Connect with us
no baners

Интервјуа

Интервју | ХРИСТИНА ИВАНОВИЌ БЛАЖЕВСКА: Што значи да бидеш жена во свет на брзи промени, кога финтекот не само што менува правила, но и поставува нови стандарди

Објавено

на

no baners

Кога зборуваме за финтек, често првата асоцијација е брза, динамична индустрија предводена од математички прецизни алгоритми и високо-технолошки иновации. Но, финтекот денес не е само за бројки, туку и за луѓе. И ако постои компанија што го редефинира начинот на кој оваа индустрија се гради, тоа е MINT Fintech Group – каде жените не само што се дел од процесот, туку го водат.

Во свет каде што менаџирањето во технологијата и финансиите сè уште се поврзува со машки имиња, MINT Fintech Group докажува дека иновативноста нема пол, туку има визија. Христина Ивановиќ Блажевска, заменик директор во компанијата, е дел од тим што не само што го предводи финтек секторот во регионот, туку и поставува нови правила за тоа како изгледа една модерна, инклузивна и паметно дизајнирана финансиска иднина.

Во ова интервју разговараме за новата апликација на MINT, за тоа што значи да бидеш дел од тим каде жените се доминантни на сите нивоа, но и за тоа како вистинските менаџери не се препознаваат по титулите, туку по промените што ги носат.

Банкарство: Финансиските технологии се меѓу најбрзо растечките индустрии денес. Што значи MINT Fintech Group за оваа еволуција, и каде ја гледате улогата на вашата нова апликација?

Христина Ивановиќ Блажевска: Во последната деценија, финтек стана повеќе од индустрија – тоа е движење кое го менува начинот на кој луѓето размислуваат за парите. Од традиционални банкарски услуги до нови модели на плаќање, инвестирање и управување со средства, финтек не е само олеснување на процесите – тој ја менува целата култура на финансиските навики.

MINT отсекогаш се стремел да биде повеќе од само уште една финтек компанија. Ние не сакаме само да го следиме трендот – сакаме да го поставуваме. Новата апликација што ја лансиравме е дизајнирана да им даде на корисниците контрола врз сопствените финансии на еден паметен и персонализиран начин. Користиме алгоритми кои анализираат потрошувачки навики и нудат паметни предлози за буџетирање, инвестиции и финансиска писменост, што во основа ја претвора апликацијата во виртуелен финансиски советник.

Она што навистина ја прави оваа апликација посебна е тоа што таа не е само финансиски алат, туку личен финансиски асистент кој учи од вас, се адаптира на вашите потреби и ви помага да носите подобри финансиски одлуки – без разлика дали сте претприемач, млад професионалец или искусен инвеститор.

Банкарство: Да бидеш жена во индустрија што традиционално била машка територија е предизвик сам по себе. Како гледате на улогата на жените во финтек?

Христина Ивановиќ Блажевска: Постојат две перспективи кога зборуваме за жените во финтек – една што е чисто статистичка и една што е многу подлабока. Статистички, бројот на жени на водечки позиции во финансиската технологија е значително понизок од оној на мажите генерално, но не и во MINT. Aко постои компанија што го редефинира начинот на кој оваа индустрија се гради, тоа е MINT Fintech Group – каде жените не само што се дел од процесот, туку ги има прилично голем број на водечки позиции.

Во свет каде што лидерството во технологијата сè уште се поврзува со машки имиња, MINT Fintech Group докажува дека иновативноста нема пол, туку има визија. Но, ако погледнеме подлабоко, ќе видиме дека жените кои се во оваа индустрија не само што се успешни, туку носат и многу поинаков пристап кон менаџментот и иновациите.

Во финтек, како и во секоја индустрија каде брзината и промените се клучни, различните перспективи создаваат предност. Жените имаат природна склоност кон мултитаскинг, емпатија и долгорочна визија, а тоа се особини кои во еден комплексен и динамичен систем прават огромна разлика.

Се разбира, има и предизвици. Но, мојот пристап никогаш не бил да гледам на тоа како на пречка, туку како на можност да направиме нешто што ќе постави нови стандарди. 

Банкарство: Дали добар заменик менаџер треба да биде повеќе шахист, стратег што ги пресметува потезите однапред, или маратонец кој знае да ја издржи трката?

Христина Ивановиќ Блажевска: И шахистот и маратонецот се симболи на дисциплина, интелигенција и стратегија, но јас би додала уште една димензија – менаџирањето денес бара и флексибилност, нешто што го гледаме можеби кај сноубордерите, на пример.

Да, морате да имате јасна стратегија, да ги анализирате чекорите однапред, како шахист. Но, истовремено, морате да ја имате и издржливоста на маратонец, бидејќи вистинските резултати не доаѓаат преку ноќ. Сепак, без способноста за брзо адаптирање – нешто што го прават сноубордерите на непредвидлив терен – нема успех.

Лидерството во финтек е токму тоа – знаење кога да останеш на курсот, кога да смениш правец и кога да преземеш ризик.

Банкарство: Се зборува дека успешните луѓе немаат приватен живот. Како изгледа вашето „неработно“ време?

Христина Ивановиќ Блажевска: Ова е едно од оние прашања кои сите сакаат да ги слушнат, но ретко кој сака искрено да одговори. 

Мајка сум на две деца на возраст од 5 и 1 година. Реалноста е дека кога сте на менаџерска позиција, работата никогаш не завршува во 17:00 часот. Финтек индустријата е брза, динамична и понекогаш непредвидлива, што значи дека секогаш мораш да бидеш достапен, информиран и подготвен за акција.

Но, дали тоа значи дека немам приватен живот? Не. Тоа значи дека мора да научиш како да го создадеш балансот, наместо да го бараш. За мене, тоа се неколку основни принципи:

Квалитет пред квантитет – Времето поминато со семејството и пријателите мора да биде квалитетно, а не само „одработено“. Дури и еден час вистинска посветеност е повреден од цел ден во кој си физички присутен, но мислите ти се на работата.

Не е лесно, но не е невозможно.

Имам неколку ситни навики што ми помагаат да останам поврзана со себе.

Поставувам приоритети, а не компромиси. Луѓето често мислат дека балансот е компромис, но тоа не е точно. Баланс значи да знаеш кога нешто е најважно и да му дадеш приоритет без чувство на вина.

Банкарство: Што ќе биде следната голема работа во финтек секторот?

Христина Ивановиќ Блажевска: Финтекот денес не е повеќе само алатка за дигитални плаќања – тој станува суштински дел од животниот стил на луѓето. Она што го гледаме како следен голем чекор е финансиска интелигенција во реално време – системи кои не само што ќе им овозможат на корисниците да управуваат со своите пари, туку и да ги насочуваат кон подобри финансиски одлуки.

Во MINT веќе работиме на проекти каде што вештачката интелигенција и машинското учење ќе бидат во центарот на финтек. Замислете апликација која ќе ви каже кога е најдобро да инвестирате, кога треба да паузирате со трошењето или кога некоја одлука може да има поголемо влијание врз вашиот буџет отколку што мислите.

Исто така, гледаме како финтекот почнува да влегува во области кои порано биле резервирани за традиционалните банки – персонализирани кредитни решенија, peer-to-peer инвестирање, па дури и целосна интеграција со Web3 и blockchain технологиите.

Нашата визија за MINT е едноставна – да бидеме двигатели на оваа промена, не само пасивни набљудувачи. Ако традиционалните финансиски системи се старата школа, ние сакаме да бидеме иднината која на корисниците им дава контрола, знаење и моќ да управуваат со сопствените финансии на нов начин.

Банкарство: Ако можете да дадете само еден совет на идните менаџери?

Христина Ивановиќ Блажевска: „Прво во времето, прво во правото”– ова е личен мој цитат по кој ме знаат моите колеги.

Менаџирањето не е само во тоа да знаете што сакате, туку и во тоа да препознаете кога е вистинскиот момент да делувате. Без разлика дали сте жена или маж, во финтек или во кој било друг сектор, вистинските менаџери се оние кои имаат храброст да направат промена, но и мудрост да знаат кога треба да застанат и да научат нешто ново.

Храброст да преземеш ризик, храброст да излезеш од сопствената комфорна зона и храброст да направиш нешто што никој пред тебе не го направил.

Многу луѓе мислат дека менаџирањето е во зборувањето, во носењето големи одлуки, во тоа да бидеш најгласниот во просторијата. Но, вистината е дека тоа е многу повеќе во тоа да знаеш кога да слушаш. Најдобрите менаџери не се оние кои секогаш имаат одговори, туку оние кои знаат да ги постават вистинските прашања.

Ако го најдеш тој баланс – помеѓу слушањето и дејствувањето, помеѓу стратегијата и интуицијата, помеѓу визијата и реалноста – тогаш не само што ќе бидеш добар во она што го работиш, туку и инспирација за другите околу тебе.

Можеби, ќе звучи како клише, но јас целосно верувам дека кога нешто се сака, се може многу, се може сѐ.

Гласот на разумот е оној кој ме води, етиката и правичноста. Како магистер на правни науки, од областа на финансовото право верувам во личното рацио, водено од правото и законите. Така и работам во она што најдобро го знам, така и ги менторирам сите мои колеги и соработници. 

no baners

Интервјуа

Гацов во FinSight: Една неиздадена сметка значи над 60% загуба за државата

Објавено

на

Разговараме со Павле Гацов, даночен експерт, за реалната цена на сивата економија и ефектот од неиздавањето фискални сметки врз јавните финансии.

Според него, најчесто јавноста ја сведува штетата на 18% ДДВ, но вистинската загуба е далеку поголема.

„Неиздавањето фискални сметки не значи само губење на 18% ДДВ. Тоа е само првиот слој на проблемот“, посочува Гацов.

Доколку истиот износ влезе во формалната економија, на него дополнително би се платил персонален данок на доход од 10%, данок на добивка од 10%, како и социјални придонеси од околу 28%.

„Кога ќе ги собереме сите овие ставки на неоданоченост, државата губи повеќе од 60% на секоја неиздадена фискална сметка“, објаснува тој.

Ова, според него, е клучен податок кој често се игнорира во јавната дебата.

„Овој податок треба да се знае секогаш кога некој зборува лефтерно за неиздавање сметки. Зад тоа стои лавина од неплатени јавни давачки“, вели Гацов.

Проблемот не застанува само на фискалниот аспект. Средствата кои остануваат надвор од системот, додава тој, често се користат за исплата на плати „во плико“, но и за поттикнување на пошироки форми на корупција, од мито до злоупотреби во јавните набавки.

Прашањето што останува е: колку навистина ја чини државата секоја неиздадена фискална сметка и кој на крајот ја плаќа таа цена?

Продолжи со читање

Интервјуа

Пензиски парадокс: Од минималец до доброволен фонд – новиот модел на младите вработени

Објавено

на

Разговараме со Павле Гацов, даночен експерт, за актуелните трендови во исплатата на плати и нивното влијание врз одржливоста на пензискиот систем.

Според него, исплатата на плата „во плико“ останува сериозен проблем, особено за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

„Кога констатираме дека се исплаќа плата во плико, тоа е сериозен проблем и за фондот за пензиско“, вели Гацов.

Но, тој забележува и нов тренд кај помладата генерација, кој не е нужно нелегален, но отвора системски прашања.

„Гледам дека младите се економски многу внимателни, за разлика од нас, постарата генерација која сакавме да ја заштитиме државата“, посочува тој.

Како функционира моделот? Работниците се пријавуваат на минимална плата и на тој износ плаќаат социјални придонеси, додека остатокот од средствата го насочуваат кон доброволни пензиски фондови или животни осигурувања.

„Стартуваат со регистрација на минимална плата и разликата ја уплатуваат во доброволни пензиски фондови или животни осигурувања“, објаснува Гацов.

Објаснувањето кое го даваат младите е прагматично.

„Велат: 15 години ќе плаќаме минимална плата, бидејќи државата гарантира минимална пензија. Со многу малку уплатено, добиваш повеќе“, вели тој.

Сепак, според Гацов, доколку овој тренд продолжи, последиците би можеле да бидат сериозни за јавните финансии.

„Ако продолжи овој тренд, изворите што генерираат приходи, односно платите врз кои се плаќаат придонеси ќе се намалуваат. Граѓаните препознаваат лоша економска логика во формирањето на пензискиот систем“, предупредува тој.

Дали станува збор за рационално однесување на поединците или за сигнал дека системот бара реформа?

Продолжи со читање

Интервјуа

Давачка од 0,2% до 0,5% за готовина? Гацов во FinSight за просторот што државата го пропушта

Објавено

на

Разговараме со Павле Гацов, даночен експерт, за можноста да се воведе мала давачка при подигнување готовина – мерка која, според него, може да има значаен фискален и системски ефект.

Гацов посочува дека клучната институција која може да ја направи прецизната анализа е Народната банка.

„Народната банка може многу подобро да ја направи оваа анализа“, вели Гацов.

Според него, во минатото биле предлагани стапки од 0,2% до 0,5% за подигнување готовина, но недостасуваат клучни податоци.

„Ние сме предлагале од 0,2% до 0,5%, но го немаме податокот за дневниот промет за подигнување готовина“, објаснува тој.

Токму примената на таа стапка врз вкупниот промет би го дала реалниот ефект врз буџетот.

„Стапката применета на прометот за подигнување готовина ќе го даде ефектот во државата“, нагласува Гацов.

Според него, бидејќи државата не го покрива овој простор со сопствена политика, банките практично почнале да го покриваат преку сопствени надоместоци.

„Наместо средствата да одат во буџетот, тие одат во профитите на банките“, посочува тој.

Ова, според Гацов, создава институционален вакуум.

„Создаден е простор некој да се позиционира на тоа место. Државата ја губи можноста да го заземе тој простор и да го канализира процесот на истиснување на готовината“, заклучува тој.

Дали мала давачка би значела дополнителен товар за граѓаните или системско решение за намалување на готовинските трансакции?

Целата анализа – на YouTube каналот на FinSight. 

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange