Connect with us
no baners

Анализи

Инфлацијата се забрза во јуни – дали конечно дојде „тарифниот шок“ и што значи тоа за политиката на ФЕД?

Објавено

на

no baners

Инфлацијата во САД бележи забрзување, што повторно ги става во фокус увозните тарифи на претседателот Доналд Трамп и потенцијалното менување на монетарната политика на Федералните резерви (ФЕД). Според најновите податоци на Министерството за труд, инфлацијата порасна за 2,7% во 12-те месеци заклучно со јуни, што претставува највисока стапка на инфлација од февруари годинава.

Ова зголемување доаѓа по неколку месеци на релативна стабилност, годишната инфлација во април беше на четиригодишно најниско ниво од 2,3%, за потоа во мај да се искачи на 2,4%. Сега, јуни донесе уште понагласено зголемување, што многумина го гледаат како првиот јасен сигнал за ефектот на тарифите врз цените.

Ценовен притисок и растечки трошоци

Цените растат особено кај категориите кои се најпогодени од тарифите на Трамп, а тоа се:

  • Облека: +0,4%
  • Мебел: +1%
  • Видео и аудио производи: +1,1%
  • Играчки: +1,8%

Дополнително, зголемувањето на цените на домувањето, храната и бензинот исто така придонесе за повисоката инфлација.

Според економистите, ова е само почеток. Даниел Хорнунг од МИТ изјави дека ова е „првиот извештај за инфлација каде што царините почнуваат материјално да се појавуваат во клучните категории“. Бизнисите засега користат постоечки залихи, но кога ќе започнат да набавуваат по новите тарифи, притисокот врз цените ќе стане уште поизразен.

Како ќе реагира ФЕД?

Иако американската централна банка ФЕД целосно ја следи стапката на “основна инфлација” – која ги исклучува цените на енергија и храна, која исто така, е во пораст, достигнувајќи 2,9% во јуни. Ова е далеку над целта на ФЕД од 2% и сигнал за потенцијална промена на досегашниот пристап.

Досега, Федералните резерви ја држеа референтната каматна стапка во опсег од 4,25% до 4,5%, но во своите проекции најавија две намалувања на стапката до крајот на годината. Сепак, појаснија дека секоја одлука ќе биде условена од новите економски индикатори, а инфлацијата е клучниот од нив.

Бил Адамс, главен економист во „Comerica Bank“, изјави дека е малку веројатно дека ФЕД ќе ја намали каматната стапка на крајот на јули, но најверојатно сценарио е намалување на референтната стапка во септември, особено доколку до тогаш постои стабилен тренд во инфлациските податоци.

Политички притисок и неизвесност

Претседателот Доналд Трамп, кој веќе ја критикуваше ФЕД за преголемото калкулирање и одолговлекување со намалувањето на каматните стапки, врши сè поголем притисок врз гувернерот Џером Пауел. Иако централната банка функционира независно, политичкиот наратив и очекувањата за „поевтини“ пари остануваат дел од пошироката економска слика.

Но, ФЕД е во деликатна позиција:

  • Премногу брзо намалување на каматните стапки може дополнително да го поттикне растот на инфлацијата;
  • Премногу бавно дејствување може да ја успори економската активност во услови на високи трошоци за финансирање и зголемена неизвесност.

Што следува?

Трговската политика на САД повторно станува клучен двигател на внатрешните економски движења. Најавените нови царини што треба да стапат на сила на 1 август, како 30% за целиот увоз од Мексико и ЕУ дополнително би можеле да го ескалираат притисокот врз цените и да ја поттикнат инфлацијата.

Доколку инфлацијата продолжи со нагорен тренд, ФЕД ќе се најде во сложена позиција да балансира меѓу:

  • Целта за стабилни цени
  • Поддршка на економскиот раст
  • Одржување на довербата на пазарот

Заклучок

Извештајот за инфлацијата во јуни е потенцијално пресвртна точка за монетарната политика на САД. Иако ФЕД засега се воздржува од итна реакција, сè повеќе економски и политички сигнали укажуваат дека намалување на каматните стапки е можност, но не и извесност особено ако тарифниот шок продолжи да го потхранува растот на цените.

Во наредните месеци, клучно ќе биде дали зголемената инфлација ќе биде краткотраен ефект од новите царини или почеток на подолг инфлациски циклус.

no baners

Анализи

Инвеститорите масовно продаваат државни обврзници поради страв од нов бран инфлација

Објавено

на

Ескалацијата на кризата на Блискиот Исток почнува да има силно влијание врз глобалните финансиски пазари, особено врз пазарот на државни обврзници. Инвеститорите во последните денови масовно продаваат американски, европски и британски државни обврзници, реагирајќи на растечките стравувања дека конфликтот ќе предизвика нов бран на инфлација преку зголемување на цените на енергенсите.

Главната причина за ваквата реакција е наглото поскапување на нафтата. Вообичаено, во време на геополитички тензии државните обврзници се сметаат за „сигурно засолниште“ за капиталот, бидејќи инвеститорите се повлекуваат од поризични средства и бараат стабилност. Но овојпат фокусот на пазарите е насочен кон инфлациските последици од евентуалното долгорочно зголемување на цените на енергијата, што ја менува вообичаената логика на однесување на инвеститорите.

Причината за ваквите стравувања лежи во фактот што енергетските цени имаат директно и индиректно влијание врз целокупната економија. Кога цената на нафтата расте, растат и трошоците за транспорт, производство и снабдување, што со тек на време се прелева во повисоки цени на производите и услугите. Овој процес го поттикнува инфлацискиот притисок, што пак ги принудува централните банки да бидат повнимателни со намалувањето на каматните стапки.

Пазарите досега очекуваа дека во текот на 2026 година централните банки, особено Федералните резерви на САД и Европската централна банка, ќе продолжат со постепено намалување на каматните стапки по периодот на агресивно заострување на монетарната политика. Меѓутоа, доколку инфлацијата повторно се засили поради поскапувањето на енергијата, овие планови би можеле да бидат одложени или целосно ревидирани.

Дополнителен фактор на неизвесност е ескалацијата на воените активности во регионот. Кризата се продлабочува по нападите на САД и Израел врз Иран, при што се изведуваат воздушни напади и напади со дронови врз воени бази и аеродроми. Ваквите случувања не само што ја зголемуваат геополитичката нестабилност, туку и создаваат ризик од нарушување на глобалните енергетски снабдувачки синџири.

Во ваков контекст, финансиските пазари се наоѓаат во чувствителна фаза во која геополитиката, енергетските цени и монетарната политика се силно поврзани. Инвеститорите внимателно ги следат случувањата на Блискиот Исток, бидејќи секое понатамошно проширување на конфликтот може дополнително да ги зголеми цените на нафтата и да создаде нов инфлациски притисок на глобално ниво.

Сумирано, реакцијата на инвеститорите укажува дека пазарите моментално ја гледаат инфлацијата како поголем ризик од финансиската нестабилност. Наместо да бараат засолниште во обврзниците, тие се повлекуваат од нив, проценувајќи дека потенцијалниот раст на инфлацијата може да ги задржи каматните стапки повисоки подолго време. Ова претставува значаен сигнал дека геополитичките конфликти и понатаму имаат силна моќ да го обликуваат глобалниот економски и финансиски амбиент.

Продолжи со читање

Анализи

Економијата со стабилен раст од 3,5%: Македонија повторно во врвот во регионот и дел од ЕУ

Објавено

на

Македонската економија го задржува позитивниот тренд, при што бруто-домашниот производ (БДП) во четвртиот квартал од 2025 година порасна за 3,5 проценти, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на прес-конференција оцени дека станува збор за континуитет на стабилни економски движења, со оглед дека ова е шести квартал по ред со солидно темпо на раст. Таа посочи дека остварениот резултат се надоврзува на растот од 4,3 проценти во истиот квартал претходната година.

Според споредбените податоци, Македонија повторно се позиционира меѓу земјите со највисок раст во регионот и пошироко во Европа. Во четвртиот квартал повисока стапка на раст е регистрирана само во Малта, Кипар и Полска. Во регионот, Србија забележала раст од 2,2 проценти, Хрватска 3,6 проценти, Бугарија 3 проценти, а Словенија 2 проценти.

Кумулативно, реалниот економски раст во 2025 година изнесува 3,5 проценти, што е во рамки на проекциите на Министерството за финансии. Буџетскиот дефицит е задржан на ниво од 4 проценти од БДП, додека јавниот долг е намален и изнесува 59,3 проценти од БДП.

Анализата на секторските движења покажува дека растот е на широка основа. Највисока динамика бележи градежништвото со раст од 14,6 проценти, при што нискоградбата има реален раст од 12,5 проценти. Стручните и научните дејности бележат раст од 8,1 процент, трговијата и транспортот 4,4 проценти, а преработувачката индустрија 3,6 проценти. Единствено земјоделството регистрира благо намалување од 0,4 проценти.

Особено се издвојува растот на извозот на стоки и услуги од 9,7 проценти, што укажува на зајакнување на извозната активност. Приватната потрошувачка останува стабилна со реален раст од 2 проценти, поддржана од растот на платите. Бруто-инвестициите бележат намалување од 3 проценти, што се толкува во контекст на високата споредбена основа од претходната година, кога во последниот квартал беше остварен раст од 23,7 проценти.

Од Министерството за финансии порачуваат дека и покрај неизвесностите на меѓународната сцена, економските политики ќе продолжат да се креираат со цел поддршка на стопанството и одржување на стабилноста, со фокус на одржлив раст и фискална дисциплина.

Продолжи со читање

Анализи

Државата уверува: Резервите на нафта стабилни, снабдувањето сигурно и покрај глобалните ризици

Објавено

на

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека внимателно ја следи состојбата на меѓународните нафтени пазари, особено во контекст на актуелните геополитички случувања и конфликтот на Блискиот Исток, но уверува дека во моментов нема причини за загриженост во однос на домашното снабдување.

Според информациите од ресорното министерство, Агенцијата за задолжителни нафтени резерви континуирано ги одржува и надгледува државните резерви на нафта и нафтени деривати, со што се обезбедува стабилност на пазарот и подготвеност за реакција доколку дојде до евентуален прекин или нарушување на увозот.

Агенцијата има законска обврска да ги формира и одржува резервите во согласност со европската регулатива, односно со Директивата 2009/119/ЕC, која пропишува минимално ниво на покриеност во денови просечна потрошувачка или увоз. Овие резерви се користат исклучиво во услови на прогласена енергетска криза или сериозно нарушување на снабдувањето, со одлука на Владата, а не во редовни пазарни услови.

Во моментов увозот на нафтени деривати се одвива непречено и без ограничувања. Од Министерството посочуваат дека државата располага со стабилни резерви и дека според расположливите податоци земјата е меѓу најподготвените во регионот во однос на сигурноста на снабдувањето.

Како дополнителна гаранција, државата располага со следните количини стратешки резерви:
– Еуродизел: 138.877.053 литри
– Еуросупер БС-95: 32.098.680 литри
– Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1): 10.772.342 литри
– Мазут М-1 НС: 5.287.794 килограми

Покрај стратешките резерви, редовната набавка се врши повеќепати годишно, а количините континуирано се дополнуваат согласно динамиката на потрошувачката и законските обврски.

Нафтените резерви се складирани кај овластени компании – ОКТА – Рафинерија на нафта, Макпетрол АД Скопје, Лукоил Македонија ДООЕЛ и Супер Трејд ДООЕЛ. Складиштата редовно се мониторираат и контролираат од надлежните институции со цел да се обезбеди техничка исправност и безбедност.

Дополнителен сигурносен механизам претставува продуктоводот Солун–Скопје, кој овозможува алтернативен и непречен доток на нафта и деривати преку поврзување со Солун, со што се намалува зависноста од други транспортни правци.

Надлежните уверуваат дека системот функционира превентивно и повеќеслојно, преку стратешки резерви, диверзифицирани извори на снабдување и постојан мониторинг на потрошувачката. И покрај глобалните предизвици, оценката е дека граѓаните и стопанството нема да се соочат со недостиг, а институциите остануваат подготвени за навремена реакција доколку се појави какво било нарушување на снабдувањето.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange