Бизнис
Димитриеска-Кочоска: Во целост исплатена Еврообврзницата издадена во 2020 година во вкупен износ од 700 милиони евра
Министерството за финансии денеска изврши исплата на 327,9 милиони евра (316,3 милиони евра за главница и 11,6 милиони евра за камата) со што во целост е заокружено сервисирањето на обврската по Еврообврзницата издадена во 2020 година во вкупен износ од 700 милиони евра.
Средствата за сервисирање на оваа обврска државата, односно Министерството за финансии, ги обезбеди преку издавање Еврообврзница во текот на јануари 2026 година. Еден дел, односно 383,7 милиони евра беа предвремено исплатени во февруари 2026 година, додека останатиот дел од Еврообврзницата кон имателите коишто не прифатија предвремена исплата во февруари, беше исплатен денеска.
„Со исплата во износ од 327,9 милиони евра комплетно ја исплативме Еврообврзницата од 700 милиони евра, издадена во 2020 година. Таа е дел од обврските што како Министерство за финансии редовно и навремено ги сервисираме. Во втората половина од 2024 година, откако ја презедовме власта, исплативме обврски во износ од 786 милиони евра. Во текот на 2025 година исплатени се 2,198 милијарди евра и во текот на 2026 година 1,571 милијарди евра, што во вкупен износ за целиот овој период изнесува 4,556 милијарди евра“, истакнува министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Министерството за финансии применува внимателен и сериозен пристап во управувањето со јавниот долг, а одлуката за предвремена отплата на Еврообврзницата донесе заштеди во Буџетот од 3,2 милиони евра. Ваквата определба за прудентно управување со јавниот долг ќе продолжи и во наредниот период преку финансирање на потребите на државата навремено и со најнизок можен трошок.
Бизнис
ИУТЕ Македонија ќе издаде корпоративна обврзница вредна 3 милиони евра
Компанијата Iute Group преку својата македонска подружница ИУТЕ Кредит Македонија ќе издаде корпоративна обврзница во вредност од 3 милиони евра, откако Комисијата за хартии од вредност на Северна Македонија ја одобри јавната понуда.
Станува збор за прво издавање обврзници на компанијата на македонскиот пазар на капитал. Според одобрениот план, ќе бидат издадени 30.000 корпоративни обврзници со номинална вредност од по 100 евра.
Средствата собрани преку издавањето ќе бидат наменети за оптимизирање на трошоците за финансирање, диверзификација на изворите на средства и проширување на капиталната база на компанијата.
Обврзниците ќе носат фиксна годишна каматна стапка од 8,5 проценти во текот на целиот рок на нивното доспевање.
ИУТЕ е финтек и микрокредитна компанија со седиште во Талин, специјализирана за потрошувачки кредити без обезбедување и кредити обезбедени со возила. Освен во Северна Македонија, групацијата работи и во Бугарија, Молдавија и Албанија.
Со овој потег, компанијата се приклучува на растечкиот број финансиски институции кои го користат домашниот пазар на капитал како извор за обезбедување дополнителни средства за развој и проширување на своите активности.
Бизнис
Нови модели за осигурување на депозити разгледувани на регионален состанок во Загреб
Претставници на институциите за осигурување на депозити од земјите во регионот се состанаа во Загреб на 1 јуни, каде што разговараа за унапредување на системите за пресметка на премии врз основа на ризик и зајакнување на финансиската стабилност.
На состанокот беа презентирани искуства и добри практики од повеќе држави, со посебен акцент на моделите што се применуваат за утврдување на премиите кои ги плаќаат банките во рамките на системите за осигурување на депозити.
Претставниците на Фондот за осигурување на депозити на Северна Македонија активно учествуваа во дискусиите и размената на искуства со колегите од регионот.
Во рамките на настанот, експертот Винко Златиќ ја претстави хрватската методологија за пресметка на премии базирани на ризик, при што ги образложи клучните принципи, критериуми и практични аспекти од нејзината примена. По презентацијата следуваше дебата за предизвиците со кои се соочуваат институциите при имплементацијата на ваквите модели.
Учесниците ги претставија и своите национални решенија, при што беше истакнато дека размената на знаења и искуства придонесува за подобро разбирање на различните пристапи и за понатамошно унапредување на системите за заштита на депозитите.
На состанокот беше нагласена и потребата од континуирана регионална соработка, која се смета за важен фактор во јакнењето на довербата во финансискиот сектор и одржувањето на стабилноста на банкарските системи во земјите од регионот.
Бизнис
Ново инклузивно мултифункционално спортско игралиште во Куманово – инвестиција во младите и заедницата
Во среда, 3 јуни, во дворот на ООУ „Браќа Миладиновци“ во Куманово свечено беше пуштено во употреба новото мултифункционално спортско игралиште, реализирано со поддршка на финансиското друштво Flex Credit како генерален спонзор и донатор на проектот.
Новото игралиште ќе го користат учениците од ООУ „Браќа Миладиновци“ и ООУ „Крсте Мисирков“, а неговата посебна вредност е инклузивниот пристап што овозможува активно користење и од страна на учениците од помошниот ресурсен центар за деца со посебни образовни потреби. Со тоа се создава безбеден и достапен простор каде сите деца ќе имаат можност за спорт, рекреација и дружење.
По повод отворањето беше организиран ревијален натпревар во рамки на програмата „Забавни мини спортови“, преку кој учениците ги претставија можностите на новите терени за кошарка, одбојка и ракомет, под менторство на наставниците по физичко образование.
На настанот присуствуваа претставници на училиштата, Општина Куманово, ЈП „Куманово План“, како и претставници на менаџментот на Flex Credit.
Проектот е реализиран во рамки на платформата за општествена одговорност на компанијата „Повеќе од финансии – поддршка за заедницата“, преку која Flex Credit инвестира во иницијативи што создаваат долгорочна вредност за локалните заедници.
„За нас ова е многу повеќе од донација. Преку платформата ‘Повеќе од финансии – поддршка за заедницата’ сакаме да оставиме трајни позитивни промени таму каде што се најпотребни. Веруваме дека секое дете заслужува квалитетен простор за игра, спорт и развој, а особено ни е драго што ова игралиште ќе биде достапно за сите деца без исклучок. Ова е инвестиција во младите, во нивното здравје, другарство и иднина“, изјави Тина Трпковска, маркетинг директор на Flex Credit.
Во знак на благодарност за поддршката и придонесот во реализацијата на проектот, на претставниците на Flex Credit им бише врачена благодарница од страна на раководствата на училиштата.
-
Останатопред 2 месеци
Управата за јавни приходи донесе стратешки документ со цел подобрување на усогласеноста
-
Продуктипред 2 месециУНИПлус флексибилна програма за лојалност на УНИБанка. Kористиш бројни бенефити, а не мора да ја префрлаш платата!
-
Банкипред 1 месец
Стопанска банка АД – Скопје со план за исплата на дивиденда од над 16 милиони евра
-
Бизниспред 2 месеци
Македонски Телеком предлага повисока дивиденда за 2025 година
-
Фондовипред 2 месециКБ Прво пензиско друштво потсетува на навремено планирање на пензијата
-
Банкипред 2 месециНЛБ Промотивен депозит – Сигурност што доаѓа во вистинско време
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка ќе започне со исплата на дивиденда на 4 мај
-
Бизниспред 4 неделиОд полноќ нови цени на горивата


