Банки
За првпат објавен Извештајот за спроведување на макропрудентната политика на Народната банка
Народната банка го објави за првпат Извештајот за спроведувањето на макропрудентната политика, со кој се овозможува транспарентен увид во карактеристиките на преземените макропрудентни мерки, начинот на нивното одредување, како и ефектите од нив. Преземените макропрудентни мерки беа насочени кон исполнувањето на посредните цели на макропрудентната политика за зајакнување на отпорноста на банкарскиот систем и ограничување на структурните системски слабости, а преку тоа и исполнување на крајната цел за одржување на финансиската стабилност.
Целта на мерките насочени кон кредитокорисниците, коишто се применуваат од средината на 2023 година, беше намалување на ризикот од прекумерно преземање ризици од стрaна на банките и од појава на преголема задолженост кај физичките лица при поолабавени кредитни услови и следствено, намалување на веројатноста за остварување на ризиците при неповолни промени во општите економски услови. Мерките се состоеја од јасни правила за тоа колку може да се задолжи едно лице без да се загрози неговата финансиска стабилност, поврзувајќи ја висината на кредитот со висината на доходот на физичкото лице или со вредноста на станбениот простор којшто е заложен како обезбедување. Воведувањето на овие мерки имаше главно превентивен карактер, нивниот интензитет главно се вклопуваше во применетите кредитни политики и практики на банките, но тие го пренесоа сигналот на Народната банка дека треба барем да се задржат применетите критериуми при новото кредитирање на физичките лица.
Другата група мерки целат кон зајакнување на капиталната сила на банките и нивниот капацитет за справување со потенцијалните негативни ефекти од остварувањето на ризиците, а се состојaт од воведување дополнителни капитални барања, познати како заштитни слоеви на капиталот. Во периодот по воведувањето на заштитните слоеви на капиталот ‒ заштитниот слој на капиталот за системски значајните банки и заштитниот слој за зачувување на капиталот во 2017 година и противцикличниот заштитен слој на капиталот во 2023 година ‒ нивото на капиталот на банките е значително зголемено при што стапката на адекватност на капиталот е поголема за речиси 4 процентни поени, достигнувајќи едно од највисоките нивоа во изминативе две децении.
Макропрудентната политика, како клучна алатка за одржување на финансиската стабилност, беше институционализирана со измените на Законот за банките во 2016 година, a надлежноста на Народната банка како макропрудентен орган беше дополнително зајакната со Законот за финансиска стабилност од 2022 година и со измените на Законот за Народната банка во 2024 година, што овозможи проширување на спектарот на примена на макропрудентните инструменти за целите на одржувањето на финансиската стабилност. Со редовна анализа и можност за приспособување на инструментите, Народната банка и натаму ќе спроведува макропрудентна политика со која ќе овозможи одржување на стабилноста и сигурноста на банкарски систем, што е најважната претпоставка за финансиска стабилност и долгорочен економски раст.
Извештајот е достапен на следнава врска: https://www.nbrm.mk/makroprudentni-izvestai.nspx
Банки
Халкбанк услугите отсега достапни и преку Пошта низ целата земја
Халкбанк АД Скопје информира дека голем дел од банкарските услуги на банката отсега се достапни и преку поштенската мрежа низ земјата, со што граѓаните добиваат дополнителна можност полесно да завршат дел од своите банкарски обврски.
Во рамки на соработката со Пошта на Северна Македонија, за физичките лица се овозможени готовински и безготовински платен промет во земјата, како и прием на документација за отворање денарска платежна сметка, ажурирање лични податоци, електронско и мобилно банкарство и дебитна платежна картичка.
Преку поштенската мрежа може да се поднесе и пријава за прием на пензија или социјално право, да се издаде пензиски чек, да се добијат информации за орочени депозити и кредитни производи, како и да се достави потребната документација за нив.

Достапна е и услугата за исплата на готовина до местото на живеење за пензии и социјални права.
За правните лица, пак, достапни се готовински и безготовински платен промет во земјата, како и информации за актуелната понуда на орочени депозити.

„Како во Халкбанк – Халкбанк услуги достапни и во Пошта“, порачуваат од банката, нагласувајќи дека целта е банкарските услуги да бидат поблиску и подостапни до корисниците низ целата држава.
Банки
ЕЦБ ѝ одобри на Народната банка траен пристап до репо-линија од 50 милијарди евра
Европската централна банка ѝ одобри на Народната банка пристап до зголемената репо-линија на Евросистемот ЕУРЕП, со максимален износ од 50 милијарди евра, соопшти денеска Народната банка.
По завршувањето на техничкиот процес за приклучување, Народната банка ќе добие можност за брз пристап до девизна ликвидност во евра, што треба да овозможи полесно справување со евентуални финансиски шокови и зголемена побарувачка за ликвидност.
Од Народната банка посочуваат дека девизните резерви и натаму се примарниот заштитен механизам за одржување на макроекономската и финансиската стабилност, но новата репо-линија дополнително ќе ја зајакне отпорноста на финансискиот систем во случај на надворешни потреси.
Досега Народната банка имаше пристап до репо-линија на ЕЦБ во максимален износ од 400 милиони евра, воспоставена за време на пандемијата на ковид-19 и продолжена до 31 јануари 2027 година.
За разлика од досегашниот аранжман, ЕУРЕП е траен инструмент на Евросистемот, со значително поголем капацитет и поширок опфат.
Овој инструмент е наменет за обезбедување ликвидност во евра на централните банки и монетарните власти надвор од еврозоната во услови на пазарни нарушувања. Со него управуваат пет национални централни банки под координација на ЕЦБ.
Од Народната банка оценуваат дека пристапот до ЕУРЕП дополнително ја зајакнува заштитната мрежа на земјата и можноста за справување со евентуални нарушувања на финансиските пазари.
Банки
Стопанска банка предупредува на фишинг измама преку СМС пораки
Стопанска банка АД – Скопје ги предупреди своите клиенти за појава на фишинг измама преку СМС пораки, преку кои се бара од корисниците да ги ажурираат своите податоци со отворање на испратен линк.
Според известувањето од Банката, пораките се испраќаат од телефонскиот број +387 67 142 8204 и содржат линк што води до лажна веб-страница. На неа од клиентите се бара да внесат корисничко име и лозинка за дигиталното банкарство.
Од Стопанска банка посочуваат дека станува збор за измама чија цел е неовластено прибирање на кориснички и други чувствителни податоци.

Банката апелира граѓаните да не отвораат линкови добиени преку сомнителни СМС пораки и да не внесуваат корисничко име, лозинка, ПИН, ОТП кодови или други чувствителни информации на непознати интернет-страници.
Клиентите се советуваат своите податоци да ги внесуваат исклучиво преку официјалните дигитални платформи на Стопанска банка АД – Скопје.

Доколку некој веќе внел лични податоци преку лажниот линк, од Банката препорачуваат веднаш да го контактира 24/7 Контакт центарот на телефонскиот број (02) 3100 109, со цел навремена блокада и заштита на сметката.
-
Интервјуапред 2 месециДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Продуктипред 1 месецИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Банкипред 2 месециХалкбанк носи пристап до Истанбулската берза и до нови можности за раст на капиталот
-
Останатопред 2 месециОд јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари
-
Кариерапред 2 месециАЛТА Банка објави оглас за вработување на референт за работа со благајна
-
Кариерапред 2 месециКомерцијална банка објави оглас за вработување во Тетово
-
Банкипред 2 месециНов банкомат на Халкбанк пред МНТ инспириран од театарската сцена
-
Банкипред 1 месецИсплатата на јунските пензии преку Стопанска банка почнува на 1 јули



