Connect with us
no baners

Бизнис

ИКТ индустријата во Македонија собори рекорди: Приходите достигнаа 1,77 милијарди евра, извозот над 670 милиони

Објавено

на

Македонскиот сектор за информатичко-комуникациски технологии продолжува да бележи силен раст и во 2025 година остварил вкупни приходи од 1,77 милијарди евра, додека извозот достигнал 676 милиони евра, покажуваат податоците презентирани на македонско-грчкиот форум „Digital Bridge & Business ICT Forum“.

Според анализата на МАСИТ, приходите на ИКТ индустријата се зголемени за 7,02 проценти во однос на претходната година, а извозот пораснал за 7,13 проценти. Во секторот работат 24.134 лица во 3.367 активни компании.

Податоците укажуваат и на значителен напредок во изминатите пет години. Од 2020 до 2025 година, приходите на ИКТ секторот се зголемиле од 985 милиони евра на 1,77 милијарди евра, што претставува раст од 80 проценти. Во истиот период извозот речиси се утроил, растејќи од 231 милион на 676 милиони евра.

Бројот на вработени е зголемен за 44 проценти, а бројот на компании за 42 проценти, што дополнително ја потврдува експанзијата на индустријата.

Претседателот на МАСИТ, Јордан Димитриевски, оцени дека ИКТ секторот станува еден од клучните столбови на економскиот развој, придонесувајќи за извозот и создавањето висококвалификувани работни места.

Според анализата, ИКТ индустријата учествува со околу 4,5 проценти во бруто-домашниот производ на државата и расте речиси двојно побрзо од вкупната економија. Додека економскиот раст е проценет на 3,8 проценти, секторот бележи раст од 7,4 проценти.

Податоците беа презентирани пред претставници на компании и институции од Македонија и Грција, при што во рамки на форумот биле одржани повеќе од 190 деловни средби и се претставиле над 20 компании од двете земји.

Бизнис

Стопанската комора организира конференција за поврзување на високото образование со потребите на економијата

Објавено

на

Во организација на Стопанската комора на Македонија денеска ќе се одржи конференцијата „Од диплома до компетенции: новата улога на универзитетите преку поврзување на академијата и економијата“, посветена на унапредување на соработката меѓу високообразовните институции и бизнис заедницата.

Според организаторите, настанот има за цел да поттикне национална и регионална дебата за трансформација на високото образование во насока на поголема конкурентност, иновативност и подобро усогласување на кадарот со потребите на современиот пазар на труд.

Конференцијата ќе ја отворат претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, и претседателот на Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања при Комората, проф. д-р Марјан Ѓуровски.

Во рамки на програмата се предвидени две панел-дискусии на кои ќе учествуваат претставници на бизнис секторот и академската заедница. Меѓу говорниците се Ристо Јаневски од ОКТА АД, Виктор Мизо од КОСТАЛ Македонија и Андреа Серафимовски од ГРАНИТ АД.

Од Комората информираат дека на конференцијата ќе бидат претставени предлози и препораки за продлабочување на соработката меѓу универзитетите, компаниите и институциите, како и иницијативи насочени кон задржување на младите таленти и развој на квалитетен човечки капитал. Заклучоците од настанот ќе бидат доставени до релевантните домашни и меѓународни институции.

Продолжи со читање

Бизнис

Нов дом за желките Sulcata во Скопје ЗОО: Инвестиција на Flex Credit за поубаво искуство на најмладите

Објавено

на

Во согласност со својата општествено одговорна платформа „Повеќе од финансии – поддршка за заедницата“Flex Credit продолжува да инвестира во проекти кои создаваат трајна вредност за локалната заедница.

По повод големиот јубилеј „100 години Скопје ЗОО“, Зоолошката градина во Скопје доби ново катче – комплетно изградена и опремена куќичка за желки (Centrochelys sulcata). Проектот е реализиран на директно барање на Зоолошката градина, а финансиран и самостојно изграден од страна на финансиското друштво Flex Credit, како дел од нивната долгорочна стратегија за општествена одговорност.

