на личниот капитал.
Целото интервју со Владимир Деспотовски погледнете го во најновата епизода на YouTube каналот на Банкарство.
Новинар: Наташа Мерсовска
Интервјуа
FinSight | Борче Треновски: Инфлацијата доаѓа во бранови – од горивото до платите
Разговараме со универзитетскиот професор Борче Треновски за тоа како се пренесува инфлацијата низ економијата и зошто ефектите не се чувствуваат веднаш.
Според него, инфлаторниот притисок не доаѓа одеднаш, туку се развива во неколку фази.
„Треба да размислиме како делува овој инфлаторен бран“, вели Треновски.
Првиот удар, објаснува тој, доаѓа од растот на цените на енергенсите, особено на нафтата и горивата.
„Најпрво се зголемуваат цените на нафтата, односно бензинот на бензиските пумпи, што го гледаме во моментов“, посочува Треновски.
Овој раст не се пренесува веднаш во останатите сектори, но ефектите почнуваат да се чувствуваат по краток период.
„Овие зголемувања не влијаат веднаш на транспортот и логистиката, но по 1 до 3 недели почнуваат да се пренесуваат“, вели тој.
Според Треновски, овој процес постепено го зафаќа целото општество.
„Влијае насекаде – и кај оние што носат леб во пекарите, и кај бизнис секторот, и кај професорот кој оди на работа“, објаснува тој.
Во следната фаза, по околу шест недели, инфлаторниот бран се прелева во пошироката економија.
„Потоа се пренесува во индустријата, автомобилскиот сектор, градежништвото, производството на храна и земјоделството“, додава Треновски.
Најкритичната фаза, според него, е кога инфлацијата ќе се „вгради“ во очекувањата на граѓаните.
„Четвртиот бран е кога се вклучуваат инфлациските очекувања – луѓето веќе очекуваат раст на цените и бараат повисоки плати бидејќи стандардот се намалува“, нагласува тој.
Колку силен ќе биде овој процес, зависи од траењето и интензитетот на почетниот шок.
„Во зависност од тоа колку ќе трае и колку ќе биде силен нафтениот шок, ќе зависи и колкав ќе биде инфлаторниот притисок“, заклучува Треновски во разговорот за FinSight.
Интервјуа
Доцните мерки создаваат шпекулации и притисок врз цените, вели Треновски во FinSight
Во новата епизода на FinSight разговараме со универзитетскиот професор Борче Треновски за навременоста на економските мерки и нивното влијание врз пазарот.
На прашањето од Наташа Мерсовска дали институциите задоцнуваат со реакцијата и дали треба веднаш да се делува, Треновски истакнува дека брзината е клучна, но реалноста често е поинаква.
„Треба што поскоро да се реагира, но реалноста е дека се чека за да се донесат мерки“, вели Треновски.
Според него, ваквото одложување создава простор за шпекулации и неизвесност на пазарот.
„Кога се чека, почнуваат шпекулации во медиумите – дали ќе има мерки, дали ќе се делува со акцизите… Тоа не смееме да го дозволиме, бидејќи директно влијае врз цените на било кој пазар“, посочува тој.
Треновски потсетува дека слична ситуација веќе се случила со цените на одредени производи во изминатиот период, кога неизвесноста дополнително ја засилила ценовната нестабилност.
Решението, според него, е јасна и навремена комуникација од институциите.
„Треба што побрзо да се излезе со јасна политика – како ќе се делува, во кој период и на каков шок со која мерка ќе се одговори“, нагласува Треновски.
Целта, додава тој, е да се намали неизвесноста кај граѓаните и бизнисите.
„Само така може да се смират граѓаните и да се создаде предвидливост за тоа што ќе се случува во иднина“, заклучува Треновски во разговорот за FinSight.
-
Бизниспред 2 месециУЈП започна со исплата на повратот од „Мој ДДВ“ за четвртиот квартал 2025
-
Продуктипред 2 месециКомерцијална банка: Воведуваме ново ниво на сигурност при интернет плаќања со картичка и трансакции преку мБанка
-
Банкипред 2 месециДобра вест за акционерите: Комерцијална банка со 8% повисока дивиденда за 2025 година
-
Останатопред 2 месециАЛТА банка АД Битола со стабилна капитална позиција, но значителен пад на профитабилноста во транзициската 2025 година
-
Продуктипред 2 месециОтворете сметка во Халкбанк онлајн и добијте ваучер за гориво од Макпетрол
-
Бизниспред 2 месеци„Е-фактура“ го трансформира бизнисот во Македонија – помал административен товар, поголема дигитална ефикасност и контрола на даночните обврски
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка ја заокружи 2025 со висока профитабилност и конзервативен пристап кон ризиците
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во НЛБ Банка АД Скопје



