Connect with us
no baners

Анализи

ЗПУПС: Со новиот закон за платежни услуги и платни системи се забранува нудење попуст за плаќање во готовина

Објавено

на

Новиот Закон за платежни услуги и платни системи кој стапи на сила од почетокот на 2023 година, донесе низа новини меѓу кои и забраната за нудење на попуст за плаќања со готовина.

Согласно овие измени, примачот нема право да нуди попуст доколку платежните трансакции се извршуваат со готовина. Под примач се подразбира правно или физичко лице за кое се наменети паричните средства кои се предмет на платежната трансакција или продавачот на производ/услуга.

Оваа забрана за нудење (давање) попусти се однесува на платежни трансакции што се извршуваат исклучиво со готовина, непосредно од плаќачот на примачот, без вклучување на посредник.

Доколку примачотт нуди (дава) попуст за плаќање со готовина, Законот (ЗПУПС) утврдува глоба во износ од:

  • 500 до 1.000 евра во денарска противвредност за микро трговец,
  • 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност за мал трговец,
  • 3.000 до 6.000 евра во денарска противвредност за среден трговец и
  • 7.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за голем трговец

Покрај глобата на трговецот ќе му се изрече и прекршочна санкција, забрана за вршење дејност во траење од три месеци до две години.

Дополнително, со глоба ќе се соочи и одговорно лице од компанијата.

Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на одговорното лице кај трговецот. Покрај глобата, на одговорното лице кај трговецот ќе му се изрече и прекршочна санкција, забрана за вршење должност во траење до една година.

За плаќања со готовина, правно лице може да чува во својата благајна готовина до висината на благајничкиот максимум, кој го утврдува правното лице со посебен акт. Правното лице е должно сите парични средства од дневниот пазар над утврдениот благајнички максимум примени во готовина по било која основа да ги уплати најдоцна до следниот работен ден на својата платежна сметка.

Правното лице е должно да ја осигура готовината која ја чува во својата благајна, најмалку до висината на благајничкиот максимум, при што договорот за осигурување задолжително ќе ги покрива штетите во случај на пожар, поплава и кражба. Обврската за осигурување на готовината не се однесува на правните лица чиј благајнички максимум е до 20.000 денари.

Плаќањето на производи и услуги во готово од страна на правни лица не може поединечно да биде повеќе од 6.000 денари и не може да надмине вкупен износ од 60.000 денари во текот на календарскиот месец.

Анализи

Народна банка на Република Северна Македонија: Дефицит од 294,9 милиони евра во првиот квартал

Објавено

на

Во првиот квартал од 2026 година, во тековните трансакции со нерезиденти е остварен дефицит од 294,9 милиони евра, соопшти Народна банка на Република Северна Македонија.

Според податоците, дефицитот е резултат на негативното салдо во стоковната размена и кај примарниот доход.

Од друга страна, кај финансиските трансакции со нерезиденти биле остварени нето-приливи од 261,5 милиони евра.

Најголем прилив е забележан кај портфолио-инвестициите, во износ од 609,7 милиони евра, додека директните инвестиции достигнале 152,5 милиони евра. Нето-приливи имало и кај трговските кредити, во висина од 3,6 милиони евра.

Истовремено, нето-одливи биле регистрирани кај валутите и депозитите, во износ од 185,3 милиони евра, како и кај заемите, каде што одливот достигнал 40,8 милиони евра.

Народната банка информира дека девизните резерви во првиот квартал се зголемиле за 279,3 милиони евра.

Подетални статистички податоци се достапни преку системот „НБСтат“.

Продолжи со читање

Анализи

Златото под негативен притисок, валутниот пар евро/долар ослабуваат

Објавено

на

Цената на златото забележа пад во текот на последното дневно тргување, откако го проби клучното ниво на поддршка од 4.500 долари, покажува најновата анализа на Economies.com.

Продажниот притисок продолжил и дополнително ја турнал цената кон нивото на поддршка од 4.400 долари, по што следувал ограничен отскок, поттикнат од подобрување на моментумот и обиди за намалување на препродадените услови според индикаторите за релативна сила.

Сепак, и покрај привременото закрепнување, негативниот притисок повторно се засилил, бидејќи краткорочниот надолен тренд останува активен. Аналитичарите посочуваат дека златото и понатаму се тргува под индикаторот EMA50, што ги ограничува шансите за посилно закрепнување во блиска иднина.

Во меѓувреме, валутниот пар EUR/USD исто така бележи слабеење, откако не успеа да го пробие клучниот отпор на 1,1660.

Според анализата на Economies.com, неуспешниот пробив довел до нов бран на пад, особено по пробивањето под поддршката на EMA50, што дополнително го зголемило негативниот притисок на краток рок.

Дополнителен сигнал за слабост даваат и индикаторите за релативна сила, кои укажуваат на продолжување на негативниот моментум и доминација на корективниот надолен тренд. Аналитичарите оценуваат дека продажниот притисок би можел да продолжи сè додека парот не успее повторно да ги врати важните нивоа на отпор.

Продолжи со читање

Анализи

Инсајдерско тргување го тресе Волстрит: Сомнителни облози на војна, нафта и одлуки на американската влада

Објавено

на

Серија сомнителни тргувања со нафта за време на американско-израелскиот конфликт со Иран повторно ја отвори дебатата за инсајдерското тргување и злоупотребата на доверливи информации на финансиските пазари во САД. Според анализите и извештаите на американските медиуми, сè почесто се појавуваат „пророчки“ облози и трансакции што предизвикуваат сомнежи дека одредени инвеститори однапред располагаат со чувствителни информации од владата.

Како што пренесува Блумберг Адриа, Белата куќа дури испратила предупредување до вработените за тргување врз основа на доверливи информации, откако низа сомнителни облози на пазарот на нафта се совпаднале со важни геополитички случувања и дипломатски информации поврзани со Иран.

Особено внимание привлекуваат платформите за предвидување како Polymarket, каде што корисници се обложуваат на конкретни политички и воени настани. Според извештаи на американските медиуми, неколку поврзани профили заработиле милиони долари преку облози за американски воени акции. Компанијата соопштила дека нема толеранција за инсајдерско тргување и дека случаите поврзани со класифицирани информации ги проследува до Министерството за правда.

Аналитичарите предупредуваат дека ваквите случувања потсетуваат на нерегулираните финансиски пазари од 1920-тите години, кога недостигот од надзор им овозможувал на информираните елити да профитираат на сметка на обичните инвеститори. По Големата депресија, токму поради ваквите злоупотреби била формирана американската Комисија за хартии од вредност (SEC).

Во текстот се наведува дека денес е тешко да се измери вистинскиот обем на инсајдерско тргување, но растечката перцепција за злоупотреби може сериозно да ја наруши довербата во пазарите. Особено загрижува фактот што сè повеќе мали инвеститори директно вложуваат во акции, а дневниот промет на индивидуални трговци во САД достигнал околу 750 милиони долари дневно во 2025 година.

Американските власти веќе покренале неколку истраги. Еден припадник на американската армија е обвинет дека користел класифицирани информации поврзани со апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро за да заработи повеќе од 400.000 долари преку облози на Polymarket. Во меѓувреме, откриени се и случаи на наводни синџири на инсајдерско тргување во кои биле вмешани адвокати од големи компании за спојувања и преземања.

Критики се упатуваат и кон регулаторите. Според податоците во текстот, SEC и Комисијата за тргување со стоковни фјучерси (CFTC) бележат пад на извршните активности и помал број истраги во споредба со претходните години. Истовремено, дел од случаите против крипто-компании биле паузирани или отфрлени.

Експертите предупредуваат дека доколку продолжи слабата регулација и недостатокот на контрола, најголема штета може да претрпат малите инвеститори и домаќинствата кои штедат за пензија или образование. Според нив, американската администрација и Конгресот мораат да воведат построги правила и јасно да забранат тргување врз основа на владини информации на сите пазари.

Извор: Bankar.me

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange