Банки
Народната банка не знае детали од разговорите меѓу банките и Владата за унгарскиот заем
Народната банка не знае детали од разговорите меѓу банките и Владата за унгарскиот заем и воопшто не е вклучена во овој процес.
Народната банка ќе може да излезе со став откако ќе има подетални сознанија, изјави денеска гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска. „Не сме вклучени во овој процес. Не ги знаеме деталите од разговорите“, изјави гувернерката Ангеловска-Бежоска.
„Кога ќе имаме подетални сознанија за разговорите и договорот меѓу банките и Владата, тогаш ќе можеме да излеземе со наш став“, додаде Ангеловска-Бежоска, одговорајќи на новинарски прашања, откако ги презентираше есенските макроекономски проекции.
Во врска со најавите на Владата за дополнителни задолжувања, гувернерката напомена дека намалувањето на буџетскиот дефицит е клучно за стаблизирање на јавниот долг.
Во оваа насока ги повтори препораките на меѓународните финансиски институции: постепена фискална консолидација, постепена монетарна акомодација во линија со фискалната консолидација и интензивирање на структурните реформи.
„При нашите проекции ја земаме предвид најновата фискална стратегија која беше неодамна донесена и која предвидува патека на фискална консолидација, односно од буџетски дефицит 4,9 проценти оваа година, негово постепено намалување и сведување на околу три отсто во 2027 година.
Нема дилема дека намалувањето на буџетскиот дефицит е клучно за стаблизирање на јавниот долг“, подвлече Ангеловска-Бежоска.
Уште еднаш гувернерката порача дека стабилноста на јавните финансии е клучна од два аспекта: за среднорочна одржливост на јавниот сектор (за да може државата да го подготви и изгради својот капацитет за справување со натамошни, идни шокови), како и за поддршка на монетарната политика.
Колку фискалната политика е попрудентна, тоа, напомена гувернерката, создава поголем простор за релаксирање на монетарната политика, односно посоодветни услови за обезбедување финансиска поддршка на компаниите и на граѓаните преку пониски каматни стапки.
„Останува потребата од водење прудентни домашни макроекономски политки за да нема нов бран инфлациски притисоци. Сите политки кои влијаат на агрегатната побарувачка, може да влијаат на инфлацијата“, додаде Ангеловска-Бежоска.
„Имајќи ја предвид големата отвореност на нашата економија, големото учество на цените на храната и енергијата во нашиот инфлациски индекс, нешто над 50 отсто, јасно кажува дека глобалниот контекст и геополитичките ризици кои може позначајно да влијаат на цените на примарните производи, остануваат клучен ризик.
Останува потребата од водење прудентни домашни макроеконосмки политки кои може да влијаат на агрегатната побарувачка, особено политките на пазарот на труд, но и интензитетот со кој би се спроведувале стуктурните реформи“, објасни Ангеловска-Бежоска.
Според есенските проекции на Народната банка, девизните резерви достигнаа 4,9 милијарди евра што е нешто над четиримесечен увоз на стоки и услуги што се оценува како сосема соодветно ниво и во линија со монетраната стратегија на одржување стабилен девизен курс на домашната валута во однос на еврото.
Во однос на странските директни инвестиции, проекциите на среден рок се 4 отсто од БДП.
„Ова е слично ниво како во изминатите две години или малку пониско од тие 4,3 проценти во просек. Остварувањата продолжуваат да бидат солидни и првата половина од оваа година, беа подобри и од нашите очекувања. Приватните трансфери лани надминаа две милијарди евра, беа историски највисоки, па среднорочно сме попретпазливи и очекуваме нивно стабилизирање“, заклучи гувернерката.
Банки
НЛБ Банка со раст на добивката од 7 отсто во првото полугодие од 2026 година
НЛБ Банка Скопје во првите шест месеци од 2026 година остварила нето-добивка од 1.722 милиони денари, што е раст од 7 отсто во споредба со истиот период минатата година.
Добивката пред оданочување достигнала 1.979 милиони денари, односно е зголемена за 7,4 отсто на годишно ниво. Нето-приходите од камати изнесувале 2.451 милион денари и биле повисоки за 1,6 отсто, додека нето-приходите од провизии и надоместоци пораснале за 10 отсто, на 833 милиони денари.
На крајот на јуни, вкупната актива на Банката достигнала 158,6 милијарди денари, што претставува раст од 16,1 отсто во однос на истиот период од 2025 година.
Кредитите кон небанкарскиот сектор изнесувале 108,8 милијарди денари и забележале годишен раст од 20,3 отсто. Кредитирањето на компаниите се зголемило за 22 отсто, додека кредитите кон домаќинствата пораснале за 11,1 отсто. Кај населението, станбените кредити се зголемиле за 13,1 отсто, а потрошувачките за 10,5 отсто.
Истовремено, депозитите на комитенти достигнале 121,3 милијарди денари, со годишен раст од 13,6 отсто, додека капиталот и резервите на Банката изнесувале 21,5 милијарди денари и биле зголемени за 14 отсто.
Во првото полугодие НЛБ Банка продолжила и со инвестициите во дигитализација, воведувајќи нови услуги и производи, меѓу кои пакетот за млади „NLB Next“ и услугата Visa Direct. Банката обезбедила и 30 милиони евра финансирање од Европската банка за обнова и развој за инвестиции во зелената транзиција на корпоративниот сектор.
На крајот од полугодието почнала и исплатата на дивиденда за акционерите во вкупен бруто-износ од 2,2 милијарди денари, односно 2.571 денар по акција.
Банки
Рајфајзен го мина клучниот праг за преземање на Аддико банка
Рајфајзен банк интернешнл официјално потврди дека доброволната јавна понуда за преземање на Аддико банка успешно го надминала минималниот праг на прифаќање, со што процесот на преземање влегува во завршна фаза.
До 24 јули 2026 година биле примени изјави за прифаќање на понудата за вкупно 10.720.331 акција на Аддико банка, што претставува 55,58 отсто од сите акции опфатени со понудата.
Со тоа е исполнет клучниот услов предвиден со австрискиот Закон за преземања, според кој понудата треба да биде прифатена за повеќе од 55 отсто од акциите за да се смета за успешна.
Меѓу акциите за кои била прифатена понудата се и 1.878.167 акции на Алта груп, што претставуваат 9,63 отсто од вкупниот број издадени акции на Аддико банка. Со овој потег дополнително се зацврстува позицијата на Рајфајзен во процесот на преземање.
Рокот во кој акционерите можеа да ги повлечат своите изјави за прифаќање истече на 23 јули во 17 часот. Од Рајфајзен соопштија дека до 24 јули во 9 часот не била примена ниту една изјава за повлекување.
Надминувањето на прагот од 55 отсто претставува клучна пресвртница во процесот на преземање и му обезбедува на Рајфајзен контролен пакет и значајна позиција за следните чекори во трансакцијата.
Аддико банка е позната по фокусот на потрошувачкото кредитирање и дигиталните банкарски услуги, а работи на повеќе пазари во Југоисточна Европа. Влегувањето под контрола на Рајфајзен би можело да донесе промени во деловниот модел, дигиталната стратегија и регионалното позиционирање на банката.
Преземањето истовремено може да придонесе за зајакнување на позицијата на Рајфајзен во банкарскиот сектор во Југоисточна Европа, каде што групацијата веќе има значително присуство.
Со успешното надминување на минималниот праг на прифаќање започнува завршната фаза од преземањето. Вниманието сега е насочено кон следните чекори на Рајфајзен, како и кон можните планови за интеграција и идниот развој на Аддико банка.
Извор: EQS News / Financa.ba
Банки
Комерцијална банка: Илјадници корисници веќе плаќаат со Apple Pay
Илјадници корисници веќе го користат Apple Pay за брзо и безбедно плаќање во продавници, преку апликации и онлајн, информираат од Комерцијална банка.
Корисниците на Mastercard дебитни и кредитни картички од Комерцијална банка можат да ги додадат своите картички во Apple Wallet и да плаќаат преку iPhone, Apple Watch, iPad или Mac.
За плаќање во продавница, потребно е корисникот двапати да го притисне страничното копче на уредот, да се автентицира и да го доближи iPhone или Apple Watch до терминалот за бесконтактно плаќање.
Од Комерцијална банка посочуваат дека секоја трансакција преку Apple Pay е заштитена со Face ID, Touch ID или лозинката на уредот, како и со еднократен уникатен динамичен безбедносен код.

Apple Pay може да се користи во маркети, аптеки, ресторани, кафетерии, продавници и на други продажни места што поддржуваат бесконтактно плаќање.
Активирањето на услугата е едноставно. На iPhone потребно е да се отвори апликацијата Wallet, да се избере знакот „+“ и да се следат чекорите за додавање на Mastercard дебитна или кредитна картичка од Комерцијална банка.
Откако картичката ќе биде додадена, Apple Pay може веднаш да се користи на соодветниот Apple уред.
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Нина Ангеловска Станков: Во политиката аргументот не е крај на разговорот – туку негов почеток
-
Интервјуапред 2 месеци„Ништо случајно“: Нина Ангеловска за бизнисот, животните лекции и патот кој ја обликувал нејзината кариера
-
Интервјуапред 2 месециФиломена Пљакоска Аспровска во FinSight: Дали мобилниот телефон ќе стане нашиот единствен паричник?
-
Банкипред 2 месециНовата Централа на Стопанска банка – прва LEED Gold сертифицирана зграда во земјата
-
Банкипред 2 месециНа музиката ѝ е место и меѓу банкарските шалтери – Young Dadi со ексклузивен popup настап за клиентите на Халкбанк
-
Бизниспред 2 месециОд полноќ нови цени на горивата: Бензините поевтинија, дизелот поскапе
-
Интервјуапред 1 месецДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка ги промовира Visa Business картичките за поефикасно деловно работење