Оваа нова инфраструктура, е дизајнирана да ги подобри условите за живот на животните, но и да стане составен дел од редовната едукативна и забавна програма на Скопје ЗОО. Со ова, посетителите – особено најмладите, ќе добијат можност одблиску да се запознаат со желките во средина која ги исполнува сите современи стандарди.

За менаџментот на Flex Credit, овој проект е потврда дека вистинската грижа за заедницата се мери преку видливи и одржливи дела.

„Овој значаен јубилеј на Зоолошката градина нè потсетува колку е важно да ги негуваме и поддржуваме местата што имаат непроценлива вредност за сите генерации скопјани. Токму затоа, со огромно задоволство одговоривме на барањето на ЗОО Скопје. Нашата цел со оваа инвестиција е директно да придонесеме во подобрување на условите, да го поддржиме развојот на институцијата и да создадеме поубаво и поедукативно искуство за сите посетители – особено за децата. Затоа што за Flex Credit, општествената одговорност никогаш не била само зборови, туку конкретна акција на терен“, изјави Тина Трпковска, Маркетинг директор на Flex Credit.

Новата куќичка за желки од денеска е официјално отворена за сите посетители, збогатувајќи ја содржината на Скопје ЗОО во годината на нејзиниот голем јубилеј.

Продолжи со читање

Бизнис

Најавено 9-то издание на Ecommerce Conference во Скопје под мотото „From Wait to Go: E-comm @ AI Speed!“

Објавено

на

Вештачката интелигенција веќе ја менува брзината со која функционира е-трговијата. Токму затоа, 9. Регионална конференција за е-трговија оваа година ќе се оддржи под темата “From Wait to Go: E-comm @ AI Speed!”, на 3 ноември 2026 година во Националната опера и балет во Скопје, во организација на Асоцијацијата за е-трговија.

Темата ја отсликува една од најголемите трансформации што индустријата ја има доживеано досега, односно преминот од бавни, мануелни процеси и неизвесност, кон паметни системи поддржани од вештачка интелигенција кои носат побрзи одлуки, подобра персонализација, автоматизација и поголема ефикасност. Концептот “From Wait to Go” симболично ја претставува промената што веќе се случува. Светлото е веќе зелено, а индустријата влегува во нова ера – ера на интелигентна е-трговија, автоматизација и раст со брзина на вештачка интелигенција.

Интересот за овогодинешното издание е рекорден уште од самиот старт. Првите 100 билети по Ultra Early Bird цена беа распродадени во рекордно времее, а организаторите очекуваат ова да биде најголемото и најпосетено издание досега.

Во текот на изминатите години, конференцијата прерасна во еден од најрелевантните регионални настани за е-трговија, кој обединува повеќе од 900 учесници од над 10 земји, вклучувајќи е-трговци, маркетинг експерти, payment провајдери, платформи, fintech компании, банки и логистички компании.

Досега, на сцената на конференцијата говореле бројни говорници и експерти од компании како OpenAI, TikTok, Booking, Zalando, Alibaba, Meta, Google, Viber, Dolce & Gabbana, како и некои од најпознатите регионални лидери и професионалци од е-трговијата.

Покрај главната сцена, и оваа година ќе биде организирана паралелна сцена со практични и hands-on работилници на најразлични теми кои ќе придонесат за раст на бизнисите. Работилниците ќе бидат фокусирани на конкретни алатки, стратегии, AI решенија, маркетинг, продажба, аналитика и оптимизација на online продажба, со цел учесниците да добијат применливо знаење и практични вештини што ќе можат веднаш да ги имплементираат во своето работење.

И оваа година, конференцијата ќе ги обедини сите клучни чинители од e-commerce екосистемот – е-трговци, банки, финтек компании, поштенски и логистички оператори, телекомуникациски компании, ИТ компании, маркетинг експерти, инвеститори и друго. Преку актуелни теми, практични искуства и светски трендови, учесниците ќе добијат нови знаења, инспирација и можност за квалитетен нетворкинг што отвора нови соработки и бизнис можности.

Повеќе информации за конференцијата се достапни на следниот линк: https://ecommerceconference.mk/.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange