Connect with us

Банки

Ангеловска-Бежоска на Kонференцијата на Светската банка: За повисок раст најважно е да се зголеми продуктивноста којашто е околу половина од европската

Објавено

на

„Економијата постепено закрепнува од шоковите, а нивото на доход изнесува околу 42% од европското. За побрза доходовна конвергенција и за намалување на овој јаз важни се структурните реформи со кои ќе се зголеми потенцијалот за раст којшто во изминативе две декади во регионот на Западен Балкан, вклучително и во нашата економија, е речиси преполовен. А потенцијалот за раст може да се зголеми само преку вложување во човечки капитал, каде што значаен предизвик е емиграцијата, преку вложување во физичкиот капитал којшто во моментов изнесува околу 30% од европскиот просек и преку зголемување на продуктивноста којашто е околу 50% од европската.“ Ова го истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на Конференцијата во организација на Канцеларијата на Светската банка на којашто беше презентирана студијата „Кон повисоки достигнувања: Патот до повисок доход во Европа и Централна Азија“.

„Во однос на физичкиот капитал, за да се зголеми нивото на приватниот и јавниот капитал, важно е да се засилат домашните, а уште повеќе странските инвестиции, што ќе обезбеди не само нов капитал, туку и нови знаења, менаџерски вештини, напредна технологија. Во овој контекст, добро е што се засилува јавниот инфраструктурен циклус и што значително забрзуваат странските директни инвестиции коишто минатата година достигнаа едно од историски највисоките нивоа (7,1% од БДП) и покрај зголемените геополитички тензии и трговски препреки“, истакна гувернерката.

За зголемување на продуктивноста особено е важно во фокусот да се стават иновациите и технолошкиот развој. Во овој контекст и согласно надлежностите, Народната банка постојано презема чекори за иновации во финансискиот сектор. „Во изминатиов период создадовме Центар за иновации којшто поддржува компании подготвени да вложуваат во иновативни финансиски активности. Беше донесена Првата национална стратегија за финтек и беше подготвена регулативната рамка за извршување на плаќањата, што ни го отвори патот кон членството во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА). Тоа ќе овозможи голем број придобивки за нашата економија, вклучително и поиновативни бизнис-модели и конкуренција во финансиската индустрија“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, нагласувајќи и дека примената на дигиталните технологии има потенцијал да ја зголеми продуктивноста и да ублажи дел од структурните пречки за економскиот раст.

На Конференцијата се обратија и директорот на Канцеларијата на Светската банка во земјава, Масимилијано Паолучи и Михалис Рокас, амбасадор на ЕУ во земјава, главниот економист на Светската банка за регионот на Европа и Централна Азија, Иваjло Изворски, а на панел-дискусијата на којашто учествуваше гувернерката Ангеловска-Бежоска се обрати Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финансии, Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација, како и Виктор Мизо, претседател на Советот на странски инвеститори.

Банки

Србија и Светска банка преговараат за милијарда евра за гасната инфраструктура, важна и врската со Северна Македонија

Објавено

на

Србија во средината на август ќе почне преговори со Светска банка за условите за финансирање програма вредна една милијарда евра, наменета за проширување и модернизација на гасната инфраструктура во земјата, соопшти српската министерка за енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ.

Преговорите ќе опфатат прашања поврзани со социјалните и еколошките стандарди, јавните набавки, како и јасно утврдување на надлежностите и одговорностите за секој сегмент од проектот.

Планирано е повеќегодишната програма да се реализира во неколку фази. Во првата фаза е предвидена изградба на дел од планираниот гасовод што ќе ги поврзува Ниш и Велика Плана, како и подготовка на техничка документација за проектите што ќе следуваат.

Втората и третата фаза предвидуваат проширување на постојните и изградба на нови капацитети за складирање гас, изградба на придружни гасоводи, како и гасовод од Мокрин, во близина на границата со Романија, до Белград.

Во рамките на проектот треба да се анализира и подготвеноста на српската гасна инфраструктура за транспорт на водород.

Според Ѓедовиќ Хандановиќ, новите гасоводи ќе ѝ овозможат на Србија подобро да го искористи потенцијалот на постојните интерконекции, но и на планираните гасни врски со Северна Македонија и Романија.

Србија очекува изградбата на интерконекторите со Северна Македонија и Романија да биде завршена во следните две години, како дел од напорите за диверзификација на изворите и правците за снабдување со енергија.

Во меѓувреме, земјата спроведува и реформи во гасниот сектор. По усвојувањето на новиот Закон за гас е формирана компанијата „Гас инфраструктура“, која ќе управува со целокупната гасна инфраструктура, додека „Транспортгас Србија“ е сертифициран како независен системски оператор за пренос на природен гас.

Државниот „Србијагас“ и натаму ќе биде одговорен за снабдување на домаќинствата и компаниите. Компанијата располага со дистрибутивна мрежа долга 6.633 километри и снабдува повеќе од 90.000 домаќинства.

Србија најголем дел од природниот гас го добива од руски „Газпром“ преку продолжението на „Турски тек“ низ Бугарија, а увезува и азербејџански гас преку интерконекторот со Бугарија.

Продолжи со читање

Банки

Халкбанк услугите отсега достапни и преку Пошта низ целата земја

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје информира дека голем дел од банкарските услуги на банката отсега се достапни и преку поштенската мрежа низ земјата, со што граѓаните добиваат дополнителна можност полесно да завршат дел од своите банкарски обврски.

Во рамки на соработката со Пошта на Северна Македонија, за физичките лица се овозможени готовински и безготовински платен промет во земјата, како и прием на документација за отворање денарска платежна сметка, ажурирање лични податоци, електронско и мобилно банкарство и дебитна платежна картичка.

Преку поштенската мрежа може да се поднесе и пријава за прием на пензија или социјално право, да се издаде пензиски чек, да се добијат информации за орочени депозити и кредитни производи, како и да се достави потребната документација за нив.

Достапна е и услугата за исплата на готовина до местото на живеење за пензии и социјални права.

За правните лица, пак, достапни се готовински и безготовински платен промет во земјата, како и информации за актуелната понуда на орочени депозити.

„Како во Халкбанк – Халкбанк услуги достапни и во Пошта“, порачуваат од банката, нагласувајќи дека целта е банкарските услуги да бидат поблиску и подостапни до корисниците низ целата држава.

Продолжи со читање

Банки

ЕЦБ ѝ одобри на Народната банка траен пристап до репо-линија од 50 милијарди евра

Објавено

на

Европската централна банка ѝ одобри на Народната банка пристап до зголемената репо-линија на Евросистемот ЕУРЕП, со максимален износ од 50 милијарди евра, соопшти денеска Народната банка.

По завршувањето на техничкиот процес за приклучување, Народната банка ќе добие можност за брз пристап до девизна ликвидност во евра, што треба да овозможи полесно справување со евентуални финансиски шокови и зголемена побарувачка за ликвидност.

Од Народната банка посочуваат дека девизните резерви и натаму се примарниот заштитен механизам за одржување на макроекономската и финансиската стабилност, но новата репо-линија дополнително ќе ја зајакне отпорноста на финансискиот систем во случај на надворешни потреси.

Досега Народната банка имаше пристап до репо-линија на ЕЦБ во максимален износ од 400 милиони евра, воспоставена за време на пандемијата на ковид-19 и продолжена до 31 јануари 2027 година.

За разлика од досегашниот аранжман, ЕУРЕП е траен инструмент на Евросистемот, со значително поголем капацитет и поширок опфат.

Овој инструмент е наменет за обезбедување ликвидност во евра на централните банки и монетарните власти надвор од еврозоната во услови на пазарни нарушувања. Со него управуваат пет национални централни банки под координација на ЕЦБ.

Од Народната банка оценуваат дека пристапот до ЕУРЕП дополнително ја зајакнува заштитната мрежа на земјата и можноста за справување со евентуални нарушувања на финансиските пазари.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange